This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian
Војник на лирската искреност*
Димитар Митрев
Просторот на интимата во македонската поезија за секогаш е неодвоив од повоеното поетско дело на Ацо Шопов. На таа поезија тој ѝ подари не песни а збирки од песни што со ретка континуитетност го обележија ликот на нејзиниот најчист лирски егзалтатор.
Со него почнува во поезијата наша чинот на докрајното лирско самооткривање. Корените пак негови – на тоа самоткривање без остаток – откриени се уште во текстовите на поетовото лирско раѓање во виорот на војната што беше виор и на една револуција.
Треба да се симне легендата за некакви два периода, за некакви две лирики во патот на овој поет. Тој пат е единствен – пат на еден лиричар што е исконски верен на својата искреност. И за секогаш е неразвенчан со неа и со беспризивно интимно кажување на своите немири и немирни патувања. Геслото што стои над летописот на сите песни од таа лирика е вечната лирска суштина на метерлинговскиот повик: „До крај да ја исцрпиме својата искреност!“ Ацо Шопов е војник на лирската искреност, еднакво храбар: и кога ја држеше пушката и кога го држи перото, нишанејќи – при сите случаи – со истрелите на своето срце.
Со неговите песни е означен и полнокрвниот почеток на нашата интима; а по нив – следи хорската интерпретација на интимничењето. И тоа треба да се сфати и треба едното да се разграничува од другото.
При Шопов постои, при него израсна еден лирски свет богат со вистини за себе, а не со пози на интимоманија. Тој нема ништо општо со тие што сакаат да бидат како него, а ги немаат ни неговите животни вистини, ни неговиот лирски орган. (Не е ли така: говорот за тишината кај другите е матафора за една епигонска игра; говорот за тишината кај него е жива симболика на еден жив човечки говор).
Случајот со овој лиричар е случај на обнова на најтрајната вистина за траењето на вистинскиот лирски феномен: ако не ја кажеш вистината за себе, не ќе ја кажеш ни за другите. Позерите со интимното не кажуваат ни една вистина. Јунаци се тие не на лирско соопштување, а на лирско пресушување.
При поетското култивирање светот на сопствениот немир низ суптилноста на себеоткривањето – искрениот критички суд – неизбежно ќе утврди внатрешен и надворешен хармоничен тоналитет и континуирано растење низ чинот на создавање сопствена поетска материја што е чин и за создавање на целосна поетска физиономија и целосен поетски карактер. Тоа се чинови и во еволуцијата на поетот Шопов; така се создадени врвните достоинства на неговиот лирски ракопис.
Не секогаш изворен и исцизелиран во експресијата, недостатно критичен па и бесцензурен кон мотивот на инспирацијата, мотивски ретко нов но доста и често обновен, овој носител на најчистиот лирски порив најсигурно расте и најсигурно трае со придржувањето кон автентичноста на својот темперамент, со верноста кон својата спонтано-лирска карактериологија. А највисокото качество на лириката е пред сѐ во темпераментот.
И треба ли да се премолчи уште една вистина: овој чист лиричар остана чист и за тешките измамности на стерилното лутање во кое не залутаа само бездарници. Роден лиричар, самосвесен за својата лирска мисија: – да биде пред сѐ, свој докраен самооткривач – тој не стана школска жртва ни на една литературна школа.
_______________________
* Текстот е објавен како портрет на Ацо Шопов во антологијата на Митрев Повоени македонски поети, Скопје, Кочо Рацин, 1960, и во весникот Просвета, под наслов Верен на лирските чуваства, на 14.11.1966, стр. 10. Подоцна е преземен во книгата Огледи и есеи, 5, Скопје, Наша книга, 1970, стр. 289-290. Во 1982 година, по повод смртта на Шопов, текстоу е повторно објавен, под наслов „Војник на лирската искреност”, во Нова Македонија, 25.04.1982, и во Просвета, 10.05.1982. Инсерт од овој текст е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „Неговите песни – полнокрвен почеток на нашата интима”.
_______________________
Огледи и критики на Митрев за творештвото на Ацо Шопов:
- Песните на Ацо Шопов. — Нов ден, 1945, I, 1. стр. 58-60.
- Пруга на младоста — стихозбирка од Славко Јаневски и Ацо Шопов. — Нов ден, 1946, II, 7-8, стр. 61-63.
- Na Gramos — zbirka stihova Ace Šopova. — Књижевне новине, 19.05 1950
- Поезија на трајни вредности. — Современост, VI, 4, 1956.
- Ацо Шопов: Слеј се со тишината. — Савременик, бр. 9, Београд, 1956, стр. 300.
- Ацо Шопов. – Повоени македонски поети : антологија. — Скопје: Кочо Рацин, 1960.
- Aco Šopov. – Poslijeratni makedonski pjesnici: antologija. — Skopje: Kočo Racin, 1960, str. 75-76
- Поезија на трајни вредности. — Златен круг на времето/ Ацо Шопов. Предговор Димитар Митрев. — Скопје, Мисла, 1969.
- Поезија на трајни вредности. — Огледи и критики.— Скопје : Наша книга, 1970.
- Ацо Шопов. — Огледи и есеи. — 5. — Скопје : Наша книга, 1970, стр. 289-290.
- Поезија на трајни вредности. — Македонската книжевност во книжевната критика, Том III. — Скопје : Мисла, 1973, стр 439-443.
- Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против франшизмот : Ацо Шопов — поет на беспоштедната антифашистичка одмазда. — Современост, 1975, XXV, 7, стр. 7-8.
- Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против франшизмот : Ацо Шопов — поет на беспоштедната антифашистичка одмазда. — Современост, 1976, XXVI, 4-5, стр. 12-13.
- Поезија на трајни вредности. — Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979.