За поетскиот првенец на Шопов*

Димитар Митрев (1919-1976), македонски теоретичар на книжевноста

Димитар Митрев (1919-1976), македонски теоретичар на книжевноста

Димитар Митрев

Во крајот на минатата година излезе првата стихозбирка на младиот поет Ацо Шопов. Не мина многу време и нашите читачи ја оценија стихозбирката, не само како литературна новост, но и како поетска творба, во која што се огледуе дарбата на еден надежен поет.

Посветени исцело на ослободителната борба на нашиот народ, песните на Ацо Шопов се одликуат со една непосредност во чувството и во опишуењето на факти и настани, која што нѐ тера од еден пат да го сетиме борбениот пулс на оние денови на развихрената борба против поробуачите на нашата земја. И таа непосредност произлегуе од тоа, дека самиот поет бил прек учесник во настаните за кои што пишуе. Видел подвигот на борците, видел геројската смрт на не еден партизан, тој исплетуе жив стих и нѐ тера самите да живееме со оној спомен, што го сочувал длабоко во себе. И покрај очигледните слабости во стихозбирката, само таа непосредност, само тоа преко воздејствие да беше, пак би било доста за основниот успех на песните на Ацо Шопов.

Чувството, кое е прв квалитет на секој поезија, во тие песни, макар и да е на места пресилено и расфрлано без мерка, е бодро и борбено. Песната „Љубов”, што е од почеток до крај една целосна поетска творба и во која што има нешто сосема ново, сосема авторско, зборува отворено за еден богат лиризам, за едно непосредно лирско чувство, што може да роди добра поезија и при повек’е организираност во него к’е може да ни даде вистински борбена, идејно-реалистичка поезија. Истото може да се рече и за „Пробиштип“. Ако Ацо Шопов успее на време да се ослободи од некои туѓи влијанија, ќе може бргу да се развие, да создаде својски маниер во поезијата и да напише песни, што да го карактеризираат како поет со потцртана индивидуалност. Да е тоа точно така, доста е да го цитираме последниот куплет од „Пробиштип“ каде тој изјавуе еден чисто свој поглед:

А секој пат
в ноќ бурна,
ледна
и пејсаж сив,
на хумка една
крај Пробиштип,
се дига Доне
и рој од борци крај него лети,
и глас му грми ко борбен зов:
„Остајте, крвта нека ми тече,
на јуриш, напред, Карпош да се свети!“

Во други песни, откриваме некои, макар и уште малку и не сосем полни, уметнички образи и сравненија, што укажуваат на оригинално поетско гледање: „Поштукната ноќта уплашено гази”, „орел му горски изострил очи” или „ноќта се гроби”.

Токму поради тоа безусловно положително, што го среќаваме во песните на Ацо Шопов, треба да се покажат и оние недостатоци и открити грешки, што се сериозна пречка во неговиот поетски развој. Вистина е дека тоа го имало кај секој поет-почетник и ќе го има и кај Ацо Шопов. Но тоа што дава надеж да се превозмогнат недостатоците и грешките, што по многу објективни причини не може да ги нема, се оние поетски особини, во кои што ги гледаме стимулите на една поезија, која што може и треба да биде развиена во полн размав. Оттука произлегуе и онаа упорита работа кон која поетот треба да пристапи со сигурност во своите сили и со заострено чувство на отговорност во писателската си работа.

Без да ги потценуе своите сили и возможности, поетот треба да се справи со доста основни слабости. На многу места ритамот се губи и воопшто го нема. На многу места, стихот, макар да е слободен, уште нема добиено форма типична за слободната стихосложба. Во јазикот, макар и да има некои достиженија, се среќаваат доста повторуења, нарочито на зборот арслан или арслански. Има и некои сосем примитивни сравненија − „А он сјаен како Аполон”.

Има нешто друго од кое произлегуе сериозна опасност. Ацо Шопов платил не мал данок на влијанијата. Во некои песни се гледа силно влијание на Ботев и Венко Марковски. Вистина е дека треба да се учиме од нашите и туг’и поети-реалисти, но исто така, вистина е дека учејк’и се упорито од нив − и упорито треба да се очуваме од какви и да би било влијанија. Меѓу учењето и влијанието секој пат треба да постои строга граница. А да нема таква граница во песните на Ацо Шопов, јасно се гледа во „Претсмртното писмо на еден партизан“, која песна, од почетокот до крај, е написана како полно подражение на Ботевото „На проштаване“. Во „Карпош“, инаку доста лирска песна, без мака че го откриеме влијанието од песната на Венко Марковски за Мирче Ацев и Страшо Пинџур или песната за Гоце. И баш поради оноа положително, што го има на некои места и во кое што можеме да откриеме нешто типично авторско, Ацо Шопов го има долгот да погледне сериозно на тоа и да се ослободи од секакви влијанија. Тоа е првиот услов кон неговата индивидуална поетска изградба.

Ацо Шопов : Песни, 1944. фотоипско издание, 2014Макар и кај авторот на Песни да не постои таква сериозна опасност, како што е кај повеќето наши поети-почетници, и кај него можеме да најдеме [натуралистички] изрази и описанија [како] „Јас сакам да видам крв, кокали, глави, раскинати црева”, а во „Сон“ стои касапскиот израз: „И крв му плиска од пресечен врат“. Треба да му стане јасно на поетот, дека од ваков натурализам и вулгаризам песните му само губат. Целиот оној длабок лиризам од „Љубов”, „Пробиштип” и други песни, оној човешки однос, се намалуе од еден пат. Идејната омраза во никаков случај не може да биде засилена од вулгаристичниот натурализам и вообшто од секаков натурализам. Идејната тенденција од тоа може само да загуби. Оттука, и идејното воздејствие ќе биде безрезултатно. Треба добро да се разбере дека натурализмот секој пат оди за сметка на уметноста.

Со сите овие недостатоци, Ацо Шопов ќе може да се справи не без мака. Неопходно му е повеќе чувство за одговорноста во писателската работа. Треба упорито изучавање  на литературната теорија и на мајсторството во класиците на уметничкиот реализам. Треба учење на образи и изрази од нашата народна песна и од оние наши поети како Рацин, Венко Марковски, кои имаат сериозни јазикови достиженија. Постигањето на сето тоа, постигањето на стројност во ритамот, полнота во формата, ослободуење од јазиковата беднота и разнообразие во уметничките образи, сравненијата и вообшто во изразот, ќе дојде само со стална работа за изградуење на творческа индивидуалност. Кон сето тоа, крајно неопходно е, Ацо Шопов да има повеќе верба во сопствените возможности и да го повиши своето авторско самочувство. Песни како „Пробиштип”, „Љубов” и др. укажуваат несомнено, дека тој може и треба да постигне полн творечки успех и преку него да ја обогати нашата млада уметничка литература со вистинска поезија.

___________________
* Текстот е објавен, под наслов „Песните на Ацо Шопов”,  во Нов ден, 1945, I, 1. стр. 58-60.
Инсерт од овој текст е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „На показ богат лиризам. Непосредно лирско чувство”.