Ацо Шопов – поет на беспоштедната антифашистичка одмазда*

Портрет на Димитар Митрев (1919-1976), македонски литературен критичар, објавен во Љубљанскиот весни Дело, на 11.02.1960, стр 5.

Портрет на Димитар Митрев (1919-1976), македонски литературен критичар, објавен во Љубљанскиот весник Дело, на 11.02.1960, стр 5.

Димитар Митрев

Ацо Шопов се роди како поет низ виорот на партизанската борба во Македонија. За она што го вршеше како борец со пушка во рака тој напиша песни што го имаа дејството на ново оружје во битките. Не една од тие песни се пееше од партизанските одреди и бригади како нивен борбен марш. Беше млад и по години и по својот поетски занес, но беше непотправен во чувството, искрен во одушевувањето, изворен во изблиците на екстазата, елементарен во изразот, затоа и стана најсаканиот поет на борбата уште во текот на нејзиното времетраење. Основниот пак стимуланс што го создаваа кај борците партизанските песни на Шопов е нивното константно и страствено изразена желба за одмазда спрема врагот. Вистината, изречена од древните Римјани: „Гневот го чини човека поет“ најде целосна потврда во таа лирика со полетна љубов кон своите и со бескрајна омраза кои варварството на фашистичкиот поробувач. Песната „Љубов“ е најавтентичниот показ и на таква љубов и на таква омраза. Со тоа двојбено чувство борците ќе јуришат од битка во битка сè до мигот на победата и тешката разделба со загинатата во бојот блиска другарка ќе прерасне во повик за јуриш во нови борби и пак за докрајно уништување на фашистичките убијци на безбројни млади животи. Таков е лајтмотивот и на песната „Очи“, која спаѓа во бројот на нашите најдобри партизански песни. Но по временската дистанца од повеќе од триесет години, основната одмаздничка настроеност во партизанската лирика на Ацо Шопов се одгласува со призвуци што одново ги бунтуваат чувствата на нашите луѓе. Фашизмот се најде и војнички и револуционерно победен, но неговите остатоци или неговите преобразби во нов вид безумства чиј нови јунаци можат да бидат и најтипични психопати, го обновува благородниот гнев на бројни вистински хуманисти насекаде во светот. За тоа и споменот за некогашното чувство на антифашистичка одмазда неизбежно ќе предизвика оправдан резонанс кај сите што ја имале несреќата непосредно да почувствуваат што значи фашистичка крвожедност. Во оживувањето на овој спомен партизанската поезија на Ацо Шопов и денес го врши своето сугестивно хуманизаторско дејство.
______________
* Tекстот е објавен во Современост, 1975, XXV, 7, стр. 7-8. под наслов: Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против фашизмот : Ацо Шопов — поет на беспоштедната антифашистичка одмазда. Истиот текст, под ист наслов, е објавен во Современост, 1976, XXVI, 4-5, стр. 12-13.