Пруга на младоста – стихозбирка од Славко Јанвски и Ацо Шопов*

Димитар Митрев (1919-1976), македонски теоретичар на книжевноста

Димитар Митрев

Пругата што се гради од младината на Југославија е нов подвиг во нашиот обновителен живот. Младината на народите од Јадран до Шар го исплетуе најкрасниот венец на своето работно единство. Младинската пруга не сврзуе само два градои, но и сета младина на југословеската земја. Денес од Брчко до Бановичи се гради паметник на безмерната младинска љубов кон трудот за татковината.

Таков еден, непознат досега кај нас, младински подвиг не може да не ги вдахновуе нашите поети. Би било чудно обратното – ако се најде кај нас вистински писател, а да не посвети ред за тоа што се врши во заборавената некогаш босанска земја.

Не останаа скриени геројските денои на тие што деноноќно градат и одат смело кон Бановичи и за нашите двајца поети: Славко Јаневски и Ацо Шопов.

И двајцата беа таму, двајцата го испејаа во стихои вострогот што ги исполнуваше нивните срца кога беа сред среќните градители на пругата. На нив им посветија 11 песни, кои што наскоро излегоа од печат во општа стихозбирка под наслов Пруга на младоста, со предговор од Никола Минчев.

Со излегуењето пред свет на овој зборник, Славко Јаневски и Ацо Шопов се наложуваат како поети кои што одат во чекор со времето во кое што живеат. Писателот треба да биде верен одразител на народниот живот. Проста вистина, која што авторите на Пруга на младоста ја разбрале и остварилево дело. И нема сомнение дека тоа, земено само како факт, зборуе за чувството на друштвеност кај нашите млади писатели.

Навистина, тие нивни песни, како уметнички творби, не претставуат некаков нарочен чекор напред. Основното тука е, дека како македонски поети тие излегуат од рамките на нашата тесно македонска дејствителност и се допираат до теми, кои што опфатуат еден величенствен дел од општојугословенскиот обновителен живот. Во тие песни немаме веќе паролни зборои за братството и единството. Преку конкретен уметнички израз на тоа братство и единство, кое што кај градителите на пругата е секојдневна појава, се дава верно одразуење на една нова дејствителност. И тука е баш новото што го одбележуе новиот зборник Пруга на младоста.

Со стиховите за младинската пруга навлегуе нешто ново и во тематиката на нашата денешна поезија. Новите сижети и новите чувства го усложнуат и творческиот развој на младите поети.

Од едно само прочетуење на песните од Пруга на младоста се сеќава дека младинскиот градителски подвиг нашол верен одраз во поезијата на двајцата поети. И се гледа, дека тие живеале со животот, кој што кипи од Брчко до Бановичи. Непринудени биле во радоста своја и непринудено, со непосредно изживени чувства и набљуденија, го пресоздале младинскиот градителен живот.

Од уметничка страна, новото и кај двајцата автори е дека достигнуат конкретно изјаснет и непосредно изразен лиризам. И едниот, и другиот имаат творби како што се песните: „Јас пак ќе се вратам“ и „Истранка“, кои што се убаво испеани човешки песни. Интимниот тон, уметничката бистрота на стихот во овие две песни, стројността во ритмот, од началото до крајот будат во читателот восторг од непосредно предадената човешка радост и болка. Секој од авторите, преку свој поглед го изобразуе виденото на пругата, но впечателенијата од пишаното и на едниот, и на другиот ја затврдуат претставата за тоа што стануе од Брчко до Бановичи. Од непосредната изживеност во тоа за кое што се пишуе, и Славко Јаневски, и Ацо Шопов достигнуат до нови уметнички изрази и сравненија. Кај Јаневски: „ерген месец“, „кај нас срце игра, кај вас младост тажи“, „среќата кај нас за век да стапи“ и др.; кај Ацо Шопов: „кога мирен Јадран в залез води пали“, „солнце свети и не гасне“ или

Над секоја гора
ќе огрее зора
што солнчева младост за
подвиг се фати,
ќе зашуми небо,
ќе нарасне шебој,
и темната полноќ ко ден
ќе се злати.
Ко ден ќе се злати!
(„Минерот“)

Но и покрај достигнатата простота во чувството, и покрај бодриот чекор во ритмот и достигната на некои места оригиналност во уметничкото оформуење на стихот, некои од основните слабости од првите стихозбирки на двајцата автори си остануат и овдека.

Немање на целостен уметнички образ кај стихоите на Јаневски излегуе пак пред очи. И колку да се опитуе, авторот на циклусот „Огнена младост“ да достигне нешто слично на уметнички образ −  неуспехот е пак на лице. Сравнение како „в срце младо му спиел тигар“, макар и на прв поглед да излегуе доста живо, е наполно неумесно. Истото важи и за изразите: ,,течела крвта како да капел рубинен дожд“, „натрешност црна“, „мантија црна“, „стражар стар“ и др. А некаде се среќаваат чисто прозни фрази: „а исто така снагата наша ја чинат силна илјади раце“. Во опитот да даде нешто што да напомнуе уметнички образ, авторот достигнуе очигледна примитивност:

Да види светот пламено срце
големо како небото сино.

Јасно е дека Јаневски уште многу има да работи, за да успее да даде навистина уметнички образ на својата лирика.

Не посреќен во некои основни непреодолени слабости е и Ацо Шопов. И кај него се најдуат неумесни и несполучливи, дури како опит, изрази „бичуени лета“, „солнце солзи капна“ н др. Навистина, авторот на циклусот „За пругата наша“ во однос на уметничкиот образ дава нешто сполучливо. Но тој има да ја преодолева, не без мака, беднотијата на неговата рима. Има стихои во кои што збороите се нагласени само за да се најде соодветна рима:

Кој во слепост очна дремал
и досега
радост немал!

или

Солнце сестро рубин точи
прогледнаа
мојте очи.
(„Први слова“)

Очигледно личи дека Ацо Шопов има некаков упорит страв од неполната рима. Да ли римата ќе биде полна или неполна за уметноста на стихот нема никакво значење. А гонењето само на полна или само на неполна рима претставуе опасност за целосната стојност на стихот и достигнуе често до бедноста на јазикот, и на самата рима.

Јасно е и за Ацо Шопов, дека совладуењето на побогата рима претставуе еден од основните проблеми и со чие што разрешуење ќе се добие нужниот творчески размав

Истакнуењето на овие слабости во стихоите на двајцата автори далеку не означуе дека тапчат на исто место. Нивното одбележуење, конкретното потцртуење на непреодоливите недостатоци, ќе им помогне на авторите да се ослободат од тоа што го спречуе нивниот брз развој и да го тласне со полна сила она што е кај нив уметничка стојност.
__________________________

*Нов ден, 7-8, 1946, стр 61-63.
__________________________

Огледи и критики на Митрев за творештвото на Ацо Шопов:

  • Песните на Ацо Шопов. — Нов ден, 1945, I, 1. стр. 58-60.
  • Пруга на младоста — стихозбирка од Славко Јаневски и Ацо Шопов. — Нов ден, 1946, II, 7-8, стр. 61-63.
  • На Грамос — збирка стихова Аце Шопова. — Књижевне новине, 19.05 1950
  • Ацо Шопов: Слеј се со тишината. —Савременик, бр. 9, Београд, 1956, стр. 300.
  • Поезија на трајни вредности. —  Современост, VI, 4, 1956.
  • Ацо Шопов: Слеј се со тишината. — Савременик, бр. 9, Београд, 1956, стр. 300.
  • Ацо Шопов.  – Повоени македонски поети : антологија. — Скопје: Кочо Рацин, 1960.
  • Aco Šopov. – Poslijeratni makedonski pjesnici: antologija. — Skopje: Kočo Racin, 1960, str. 75-76
  • Поезија на трајни вредности. — Златен круг на времето/ Ацо Шопов. Предговор Димитар Митрев. — Скопје, Мисла, 1969.
  • Поезија на трајни вредности. — Огледи и критики.— Скопје :  Наша книга, 1970.
  • Ацо Шопов. — Огледи и есеи. — 5. — Скопје : Наша книга, 1970, стр. 289-290.
  • Поезија на трајни вредности. — Македонската кмижевност во книжевната критика, Том III. Скопје : Мисла, 1973, стр 439-443.
  • Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против франшизмот : Ацо Шопов — поет на беспоштедната антифашистичка одмазда. — Современост, 1975, XXV, 7, стр. 7-8.
  • Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против франшизмот : Ацо Шопов — поет на беспоштедната антифашистичка одмазда. — Современост, 1976, XXVI, 4-5, стр. 12-13.
  • Поезија на трајни вредности. — Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979.
  • Војник на лирската искреност. — Нова Македонија, 25.04.1982.
  • Војник на лирската искреност. — Просвета, 10.05.1982. (Да се провери)