This post is also available in: Macedonian French Spanish German Russian Albanian
Aco Šopov: The Song of the Black Woman (Песна на црната жена), 1976
Translation in progress
Песна на црната жена е збирка инспирирана од престојот на Ацо Шопов во Сенегал (1971-1975). За неа тој ја доби наградата Браќа Миладоновци, на Струшките вечери на поезијата во 1976 год.
Збирката е “еден лирски, треперлив запис за едно длабоко прожиевеано патување низ широко отворената врата на светот, како и едно освојување на нови поетски сознанија во кои чувствителното се преплетува со сочувствителното, естетското со хуманистичкото, татковинското со светското и космополитското”, забележува Милан Ѓурчинов, во освртот “Во прегратката на светот”, објавен во Политика (30. 10. 1976).
А потоа ќе додаде: “Во право се, но само до некаде, критичарите кога истакнуваат дека Шопов успеал да го избегне […] едноставното прикажување на егзотиката и дека таа овде не е на преден план. Навистина, во Песна за црната жена го нема оној вид егзотика која за европските поети од романтизмот преку симболизмот и акмеизмот па сè до модерните евазионисти значи бегство во еуфорични прибежишта. Но егзотиката е и тоа како присутна, и на еден своевиден начин доживеана како трепет на едно сестрано, сензибилно, чулно-еротско спознание на Африка”
Егзотизмот кај Шопов не значи потрага по “локална боја”, ниту пак претставува некаков облик на ескапизам (…) во збирката Песна на црната жена (тој) е плод на една реална духовна авантура, резултат на конкретната состојба во која се нашол поетот во еден момент од животот (…) Така под африканското небо на расцутените фланбоајани, во мистичното одекнување на там-тамот, во танцот на црната жена која “змијулесто се извива на дождот / како во прегратки на маж”, во човековата збунетост пред бескрајот на океанот по кој некогаш пловеле галиите со робови, во древното африканско дрво баобаб во чие стебло “закопани исправено, лежат мртвите”…, Шопов го чувствува здивот на својата Македонија”, пишува Лидија Капушевска-Дракулевска во “Егзотизмот во поезијата на Ацо Шопов” (Симпозиум Ацо Шопов, 1993).
Во компаративната студија за егзоризмот кај Јаневски и кај Шопов, Соња Стојменска-Елзесер забележува: “Во целата збирка на Шопов (Песна на црната жена), во спрега со егзотичното прозвучува татковинското, родното, националното како себенаоѓање и допир со сопствената сушност, додека Јаневски егзотизмот многу повеќе го доживува како вовед во нови тајни, како докоснување на мозаичните делчиња од никогаш недоодгатливата космичка тајна”(Симпозиум Ацо Шопов, 1993).
“Егзотика(та) во мојата книга Песна на црната жена е дадена само како фон врз кој се случуваат тешки човечки драми и се прави обид да се продре во најдлабоките, најскришните предели на човечкото битие”, објаснува Ацо Шопов во еден разговор со Алдо Климан (1976). “Престојот во Црна Африка ме увери дека моите поетски преокупации (…) не се ограничуваат само на нашиот животен простор, туку се протегаат и на другите, географски далечни предели”.
Подоцна Ацо Шопов ќе додаде, во еден разговор со Ненад Радановиќ (1978), дека: “Оној што еднаш го запознал и почувствувал ритмот на Црна Африка (…) тешко може да се ослободи од тие таинствени шумови и довикувања, крвта негова го впива тој таинствен свет и тој почнува полека и поетски да го одразува (…) Стихот му станува поеластичен, поширок, поподатлив на повикот на Африка, и не само на африканските далечини и дивини. Така јас се вратив со збирка песни под наслов Песна на црната жена, во која се обудувам да ги средам впечатоците од Црна Африка, а всушност ги средувам впечатоците за мојата татковина”.
Во “Пофалба на жената и татковината” (Стремеж, 1977, XXI, 1, стр. 64-71), Ефтим Клетников зборува за “Поезија на отворени и широки вокали. Разлиена во долг бел стих, таа тече под знакот на бавен и згуснат ритам, одвреме навреме изместен и вжештен од егзотичните слики и симболи кои во себе, под кората на стихот, не ретко содржат еруптивна, хтонска енергија”.
“Внесувајќи во песната ново поднебје и нови лексеми, Шопов го проширува не само тематското подрачје на неговата поезија, туку и нејзината симболика. Светот на песната сега е исполнет со нови небиднини, нови легенди”, пишува Изет Муратспахиќ, во текстот “Кон опусот на Ацо Шопов” (1984), додека во еден машинопис што се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во МАНУ, самиот Шопов пишува: “Не би можел да речам дека Песна на црната жена означува почеток на една нова фаза во моето творештво. Без оглед на мотивските разлики и географската оддалеченост на инспирацијата. Мислам дека оваа моја најнова збирка се вградува во моите поетски преокупации започнати со Небиднина и Гледач во пепелта.”
“Мотивската свежост во Песна на црната жена, поттикната од засилената духовна и емотивна комуникација со изразитиот експанзивен архетипски свет на Црниот Континент, потполно се вклопува во изградениот поетички систем на Шопов”, пишува Александар Прокопиев во “Номадот Ацо Шопов” (Постмодерен Вавилон, Магор, 2000). “Поетичката компактност е обично збогатена со африканските “содржини” и во поглед на убедливоста и постоењето на ритамот низ стиховите (иако кај неосимболистот Шопов музичкиот принцип во градењето на песната отсекогаш бил со нагласена важност). Африка не донесува промени во постоечкото кредо на Шопов, но таа е инспиративен предизвик неговата поезија да се испроба во однос на новата географија. Книжевниот облик кај Шопов веќе беше складно адаптиран, особено во Небиднина и Гледач во пепелта, кон неговата подвижна сознајна страст по загадочното, неиспитаното устројство на постоењето (…) Африка, поточно Сенегал како репрезентативен топос на мистичната, митска но и сонувана Африка е пределот во којшто Шопов повторно ја остварува мистеријата на својата поетска мисија.”