Шопов и негроафриканската поезија*

Лилјана Тодорова (1934-2017), македонски филолог и дипломат

Лилјана Тодорова

Комуникацијата на македонската литература со одделните литератури во светот може да се проследува од различни аспекти, зашто се одвива и по различни патишта и начини. Преку тој дијалог на културите се остварува и своевидно инкорпорирање на сознанијата поврзани со светските книжеви текови и со теоретската мисла, а, паралелно, и вклопување на модалитетите на идеите за интеркултурното разграничување на Другоста, што особено го буди интересот за попродлабочени пристапи во проучувањето на различните духовни цивилизации и културни идентитети.

Поезијата на Ацо Шопов претставува едно такво творештво, вкоренето, од една страна, во македонското поднебје и што, истовремено, воспоставува значајна поетска релација, посебно со негроафриканската култура. Во склоп на тоа, во средиштето на нашето внимание овде е да извлечеме неколку компаративни линии во неговата поезија и да ги подведеме под еден заеднички именител со негроафриканската поезија за да укажеме на нивните соодноси и начела, настојувајќи притоа особено на едно наспоредно видување на нивните допири и на нивната оригиналност.

Наименуван на дипломатска должност во април 1971 година за извонреден и ополномоштен амбасадор на поранешната СФРЈ во земјите на Западна Африка – Република Сенегал и Република Гамбија**, Ацо Шопов до јануари 1975 година ќе помине повеќе од четири години покрај Атлантскиот Океан, во еден амбиент со витална култура наклонета на една мошне силна митско-архетипска основа кон која спонтано ќе се приврзе и тоа ќе го одбележи во својата поезија: „и да го барав немаше да го пронајдам ова место/ случајно што го открив“.

Очигледно, и поради природната наклоност на неговиот културен и, пред сѐ, душевен и мисловен идентитет кон ваквиот амбиент, творечкото зближување на Шопов со сенегалската литература и со западноафриканските книжевни искуства пошироко, беше брзо воспоставено, веднаш по неговото предавање на акредитивите на тогашниот претседател Леополд Седар Сенгор, државник со забележително боречко искуство против колонијализмот, кој и самиот имаше успешна писателска кариера. Како еден од ретките поети кој во себе носеше богатство на двојна култура, африканска и француска, и кој веднаш го привлече вниманието на нашиот поет, Сенгор ја беше прифатил реалноста во овие поранешни француски колонии: како медиум за своето креативно изразување да го земе официјалниот јазик на земјата, францускиот, како што беа прифатиле и многу други творци во рамките на книжевната франкофонија во која изобилно дијалогизираат различни култури. За нашиот поет, поетската релација со Сенгор ќе биде значаен посредник – метафора за неговото африканство.

Овој голем африкански поет чие творештво ќе стане интегрален дел на богатата француска книжевност заземајќи место некаде помеѓу лиризмот на Клодел и Сен-Џон Перс што ќе го препорача да се вброи (од 1983) и меѓу достојните членови на престижната Француска академија, суверено владееше со комуникацискиот чин во поезијата и, всушност, врз примери на своето творештво настојуваше да покаже дека можат да се премостат психолошките и други бариери во поетското кажување на немајчин јазик и да се разреши дијалектички дихотомијата помеѓу западната и негританската емотивност.

Шопов за ова имаше длабоко разбирање и веднаш проникна во особините на оваа поезија во чиј итинeрeр на еволуцијата се проткајуваше, од една страна, линијата традиционално-модерно и, од друга, еден дијалог на „културното вкрсување“ (métissage culturel) со европските и другите култури (особено битно за поетскиот светоглед на Сенгор). Така и сам дојде до сознанието дека ова е литература со сопствен идентитет и специфичности што произлегуваат од автохтоните традиции на народната (африканската) поетика, што, главно ги слават анцестралните, односно прадедовските вредности на африканството. Во неа го чувствуваше пулсирањето на динамичното минато на Африка што, слично како и во македонската поезија, претставуваше движечка сила во современата африканска поезија. Шопов проникна во особеностите на оваа литература со цивилизациски вредности на една култура со митско-религиозен карактер и со особен потенцијал во симболичкото богатство на зборот, на „вербалната магијa“, што во себе разгранува стилски и формални карактеристики од нејзиниот вековен наративен израз кои и денес се негуваат на националните јазици од Западна Африка. Меѓу тие јазици, како позначајни за овој регион ќе ги издвоиме овде: хауса, (haoussa), еве (ѐwѐ) волоф (ouolof, wolof), пел (peul), серер (sérère), родниот јазик на Сенгор¹, и др.

Поезијата на Сенгор ги имаше овие „природни“ слоеви во своето ткиво, како што тоа беше случај и со другите најрепрезентативни поети од првата генерација (наречена и генерација на негритидата – црнештвото). Ова движење, всушност интелектуален бунт против асимилацијата на црнечките народи од страна на колонизаторите, се беше оформило кон 30-тите години на ХХ век од страна на тогашните студенти во Париз дојдени од француските колонии, пред сѐ Сенгор од Сенегал и Еме Сезер (Aimé Césaire) од Антилите, кои се обединија околу списанието L’Etudiant noir. Набргу, ова движење ќе го надмине својот борбен аспект, својата романтичарска и идеолошка димензија и иницирајќи богати видувања на негро-африканската култура, ќе прерасне во културна, економска и политичка стратегија која ќе ја одбележи брзата еволуција кон независноста на африканските земји во 50-тите – 60-тите години на дваесеттиот век. На тој начин, покрај стремеж кон ново општество, негритидата стана и фактор кој, заедно со усната традиција, ја збогати и ја упати кон нови патишта модерната африканска книжевност. Во таа смисла и употребата на францускиот јазик ќе ја симболизира, пошироко, франкофонијата на овие народи заснована – како што тоа ќе го формулира Сенгор во 1962 година – на „еден интегрален хуманизам кој се ткае околу Земјата, како симбиоза на ‘заспани енергии’ од сите континенти и од сите раси“².

Шопов имаше особено високо мислење за овие поети зашто се вклопуваа и во неговата концепција за револуционерен отпор на борец за слобода и повеќето ги запозна при поетските средби и рецитали што ги организираше во амбасадата или во резидецијата. Лично можев да се осведочам за ова во подоцнешните коитакти со некои од нив кога и самата на дипломатска должност како амбасадор на поранешната СФРЈ, престојував во овој дел од Западна Африка. Меѓу другите, тука ќе ја одбележиме поезијата на Бираго Диоп (Birago Diop), на Усман Сосе (Ousman Socé) и Ламин Дијакате (Lamine Diakhaté)³ од Сенегал која, под влијание на движењето Негритида, тргна по еден лирски ангажман и егзалтација на традиционалните вредности, особено на вкоренувањето во родната грутка и во националниот сензибилитет, следејќи го примерот на африканските народни пејачи и раскажувачи – гриоти (griots). Пошироко од овој дел на Африка, кон оваа поезија припаѓаше и поезијата на славниот борец за независност на Гвинеја Бисао, поетот Амилкар Кабрал (Amilcar Cabral), на Сике Камара (Sikhе Camara) и Кеита Фодеба (Keïta Fodéba) од Гвинеја, како и на Фили Дабо Сисоко (Fily Dabo Sissoco) од Мали, Бернар Дадие (Bernard Dadié) од Брегот на Слоновата Коска и др. Во тие седумдесетти години на дваесеттиот век во сенегалската литература видно место заземаа и неколку жени-писателки, особено романсиерката Мариама Ба (Mariama Bâ), која е една меѓу најпреведуваните африкански писателки, како и Амината Со Фал (Aminata Sow Fall), Нафисату Диало (Nafissatou Dialo) и др.

За да формулираме неколку општи, позначајни особености на негро-африканската поезија имајќи го предвид, главно, временскиот период на престојот на Ацо Шопов во Африка, ќе одбележиме дека тоа е литература на африканската култура, односно на изобилно вклопување на елементи од народниот бит, од историјата и социологијата на овој континент, од африканските маски и там-тамот што, како знаење, е добиено од народното творештво кое претставува еден вид „трансмисија и зачувување на целокупноста на културните традиции“ – да се искажеме со зборовите на Мирчеа Елијаде⁴. Покрај тоа, оваа поезија, превосходно ја афирмира внатрешната реалност на овие народи суштински насочени кон славење на силата и убавината на човекот, на неговиот хуманизам и на љубовта кон едноставноста. Сенгор, инаку склон кон споредби и богат со солидни познавања на античката литература и култура, овде би додал: „Во црна Африка, како и во античка Грција, зборовите стануваат вистински поеми само ако се испеани и одиграни“⁵.

Симболички кажано, африканската поезија е „крвта и срцето” а овие народи, „зборови пријатни за уво и срце“ – како што изјавува за тоа во својот реферат на Струшките вечери на поезијата во 1976 година, во една парафраза на Сенгор, поетот Ламин Дијакате од Сенегал⁶. Тоа е „една култура и една митологија со свои изразни феномени…“, со посебна звучна оригиналност што создава извесен „хоризонт на очекување“ – кажано со речникот на Јаус – евоцирајќи еден универзум во кој поетот, според својата личност, сопственото искуство и талентот, вдахнува посебна чар, и печат… Црпејќи ги своите инспирации во секојдневните животни обврски, радости и празнувања, но и во историското минато, борбата за слобода и опстанок, маките и солзите, како и во „необичната“ Африка, со други зборови, подеднакво и во она што е интимно и вообичаено и што претставува света/патриотска должност, како и во она што, од друга страна, фасцинира во традицијата на овие простори, африканската поезија во себе ја содржи и ја комуницира понатаму… сета оваа цивилизациска свежест со мистична привлечност.“⁷

Избирајќи неколку карактеристични линии, со вредност на пример, во оваа негроафриканска поезија и исто такви во поезијата на Ацо Шопов, овде се определуваме да укажеме на извесен сооднос, допирни точки и слични процеси во нивната структура. Ова, така да кажеме „африканство“ на Шопов ќе стане еден спецификум на неговата поезија – како што еднаш веќе кажавме на едно друго место⁸ – што јасно се уочува во збирките поезија Песна на црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980) од неговата последна поетска фаза (1971-1980), односно од четвртиот поетски круг (ако ги имаме предвид четирите поетски круга во еволуцијата на поетското творештво на Шопов, според Катица Ќулавкова⁹).

Едно првично поетско зближување меѓу Шопов и негроафриканската поезија ќе забележиме во обземеноста на авторите од чувството за Татковината, почнувајќи од борбата за слобода па сѐ до иднината, било да се работи за Македонија, било да станува збор за Црна Африка. Георги Старделов во ова чувство на Шопов (во Дрво на ридот, на пример), гледа и „тестаментални“ идеи и „последни пораки до Татковината“ во кои поетот доживува „потполна идентификација на неговата лична судбина со судбината на Македонија“ проширувајќи го тоа и на „судбината на светото“¹⁰.

„Македонија ја дели судбината на светот“ – ќе рече поетот Шопов во „Патување во родниот крај – средба со светот“, односно „Македонија е во светот, а светот во Македонија“ (во „Оздравување на болниот“), што можеме да го сфатиме и како залагање на нашиот поет за бришење на границите меѓу одделните земји, со помош на духовното творештво. Во негро-африканската поезија вакви примери ќе сретнеме кај поетот и дипломат Ламин Дијакате, кај талентираниот, прерано починат поет Давид Диоп (David Diop), кај Сенгор, а и кај многу прозни писатели од првата генерација.

Уште поилустративна за ваков допир на Шопов со оваа поезија е песната „Две раце“. Самиот наслов асоцира на метафората „вкрстување” (métissage) и на неколкуте толкувања на Сенгор сврзани со неа (на пр. „биолошко вкрстување“, „културно вкрстување“), што наведува на мислата дека Шопов преку симболот на двете раце – предзнак за неговата блискост и со предилекциите на симболистите кон окултизмот, црната и белата рака што го потсеќаат „едната на Сињарката од Жоал“, „втората на убавицата под Исарот од Штип“, а заедно на „крило на птица над целиот свет раширено“, ја гледа иднината на татковината во еден друг свет, нов, почoвeчeн, обединет. Тука може да се вклопи и песната „Во Штип и во Жоал“, родните градови на Шопов и Сенгор, што го олицетворува поетовиот креативен африски период, исполнет со „поетски маки и сонувања“ градови со исти „бранувања“ што се и „збратимени со иста љубов“, независно тоа колку се „мали и безимени“ и „колку е голем светот”.

Од допирите со африканскиот свет и со африканската литература Шопов внел многу мотиви препознатливи за негро-африканската поезија, поточно за поезијата на Сенгор што му била најблиска и која, во еден богат избор, ја преведувал на македонски. Тоа е видливо во извесни наслови во кои забележуваме совпаѓања или варирања кај двајцата поети, на пример: Песна на црната жена (кај Шопов) – „Црна жена“ (кај Сенгор); „Жена во ивернажот“ (кај Шопов) – „Писма за ивернажот“ (кај Сенгор); „Во Штип и во Жоал“ (кај Шопов) – „Жоал“ (кај Сенгор), во „Моќта на там-тамот“ (кај Шопов) – „Распорувач на там-тамот” (кај Сенгор) итн. Секако, овде се работи повеќе за поетски импулси со кои Шопов се соживеал во овој нов поетски хоризонт и што станале негови специфични одлики и новини, неповторливи во современата македонска поезија. Но, тие наслови се поттикнати и од нешто што е автобиографско и интимно на Шопов и што ја карактеризира неговата своевидна индивидуална поетика.

За да може да се носи со оваа поетска релација Шопов, преку една прониклива компаративна опсервација, секојдневно го запознавал африканското општество, вековната историја на континентот, автентичната црнечка култура и уметност која изобилува со култни значења, усната традиција, дневните активности на обичниот Африканец, „човек што живее од земјата и со земјата“ (Сенгор). Тој морал да се соживее и со периодите на сезоните, со боите и мирисите и, воопшто, со секојдневието што е поврзано со култните обреди, со магијата, со каденцата на одот и танцот, со ритамот на там-тамот. Кога ја пишувал, на пример, песната „Баобаб“, Шопов секако морал да знае дека тоа е „дрво на животот“ што со своите лековити плодови ги заштитувал луѓето од тропската треска, дека е и „храм на мртвите“ кои, според анимистичките верувања, тука се погребани и се подготвени секогаш да учествуваат во животот на живите, кои пак затоа треба постојано да ги придобиваат. Или, за да проникне во суштината на песната „Пред расцутување на фламбоајаните“, и самиот морал да го доживее тешкиот период пред дождовите во тропска Африка кога земјата пука „како препечена погача“, „жедните ѕверови лунѕаат по саваните и шумите“, пустинскиот ветар арматан трупа песок во пукнатините, а црвените цветови на фламбоајаните личат на пожари во градот“, од кои, особено белците, се задушуваат. А потоа, чувствувал и како доаѓа ивернажот, сезоната на дождови во тропските региони, „како ослободување од темни сили и страсти“, како лирски излив на душата, што потсеќа на лиризмот на Сенгор од истоимената збирка, кога се плетат чудни приказни и се обновува во мислите младоста помината во Жоал и „царството на детствотто“ – метафора многу честа кај африканските поети, што и Сенгор ја прифаќа за изразување на богатството на народната традиција.

Ваква негрификација на својата поезија Шопов покажал изобилно и во „Моќта на там-тамот“, соживувајќи се со виталниот елан на Африканецот кој ужива во „славјето на животот“ затскриен зад „мистериозната тајна“ на маските што во себе ја содржат сета човекова егзистенција. Кај Сенгор, во таа смисла, ќе сретнеме „маски со лице без маска“ („masques aux visages sans masques“), што пак е израз на нивната искреност и невиност („Молитва кон мacките“ – „Prière aux masques“).

Во еден дел од своите песни, суштински африкански, Шопов воспоставува една историска димензија во која преовладува автентичната историја на Африка, како што во други изобилуваат цивилизациските автохтони вредности. Такви се, пред сѐ, песните од циклусите „Светлината на робовите“, „Песна на сињарката“ и сл.

И самиот стих на Шопов како да ја прифаќа овде формата на традиционалниот долг, слободен стих на африканските раскажувачи (карактеристичен, во вид на verset, и за Сенгор) кој совршено одговара на широките инкантаторни/раскажувачки целини на Шопов што ја опфаќаат во себе интегралната идеја и му помагаат да ја „раскаже“ на пример „безмилосната судбина“ на овие „стројни и лични младичи и девојки со прикован поглед во својата родна црна Африка“ кои „со галии ги испраќале како живо црно робје во туѓи континенти“, а тоа место од каде што исплoвувале „сега е Куќа на робовите“ на островот Горе, спроти Дакар, и е претворена во музеј кој треба да опоменува.

Но, африканизацијата на поезијата на нашиот поет оди и пошироко. Таа се остварува, меѓу другото, и преку втемелување во африканската топонимија (Горе, Жоал, Светилникот на Мамел, Ниоколо – Коба, принцовите на Мали и сл.) и воопшто во африанскиот топос, преку усвојување на сета семантичка, историска и музикална густина на африканскиот збор, на вербалната магија. Постојат и други допирни точки кај Шопов со негро-африканската поезија: глетката на пејзажот, африканските дрвја и плодови, реки, музичките инструменти – кора, балафон, там-там или предметите со магиска моќ – маски, фетиши, тотеми, боите (на пр. синооката Сињарка „со очи синолички“, жена во модро – боја на облеката како индиго, карактеристична за бојациите од Фута Џалон – црвената Куќа на робовите).

Африкански начин Шопов прифатил и во самото воведување на темата, преку песната на народните гриоти, односно дијали: „Од каде таа свежина во твоите песни/ па секој збор ти е сочен и со вкус на манго/ поету Дијали?“ – се прашува нашиот поет во една од песните од поглавјето „Загледан во Океанот“ (“Во твојата песна жуборат бистри води“). Неговото проникнување со Африка оди дури и до аналогија во симболиката на крвта која, кај Шопов, ги претставува исконските пориви на човекот, слично како што кај Сенгор симболиката на црната крв ја означува биолошката поврзаност со Африка, трагањето по корените на идентитетот: „Има долу тетка една крв/ од древноста чиниш останата“ (Шопов: „Има долу една крв“); (кај Сенгор): “J’ai retrouvé mon sang, j’ai découvert mon nom l’autre / année à Coïmbre, sous la brousse des livres.” (Elégie des Saudades)¹¹ или пак: “Je romprai tous les liens du Sang, je dresserai une garde/ d’amour/ Pour une seule nuit sans fin…“¹²

Магијата на зборот кај Шопов е во корелација со индивидуализирањето на неговиот поетски израз и може да се објасни и преку едно искажување на Сенгор за „вербалната магија“: „La рarole négro-africaine, en se haussant en verbe, dérouille les choses pour leur rendre leur couleur primordiale, avec leur grain et leurs veines, leur son et leur odeur; elle les perfore de ses rayons lumineux pour leur restituer leur transparence, en pénétrant leur sur-réalité – je dis leur sous-réalité – dans son humidité première”¹³.

Зборот sur-réalité овде нѐ наведува да повлечеме една компаративна линија меѓу надреалистичкото искуство во поезијата на Шопов и негро-африканскиот надреализам. Во психологијата на Африканецот кој е превосходно интровертен, сензуален тип, свет, всушност, претставува надреалноста (sic). Со други зборови, во неговото сфаќање двата ентитета – јас и светот – се надминуваат себеси со тоа што во човекот се случува еден спој човек-природа во кој се олицетворува вселената, универзумот, заедно со растенијата, животните, минералите и сл. Во поетиката на негро-африканскиот поет тоа го среќаваме како коегзистенција на реалното и имагинарното што, впрочем, е својствено и на поетиката на надреалистите, на Бретон. Меѓутоа, за разлика од европскиот надреализам, негро-африканскиот надреализам, на пример на Сезер или на Сенгор, е еден „космолошки натурализам“ (Сенгор), еден „наднатурализам“ („surnаturаliѕme“), всушност метафизички, спојување на имагинарното со надреалното, што на поетот му помага да го сфати ,,тоталитетот на реалното“¹⁴.

Всушност, во негро-африканската поезија се чувствува едно значајно влијание од изразните начела на самата црнечка уметност. Поточно, не постои стремеж толку кон надреалистички предочувања како поетски правец, туку се оди повеќе кон изразување на идеи и симболи, што е и основно обележје на оваа поезија, преку кои се доаѓа до стилизиран и апстрактен израз на црнечката визија на светот. Тука еден Пикасо ќе ги открие модерните правци на уметноста/ сликарството на ХХ век.

Кон вакво надреалистичко искуство е насочена и поетската постапка на Шопов: тоа е постапка синхронизирана повеќе со симболизмот, експресионизмот и воопшто со модерните текови во современата македонска поезија. Во таа смисла ќе одбележиме дека, иако кај Шопов има присутни елементи од ирационалните принципи на надреализмот (на пример во „Песната на Ссињарката“, но и во повеќе песни од циклусот „Гледач во пепелта“, а го нема, притоа, автоматизмот од првата фаза на надреалистичкото движење, по својата суштина неговата поезија е со изобилни елементи од системот на симболистичките вредности, како неосимболистички израз на Шопов. Или, како што вели еминентната славистка Фридрун Ринер која како македонист добро ја познава поезијата на Шопов за да ја ситуира и во рамките на светската литература, поетот Шопов има „симболистичка формација“ и тој „несомнено ги прифати и ги асимилира поетичките средства на симболистите, но истовремено и ги надмина“¹⁵.

Ќе наведеме за ова неколку примери:

а) од надреалистичкиот исказ на Шопов: „Запеј ја твојата песна небесна/ Сињарко со очи синолички на црна арматура… очите ти се извор и утока на сите реки на Црна Африка/ низ кои плови мојата усвитена глава/ како последна задоцнета галија со црни робови/ и место очи има две огромни бездни, два бескрајни тунела/ од кои со мрак и темнина си го насочува патот/ додека сѐ наоколу заслепува од светлина/ и сонце, сонце, сонце!…“ („Песна на сињарката“);

б) од симболистичкиот исказ на Шопов: покрај примерот на црното сонце, „клучната синтагма кај Шопов“ (според Атанас Вангелов)¹⁶ што, од друга страна, го поврзува поетот и со езотеричните знакови од негро-африканската поезија: „Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,/ кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна“, ќе го наведеме и примерот на „крилестиот коњ со ѕвездена светлина во очите/ со сибирско иње во ноздрите,/ со сахарска песочна прав во гривaта” кој во индивидуалната потсвест на нашиот поет го олицетворува сопствениот стремеж со „највисока смисла на животот/ да ја открие родината откривајќи го светот“ и „откривајќи ја родината да го открие светот“. („Настан на езерскиот брег“). Заради оваа силна жед за патување на поетот-номад Ацо Шопов, Александар Прокопиев оваа песна ја вбројува во „номадолошката поетика“ на Шопов¹⁷.

***

Така, во овој книжевен свет на релации и духовни допири на Шопов со негро-африканската култура и, пред сѐ, поезија, гледаме уште една од насоките за збогатување на неговата креативност и на неговиот поетски израз. Две клучни линии го детерминираат ваквото поврзување и воспоставениот дијалог што се одвива како по „светите дијагонали“ на Роже Кајоа за да се допре бескрајот и универзалната порака:

– линијата на аналогиите / асоцијациите меѓу овие две творештва кои произлегуваат од поетското вкоренување во африканскиот идентитет што се постигнува, главно, преку „вербалната магија“, односно зборот, јазикот со кој се рекреираат гласот на народниот пејач дијали, звуците, ритмите, култовите и ритуалите, митовите и историјата на Африка. Шопов овде едновремено се напојува и од едноставноста, апстрактноста, фигуративноста, акустичноста, иманентни одлики напластени во негро-африканската поезија, а што, сѐ заедно, ги чинат елементите на африканизацијата на неговата поезија;

– линијата на оригиналната/автохтона поетика на Шопов што е вкоренета во родната/македонската почва и култура и во која е вткаена една особена филозофска димензија на овој поет по формација филозоф, наслонета и на доста автобиографски елементи. Од оваа поетика извираат, исто така, магиски зборови – небиднина, тишина, осама, темнина, но и љубов, убавина, слобода – зборови со семантичка носивост, метафорична основа и со мудрост што претставуваат предизвик за проширувањето и за слеаноста на личното, националното и универзалното во светогледот на Шопов.

______________________________________________________

¹ Серер (Sérère) се нарекува регионот на христијанското население во Сенегал, а истовремено и неговиот јазик.
²  Senghor, Léopold-Sédar, “Le Français, langue de culture” in: Esprit, nov. 1962, преземено во Liberté I. Ed. du Seuil, Paris, 1964.
³ Lamine Diakhate, во 1976 година учествуваше на Струшките вечери на поезијата, со реферат и на „Симпозиумот“ за поезијата од овој дел на Африка.
⁴  Eliade, Mircea, Histoire des littératures, t. I: 3.
⁵ Senghor, Léopold-Sédar, Liberté V, Paris, Seuil, 1993.
⁶ Дијакате, Ламин, во: „Петнаесет години на „Струшки вечери на поезијата“, Струга, 1977, стр. 45.
⁷ Поопширно, ова прашање го обработуваме во книгата Панорама на франкофонските литератури (Скопје, Матица македонска, 2002, стр. do-17). Овде даваме само една одломка.
⁸ Тодорова, Лилјана, „Негро-африканскиот свет во поезијата на Ацо Шопов“, во Творештвото на Ацо Шопов, Симпозиум по повод 70-годишни ата од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, Филолошки факултет – Институт за македонска литература, 1993, стр. 98-104.
⁹ Ќулавкова, Катица, Ацо Шопов, Поезија, (изданието го приредила и предговорот го напишала Катица Ќулавкова), Скопје, Македонска книга, 1993
¹⁰ Старделов, Георги, Небиднината, поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов, Скопје, Матица македонска, ед. „Спектар“, 2000: 240.
¹¹ Senghor, L.-S. Poèmes, Seuil, Paris, 1984: 203 ( Elégie des Saudades: Eлегија од носталгични песни: „Ја пронајдов мојата крв, го открив моето име минатата/ година во Коимбр, под купот на книгите.“)
¹² Senghor, L.S. Ibid., Nocturnes (Ноктурна), стр. 191 („Ќе ги скинам сите крвни врски, ќе поставам чувар/ на љубовта / За само една ноќ бескрајна…“)
¹³ Senghor, L.-S. “De la négritude. Psychologie du Négro-africain” in révue Diogene, No 37, janvier-mars 1962: 9 („Негро-африканскиот збор, достигајќи до глагол, ги чисти работите за да им ја врати нивната основна боја, со нивното семе и вени, нивниот звук и мирис; тој ги пробива со своите светли зраци за да им ја врати транспарентноста, продирајќи во нивната над-реалност – велам нивната под-реалност – во нејзината првична влажност.“)
¹⁴ Senghor, L.-S., Liberté I, Paris, Seuil, 1964, str. 241-251. (Оваа одломка ја презедовме од нашата книга Панорама на франкофонските литератури, стр. 71).
¹⁵ Rinner, Fridrun, “Des formations symbolistes chez Aco Sopov”, in Книжевната наука во светот, Прилози од Колоквиумот на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, Охрид 20-25 август 1981, Actes du Colloque de l’AILC, Филолошки факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“, Скопје, 1984, стр. 106.
¹⁶ Вангелов, Атанас, „Црното сонце кај Шопов“ во Решето, Наша книга, Скопје, 1983, стр. 181.
¹⁷ Прокопиев, Алксандар, „Номадот Ацо Шопов“ во Постмодерен Вавилон, Институт за македонска литература, 2000, стр. 101.
__________________
* Текстот е објавен под наслов:

„Поетската релација на Ацо Шопов со инспиративната негроафриканска култура: допир и оригиналност наспоредно,”, во „Ацо Шопов 20 години од смртта” (sic), XXX Научна конференција на XXXVI меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (Охрид, 11-13 август 2003 г.). – Скопје : Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, 2004, стр. 203-597.

„Неколку компаративни линии во поезијата на Ацо Шопов со негроафриканската поезија” во Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005., стр 127-140.

** Шопов беше именуван за амбасадор во Сенегал и Мавританија.