This post is also available in: French Spanish Serbian Croatian Bosnian
Жена во ивернажот
Се прелева чашата на ноќта. Истура пороен дожд.
Ноќ и дожд. Дожд и ноќ. Ивернаж.
И една жена сама во ноќта и ивернажот.
Под далечниот татнеж на там-тамите
змиулесто се извива на дождот
како во прегратка на маж.
Една жена во ноќната стара и чкрипава кола,
една жена од бучавата на дождот пробудена,
една жена од радост излудена
танцува во ноќта, на дождот, сама и гола.
А дожд врне како лекување на тешки рани,
како ослободување од темни сили и страсти,
врне како шепотење, како милување: Стани! Расти!
Дожд врне и нема крај на овој ивернаж,
додека жената змиулесто се извива на дождот
како во прегратка на маж.
Дожд врне и чудни приказни плете,
како раѓање и плач на првото дете.
Ацо Шопов, Песна на црната жена, 1976
Песната е објавена и во Современост, XXIV, бр. 7, септември 1978, стр 530-531
_____
Ивернаж е сезона на дождови во западна Африка.
Консултирајте ги ракописите и машинописите на оваа песна
work in progress
Слушнете ја песната
во изведба на Софија Гогова-Врчаковска