Две раце

Леле, Господи, што се случи со небото, што му стана,
беше кротко и мирно, беше прозрачно од синевина
како насмејано лице на девојка лична и невина.
Но наеднаш дувнаа темни ветришта
и грозоморни молњи небото го исекоа на крвави парчиња,
небото се отвори и заплака со несмирен плач од секоја раскрвавена рака.
Леле Господи, што се случува со небото, што му стана!
Рика небото и плаче пигресено,
плаче од теми ветришта и молњи-огништа искинато и разнесено,
и одвај можат да се забележат, одвај да се настат
две раце,
рака црна,
рака бела,
две раце од сите светови испратени и ветени
и во тајна љубов крстосано посветени. 

Рика небото и не може да ги раздели
рацете крстосани,
раката црна,
раката бела.
Тие и не личат на две раце,
туку на една светлобела рака
носена од црните ветришта на небото
што го крстосува светот и го гушнува со мака. 

Бурата полека стивнува, небото се разведрува,
а двете раце стојат будно и смирено
како крило на птица над целиот свет раширено.
И почнувам да насетувам:
Едната рака ме потсеќа на сињарка од Жоал*,
а втората на убавица под Исарот од Штип.
И со тие крила-раце и јас низ сиот свет се вивнувам и полетувам. 

Ацо Шопов,Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во 
Современост, XXVIII, бр. 6, јуни 1978, стр 3


* Жоал, село во Сенегал, родно место на поетот и државник Леополд Седар Сенгор