This post is also available in: French German Serbian Croatian Bosnian

Пред расцутување на фланбоајаните

Санoќ плачеше земјата
сува и испукана како препечена погача,
саноќ дуваа пустински ветрови
и трупаа песок во пукнатините.
Од преслекувања океанот ги испокина сите модри кошули,
а сепак не успеа да се смири.
Само небото остана спокојно и празно
како ништо да не се случува
како да не го гледа овој бродолом.

Саноќ урликаше земјата.
А можеби тоа беа жедните ѕверови
што лунѕаа низ саваните и шумите
умирајќи крај пресушените извори на вода.
А можеби тоа беа дрвјата што се свиваа до прекршување
и со лисјето ја лижеа сувата земја.
Само небото беше сурово спокојно и празно
како никому да не му е потребен дождот
како да не го гледа овој бродолом. 

Caноќ се грчеше земјата.
А можеби тоа беа луѓето што го чекаа дождот
како што се чека првороденче
згрчено во безживотна утроба.
Пред изгрев сè се измори и се задрема таму кај што се најде
и луѓе и дрвја и ѕверови.
Врз океанот пливаа само парчиња од испокинатите кошули.
A со изгревот на сонцето како изгрев од раните
на земјата,
(црвени цветови и пожари, пожари во градот)
расцутеа фланбоајаните. 

Ацо Шопов, Песна на црната жена, 1976
Пред да биде објавена во збирка, песната излегува во Современост, год. XXIII, бр 7-8, септември-октомври 1973, стр. 700.

Вратете се во поетската одаја на Лирскиот дом на Ацо Шопов