This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

тука ме доведе моето провидение

Оставете ме тука добри мои црни пријатели
и да го барав немаше да го пронајдам ова место
што го открив случајно.
Тука ме доведе мојата исконска страст
за трагање низ мрачните но неизбежни свијоци на историјата
мојата вечна жед за изворите на сеопштото потекло
и гладта моја за невеселата младост на човештвото.
Тука ме доведе мојот прародителски инстинкт
и неговиот непогрешлив шепот дека сè е исто
иако е сокриено во различни шуми и растенија
без оглед како и да се викаат: баобаб, даб или бреза.

Околу баобабот сите села на еден народ се собираат,
го опколуваат, но не можат да го опколат,
затоа што внатре во стеблото, закопани исправено, лежат мртвите
и водат таен духовен разговор со своите потомци,
а мртвите никој не успеал да ги опколи;
околу дабот бршлени млади се извиваат и танцуваат
и од своите сокови со вечна младост го опијануваат,
а соковите на бршлените никој не успеал да ги пресекне;
а околу брезата девојки — красавици како сињарки од север
раскажуваат приказни за љубовта, широка како нивната земја
и длабока како нивната душа,
а приказните за љубовта никој не успеал да ги дослуша.

Оставете ме тука добри мои пријатели,
тука ме повика исконската страст
да ја пронајдам својата праслика
изгубена во мрачните свијоци на времето,
но жива и силна како вдахновение.
Оставете ме, оставете ме тука. Тука ме доведе моето провидение.

Ацо Шопов, „Светлината на робовите”, Песна на црната жена, 1976
Поемата „Светлината на робовите”,за првпат е објавена во Разгледи, XVII, бр. 10, декември 1975, стр. 1219-1224