Поезијата на Ацо Шопов во читанките за основно и средно образование*

Љубиша Станковиќ

Ацо Шопов е едно од најпознатите имиња на современата македонска поезија. Еден од нејзините столбови, и тоа оние – носечките. Неговата поезија е она без што современото македонско поетско творештво би било многу посиромашно. Таа е во врвовите на нејзините дострели. Тешко е да ce замисли една антологија на македонската поезија без стиховите на Ацо Шопов, независно од тоа кој е антологичар и кои биле естетските критериуми при изборот на поезијата. Од тој аспект интересен е уште еден антологиски избор на поезијата за која зборуваме, a за кој досега не е зборувано. Тоа е изборот на поезијата на Ацо Шопов во читанките за основното и средното образование, избор за онаа возраст на читатели кои штотуку навлегуваат во тајните на поезијата, a потоа стануваат и нејзини љубители и луѓе што авторитативно судат за нејзините вредности. Значи, накратко да го презентираме тој и таквиот антологиски избор не навлегувајќи целосно во критериумите по кои е граден тој избор, од причини што составувачот не е еден, туку повеќемина чии критериуми ce различни.

Овој избор би го отвориле со неколкуте песни презентирани за оние меѓу најмладите што подоцна постојано ќе ce сретнуваат со поезијата и со нејзините возлети или мачни приземјувања. Така во читанката за четврто одделение¹ ce среќаваме со песната „Kapпош“. Ова е една од попознатите песни на Шопов, ce среќава во сите избори на неговата поезија иако таа не е изразито антолигиска песна. Ce работи за една татковинска песна, за јунак, борец и револуционер за кој зборува и народната песна и која, веројатно, е и инспирација на поетот. Песната започнува со прекрасен лирски опис, со апотеоза на убавината:

Безумен Козјак истрпнал снага,
бујна му китка смрштила чело,
в рамнини пиштат ветрови ладни
и грч го грчи Билјача село…

за потоа да ce префрли на самиот јунак:

Пламен е Карпош – век не го држи,
дружина води, врагој решети,
по гори, полја – на сите страни
бој крвав бие и народ свети!

Песната завршува со можеби најпознатите и најчесто кажувани стихови од оваа песна и за овој јунак:

Кој не го знае Карпош војвода,
кој не слушнал песна за него?
Бучна му Пчиња приказни шуми,
бунтовник Козјак спомени чува!

Потоа, во истата читанка, од Карпош војвода, од подалечната историја, се оди директно во поновата, на Единаесетти октомври, ден на деновите, што би рекол некој поет, во патот кон македонската слобода. Песната е повеќе патриотска, повеќе поттикнувачка кон татковинското, одошто голема со своите поетски достигнувања. Но, и за едното и за другото, како доказ само неколку стихови:

Ни лисје да трепнат…
Сал одмазда света
ко треска ги тресе
фашиските пцета.

По овој агитпроповски почеток, следува она национално и востаничко:

И изведнаш ѕверот посиве ко гроб.
Октомври ce вивна со нажарен ков,
и бура ги стресе вековните робој,
Партијата наша боен фрли зов.

И веднаш зад овие и вакви стихови, нешто што барем ритмички ја поткренува песната:

Ko стрела
и челичен poj
народот ce втурна
во неравен бој.

По овие две песни еве и една во сосема друга насока, која можеби можела да им ce презентира и на учениците од помалата возраст. Тоа е „Волк и мачор“, нешто од арсеналот, на пример, на еден Доситеј Обрадовиќ, меѓутоа овде посовремено и повоздигнато, но со наравоучението слично на оние како и кај прославениот баснописец („Кој што сеел – тоа нека жнее!“). Инаку како сведоштво само неколку стихови за да ce почувствуваат ритамот, римата, речникот како и поетските средства употребени при градењето на оваа песна:

Од шумата волкот бега в село,
не на гости, a живот да спаси,
го бркаат за ајдучко дело,
па не знае каде да ce скраси.

По овој уводен дел, песната продолжува:

Страв и ужас во срце му светна,
но мачорот Василко го сретна:
„Васко, брате, благословен да си
ce дружиме веќе многу лета,
кој селанец, кажи, ќе ме спаси
од овчари и нивните псета?“
– Многу лесно, оди кај Нове!
– He, не можам јас му грабнав овен!
– Тогаш појди да те скрие Мите,
по добрина го познаваат сите.
– He, тој стара сметка ќе ми бара –
за два јарца со него сум скаран…

И така натаму, волкот на сите им направил зло дело, и затоа кај никој за него нема спас.

Можеби на многумина не им е познато дека Шопов пишувал и вакви песни, меѓутоа еве сведоштво и за тоа и можеби за некакви негови поетски почетоци, неизградени и недоречени во уметничка смисла**.

Веднаш потоа, во читанката за петто одделение² е поместена песната „В деновите идни“, од која ќе цитираме неколку стихови, од кои ce гледа во која насока градителско-идеолошки, на пример, ce насочувале учениците од таа возраст.

Најнапред, како и вообичаено кај Шопов впечатлива слика на природата:

Низ облаци бели сончевите стрели
го посипаат в срма небескиот свод,
шумолеат живи, трепетливи ниви –
разлиено море со запенат плод.

Понатаму, од природната незадржливо кон идеологијата:

Еј, зафати смело, друже
в раце срп си тенок свил,
нека раснат денес – ружи
кај што вчера коров бил,
еј, замавни смело, друже,
удри сега цврсто сам,
туѓин веќе не ги страши, –
жетвите ќе бидат наши, –
в жетвениот фркни плам..
И далеку не е… комбајни ќе пеат
по миризни ниви запенети в плод,
и огнена радост ко гроздој ќе зрее
под нашиот ширен орлокрилен свод.

Тука, за таа возраст, повторно песните: „Карпош“ и „Единаесетти октомври“, a потоа на ред ce учениците од шесттото одделение³ и песната: „3а љубовта наша делата ќе кажат“. Бидејќи наша задача не е да правиме некаква исцрпна естетска анализа, туку повеќе да презентираме нешто што низ една таква критериумска анализа веќе поминало, ќе покажеме неколку стихови и од оваа песна. Тука, без многу увод, уште во првата строфа, веднаш на она што е најглавното:

Денес, друже Тито, јас ти песна праќам,
песна што ја пеат моите родни браќа,
силна верба блика, друже Тито, в неа, –
безброј млади срца топла љубов леат!

Потоа со нешто поиздигнат тон:

Почуј, друже Тито, – наш соколе вишен,
почуј како земја в топла љубов дише
и на нејни гради нова младост расне, –
како цвеќе нежна и ко зора јасна!

Големиот Шопов во оваа песна изостанува, меѓутоа со последниот стих ce најавува.

Понатаму, за истите тие ученици, но од друг антологичар⁴, нова песна, a од оние што често ќе биде рецитирана и која тоа и го заслужува како со тематската подлога така и со поетската убавина што зрачи од неа. Тоа е „Партизанска пролет“ и стиховите:

Вечер е тиха, дремлива,
нечујно гора – шумоли,
месец сред гранки сонува ѕвездите
солзат на небо,
a рана пролет пргава,
раскрила убост моминска –
снага ѝ – шума борова
очи ѝ – бистри кладенци,
лице ѝ – пупка трендафил,
a коси – трева зелена.

Какво доживување, каква имагинација, каква концизност во изразот, каков стремеж кон она што ce доближува до идеалите – цела песна да биде само една метафора.

По овие следуваат нови емотивни стихови:

Еј море, радост голема,
партизан в пролет да бидеш,
кога ce шума разлисти
и зажуборат извори,
еј море, среќа бескрајна
в пролет низ гора да одиш,
грлото да го извиеш,
песни да пееш бунтовни
и врагот да го прогониш!…

Како сите драгоцености на народната песна да ce прелеани во оваа песна.

Традицијата и современоста во преграб.

Веднаш по ова, – нешто што е навистина во врвовите на поетската убавина, нешто антологиско и незаобиколно и нешто што заслужува целосно да ce цитира. Станува збор за минијатурата „Штрк“, едно мало ремек дело.

Падна на ридот еден штрк
сонува брегови зелени.
My ce привидува дека е пак
со јатата иселени.

Во летот долг ce срушил он
и никој не го закрилува.
Ѕемне… и мисли дека е сон
првата снегулка што го милува.

Песна за животот и смртта, за сонот и надежта. Само две строфи, кои меѓутоа под оној прв слој што веднаш е видлив и достапен и на учениците, кријат и неколку други што треба да ce откриваат и разјаснуваат. Песна што секој поет од значење и име без двоумење би ја потпишал.

По оваа убавина, во еден клас погоре⁵ во седмо одделение, песна која е сионим за поетското име на Ацо Шопов: „Очи“. “‘Очи’ и Шопов – Шопов и ‘Очи’“. Песна која секако најмногу е рецитирана, најмногу употребувана и можеби и злоупотребувана, која и пo децении поминат живот продолжува свежа крепка, млада и неодолива, исто како и кога ce појавила и станала поетска сензација. Песна на која времето не ѝ пречи, кое напротив ја оснажува и ја прави – длабока и помудра одошто била во деновите кога ce појавила. Како доказ само неколку стихови, кои впрочем секој начитан човек ги знае:

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капаше в срце…

„Утре, друже, в зори, страшен бој нѐ чека,
a ние сме малку – сал неколку души…“

***

И после. И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Co нивниот пламен и со клетва света
на заседа тргнав сред мојата чета.

A утрината кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе во редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов!, о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица…

Толку емоција на едно место ретко ce среќава. И што е поважно таа емоција без пречки преминува и на оној што имал среќа да ce нурне во убавината на оваа песна и во длабочините на едно срце што крвави.

По оваа песна ce чини дека е тешко и излишно да ce цитира една друга која ce заканува да го урне сето она на што ce крепеше претходната. Тоа е песната од арсеналот на она догматското со кое приличен број стихови на Шопов биле обоени, песна која, меѓутоа, сведочи за едно време и за една стварност, од која ниту можеме, ниту е потребно да ce откажуваме. Збор е за песната по чиј наслов и цела збирка го добила името. Тоа е „Со наши раце“. Еве само неколку стихови од неа:

– Ој, Орданчо синко, мој соколе златен,
јас писмо ти праќам од родното село,
a моите мисли ко немирни јата н
а Пругата летат развихрено, врело.

Во писмото, чедо, за Пругата пишеш,
за јуриши бојни, за вашите дела,
и како ce волно и длабоко дише
в босанските мали и спалени села.

Но и кај нас, Орде, во крајот наш роден,
на денови цветни светла зора пука,
со наши раце в труд гориме плоден, –
вие в Босна – таму – ние в село – тука…

Песна типична за оние пишувани по задача и тоа не само од Шопов, која покажува дека не секоја песна е песна и дека без инспирација нема ни поезија, a уште помалку – поетска убавина. Co оваа песна Шопов му го платил долгот на времето, но прашање е дали времето му го вратило долгот на поетот?

Тука, за тие ученици кои како да ce подготвуваат за задружни работници, уште една песна од арсеналот за обновата и изградбата, со какви спомнатата збирка изобилува. Тоа е „Задружна песна“ и стиховите:

Расни ми, расни, мило мое чедо,
задруга в село радост ти плете,
над тебе будно бдее и гледа,
в образ ти носи аловото цвете…

Некогаш тука в црница – нива
нашата црна дишела тага,
сред снопје златно гаснела жива, – пукала
стројна моминска тага!…

Некога било… ко облак темен
спомени тешки в памет ми летат.
A денес раце пружило време –
в задружна среќа домови светат!…

Расни ми, расни, соколе, сине, задруга –
врсник в село ти расне,
низ поле трактор огнокрил мине –
ја ора твојата иднина јасна!

Ој расни, расни, првенче мило,
под топло, меко задружно крило…

После оној „трактор огнокрил“ и „задружно крило“ ce наметнува залучокот дека некогаш антологичарите, во овој случај составувачите на читанки, навистина работат против реномето на поетот, го воскрснуваат она од неговата поезија што самиот тој одамна го закопал, на што не сака да ce сеќава, но тие упорно пак му го подметнуваат пред очите, за да му кажат: „еве, и ова е твое, и ова си ти и нема да ти дозволиме да ce одречеш од тракторот ‘огнокрил’ и од мајчинското задружно крило.“

За истата таа возраст⁶ песната „Бегалци“, една од оние што враќаат спомени за стварноста на едно време, која станува стварност и во времето што тече и тоа не само стварноста од нашето соседство, туку и вистината на денешна Европа. Само кусо навраќање на далечната македонска стварност:

Каде мајко моја, кај на овој ветер?
Што ти лице бледо потонало в жал?
„Не прашувај, молчи, златокосо дете,
ти си уште нејак, ти си уште мал.“…

Кажи, мајко моја, кажи татко кај е?
Зошто не е со нас во стрмиот дол?
„Сине, погледај долу: таму светлост сјае
го минавме веќе граничниот столб!“…

Интересно е овдека дека на прашањата не ce даваат директни одговори, туку тие ce содржани во еден вид метафорички слики од природата, кои всушност треба да го сугерираат вистинскиот одговор. Тоа скришното е и најубавото во оваа песна, не исклучувајќи го од ова ни нејзиниот емотивен набој.

По овие неколку еднолични песни за истата ученичка возраст⁷ и едно вистинско поетско откритие, песната „Ha езеро“, една ретка убавина, вистинска умешност на лексичката селективност и полнозначност на зборовите.

Ледено спокојство. Езерска шир.
Тишина. Скаменет мир.

Само во висината,
во сончевината
две бели птици ce капат.

Им бијат врело дамарите,
играат над шеварите
cè дури не потемне запад.

Наеднаш – немош и загинување…
Врз едно невидливо катче од езерото,
како непозната трпка врз телото,
помина бледо, лесно разбранување.
Водата сосем бавно ce премрежи
и пак cè потона во камено смирување.

Кога ќе ce разбранам и толку развилнеам
та да ce кренам, да стигнам насекаде,
да давам секому cè што ветувам
и како далга неукротена од брег на брег
моќно да прелетувам?

И веднаш тука, едно одделение повисоко, едно исто така несекојдневно поетско доживување⁸ една минијатура чија вредност е неодминлива. Тоа е песната „Лист“ една од оние што многумина ученици ги поттикнува да ce обидат да станат поети.

Ce откина од гранката сам, полека и не сетено и
остана во воздухот да лебдее така.
Мислејќи дека е жолта пеперуга, детено
пружи по него рака.

И не ce измени ни со прелив мал
на есента божилото.
Само гранката задржа скриена жал,
жал за зеленилото.

Една од оние ретки бесценети убавини со какви читанките би требало да бидат побогати.

Тоа би било она за основното училиште. Квантитативно, ни многу ни малку, квалитетно и вредносно исто така, од врвот до самото подножје, иако можело да биде до самите врвови, бидејќи поетскиот материјал постоел. Погодно за изучување, но не и како пример како треба да ce врши одбир на поезијата и што cè треба да им ce презентира на учениците. Од овој преглед е јасно и тоа дека составувачите не секогаш на преден план го имале вредносниот критериум. Читанките впрочем имаат и други функции и во нив не може секогаш да ce зачува естетскиот критериум, но тој не смее, заради идејата и идеологијата, на пример, или заради задачите на денот, да биде потценет. Јасно е дека во нив треба да ce кажува и за секојдневието, и за изградбата и за фабриките и новите патишта, за она што е постигнато и за она што ce очекува да ce постигне и за други слични прозаични нешта, но во поезијата постои едно основно нешто, од еден избор секогаш може да ce направи подобар, и антологичарот секогаш треба да ce стреми по неговиот да не биде подобриот.

За средно училиште изборот не е така широк, бидејќи за жал тука не постојат класични читанки, туку сето она што е потребно дадено е во таканаречените Примери за литературата. Поезијата на Ацо Шопов е во Примерите за трета година, a во избор на Гане Тодоровски и Невена Исакова⁹. Овој избор е поконцизен и подложен на однапред поставени естетски критериуми и затоа од тој и таквиот избор малку е она што е за отфрлање или за некаква построга критика, како во однос на избраната поезија така и во однос на критериумите според кои е бирана.

Од тој избор најнапред стихови од песната: „Раѓање на зборот“, една од оние песни што ја прославила поетската уметност на Ацо Шопов.

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума.
Изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.

Чади ноќта.
Зборот ce двои од темнината.
Модар јаглен му гори во утробата…

Стихови во кои ниту зборот ниту песната можат да ce откријат веднаш. Песната е слоевита и тајновита. Една од оние за кои никогаш со сигурност не може дефинитивно да ce каже што навистина значат и како да ce откриваат. Таа е предизвик за инвентивни ученици и исто такви наставници.

Потоа од тој избор и „Лов на езеро“, една од песните што ce неодминливи убавини, како искри во ноќта или златна жица во карпите, онаа по која трагаат копачите на златото.

Птица устремена, стрвнина.
Исправен нор со закана.
Глуне езерската површина
модра од тага исплакана.

Темниот удар на крилото
темно ја сече модрината.
Блеснува на студенилото
риба во клун раскината.

Денот е сив од умирање.
Сами сме. Ништо не велиме.
Некое немо разбирање
Hè гони да ce разделиме.

„Штета што мораме да ce разделиме така брзо“ – велат, учени од животот, дека cѐ што е убаво, најчесто и кратко трае.

По оваа песна и една од циклусот на „Молитви на моето тело“. Овдека е „Трета молитва на моето тело“. Ова е една од многуте метафорични, песна за читање, препрочитување, за размислување и откривање на смислата и пораката.

Што си: девојка, жена, мајка? Што си
ти што бдееш пред овој храм во кој со тишината ce лечи
телото мое, молитвено што клечи.
Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи.
Што си: девојка, жена, мајка, што си?

Што си ти застаната со спокој темен
пред ова тело чиј глас со виј го гони
ветрот што лута под тајни небосклони,
чиј глас е жед и виј на вијот земен.
Што си ти застаната со спокој темен?… итн.

Тука е и „Црно сонце“, песна што достоинствено им ce придружува, на првите две од овој избор. Песна-доказ за версификаторските можности на Ацо Шопов. Овдека содржината воопшто не треба да ce открива ниту е на преден план. Поважна е поетската умешност, мајсторството во структуирањето на песната.

Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад,
ни небо за молитва ни земја за напад.

И секој што ќе посака да ти ce напие од cjajoт
изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот.

Тревите ce веднат, дрвјето трчат боси
пред твојот цвет што гори и црна пепел носи.

Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.

Црно сонце, црно без исток и запад црно сонце за
жедни на брегот што стапат…

И на крајот, како што и треба, тука е песната „Очи“. Како што рековме понапред: Ацо Шопов и „Очи“ и „Очи“ и Ацо Шопов.

По сето ова излишно е да ce прават некакви заклучоци. Основно е дека еден голем поет не изостанал од интересот на младите. Toj не е исклучен, уште помалку потценет. Приближно е рамноправен и на другите великани на македонскиот поетски збор. Во некои читанки и доминира. Тоа секако на тие читанки не им пречи.
______________________

1 Олга Синадиновска и Митко Синадиновски: Читанка за четврто одделение, Просветно дело, Скопје 1984.

2 Цветан Станоевски Трајан Бавтировски: Читанка за петто одделение, Просветно дело, Скопје 1960

3 Крум Тошев: Читанка за II клас гимназија, Државно книгоиздателство, Скопје 1952

4 Георги Сталев, Благој Кондарко: Читанка за шестто одделение, Просветно дело, Скопје, 1961

5 Крум Тошев: Читанка за III клас гимназија, Државно книгоиздателство, Скопје, 1951

6 Крум Тошев, Ѓорѓи Милошев: Читанка за седмо одделение, Просветно дело, Скопје, 1964

7 Н. Узуновска, К. Гочкова Т.Саздов: Читанка за седмо одделение, Просветно дело, Скопје, 1989

8 Г. Сталев, Г. Болиновски: Читанка за осмо одделение, Просветно дело, Скопје, 1964

9 Примери од литература за III година, Просветно дело, Скопје, 1988.
____________________________
*во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993

** „Волк и мачор” не е песна од Ацо Шопов, туку од прочуениот руски баснописец Иван Крилов. Прочитајте го освртот Басните на Крилов во препев на Шопов.