Басните на Крилов во препев на Шопов*

Цвета Органџиева

Кога [Ацо Шопов,] нашиот преводач на басни од Крилов се натоварил со многу сериозната работа и во нашата литература да го воведе Крилова, секако дека си доставил многу убава, но и смела задача. Ние добивме убави басни во лесни, точни стихови. Нашето дете со радост ќе ги чита: во нив е верно зачувана содржината, многу убаво се предадени и смислите – целта на басните, особено таму каде што тие посебно се изразени во форма на кратка пословица. Во малку зборови, стегнато, кристално звучат често мислите на Крилов.

Тие што со завист во секого гледат
За лаење само во животот знаат.
Но мудрите мирно својот пат го следат
Знаејќи ќе молкнат колку и да лаат.

Или:

Многу често тој што нема ука
На знаењето безобзирно плука,
И никако не му иде в глава
Оти плодот оно му го дава.

Или:

Кој за својте дела ломот, се фали
Со сили е мали.
За големи дела треба многу мака
А не да се грака.

Како во езеро, заробено долго од темнините на густите столетни шуми, искрат во македонскиот збор сочните бои на руската природа. И ненадминатата песна на славејот од Крилов ќе остане да се пее во опоен стих на нашиот јазик, кој како да ги открива сите свои дивни можности, широки и цветни.

Но можеби заради убавите и течни македонски стихови понекогаш се жртвуваат и ред други елементи, кои се така карактеристични за басните на Крилов.

Сите јунаци на Крилов имаат свој индивидуален карактер и свој јазик. Говорот на волкот на примрер е сув, шкрт со зборови, нестрплив и со тежина на силник, свесен за својата груба сила и надмоќ. Тој му вика на јагнето што пиело на потокот подолу од него:

Как смеешь ты наглец нечистым рылом
Здесь чистое мутить питье
Мое
С песком и с илом
За дерзост такову
Я голову с тебя сорву!

Јагнето понизно одговара:

Когда светлеиший волк позволит,
Осмелюсь я донесть, что ниже по ручью
От светлости его шагов я на сто пью,
И гневаться напрасно он изволит,
Питья мутить ему никак я не могу.

Во македонскиот превод волкот грубо му вика на јагнето, но не истакнувајќи ја својата личност и не навредувајќи го непосредно:

Како смееш, кој овде те прати
Ти мојата бистра вода да ја матиш?
За дрскоста права
Ќе изгубиш глава!

Јагнето зборува со волкот како со нему рамен створ:

Просветлоста волчја мене да ме праша.
Ќе зборувам точно, без нешто да скријам

Во басната „Магаре и славеј“, во нашиот превод тупото, глупаво магаре зборува поетски убаво. Тоа му вели на славејот:

сите луѓе зборат –
Рамен немаш ниту в една гора:
Ниту в гора ни в градина цветна,
Кога пееш – станувале чуда“…

А кај Крилов магарето му вели на славејот:

Послушай – ка дружище!
Ты сказывают, петь великий мастерище!
Хотел бы очень я
Сам посудить, твое услышав пение,
Велико – ль подлинно твое уменье?

Откако славејот допеал, во македонскиот превод, магарето додава:

Ти пееше добро, занесно и леко,
Без досада може да те слуша секој,
Но сепак жал лута во срце ме пече:
Ти имаш глас нежен и убав и светел
Но треба да чуеш за нашиот петел.

Во басната од Крилов магарето, опирајќи се со челото во земјата, вели:

Изрядно, сказать не ложно,
Тебя без скуки слушать можно,
А жаль, что незнаком
Ты с нашим петухом;
Еше – б ты боле навострился,
Когда – бы у него немножко поучился.

Животинското, грубото, не е секогаш доловено во нашиот превод, дури како свесно да е избегнувано. На пример описот кај свињата кај Крилов во басната „Свиня под дубом“:

Свиня под дубом вековым
Наелась желудей досыта, до отвала,
Наевшись, выспалась под ним,
Потом, глаза продравши, встала
И рылом подрывать у дуба корни стала

во нашата басна е предаден со следните стихови:

Наситена под столетен даб
Една свиња легнала да спие.
Штом станала, со расудок слаб
По коренот почнала да рие.

Драматичните сочни дијалози, кои како животворен поток, за прв пат во руската литература го вливаат богатството на живиот народен збор со сите негови трепети, не го наоѓаат секогаш својот адекватен израз во преводот.

Крилов сите свои басни, освен една („Стрекоза и муравей“) ги напишал во јамб, но слободен, разностапен, полн со изненади јамб. Во нашиот превод преовладува трохејот пред сѐ во петостапна стапка. Преводачот како да се трудел да прелее сѐ во тој метар, дури и она што кај Крилова не се мери со мерка на никаков метар ни калап. Но тоа не значи дека се басните на Крилов напишани во слободен стих. Тој не ги повредува установените правила на постапката, ами само ги освежува со својот дах и им ги открива ширините и многустраните можности на живиот народен говор.

Крилов не опишува само со зборови, и звукот е кај него боја за слика. Секој глас во неговите басни го има своето оправдание како и тонот во музичката композиција. Кај него сѐ е богато инструментирано и не е чудно што така лесно се пишува музика за неговите басни.

Вешто ја создава тој на пр. сликата на утринската маглина низ која се лее нежниот глас на љубимецот и певецот на Аурора. Гласот на славејот час стивнувал:

И томной вдалеке свирелью отдавался

Час:

То мелкой дробью вдруг по роще разсыпался

Утринската маглина музички доловена со нежните и нејасни звукови: „ом“, „ал“, „ль“ како да наеднаш се разбира под чукот на звучното „р“. Македонскиот превод на оваа песна е лишен од соодветните музички елементи.

Крилов повеќе слика со звук и ритам отколку со зборови. Прекрасно на пр. успева тој со неколку кратки стихчиња и меку звуци да ја предаде безгрижноста на мувата – паразит и да нѐ пренесе во ефирното царство на природата:

В саду, весной, при легком ветерке,
На тонком стебельке,
Качалась муха, сидя.

Во македонскиот превод сликата е неполна и стегната во два стиха:

Била пролет, разлистена, бела,
Тихо веел низ гранките ветер.

За најуспешно преведени ги сметаме басните во склопот на кои влегуваат мотиви, кои даваат можност за послободен поетски излив, независно од целината. Такви се на пример басните „Магаре и славеј“ и „Кукавица и петел“. Во последната е многу успешно препеан монологот на ласкавецот-петел. Можеме да речеме слободно дека тие стихови стојат нарамно со стиховите на Крилов. Прилично успешен е и препевот на басните во кои не дејствуваат и говорат животни ами луѓе, како на пример басните: „Минувачи и кучиња“, „Лажливец и клеветник и змија“. Многу добро е препеана и басната „Волк и мачор“, која делува како наша македонска, со македонски имиња на луѓе и македонско небе.

___________________

* Извадок од статијата „Крилов на македонски. Крилов, Басни, Скопје, Кочо Рацин, 1953, препеал Ацо Шопов” објавена во Литературен збор, 1954, І, 3-4, стр. 194-200.