This post is also available in: Serbian

Кон прабитието на песната

Миодраг Друговац (1928-1995), македонски књижевни критичар

Некогаш поетите ја пееја песната; денес песната ги пее поетите. Во таа нејзина песна, во песната на песната, поетот ја препознава својата судбина, а зборот својот корен.

Всушност, поетот и зборот заемно се бараат, а тоа е веќе процес колку долг и полн со искушенија, толку во своето битие и револуционерен. Кога поетот и зборот најпосле ќе се сретнат, тие стануваат едно или сосема се разделуваат засекогаш. Зашто, мудроста е во тоа да се бара и најде вистинскиот збор; и обратно: да се сретне вистинскиот поет. Тоа е трнлив пат; тоа е процес исполнет со маглата на таинственоста. Тука бусолите на поетиките и радарите на знаењето, и кога помагаат, никогаш не помагаат доволно. Зашто хаосот на непознатото единствено го облагородува сложената, суптилна чувствителност. душата.

Таков е „Грозомор“ на Ацо Шопов. Повеќесмислена, но со кохезијата на смисловните единици во себе, од кои секоја има своја семантичко-гносеолошка структура, оваа песна фосфоресцира низа себесвојствени карактеристични состојби на поетот и неговиот збор, оној со копнеж заситен збор, за кој уште се трага, што длабоко се насетува со интуицијата на јазикот, со флуидот на неговата телеолошка неминовност. Тој збор значи што значи, а секогаш значи повеќе од тоа (Андре Жид). Бдеењето е со пороен дожд во себе, понорница со устие во бескрајот, разбранет имагинарен вруток на брегот, утка птица во пролет, лик на жена, чекор на дете, огромен камен, лузна, земја на отрови со смртоносен вкус, див апеж во крвта, пепел на сонот, сон и пепел… Грозомор!

Песната е значи лирска инвокација на тој сегде и секогаш баран и очекуван збор. Но, таа е и повод да се означат границите на нејзиното сопствено прабитие. Со други зборови, ако е таа оган, со небосечен пламен на својот врв како битие во траењето, како дело, неговата онтолошка суштина ја интересира сопствената родилна искра – оној негов прв услов на постанувањето и постоењето во светот на говорот што некогаш бил хаос. И тој врие во себе додека не ја изврие вистината за своето потекло.

Во својот естетски принцип тој содржи бескраен, недоловив стремеж за создавање по патот на пронаоѓањето на себеси од частичките не на Аполоновиот сјај, туку од Хефестовиот оган – творечки, грозничав, стравичен, а сепак убав и сосема човечен. Тој сиот се тетерави од пијанството на некое тајно злато во себе, иако облиците на прозодијата му се познати, иако неговите пронајдени зборови некако секој час се сопнуваат и преплетуваат и како да истрчуваат еден од друг, претопувајќи се и секогаш одново станувајќи оној, како што тоа магистрално го запишал Растко Петровиќ, „најтесен отвор на огромната инка“ во кој се плетат нитките на една нова хармонија, и една нова стварност, на животот, судбината.

Стремежот е овде кон извесно имагинативно рударење без мера кон едно всушност неспокојно себеразвлечување сѐ до оние задумни частички во состојбата на привидната анархија, но без која не е можен каков и да е пат кон хармонијата и каузалното устројство на нејзината естетска суштина.

Значи, се бара вистинскиот збор, се бара предокот на песната, нејзината искра, нејзиниот услов, меѓутоа, тоа не е сето она што се бара, зашто кога само тоа би се барало песната во крајното исходиште на нештата би ја изгубила својата примарна смисла и единствено, евентуално, би била предмет на други, поинакви, лингвистички и сродни на нив вредности во процесот на самоиспитувањето.

Занимавајќи се со проблемот на своето потекло, песната „Грозомор“ (а тоа би можело да се рече со помалку или повеќе отстапувања и за некои други песни од овој најнов тематски циклус), истовремено го иницира проблемот на својата уметничка судбина како постоечка стварност, како резултат на оние частички чијшто каузалитет овојпат се опредметува со своето траење. Таа е метафора на тоа траење на чијшто еден пол е минатото, а на другиот пол нејзината денешна хармонизирана, еманципирана стварност. Зашто, таа од хаосот стана – облик. Таа од неговата бесмисла (или барем привидната бесмисла) стана смисла.

Всушност, ќе речеме, хаотичната бесмисла дијалектички го отворила процесот на сопствената еманципација, процесот на себеосмислувањето и онаа длабокопонорна работа на сетилата конечно ја изведе од анонимноста, при што работата се оствари како дело. Во тоа дело присутноста на продолжената Хефестова рака од наковалото – ако се послужиме со оваа уште од Маркс насетена симболика – се вреднува со висока оценка на дијалектичката закономерност, отворајќи ги вентилите и за некои други, поинакви, критички насетувања.

Така меѓу акцијата на зборот (акцијата на јазикот) и акцијата на песната (акцијата на уметничкото дело) е поставен мостот на постојаната со ништо не нарушувана, комуникација во двете насоки, со тоа што дури од една таква творечка комуникација произлегува читателовото естетско доживување на делото. Значи, во тоа е естетската поента и на таа комуникација и на читателовата перцепција на автентичниот лак на вредностите на песната.

Ипак, да ли је песмом „Грозомор” Ацо Шопов на подручју искључивог иницирања онтолошких проблема песме, или је то подручје много више вишезначније, можда и недокучивије?

Сепак, дали со песната „Грозомор“ Ацо Шопов се ситуира во областа на ексклузивното иницирање на онтолошките проблеми на песната или таа област е многу повеќесмислена, можеби и понедофатлива?
______________________
* Овој извадок од „Уметник на песната” е објавен во Књижевне новине, Белград, 01.03.1969, бр. 348, стр. 9. На истата  страница се наоѓа песната „Грозомор” од Шопов (во превод на Сретен Перовиќ) и неговиот текст „Поетот треба да ги разбуди зборовите”, како и написите „Отворена песна”, од Александар Ристовиќ, и „Симбол на нашиот свет”, од Миланка Илиќ, студентка по стоматолигија.