Збор за зборот – Врз поезијата на Ацо Шопов*

Радомир Ивановиќ

Силата на песната на Шопов се крие во нејзината едноставност и проѕирност, непосредност и актуелност, особената лирска поезија на светот во поетот и светот што го опкружува. Благодарение на несомнената надареност и способноста за промислување за творештвото, Шопов умееше во секоја своја антологиска песна да сочува два напоредни тока на поетскиот говор – надворешниот и внатрешниот, еден кој е упатен до читателот и еден кој творецот го води сам со себе. Тој суверено овладеал со умешноста за именување и сугерирање на процесот на појавите, така што и според архитектурата на неговата песна ја догледуваме сложеноста на неговата животна и творечка визија.

Шопов сфати дека процесот на именувањето и на сугерирањето на суштината е напореден и бесконечен, односно дека во егзистенцијата на песната подеднакво се важни нејзините текстовни и вонтекстовни содржини. Окривањето на суштината непосредно е зависно од степенот на креативната и интелектуална енергија на поетот, од неговата моќ на сетилно, емпириско и, интиутивно сознавање на светот, како што сите значења и звучења на одредено уметничко дело ни одалеку не се исцрпуваат само со достапни значења и звучности. Конкретното речиси секогаш е поврзано со апстрактното, рационалното и со ирационалното, физичкото со метафизичкото, така што поетот го сочувал она што Андриќ го наречуваше „полн со живот“.

Со чудна убавина

Зборот е средиште на знаковен и вонзнаковен систем во системот на мислењето на Ацо Шопов. Тој постојано инсистира на откривање нови значења, односно на секојдневна практика на проширување на контактните зони меѓу зборовите, на нивната виртуелна длабочина. Пред деценија и пол по тој повод самиот Шопов ја забележа следнава мисла: „Станува збор за зборот, за неговата објаснувана и секогаш необјаснета моќ за миг да ни ја подотвори вратата на еден свет со чудна убавина и ред, а потоа речиси во исто време, одново да нѐ врати во животот кој привидно тече понатаму со својот хаотичен ток“.

Убавината во поезијата на Шопов не е само естетска категорија, зашто таа проникнува во сите полиња на човековиот труд, па поради тоа може да се рече дека поетот на некоја повисока теориска точка, на која „се збратимуваат противречностите“, истовремено ја заговарал идејата за естетизација и социјализација на уметноста. Неговата песна содржи многу поголем број на значења отколку што ни се чини во прв момент, зашто е познато, како што тврдеше Бранко Миљковиќ, дека одново не може да се отпее само она што е изнесено концизно. Пример на еластична инвенција на духот наоѓаме во лирскиот медалјон на Шопов „Во тишина“, кој дејствува како апофтегма:

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

Стилската доминанта на оваа песна е таканаречената „функционална недовршеност“, која шири простор за латентните значења на песните и која потврдува дека станува збор за вистински поет на тишината, односно за заговорник на „естетиката на молчењето“ – што ја предложи Сузана Зонтаг, и која е карактеристика на битието на поезијата на Шопов. Очигледно е дека тишината во оваа песна е онаа праматерија од која се раѓа зборот по непрекидниот циклус на раѓањето и умирањето.

Сон на секој творец 

Шопов заговара „естетика на молчењето“ на виспрен начин во антологиската песна „Раѓање на зборот“ во стихот што е граден во стилот на парадокс, омилена стилска фигура на поетот. Тој стих гласи – „О ти што постоиш зашто не постоиш“. Непостоењето е синоним за најпознатиот глобален или синтетички симбол на Шопов — небиднината. Во непостоењето се кријат причините за постоењето. Тие му претходат, како што на поредокот му претстои хаосот. Значи, тишината е „другата реалност“. Нејзината моќ е неисцрпна, така што она што не може го направи слабото и кревко човечко знаење, може бескрајниот свет на тишината.

Поетската супстанца на песната на Шопов полесно може да се насети, отколку да се именува. Тоа значи дека во неа постојат оние флуидни значења кои им одминуваат на напорите на аналитичкото дешифрирање и категоријалното дефинирање. Токму во тие флуидни значења се крие суштината на она што се наречува поетско нешто и што ја отежнува комуникацијата меѓу поезијата и теоријата на поезијата. Поради тоа во толкувањето и разбирањето на ваквите песни треба да се покажува крај на толеранција, зашто бројни се можностите на поинаквото читачко, па и критичко доживување.

Трагачкиот и креативниот напор на Ацо Шопов ни е близок поради слоевитоста на неговата поезија и поради духовноста на неговата визија на животот, па и визијата на уметноста. Близок ни е стремежот на поетот светот интегрално да го претставува зашто тој не ги делеше многуте, често и диспаратни функции на литературното дело. 

Шопов овлада со многу тајни на човештвото, умееше, како рече еднаш познатиот историчар по уметност Херберт Рид за Петар Лубарда, „да ја издвои тајната на убавината од природата“, и да нѐ збогати со нови видувања за светот со нови сознанија, вистини и убавини. А тоа е сон на секој творец. Но, само кај автентичен творец каков што е Шопов тој сон станува реалност.
_______________

*Текстот е објавен во Нова Македонија, 17.05.1986

_______________
Студии за творештвото на Шопов од Радомир Ивановиќ:

  • Откривање на убавината : (запис за поезијата на Ацо Шопов). — Разгледи, 1975, XVII, 1-2, стр. 112-126.
  • Откривање лепоте, во Портрети македонских писаца.— Цетиње : Обод, 1975 (Винковци : Искра), стр. 21-32.
  • Откривање лепоте (Запис о поезији Аце Шопова). — Летопис матице српске, 1976, 152, 417, 1, стр. 110/120 [По повод Одбраните дела на Ацо Шопов, во издание на Мисла, 1976
  • Откривање на убавината : за поезијата на Ацо Шопов. — Портрети на македонски писатели. — Скопје : Мисла, 1979, стр. 36-48.
  • Зборот и смислата во поезијата на Ацо Шопов—  Културен живот, 1985, год. XXX, бр. 9-10, стр. 36-40
  • Откривање лепоте – естетска опредељења Аце Шопова”.— Живот, 1986, XXXV, 3-4, стр 366-374
  • Зборот и значењето— Трета програма Радио Скопје, 1986, бр 25
  • Поетиката на Ацо Шопов— Трета програма Радио Скопје, 1986, бр 25, стр 237-252
  • Глобалниот систем Небиднина во поезијата на Ацо Шопов.— Развиток, 1986, XXIII, 6-7, стр. 386-393
  • Збор за зборот – Врз поезијата на Ацо Шопов.—  Нова Македонија, 17.05.1986
  • Јесноставни песник тишине – педесет година од прве објављење пјесме Аце Шопова.— Борба, 12-13.07.1986
  • Poetski govor Ace Šopova— Izraz, 1986, XXX, 1-2, str. 40-57
  • Reč i smisao u poeziji Ace Šopova.— Govor dela: studije i ogledi o makedonskoj književnosti / Radomir Ivanović. — Beograd: Novo delo, 1986, str. 106-106
  • Зборот и значењето— Избор од поезијата / Ацо Шопов (избор и предговор: Раде Силјан).— Скопје: Македонска книга, 1987.— стр. 199-220
  • Поетскиот првенец на Ацо Шопов и проблемот на генерирање на литературниот текст“. — Дело 74, 1987, XIV, 6, стр. 511-532.
  • Љубовта, трајна преокупација —  Поетската природа на Ацо Шопов.—  Нова Македонија, 24.10.1987
  • Реч и смисао у поезији Аце Шопова.— Сознајните апекти на книжевноста / XXI и XXII Рацинови средби, Титов Велес, 1984/85.— Титов Велес: Совет на Рациновите средби,  1987.— стр. 26-40
  • Енергијата на поетскиот говор.—  Нова Македонија, 21.09.1994
  • Тишина као извор латантне енергије поетског говора: реторика тишине у делу Аце Шопова и Бранка Миљковића, Кровови, Сремски Карловци, бр.33-34, 1995
  • Поетски првенац Аце Шопова и проблем генерирања књижевног текста. Македонске поетске вертикале— Нови Сад: Змај, 2003, стр. 337-354
  • Филозофија и психологија стварања Аце Шоповаin Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005
  • „Поет и профет Ацо Шопов“ (студија посвећенa поетском алегоризму и трансформацији симбола у циклусу „Молитви на моето тело“) / најављен на Научној конференцији Међународног семинара за македонски језик, литературу и културу у Охриду (половином августа 2003. године)/ да се провери