This post is also available in: Serbian

Зборот и смислата во поезијата на Ацо Шопов *

Радомир Ивановиќ, српски и црногорски есеист и теоретичар на книжевноста

Радомир Ивановиќ

Филозоф по струка, суптилен лиричар по природа, Ацо Шопов му припаѓа на оној ред еминентни творци на нашето време кои креативниот чин му го претпоставуваат на теориското размислување. Меѓутоа, неговите теориски размислувања мошне се драгоцени во процесот на конституирањето на експлицитната и иманентната поетика, бидејќи поетот со нив настојува што попрецизно и што појасно да го соопшти својот поглед на светот и со тоа да го помогне непосредно, и како творец и како мислител, толкувањето и разбирањето на уметноста воопшто, па и толкувањето и разбирањето на сопствениот поетски опус. Затоа секој вид сериозна естетичка и поетолошка анализа мора да ја има предвид најшироко сфатената филозофија на создавањето на поетот.

Во тој контекст посматрано, со право може да се заклучи дека постои нагласен процес на координација на основните филозофски, естетички и поетолошки премиси, од една, и разновидните креативни искуства, од друга страна, во дискурсот и поетската слика на Шопов. Глобална идеја во неговиот систем секако претставува инсистирањето на органската поврзаност на егзистенцијата и уметноста, односно на уметноста и другите области на духовните дејности. На средишната линија меѓу симболистичкиот онтолошки концепт за поезијата на Маларме и неосимболистичкиот егзистенцијален концепт на Боске, несомнено Шопов му е поблизок на егзистенцијалниот, затоа што тој на прв план ја истакнува идејата за поетскиот говор како облик на трагање по суштината на егзистенцијата, со многубројните појавни и латентни законитости во неа. Поезијата како автономен облик на моделирање на светот, не помалку значаен од другите облици, претставува и примерен и прикладен начин за откривање на најдлабоката смисла на нашето постоење.

Како Банко Миљковиќ, со кого го сврзуваат многу сродни погледи на светот на уметноста, и Шопов во ниеден момент не се сомнева во смислата, моќта и трајноста на поезијата, зашто нејзина превосходна задача е да воспостави нов поредок на вредностите, нов начин на комуницирање и истовремено да создава нова читателска чувствителност, благодарение на способноста за природно еволуирање и за перманентно иновирање. Имајќи ја предвид изменетата положба на поезијата во современиот културен модел, Миљковиќ по тој повод ќе забележи:

„Денес поезијата има полно право да биде обземена од себеси, зашто го има надминато чисто техничкиот степен во својот развој. Таа престана да биде вештина на пишување и стана вештина на живеење. Тоа воопшто не значи дека таа денес помалку е врзана за зборот отколку некогаш. Напротив, нејзината судбина сега е неделлива од судбината на јазикот. Но, таа веќе не ги сфаќа зборовите како средство за комуницирање и конверзација, туку како средство за докажување и откривање на битието“¹.

Меѓутоа, за разлика од Миљковиќ, чија верба во неопходноста и моќта на поезијата донекаде е разнишана во втората фаза на творештвото, Ацо Шопов останува доследно при веќе искажаната глобална идеја. Од почетокот на книжевното создавање (1937) па до смртта (1982) оваа идеја од година на година е зајакнувана. Своите сознанија и творечки искуства тој ќе ги соопштува повеќе пати во различни поводи, во вид на поетски апофтегми, како елементи на одреден кохерентен систем на мислење. „Песната не е самосвест за езгистенцијата, таа е и свест за себеси, и поради тоа се и потврдува и остварува во непрекинат судир и со стварноста и со себеси. Со други зборови, таа е свест за непрекинато менуваната човечка стварност на сопственото битие“, напишал Шопов по тој повод².

Eјдетски начин на мислење

Теориската мисла на Шопов не се занимава само со егзистенцијата, туку и со есенцијата, со што непосредно покажува дека не ја двои многукатната сложеност на оваа проблематика. Најнапред тоа се однесува на истовременото посматрање на рационалното и ирационалното, потоа на прашањето на односот на емпириското и интуитивното, конкретното и апстрактното, општото и поединечното и за многу други прашања. Посебно е значајно што не ја двои „надворешната“ од „внатрешната“ природа на песната, што непогрешливо ја дефинира суштината на поетското, оние тешко достапни иманентни својства на поезијата. Творечкиот субјект истовремено е дел од конкретната стварност, но тој кореспондира и со „друга стварност“. Затоа делумно се точни некои од забележувањата на современите македонски естетичари и критичари, кои се занимавале сериозно со проучувањето на поезијата на Шопов, дека во неа, „како да нема конкретна житејска супстанца“ (Георги Старделов), зашто очигледно се работи за еден специфичен, априорно промислен процес на транспозиција и трансцеденција. Токму таа постапка ја прави автентична поезијата на овој поет. Неговата моќ за селективно прикажување на стварноста е проткаена со субјективна и комбинирана моќ да го редефинира постојниот свет со помош на имагинацијата и контемплацијата, а релативно новиот да го консултира, овладувајќи со она нужното умеење за именување и сугерирање на процесите, појавите и предметите.

Опфатноста на пристапот на Шопов кон оваа проблематика укажува директно на дијалектичката основа на неговиот систем на мислење. Уочувајќи голем број биполарни дихотоми и во сферата на егзистенцијата и во сферата на книжевната уметност, тој се обидува да му ги презентира на читателот најнапред како саморазбирливо исходиште, а потоа и на некој повисок степен на размислување да ги помири тие спротивности во можна мера (се работи за изнаоѓање на онаа „енергетска точка во која се братимат противречностите“). Сите тие интелектуални и креативни настојувања Шопов гледа да ги обедини, било на логичко-дискурзивен, кој е поприспособлив на првата, било на ејдетски начин на мислење, кој е поприспособлив кон творечкиот чин, односно кон втората категорија. Притоа, тој е длабоко свесен дека не е можно аподиктички да се дефинира самата суштина на проблемот со кој се занимава, зашто таа постојано им се измолкнува на нашите сознанија и искуства, и на интуитивните и на емпириските. Во тој поглед Шопов е истомисленик со нобеловецот Часлав Милош, кој секое свое остварување го смета како „аванс на неисполнето дело“.

За да ги преодолее во што поголема мера ограниченостите на пеењето и мислењето, Шопов страсно и до крајни граници на интелектуалните и творечките моќи ѝ е предаден на поезијата, за разлика од многубројните полиграфи во македонската книжевност (Јаневски, Конески, Тодоровски, Матевски, С.Ивановски, Р. Павловски, П. М. Андреевски и други). За Шопов поезијата е „духовна биографија“, „вистински живот“, и можност за дијалог со светот во себе и во светот околу себе. Таа преданост на реалната и имагинарната моќ на поезијата се гледа најнапред во фактот дека поетот ја усвоил валериевската теза за несовршеноста на јазикот. Таа е предуслов за секоја творечка авантура, па и мислење, општо земено, бидејќи Валери со право тврди дека совршенството на јазикот би означело крај и на пеењето и на мислењето. Тој исто така тврди, а Шопов го дели тоа мислење, дека јазикот е поприспособлив на поезијата отколку на анализата, зашто сликата е многузначна, а категоријалното мислење е еднозначно, така што таа постојна дискрепанција априорно ги определува изразните можности, а со тоа и силата на изразноста на секоја од двете споменати дејности.

Инсистирањето на Шопов на „творечката авантура“ мора да се сфати како засилен степен на одговорност на творецот, зашто одговорноста на поетот пред себеси и пред светот е стара колку и самата уметност, поради тоа што поезијата е полифункционална. Поради тоа тој повеќепати ќе ја истакнува тезата дека песната е поважна од поетот („Поезијата е победа над поетот“). Со тоа не само што суптилно ја започна вонредно богатата и разновидна проблематика со која се занимава филозофијата на литературата и естетиката, туку и проблематиката со која се занимава психологијата и психолошката естетика (психологијата на создавањето). Како наследник на медитеранскиот културен ареал, Шопов укажува на разликата меѓу процесот на создавањето и процесот на остварањето при што е доминантен првиот процес. Со желба да надмине многу недоречности и непрецизности, во трагањето по суштината на поезијата, тој користи знаења од различни области, за да се обредели, на крајот од сумирањето на сите животни и творечки искуства, за – интегрална слика на светот. Шопов во текот на целиот период на сознавање чувствувал длабока потреба за интегрално претставување на светот.

Во средиштето на севкупното интересирање на низа тајни на егзистенцијата и на уметноста. Не се работи за обновен романтичарски мит, кој често му е импутиран и во теориска линија и во пројавување на оној облик на духовност со чија помош таа цел, макар и хипотетично, може да се оствари. Можно е Шопов да ѝ дава на поезијата пренагласено значење, кое таа го нема во современиот културен модел, но веќе само по себе тоа хиперболично потенцирање на нејзината функцчија содржи во себе нешто поетско. За тоа поетот го вели следното:

„Моето досегашно поетско искуство ме учи дека вистинската поезија е свест за онаа скриена тајна, многузначна и докрај неодгатлива смисла на животот, понирање во оној ред на нештата што се наоѓа некаде длабоко закопан под хаотичноста на појавните облици. Тоа е предизвик за патување во неизвесноста, кон непознатото, тоа е клуч што ги отвора вратите на оној чудесен свет кој ако веќе еднаш во него се навлезе може да нѐ доближи, да ни ги објасни и да ни ги направи прифатливи суштинските прашања на времето во кое конкретно живееме, и на времето во кое животот како таков се одвива и тече. Од ова пак произлегува дека поезијата не е, ниту може да биде чисто, или само естетско доживување, дека е таа истовремено и конкретен активен однос и етички став кон битните проблеми на животот, па според тоа таа е и свест и совест во една интегрална естетска целост“³.

Апсолутна поезија

За да не го симплифицираме мислењето на поетот и за да не се служиме арбитрарно со одредени категории, сметаме дека најнапред би требало да се постави прашањето: за каков однос и сооднос на естетичкото и етичкото се работи во „една интегрална естетска целина“? Се работи ли за обновена премиса на поетиката на меѓувоjнената социјална или антифашистичка литература, под чија закрила поетот ја почна својата книжевна афирмација (1938), или за една од средишните премиси на повоената поетика на социјалниот или социјалистичкиот реализам, на кој му припаѓа поетот со збирките поезија Песни (1944), Пруга на младоста (1946) заедно со Славко Јаневски, На Грамос (1950) и Со наши раце (1950).

Очигледно е дека не се работи за тоа. Размислувањето на Шопов се стреми кон онаа висока точка на вкрстување на многубројните функции на поезијата, на која „естетскиот критериум станува морален критериум за поетот“. Наведениот цитат го открива малармеовскиот сон на Шопов за „апсолутна поезија“, а со тоа како да доведува во сомнение некои од определбите во кои веруваше беспоговорно. Меѓутоа, неопходно е да се заклучи дека поетот сосема реално укажува на мноштвото лимитирачки услови, и автономни и хетерономни, во процесот на настанувањето, на определен стремеж за самосовладување и преовладување на слични ограничености, за да се допре до подлабока осмисленост и до таканаречениот вкрстен контекст на песната, контекст во кој поетот сместува и определен број понекогаш синхрони, а понекогаш диспаратни функции. Тоа е познат процес на сублимација на споменатите функции.

Пресуден за натамошна егистенција на поезијата е нејзиниот константен стремеж кон повисоки естетички дострели и кон природно обновување на поетскиот говор. Така остварена, автентичната песна може и реверзибилно да осмисли определен број од своите функции. Меѓутоа, без оглед на тоа дали се работи за свесно или за несвесно настојување на поетот, зашто во процесот на настанувањето на песната се пресудни обата, се покажува, според мислењето на Шопов, дека тие високи уметнички дострели не зависат исклучиво од интелектуалните и креативните моќи само на одделен творец туку, непосредно, и од моќта на колективното паметење и искуство, од онаа сума на материјална и духовна култура што тој ја наследува како наследство. Со еден збор, песната зависи од културниот модел во кој се јавува како еден од духовните производи и од култивираноста на јазикот на кој се раѓа.

Антрополошката теорија на Ацо Шопов се покажува токму на оваа точка, зашто поезијата е наменета на човековите духовни и егзистенцијални потреби. Затоа таа е универзална по својот карактер, та во тој поглед размислувањето на Шопов за книжевната уметност е изразито космополитски. И зборот како изразно средство има универзален карактер, како што непосредно сведочи и самиот поет: „Зборот е единствениот клуч со кој може да се отворат проблемите на човековата егзистенција, отуѓеноста и сите други витални проблеми на денешнината“⁴. Во таа светлина посматрена, станува појасна мислата на Шопов дека големината на еден народ се мери само според неговиот придонес за својата и за општочовечката култура, што претставува, всушност, парафраза на познатата филозофема на Гоце Делчев.

Животност на поезијата

Полифункционалноста на зборот како знак, феномен, или симбол е една од универзалните идеи на овој поет. Притоа тој го има предвид и нејзиното историско и нејзиното трансисториско значење, зашто како што мислат некои од книжевните аналитичари кои се занимаваат со проучување на филозофијата на литературата, знаењето за книжевното дело во голема мера е и знаење за сѐ што постои. Тоа значи дека ако филозофската интерпретација на книжевното дело им е препуштена на способни мислители, таа секако нема да остане само во рамките на книжевноста, а тоа води кон пречекорување на книжевните рамки и проширување на кругот на референци што го остварува книжевното дело, посредно и непосредно. Поетот се стреми, макар и хипотетично кон „собирање на целокупното човечко искуство во времето“ (Миливој Солар)⁵, а тој негов стремеж не се гледа само во деструирање на постојните книжевни облици, туку и обидот за деструирање на постојните облици на мислење.

На прв поглед ова настојување на поетот како да укажува на процесот на „сциентификација на поезијата“, но, според нашето мислење тоа е само продолжен вид, на донекаде модифициран поетски говор, со иста целност. Ацо Шопов, сосема сигурно, не се стреми кон идеалот на строга научна објективност, но во неговата субјективна проекција има доста методичност, која е резултат и од претходна подготовка и избор на начинот за соопштување на опсесивни теми и мотиви. Рефлексијата во целата поезија има дотолку поголема вредност доколку се земе како еден од стожерните елементи (теоретичарите би рекле – парадигматска оска) на модерноста на неговата лирска експресија. Така се покажува дека и логичко-гносеолошкиот круг прашања во експлицитните изјави и иманентното значење на неговата поезија се дел од единствена целина. Навистина, многу од тие прашања не се сосема елаборирани, значи, не се исцрпени, но тие се доволно индикативни да ги покажат поетовите духовни и креативни преокупации, динамичката творечка кореспонденција меѓу нив, со оглед на фактот дека се посветени на ист круг егзистенцијални, онтолошки и гносеолошки проблеми. Хеуристичките начела, за кои повеќе ќе стане збор подоцна, сами по себе се наметнуваат во обидот да се допре до идејата и сликата на Шопов.

Во песната „Спознање“, Добриша Цесариќ зачудено стои пред животот „запознавајќи му ја мудрата двојност“. За таа „мудра двојност“ и експлицитно и имплицитно сведочи Шопов, настојувајќи да не ја редуцира стварноста и на тој начин да не одзема ништо од „полноста на животот“. Бранејќи го принципот за „животноста на поезијата“, тој децидно го соопштува своето мислење за сосема конкретна животна, културна и книжевна ситуација. Позната е тезата на Шопов за тоа дека книжевниците доаѓаат во книжевноста или од културата или од животот, и дека во тоа всушност лежи тајната на успехот и актуелноста на нивната поезија. Шопов при тоа ја имал на ум сосема конкретната ситуација – историското минато на македонската култура и уметност, така што во таа сфера се покажува целосна согласност на мислењата со другите македонски творци, во најширок лак – од прашањето на ентитетот на македонскиот народ и самостојноста на македонскиот јазик до современите книжевни остварувања.

Традиционално – модерно

Поетот е дециден во мислењето дека човекот е „временит по својата природа“. Минатото го интересира само како можност за толкување на сегашното, а сегашноста како можност за толкување на иднината, зашто, како што пишуваше Томас Ман, „иднината подготвува многукатност“⁶. Секое автентично поетско творештво е наменето на иднината, но тоа во себе крие и длабоки археолошки слоеви (на звучење и значење), архајска етимологија која мошне придонесува за модерноста на изразните средства, дури и кога се работи за крајна авангарда. Јазикот, значи, го помага континуитетот на творештвото, та секоја иновација на книжевната уметност е само релативна. Познато е, исто така, дека книжевното наследство не е „куп мртви факти“, туку дека тоа, во сообразност со новиот културен модел и со новоосвоените парадигми, се реинтерпретира на начин кој му одговара на новиот сензибилитет.

Дијалектичноста на мислата на Шопов се потврдува со неговото еднакво интересирање за синхронијата (систем) и за дијахронијата (развој), бидејќи создавањето е континуиран процес. Целиот национален или наднационален книжевен корпус тој го посматра како целина. Определувањето за модерните облици на книжевното изразување, бунтот против скаменетите форми на книжевното изразување и постапки не значи само по себе негирање на книжевното наследство. Како Блаже Конески, Шопов во размислувањето за односот традиционално-модерно покажува профинета инвенција на духот, толерантен став за спротивните мислења, како и способност за прифатливо воопштување. За својот однос кон традицијата Шопов пишува:

„Не само мојата, туку и целата модерна македонска поезија, потекнува од народна поетска традиција, истите подоцнежни поетски генерации се учеа на поетското кажување од таа мошне богата поетска ризница. На самиот почеток, јас бев под директно влијание на народната песна, бев буквално нејзин роб. Подоцна, колку повеќе растев како поет, сѐ повеќе се ослободував од тоа директно влијание, и станав она што сум денес, но длабоко чувствувам дека и мојата сегашна поезија е врзана со суптилни нишки за едно сознание и за еден тон на народната поезија, кој и дава суштествен белег и ја прави автентична, самоникната и секогаш свежа и млада“⁸.

Во филозофијата за создавањето на Шопов ова мислење ги дополнува претходните и е во целосна согласност со нив. Поетот, значи, не ја опишал само сопствената поетска биографија, туку навлегол во некоја подлабока смисла на самото создавање, согласувајќи се со мислењето дека „искуството на песната му претходи на искуството на поетот“.

Веќе цели три децении трае радијацијата на поетското творештво на Ацо Шопов, не само во македонскиот и југословенскиот, туку и во балканскиот и европскиот културен и книжевен простор. Тој е познат како творец на интимизмот, „чист лиричар“ [според Димитар Митрев], создавач на флуидна лирска атмосфера, префинет мајстор на јазикот во најуспешните збирки поезија, поет на модерната транспозиција, кој ѝ отвори нови патишта на младата македонска поезија, заедно со Славко Јаневски, Блаже Конески, Матеја Матевски, Анте Поповски, подоцна Paдован Павловски, Петре М. Андреевски и други. Тој е најзаслужен, посматрано и хронолошки и од становиштето на примената на новите творечки искуства, што е прекинато со „матрицата на фолклорното пеење“, но на својата припадност на „колективното пеење“ укажуваше затоа што ги имаше предвид оние прикриени тајновите слоеви на својот израз, содржани пред сѐ во архаичната симболика, митопеизмот и ониризмот, потврдувајќи го уште еднаш усвоеното поетско мислење дека некаде назад е исходиштето за напред. Тоа најдобро го илустрираат неговите најуспешни збирки Слеј се со тишината (1955), Ветрот носи убаво време (1957), Небиднина (1963) Гледач во пепелта (1970) и Песна на црната жена (1976), преполни со нова лирска сугестивност и медитација.

Автентично уметничко создавање

Љубопитниот читател ќе забележи дека Шопов е заговорник на процесот на естетизација и панкалистичка ориентација, но и на своевидна социјализација на уметноста. Тие два процеса не можат да претставуваат цел сами за себеси, зашто, како што веќе е кажано напред, книжевната уметност не смее да запоставува ниедна своја функција, што ја остварува посредно или непосредно. При тоа би требало да се напомене дека дискурсот на

Шопов не е сосема лишен и од сликовит поетски говор, така што некои од неговите мислења содржат богати контекстуални значења (една од таквите синтагми е, на пример, трагање по неискажливото), та аналитичарот во процесот на елаборирањето мора да ги толкува според доминантното значење и во согласност со најшироко сфатениот систем на поетско мислење, со неговата филозофија на создавањето.

И во теориската и во креативната сфера, Шопов е воден континуирано од два принципа: од творечкиот активизам и од афирмацијата на животните вредности, во кои меѓу првите го вбројува и автентичното уметничко создавање кое, доколку е поавтентично дотолку е посилно и поопфатно ги извршува сите свои, само на изглед диспаратни функции.
__________________________

¹ Многу занимливи размислувања за природата на поезијата читателот ќе најде во понесено пишуваниот оглед на Бранко Миљковиќ „Орфејско завештување на Ален Боске“, француски авангарден поет, со кого Миљковиќ бил пријател. Огледот е објавен во белградското списание Дело (бр. 7. 1960), а цитиран е според изданието на Собрани дела на Миљковиќ во пет книги (Градина, Ниш, 1972, кн. 4, стр. 193—201).

² Оваа мисла Шопов ја соопштил во новинскиот разговор со Миодраг Друговац „Песната е свест за непрекинато менуваната стварност“, објавен во белградскиот весник Књижевне новине (бр. 371, од 15 август 1970, стр. 12). Автономноста Шопов ја истакнува дистингвирајќи ја од другите области на духовните дејности („Поезијата не е ни етика ни филозофија“), но тие се преплетуваат, така што некои од филозофските категории, според мислењето на поетот, се „вплотени во естетското битие на песната“.

³ Цитатот е земен од трудот на Тодор Чаловски: „ Шопов: Поезијата е предизвик за патување кон непознатото“, објавен во скопското списание Културен живот (год. XXVII бр 4-5, 1982. стр 41-43). Основното поетово настојување е со својата поезија да укаже „на некои сегашни и досегашни заблуди и предубедувања“.

⁴ Ѓоко Поповски во скопскиот весник Нова Македонија (од 28 јуни 1970, стр. 8) објави разговор со Шопов: „Со отворени очи околу себе“, во кој има доста занимливи мислења на поетот.

⁵ За односот на филозофијата и книжевноста занимливо пишува Миливој Солар во книгите Книжевната критика и филозофијата на книжевноста (Школска књига, Загреб, 1976) и Увод во филозофијата на книжевноста (Библиотека, Загреб, 1978). Во првата книга особено заслужува внимание завршниот дел „Хоризонти и цел на филозофијата на книжевноста“ (стр. 163-197), а во втората уводниот дел „Идеја на филозофијата на книжевноста“ ст. 9-23) и седмиот дел „Филозофска интерпретација на книжевното дело“ (стр. 111-123).

⁶ Истакнувајќи ја врската меѓу творештвото и суштината, Маркс во Париски ракописи запишал: „Човекот ја присвојува својата универзална суштина на универзален начин. Колку повеќе средина човекот може да присвои сетивно, душевно и духовно дотолку е посестрано ова прифаќање, дотолку е поинтензивен тоталитетот на човековата личност“.

⁷ Во програмскиот текст „Еден опит“, објавен како предговор на збирката Стари и нови песни (Стремеж, Прилеп, 1979. стр. 5-21) Блаже Конески запишал: „Во врска со сето ова, како податок за себе, ќе кажам дека меѓу моите текстови има малку такви што се сврзуваат по метафорика и метрика, и воопшто по изразните својства, со македонската народна поезија, т.е. што се пишувани, по обичното велење, во духот на народната поезија. Уште од самите почетоци јас сум обраќал поголемо внимание на говорниот јазик и сум барал за него простор во стихот. Сепак често самиот си се замислувам како човек што тукушто го напуштил брегот на оралната поетска традиција“.

⁸ Книжевникот Ненад Радановиќ, во сараевскиот весник Ослобођење (од 14 октомври 1978, стр. 11), објави разговор со Шопов „Границите на слободата се граници на поетското творештво“. Во продолжение Шопов го резимира ова мислење на следниов начин: „Ете, така моето поетско творештво постепено се ослободуваше од директното влијание на народната песна, за на крајот да се стопи со неа на едно повисоко творечко ниво“. Според мислењето на поетот, надминувањето на традицијата не значи и целосен раскин со неа.

______________________

*  „Зборот и смислата во поезијата на Ацо Шопов“. Културен живот, 1985, год. XXX, бр. 9-10, стр. 36-40
Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов.
______________________

Радомир Ивановиќ е автор на монографијата Reč o reči: poetika Ace Šopova. Beograd: Novo Delo, 1986.- 172 str., објавена на македонски под наслов Поетиката на Ацо Шопов, во превод од српскохрватски ракопис на Милан Трајков, во издание на Македонска ревија, 1986, 188 стр.

Студии за творештвото на Шопов од Радомир Ивановиќ: