This post is also available in: Serbian

Откривање на убавината*

Радомир Ивановиќ, српски и црногорски есеист и теоретичар на книжевноста

Радомир Ивановиќ 

Без оглед колку поетот ги надраснува своите први поетски обиди [Песни (1944), Пруга на младоста (со Славко Јаневски) (1946), На Грамос (1950) и Со наши раце (1950)], веројатно со еден дел останува сврзан за нив, дури и тогаш кога со задоволство многу од тие поетски првини би изоставил од својот целокупен поетски опус. Тоа „отстранување“ на поетските првини кај одделни поети е можно. Кај други, меѓу кои спаѓа и Ацо Шопов, еден од втемелувачите на повоената македонска поезија, автор на бројни поетски книги (1), тоа не е можно зашто постои органска поврзаност, заеднички тек од првите до последните  објавени песни.

Во изборот на критериумите и примената на методите со кои поетот најдоследно ќе биде претставен, многу е важно составувачот на изборот (како што тоа го сторил Старделов во последниот избор) да ги одбере основните конституенти на неговиот опус. Старделов се определува поетот да го претстави во сите поетски фази (патриотско-револуционерна, интимистичката и солипсистичката), а врз основа на тоа што следењето на генезата на Шопов може да придонесе за поцелосно сфаќање и прифаќање на сите особености на неговата поезија. Затоа последниот избор е започнат со песната „Очи“, а продолжен е, со целосно почитување на хронологијата на објавувањето, со циклуcите: „Слеј се со тишината“, „Ветрот носи убаво време“, „Небиднина“, „Гледач во пепелта“ и „Африкански мотиви“.

Старделов сметал дека ригорозен литературно-критичарски избор може да биде задоволен со истовременото почитување на линиите на природниот развој на поетовиот талент. Со тоа изборот исполнил повеќе функции, зашто ако беше поетот претставен само со песни од последната фаза на своето творештво, претставувањето би било очигледно еднострано. Вака, направена е вертикална литературно-естетска валоризација која подразбира определен критичарски инструментариум. Во неодамна објавената антологија на современата македонска поезија, најнова антологија во низата повоени антологии Четири поетски круга (2), Старделов го претставува Шопов со две песни од завршниот циклус, иако тие се помалку карактеристични за Шопов од песните, на пример, во книгите Раѓање на зборот [избор] и Небиднина.

Сизифовскиот чин на креацијата

Во поезијата на Ацо Шопов наоѓаме богат чувствен и интелигентен свет. Во какви ли сѐ не облици и видови, во какви поводи не се изразува сопствениот свет („Убавината“) или своето видување на светот. Новото сознание, често хипостазирано, соопштено е во вид на парадокс, по кого Шопов трага љубопитно и со страст, сметајќи го за еден од видовите на најдлабокото манифестирање на суштината:

Се што гасне во зеница сјае
(„Промената“)

и преку многуте други слични примери:

закопај го во длабока тишина – тишината сама ќе го рече.
(„Во тишина“)

Поетската слика секогаш е градена на нова медитација. Функцијата на метафоричното и функцијата на рефлексивното во песната понекогаш се диспаратни, зашто водат кон дисперзија на читателовото доживување и опсервации (убавината е „тоа диво во крвта завивање“). Читателот од првиот стих на сите песни чувствува дека поетот е чист лиричар, дека не се задоволува само со сликата, туку истовремено се обидува филозофски, естетички и етички да го изрази својот став за животот. Тој не се задоволува со успешна песна ако е таа успешна само во едно од овие рамништа. Оттаму не е лесно да се следи поетот во сите негови дилеми, зашто некои од нив се нерешливи. Како ретко кој од македонските поети, Шопов поставува и остава мноштво отворени прашалници. Тоа е особеност на првата повоена генерација македонски поети (Конески, Јаневски и други).

Незадоволен од моќите поетови, Шопов го покажува сизифовскиот чин на креацијата, што го потцртува меланхоличниот фон на неговата поезија, бидејќи со поетското проклетство, чест реквизит на романтичарските поети, не може доволно логички убедливо да се оправда таа немоќ. По таквото определување Шопов е сличен на Матевски, но нивниот однос спрема убавинага и хармонијата во основа е различен (заеднички им е само предметот на интересирање). Во сѐ страстен и ангажиран, Шопов убавината ја чувствува нагонски („ѝ кликнувам пак на убавината: Прострелај ме со своите лачи!“ во песната „Убавината“). Тоа е видливо во песната „Убавината“, а особено во песната „Ах таа убавина“, со оглед на тоа што за таа неисцрпна тема никогаш не може да има доволно песни (во песната „Ветрот носи убаво време“ поетот вели: „Убавото е убаво и поминува“).

Убавината е „Вечна притаеност и вечно откривање.“ Според тоа, дијалектичкиот процес на откривањето на убавината е аналоген на останатите сознајни процеси, а специфичен е во тоа што откривањето implicite го подразбира и создавањето на убавината, со сопствена песна. Поетот е детерминиран од митолошкото незадоволство со оствареното. Шопов како да го продолжува античкиот мит зашто создавањето е (симболот е Хефест) поважно од оствареното (симбол е Аполон), а уметноста е, како што пишуваше Маркс, најубавиот подарок што човекот може себеси да си го подари. Магијата на уметноста всушност и се состои во тоа непрекинато откривање на новите значења.

И кога доминира песимистичката визија во поетската слика на Ацо Шопов, евидентно е дека творецот не се одречува од макотрпната работа на непрекинатото откривање и создавање на убавината. Асоцијациите што притоа Шопов ги изразува и што истовремено ги предизвикува кај читателите, се од таков вид што оставаат длабока трага, влечат кон размисла и не се завршуваат со премин на нова поетска тема или мотив. Потребен е значителен интелектуален напор за да се изврши идентификација со сите душевни и духовни енигми на поетот, односно со енигмите заеднички за сите творци, под непрекинатиот поглед на „двете будни очи на вистината“. Со сигурност може да се тврди дека бројните прашања на егзистенцијата Шопов ги поставува од најдлабоката човекова потреба, а не само поради поза, празна виртуозност, игра на творечкиот дух.

Загриженоста, меланхолијата, вистинското и вдахновено страдање, зрачат често од стиховите на Ацо Шопов, како во песните во кои страдањето е единствена содржина, така и во останатите песни во кои на посреден начин доаѓа до тешко решливи онтолошки и гносеолошки одговори. Песната „Ах таа убавина“, поетски поинаку интонирана, поживо и понепосредно сведочи за неподмитливото минување на времето од песната „Младост“ во која мотивот на минливоста е превосходен мотив. Тоа истовремено сведочи и за нерамномерниот уметнички домет на избраните песни, како и кај другите македонски поети, било тие исклучиво да пишуваат медитативнa лирика, било дескриптивна, било херметичка, симболистичка лирика итн. Со својата поетика Шопов им се придружува и на оние поети чија поетика е срасната со поетиката и духот на народното творештво (по тоа Шопов е најсличен на Јаневски и Конески). Мошне многу постапки се преземени од народното творештво (во песната „Кон галебот што кружи над мојата глава“).

Од тематскиот круг песни посветени на загатката-убавина, се раѓа нов круг песни, потесно поспецифично дефиниран. Тоа е кругот на песни за зборот, во циклусот „Небиднина“. Во уводната песна „Раѓање на зборот“, зборот е Феникс, симбол на раѓањето и умирањето:

О ти што постоиш зашто не постоиш,
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
зборот што ги крши сите слепоочници.

Во следната песна од истиот циклус „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, поетот бара „збор што личи на обично дрво“, збор од кого „несвесно крвта почнува да боли“,„вистински збор“, збор на лелекање, раѓање, утеха, досега неизречен, можеби неизречлив! Зборот во поезијата на Ацо Шопов е како неговото тело што како мост стои меѓу два брега (смислата и бесмислата). Таквиот збор е „на нестварни желби стварен светилник“. Сите „Молитви на моето тело“, во еден од несомнено најубавите циклуси што ги има напишано Шопов, подредени им се на вербата и излегувањето од темниот вилает на немоќта на зборот. Предимензирајќи го неговото значење и сомневајќи се во она што верува, Шопов моли:

Зар ќе исплoвиш од ова тело, од овој темен вител,
танчарко на сите подземни, сите нескротени води.
Ти си само овде како прастар жител
и играш врз ова тело гневно што те роди.

Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима
цел живот патуваме од еден до друг,
и секој го крие она што го има.
(„Петта молитва на моето тело“)

Црвената книшка на поетовото определување не може да се извлече само од една песна, или од дел на песна, со оглед дека можат да се најдат примери и за сосема спротивни уверувања, па критичарот е во опасност да ја запостави целината во корист на единечностите. Тоа, меѓутоа, не значи дека поетот помалку актуеализира некои од егзистентните прашања на денешнината, без оглед колку е таа дел од неговата хармонија со светот, а колку претставуваат дисонанца во неа.

Во некои песни претежнува лермонтовско-есениновско чувствување на незаобиколното страдање, предопределеност за страдање:

Не слетувај галабе мој,
врати се пак во јатото.
Јас сум лотка, осудена
на судир со непознатото.
Кон галебот што кружи над мојата глава«)

Од таквите песни се јавува нова димензија на лирскиот портрет на Ацо Шопов. Би можело да се помисли дека поетот, во манирот на времето ѝ подлегнал на оштата инклинација на македонската поезија, дека немал сили да ѝ се спротистави и да остане доволно самосвоен, дека на временските прилики, на литературната и духовна клима ѝ прилагодил една од карактеристиките на својата творечка природа. Меѓутоа, кога ќе се има предвид дека Шопов во прв ред е поет на носталгични и меланхолични расположби, и во песните со виталистичка поетика, јасно е дека (такви песни има во широк временски распон од три децении, и во изменети услови), тоа не е само „прилагодување на времето“, долг на литературниот маниризам, туку сосема пригодна прилика поетот да ја покаже својата вистинска творечка природа и доминантните поетски преокупации, кои понекогаш се поклопуваа со општите текови и струења на поезијата (како во фазата на есенинската интонација во македонската поезија), а понекогаш диспаратно отскокнуваат од тие текови и струења. Поетот е неприкосновен, па не треба лесно да се поистоветува со сè со кое доаѓал во допир, иако не треба да се посматра ни изделено од општествените рамки во кои дејствувал. Така дојдовме до заклучокот дека една законитост различно се одразувала на одделни македонски поети, во зависност од нејзината природа и творечка моќ.

Шопов го избира и динамизира секој детаљ. Неговата песна, меѓутоа, секогаш не е подеднакво податна за анализа. Некогаш таа нуди мноштво податоци за доизградување на нејзиниот свет, а некогаш, со апартноста и музичката фраза, тешко подлегнува на интерпретација. Во двата случаи таа никогаш не е без исклучителни детали што се паметат. Затоа, на пример, не можат лесно да се отфрлат цели циклуси песни. За литературниот аналитичар на таквата кондензирана поетичност, помалку или повеќе уметнички успешна, тоа се всушност оние камчиња од кои се прави и вистинскиот целосен лирски портрет на Ацо ІШопов. Поетот може да биде претставен со одделни песни, а при тоа да не изгуби од целосното претставување, зашто во одделни песни мотивски и стилски се сублимирани повеќе негови творечки постапки. На една страна Шопов создава успешни песни, и циклуси песни (таква целосна песна е „Го барам својт глас“), а на другата само детаљот во песната (обично тој детаљ се наоѓа во поентата на песната) кој е лиризиран, како во песната „Лист“:

Само гранката задржа скриена жал,
жал за зеленилото.

Освен многубројните иновации, забележливо е како Шопов го дефинира, стилизира и формулира своето ново видување, ново сознание. Во прв ред тој настојува тоа да биде необична претстава, со нагласени, често спротивни асоцијации, претстава која врз еден пример ја покажува необичноста на големото и неиспитано пространство на човековото сознание. Новото сознание Шопов настојува што полапидарно да го соопшти. Тој согледува дека мноштвото зборови ја депоетизира и намалува експресивната моќ на зборот и општите значења на поетската слика. Поради тоа Шопов редуцира низа „помошни“ поими. Една од најзгуснатите песни е „Песната и годините“:

Твоите години и моите години –
два брега,
два камена,
две небиднини.

додека на другата страна е долгата и неуспешна песна „Старо купувам“.

Чести се генитивните облици. Изоставени се сврзните зборови, по сѐ редуцираат низа знаци на најмала мера. Со тоа истовремено се укинува ‘рбетникот, дури и тогаш кога нешто се соопштува во доследно развиениот наративен лик. Оттаму има голем број куси песни. Некои од вистински, лирски минијатури (,,Во тишина“), а подолгитe песни, од подоцнежните збирки, исто така ги карактеризира јадровитоста, наспроти развиената поетска форма со која се соопштени. Од тој однос лесно може да се утврди односот на поетот спрема песната. Шопов спаѓа меѓу поетите кои ѝ придаваат особено значење на песната и поезијата. Имаат одговорен однос спрема зборот, па многу грижи ѝ посветуваат на крајната реакција на песната, уште повеќе доколку е побогато нивното творечко и животно искуство.

Една од поетските премиси на која Шопов го гради својот поетски свет е – промената (една од песните и носи такав наслов). Во неа е потврдена можноста на сопствена еволуција и неминовен дијалектички развиток во емотивната и рационалната сфера. Во тој поглед – патувањата се еден од видовите на промена (амбиентот е причина на промената на асоцијациите и духовното збогатување, во дијалектичкото единство на причинско-последичните односи на сè што ја прави поетовата визија на светот). Песната „Небиднина“ всушност е химна на патувањето:

Патував долго, патував цела вечност
од мене до твојата небиднина,

а замената на егзистентните облици, метемпсихозата, не е само поетска фикција, туку нова реалност:

Кој ги избриша со рака лесна
сите далечини,
сите близини,
кој му ја досуди таа небиднина
да бидам стебло, да бидеш песна.

Копнежот за промена понекогаш се изразува како лирска евокација, а понекогаш како вистинска промена на предметниот свет (последниот циклус „Африкански мотиви“). „Вечен е копнежот за далечините“, вели поетот. Копнежот за патиштата не е олицетворение само во промената на предметниот свет, природата, впечатоците, туку и во копнежот да се допре до метафизичките предели на човековото страдање („Бела тага на изворот“). Во промените што ги носи животот и во статичните околности, се случува чуден процес на прераснување на еден облик во друг облик. Една од најистакнатите песни од овој вид, во која рафинирано е креирана длабока рефлексија, прекриена со метафизичко руво, несомнено е песната „Утеха“:

На ова стебло ти си ми убавина,
чија трајна отсутност трајно го опседнува
иде од подземноста, го пробива коренот
и горе во ветките ко сон зазеленува.

Утре ќе ти биде најголема утеха
Кога убавината друг ќе ти ја зема
дека ти си пршлен зараснат во стеблото,
во еден живот кој веќе го нема.

Поетот и симболот

Одамна е позната вистината дека поетската слика може да содржи антиномични претстави. Вистина е исто така дека поетската слика на Ацо Шопов има најмалку aнтиномичности зашто поетот ги усогласил нејзините значења со можните толкувања. Во вториот катрен на песната „Утеха“ сублимно е изразен цел филозофски трактат за дијалектиката. Во таа смисла дрвото, често е симбол, визуелен детаљ врз кого Шопов јa гради својата поетска слика (во песната „Во секој град“ поетот посакува да стане маслина и да „гладува за невозможноста“). Овој симбол како да му овозможува најголем број поетски иновации, најдаровита форма на кажување и најадекватен спој на мислата и сликата, на емотивното и рационалното. По свежината и опфатноста што ја нуди, „Утеха“ е една од малубројните песни погодна да го искаже поетовиот етички и филозофски систем, колку што го има кај Шопов.

Четвртата песна на „Небиднина“ посветена ѝ е на мошне суптилната идентификација на поетот и симболот:

Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
кој ти ги даде моите очи
што зреат во сонот на твоите лисја.
Погледу зелен, зелено вишнеење,
кој нѐ осуди на исто бдеење.

Персонификацијата уште понепосредно е остварена во песната „Август“.

Иако „заминувањето“ е најчест збор во овој круг песни (така почнува песната „Улица”), би можело да се рече дека на поетските патувања на Ацо Шопов најсвојствен збор би им бил – „пронајдокот“. До нови пронајдоци поетот доаѓа по осамувањето и поистоветувањето со природата, со процесите во неа („Илузија“).

Поетот често ги слика разновидните расположби, понекогаш спротивставени. Тоа е нормално човечко реагирање на појавите во човекот и во природата. Во тој контекст треба да се објасни новиот симбол на Ацо Шопов – тишината! Често занимавајќи се со непостоечкото, поетот избира такви визуелни претстави, кои иако од светот на реалните, дејствуваат аптстрактно (играта на светлината во водата во „Деветта молитва на моето тело“. Мотивот се пренесува од песна во песна, дури и дискунтинуирано, зашто многу песни донесуваат мноштво нови мотиви и реминисценции („Небиднина“, „Долго доаѓање на огнот“) додека не се создаде проширена симболика во песната „Златен круг на времето“:

Старинска ѕвездо, ѕвездо на пророци и чуда, –
распрсни се во стихот, потони во најдлабок збор,
додека трае во крвта оваа светлина луда
овој подземен оган, овој непрегор.

На досегашните симболи приклучени им се нови (црно сонце, оган, светлина и крв), а во разгранувањето (тематско, мотивско и стилско) сепак се покажува дека е мал бројот на опседнати мотиви кај Ацо Шопов, дека тој им се враќа без оглед во која фаза на поетската еволуција се наоѓа. Аналитичарот ја следи нивната метаморфоза („Тажачка од онаа страна на животот“, „Август“, една од најубавите и најцелосни песни) додека не ја пронајде, повторно, го следи поетот што е во постојана потрага по вистинскиот збор:

Кај исчезна зборот што семожен те бара
да заѕвечи во тебе како златна пара.

Водата се враќа во фреска на ѕидот.
Со неа изборот и пламенот на ридот.
(„Езеро крај манастирот“)

И по инспиративниот поттик и по тематиката, оваа песна е сродна со песната „Ангелот од Света Софија“ на Блаже Конески. Како и двете да ги покажуваат антологиските страни на македонската современа поезија која се раѓала во допирот со фреско-сликарството (природен продолжеток на цитираната песна на Ацо Шопов е: „Ноќ над езерото крај манастирот“). Се соединува лакот меѓу творците, без оглед во кое време создаваат, се зацврстува нововоспоставената врска, како во поентата на песната „И уште еднаш црно сонце“:

О црно сонце, огну на есента касна,
светлина капе врз нас од ѕвезда што одамна згасна.

Во овие песни се одразува заедничкиот дух на медитеранската култура, на што инсистира Конески тврдејќи дека и покрај блискоста со поезијата на Есеннин, повеќе влијание на македонската поезија имал Лорка, зашто во неговата поезија се одразува медитеранската култура и подлабоката сродност на двете медитерански поезии.

Во последниот циклус „Африкански мотиви” сочуван е поетоиот континуитет на интересирања. Првата од песните, во манирот на Шопов, посветена ѝ е на симболиката дрво. Сликата е соопштена со сугестивноста на описот кај Растко Петровиќ. Баобабот ја презема симболиката на дабовите во нашата поезија. Од него избива елементарна сила, додека „сушата во последниот дамар му чука“. Во последниот збор, односно реченица, дрвото е изедначено со татковината, зашто е заштитник и симбол на силата, постоењето, стоицизмот, траењето. Овде Шопов ги нашол сите атрибути на своето поднебје, на дејството само привидно е дислоцирано, по деталите и амбиентот кој привлекува со својата егзотика, додека со истоветна сила се пренесуваат основните значења на родното поднебје.

За што и да пишува Шопов, во крајна консеквенца сѐ се сведува на македонскиот амбиент и на македонскиот човек, како универзум. Посебноста на паралелата се гледа во спротивставеноста на небото и земјата, земјата која со луѓето – е еден единствен дел, и од втора страна – небото, далечно, недостижно, и рамнодушно, гола празнина. Дождот што го нема, станува нов симбол на животот и животноста. Тој има и трансцедентна смисла, како еманација на доброто („А со изгревот на сонцето како изгрев од раните на земјата“).

Жената во африканското поднебје е симбол на плодноста, убавината (маѓија на убавината) и продолжувач на животот. Химнички е интонирана песната „Во сонот на црната жена“. На прагот од опасноста своето одушевување од другиот и поинаков амбиент да го обои со сентименталност и конвенционална патетика, Шопов не само што ја надминал таквата опасност, туку често досегнува виртуозност во транспозицијата на животната градба (оној дел што го лиризира и осмислува), а и својата поетска слика, несекојдневно сугестивна, ја хуманизира на начин што може да послужи како модел во интернационализацијата на поетските мотиви (сличен обид наоѓаме и кај Матевски, во циклусот „Откривање на пустината“. Тоа истовремено покажува дека не е во прашање куртоазен гест, туку длабоко преживеана и почувствувана бура, немир што донесува зрели плодови во алхемијата на зборот:

Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна,
зашто самата си песна над песните.
–– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– ––
Луно, црна луно,
незарасната, неизлечена рано,
неусетно паѓам и тонам во твојот сон
како афричко сонце во океанот.
(„Во сонот на црната жена“)

Се обновува праисконската слика на светот. По многубројните страдања, обновата на животот ја симболизира играта на голата жена во транс – „од радост излудена“. Животот започнува одново во непрекинливата игра на обновувањето:

Дожд врне и чудни приказни плете
како раѓање и плач на прво дете.
(„Жена во ивернажот“)

Не е ли таа повеќестрана симболика истовремено и симболика на самата поезија, на нејзиното израснување од сентиментално-романтичниот до целосно реалистичкиот миг на стварноста?
________________

  1. Освен на споменатите, Шопов е автор на : Стихови за маката и радоста (1952), Слеј се со тишината (1955), Ветрот носи убаво време (1957), Небиднина (1963), Јус-универзум (1969) и Гледач во пепелта (1970)], како и на поетските избори: Песни (1963), Раѓање на зборот (1966), Избор (1968) и Песни, Народна книга, Белград, 1974, — на македонски и српскохрватски јазик, избор и поговор Георги Старделов, кој исто така го има подготвено Изборот во 1968; превод и препев на Сретен Перовиќ]
  2. Народна и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, Скопје, 1974, на српскохрватски и македонски јазик.

________________

Oригиналниот текст на српскохрватски е објавен во Портрети Македонски писаца, Обод, Цетиње, 1975. Македонскиот превод e објавен во Разгледи, 1975, XVII, 1-2, стр. 112-126, и во Портрети на македонски писатели, Скопје, Мисла, 1979.

Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов
______________________

Радомир Ивановиќ е автор на монографијата Reč o reči: poetika Ace Šopova. Beograd: Novo Delo, 1986.- 172 str., објавена на македонски под наслов Поетиката на Ацо Шопов, во превод од српскохрватски ракопис на Милан Трајков, во издание на Македонска ревија, 1986, 188 стр.

Студии за творештвото на Шопов од Радомир Ивановиќ:

  • Откривање на убавината : (запис за поезијата на Ацо Шопов). — Разгледи, 1975, XVII, 1-2, стр. 112-126.
  • Откривање лепоте, во Портрети македонских писаца.— Цетиње : Обод, 1975 (Винковци : Искра), стр. 21-32.
  • Откривање лепоте (Запис о поезији Аце Шопова).  Летопис матице српске, 1976, 152, 417, 1, стр. 110/120 [По повод Одбраните дела на Ацо Шопов, во издание на Мисла, 1976
  • Откривање на убавината : за поезијата на Ацо Шопов. — Портрети на македонски писатели. — Скопје : Мисла, 1979, стр. 36-48.
  • Зборот и смислата во поезијата на Ацо Шопов—  Културен живот, 1985, год. XXX, бр. 9-10, стр. 36-40
  • Откривање лепоте – естетска опредељења Аце Шопова”.— Живот, 1986, XXXV, 3-4, стр 366-374
  • Зборот и значењетоТрета програма Радио Скопје, 1986, бр 25
  • Поетиката на Ацо ШоповТрета програма Радио Скопје, 1986, бр 25, стр 237-252
  • Глобалниот систем Небиднина во поезијата на Ацо Шопов.— Развиток, 1986, XXIII, 6-7, стр. 386-393
  • Збор за зборот – Врз поезијата на Ацо Шопов.—  Нова Македонија, 17.05.1986
  • Једноставни песник тишине – педесет година од прве објављење пјесме Аце Шопова.— Борба, 12-13.07.1986
  • Poetski govor Ace Šopova— Izraz, 1986, XXX, 1-2, str. 40-57
  • Reč i smisao u poeziji Ace Šopova.— Govor dela: studije i ogledi o makedonskoj književnosti / Radomir Ivanović. Beograd: Novo delo, 1986, str. 106-106
  • Зборот и значењетоИзбор од поезијата / Ацо Шопов (избор и предговор: Раде Силјан).— Скопје: Македонска книга, 1987.— стр. 199-220
  • Поетскиот првенец на Ацо Шопов и проблемот на генерирање на литературниот текст“. — Дело 74, 1987, XIV, 6, стр. 511-532.
  • Љубовта, трајна преокупација —  Поетската природа на Ацо Шопов.—  Нова Македонија, 24.10.1987
  • Реч и смисао у поезији Аце Шопова.— Сознајните апекти на книжевноста / XXI и XXII Рацинови средби, Титов Велес, 1984/85.— Титов Велес: Совет на Рациновите средби,  1987.— стр. 26-40
  • Енергијата на поетскиот говор.—  Нова Македонија, 21.09.1994
  • Тишина као извор латантне енергије поетског говора: реторика тишине у делу Аце Шопова и Бранка Миљковића, Кровови, Сремски Карловци, бр.33-34, 1995
  • Поетски првенац Аце Шопова и проблем генерирања књижевног текста. Македонске поетске вертикале— Нови Сад: Змај, 2003, стр. 337-354
  • Филозофија и психологија стварања Аце Шоповаin Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005
  • „Поет и профет Ацо Шопов“ (студија посвећенa поетском алегоризму и трансформацији симбола у циклусу „Молитви на моето тело“) / најављен на Научној конференцији Међународног семинара за македонски језик, литературу и културу у Охриду (половином августа 2003. године)/ да се провери