Дрво на животот*

Љубиша Станковиќ

Најновата збирка на Ацо Шопов е симболична и повеќезначајна, композициски разнострана и тематски разнообразна, слоевита со она што со себе го носи и што сака да го соопшти. Пред сè, самиот наслов на збирката песни сугерира извесна симболика. Дрво на ридот сугерира всушност една постојаност, една цврстина, виталност и постојаност во бурите на времето на кои им е изложено и на кои непрекинато им се спротивставува и ги надвладува. Тоа е всушност отпор кон бурите и луњите на човекот и на татковината, тие два симболи и два тематски круга на кои песните во оваа збирка им се посветени. Првиот тематски круг што овде е поместен под заедничко име „Оздравување на болниот“ исцело му е посветен на човекот и на неговата борба за сопственото продолжување и времето, на борбата помеѓу животот и смртта. Тоа е една чисто интимистичка поезија во која јасно се видливи двете нејзини области што меѓусебно се преплетуваат. На една страна животот, на спротивната смртта. На една страна ведри и оптимистички тонови, на другата симболи на темното и мрачното, на она што го нагризува човековото тело и му се заканува со уништување. Поетот го следи тој двобој, на моменти тоа е една странична поетска позиција од која релјефот на болеста и светлоста на животот појасно се согледуваат, а во друг случај тоа е нурнување во најдлабоката интима од каде испливува внатрешниот пејзаж на она што го смболизира животoт и што е знак на умирање. На тој начин се добива една релјефна слика за телото распнато на крстот што истовремено е и крст на животот и на смртта, на постоењето и на непостоењето. Почетокот на оваа поезија му припаѓа на она темното и со такви симболи и започнуваат многу песни од овој циклус, а особено песната „Оздравување на болниот“. Тука се темните облаци, „злини“ што на телото кинисале, потоа нечовештини, патила, стрвни мршојади, црни галии што по душата пловат, тешка болест што поетот го налегнала и од која телото му е „закоравено“, потоа оган што телото го гори, врели думани од кои очите „не гледаат ништо“, бесни далги и „подземната стија“ што дави и гуши. Сето ова навестува една песимистичка поезија, едно темно финале. Меѓутоа набргу симболите се менуваат а со тоа и структурно се најавува вториот дел од песната кој наполно се разликува од првиот, во кој чувствата се менуваат, боите стануваат оптимистички, болеста, основниот симбол на првиот дел на песната, се повлекува и телото и душата ја слават победата, доаѓа оздравувањето и во тој личен триумф е вткаен и оној татковинскиот, бидејќи поетот овде се стопува со татковината и како што неговите болки се и болки на татковината, така и закрепнувањето негово, неговото исцелување, е триумфот татковински. Во финалето − се вистински татковински стихови, симбиоза помеѓу поетот и родината. „Низ Македонија шуркаа струи на здравје и свежина, (а болештините се топеа како снегова грутка − тежина“. На тој начин поетот пронашол среќен спој помеѓу својата личност и татковината. Низ своите болки, симболично да зборува и за оние на татковината и обратно. Така, татковинското, кое често знае да биде парола и декларација, овде, во овие стихови, добива нова димензија, нова боја, естетски станува повозвишено и во тоа меѓусебно преплетување е издигнато на едно повисоко поетско и естетско рамниште. Поинаку, поетот ќе останеше сам со своите грижи, кои ќе беа лично негови и без некакво поуниверзално значење, а стиховите за татковината, издвоени и осамени, без онаа нужна врска со душата и телото на поетот.

Тоа е првата песна во збирката, карактеристична по многу нешто за целата книга. Според она што го кажува и со начинот на кој тоа го кажува, тоа е уште една од антологиските песни на Ацо Шопов. Карактеристична пред сѐ со една цврстина, со стегнатост, со зборовите одбрани и одбирани со единствена цел што посугестивно да ги изразат чувствата на поетот, низ нив да се препознаат поетот и татковината. И сето тоа е речено на еден нов и сопствен начин, низ нови чувства, во новите стихови да се открие еден нов Шопов а не да се препозае стариот и веќе познат од порано поет кој пеел за душата и телото, кој ѝ пеел на татковината и кој пеел за татковината. Тука е одбегнато насилничко римување, зборовите што се во функција на формата а далеку од она суштинското за песната. Римата овде не отсуствува, меѓутоа таа така е вклопена во архитектониката на песната во која исцело е постигната складност помеѓу формата и суштината на исказот, што и не се наметнува како одделен елемент на песната. Овде е постигнато она идеалното што современата поезија го бара, песната да се почувствува како поезија не според надворешниот нејзини ознаки, не ни исклучива преку ритамот кој важел како основна ознака на поезијата, туку со целосното свое битие да одѕвонува како поезија и како таква да се прима без оглед на тоа што, со начинот на кој е организирана и со средствата со кои е градена, таа се оддалечува од воспоставените шеми и канони. Во оваа песна, и во некои други од оваа збирка Шопов се стреми кон една поуниверзално сфатена поезија и во многу случаи во тоа и успева.

Тематски првата песна продолжува и во другите од овој циклус, така што повеќе може да се зборува за едно надградување, за една единствена песна, одошто за одделни песни кои би требало да значат и дефинитивна оформеност. Така и во песната „Од најстара и најчиста сончевина“ продолжува темата на болеста и оздравувањето. И тука се започнува со тешката болест, со магли тешки и непроѕирни што телото го обвиткале, со издвоеност на единката од светот, со облаците што го засолнуваат видикот, со дождови што како „острици“ го бијат телото итн. Но во вториот дел, исто како и во претходната песна, што упатува на извесна шематичност, маглите „наеднаш“ се губат и „дождовните ситни капки исчезнуваат“, сонцето се раѓа, лицето станува „чисто и измиено“ и не без извесна хиперболика речено од „од најситна прашинка во вселената скриено“. И разбирливо, тоа е триумфот на сонцето над непроѕирните магли, на животот над смртта, на оздразувањето на телото.

Овде поетот е во сферите на играта на светлината и сенките, несекојдневно дискретен во описот, без потенцирање на сопственото „јас“. Видив е стремежот кон објективизација на описот, исто како што тоа, како постапка, беше навестено и во првата песна. Имено, во уводниот стих од песната се вели: „Од тешка болест телото ми е закоравено“. Ова „ми“ упатува на еден внатрешен приод во презентирањето на интимата. Таа постапка, меѓутоа, не останува до крај, бидејќи веќе во следните стихови поетот се дистанцира и од внатрешниот пристап во портретирањето, преминува на надворешниот, кој сликата на интимата треба да ја објективизира и со тоа се постигнува целосното портретирање, внатрешното и надворешното, се доловуваат две посебни нешта на едно цело. Овде од посебен агол се посматра човековото тело и наместо она поранешното ми се преминува на тој и имаме: „…дождови го бијат ко ситни острици“. Видлива е промената на позицијата, на аголот на посматрањето, со што се добива впечаток дека тоа се два погледи, двајца поети што го презентираат еден ист објект, едниот задолжен за внатрешните дожвувања, за интимата, за внатрешниот пејзаж, а вториот за надворешното што го опкружува таквиот пејзаж. На крајот пак се преминува на внатрешното портретирање, ІІІто го покажуваат стиховите: „А телото мое закоравено /се раздвижува заздравено /и пие од сонцето вина /од најстара и најчиста сончевина“. Ваквиот премин е од значење за архитектониката на оваа песна. Имено, таа започнува со внатрешното портретирање и завршува исто така со внатрешниот портрет. Со тоа се дошло до дефинитивно завршување на песната, се изградила рамка што песната цврсто ја држи во една целина. До колку последните стихови беа во знак на надворешното портретирање, на страничната позиција на поетот, тогаш и архитектурата на песната ќе беше поинаква, таа ќе овозможуваше нови доградувања и распростирање на песната во бесконечност. Ова е од значење за структурата, за двата нејзини дела обединети меѓусебно, за два тематски подрачја, кои иако спротивни, меѓусебно се надополнуваат и коегзистираат. Позицијата на поетот, таква каква што овде е презентирана, е битна и од гледиштето на објективното и субјективного, за она на што треба безрезервно да му се верува и она што може да биде ставено под прашалник. Ова од причини што внатрешното портретирање, внатрешниот пејзаж, најчесто се предава од една сопствена интимна поезија, на која и не мора секогаш да ѝ се верува.

Песната „Домот на сонот“ е карактеристична според тоа што и во неа се провлекува тематската нишка на болеста, меѓутоа болеста не како предмет на опишување, туку на предна позиција е осаменоста, што е главен атрибут на болеста, а како негова спротвност − чувството на убавина, на заедништво, симболизирано низ црвените трендафили. Црвеното наспроти едноличното сивило, трендафил наспроти болеста. Инаку, овде се едни од најчистите интимни звуци во целиот овој циклус: ситуацијата кога поетот е препуштен сам на себе, кога копнее по зборот што би го слушнал од луѓето, а наместо тоа е препуштен на својот глас што во него одекнува и што уште повеќе ја потенцира осамата. И контраст на таквата осаменост, на тој глас − говорот на цвеќето, присуството на црвениот трендафил. Има меланхолични стихови во оваа песна, кои не делуваат одбивно, кои се израз на една интимна состојба, на доживувањата меѓу четирите ѕида. „Ме осудивте да седам дома, добри мои пријатели… да не излегувам во рани зори… ме осудивте да седам дома и јас смирено ќе седам… ќе седам додека можам…“ Тоа е копнеж по мугрите што „…како црвени трендафили пукаат“ и повлекување во пределите на сонот и имагинацијата, во кои стварноста е поинаква, сонување на мугрите што како трендафил се распукнуваат, извишување над осамата и неподвижноста.

Песнава е една од оние, во кои оптимистичката нишка како да се повлекла.

И, како и во претходните песни, следува тематско прераснување на една песна во другата, извесна верижност во тематската структура на ова поглавје. Осаменоста од „Домот на сонот“ се пренесува во следната песна, во песната „Сам со својот пламен во градите“. Почетните стихови на оваа песна спаѓаат во сверите на претходната, „Сам сум заробен во зелената одаја на дворот. /Нема никого: ни пријатели, ни блиски ни /непознати.“ Се копнее по пријателите и во едната и во другата. И црвениот трендафил се јавува како спротивност и во оваа песна: „Пука некоја невидлива пупка на црвен трендафил.“ Тука сликата се проширува и црвената боја станува боја на пламенот, симбол на пожарот што своето место го бара во срцето на поетот. И осаменоста е дефинитивна и несомнена. Осаменост со пламенот во срцето. Копнеж по убавината на цвеќето. „Црвениот трендафил како крв се шири, истекува, /а во овој пламен во градите навек тука ќе векува.“

Седумте песни од овој циклус, од поглавјето за болеста, осамата, татковината, се влеваат во една песна, во песната за копнежот по животот и неговите убавини. Таа песна е спротивставување на дефинитивниот крај, борба за продолжување на светлината и за опстојување во светлината, раширување на границите што стеснуваат и што се закануваат да го избришат видикот, да ја задушат светлината. Инаку, како поезија, овие песни се посупериорни над другите во оваа збирка. Таа супериорност се наметнува од силината со која е преточено во стиховите чувството на болното тело, од сугестивноста со која поетот успеал да ја пренесе болката и надежта, да презентира една морничава тема а при тоа да не се судри со она што веќе било речено и слушнато, да ги одбегне формите што на таквото укажување му се наметнуваат, и уште повеќе во сферите на познатата тематска определеност, да остане свој и препознатлив.

Тука е и еден одделен циклус од четири песни кој условно би можел да се означи како циклус на пејзажната лирика, условно бидејќи „Гнездо на брановите“ презентира лирика во која пејзажот е на преден план, меѓутоа не е и исклучиво опис во кој природата е осамена, соголена. Тука е и човекот, поетот. Видливо е, дури и потенцирано неговото присуство и сето она што во природата се случува, сиот оној опис на скротената или немирната природа, сето тоа како одраз на чувствата, како надворешна слика за внатрешните доживувања. На тој начин е одбегнато да се гради поезија како слика на надворешниот свет, слика што е цел сама за себе, бидејќи таа е надвор од човекот, не е израз на човекот и неговото присуство во пејзажот. Во овие стихови има еден вид интеграција помеѓу човекот и неговата околина, и што е карактеристично, иако Шопов зборува за модерниот човек, за оној од градовите, притиснат со секојдневни грижи на урбаниот живот, оваа поезија е далеку од таканаречената урбана поезија, од градскиот пејзаж, каков што на пример се среќава во поезијата на Влада Урошевиќ. Ова е на некој начин враќање кон идеалот на неразрушената природа, кон онаа девствена убавина нејзина, во која нејзиниот мир не го нарушува ништо друго освен луњите и громовите, во која царува убавината на боите, а тука Шопов е вистински мајстор да го долови тој спектар на боите, да ја осмисли тишината на природата, да го предаде нејзиниот говор. И во сето тоа да вгради нешто што е одлика на човекот, да вгради чувство и отпор, така што во стиховите на оваа поезија природата и чувствува и се бунтува. Такви се импресиите од Шара: „Притаено сѐ е − и лисје и извори на планината стара, /само во секавиците планината ја домислува својата исконска моќ  /и смирено се насмевнува одамна скротената Шара.

И уште една карактеристика на оваа поезија. Додека претходната значеше импресија од Шара, до колку таа песна имаше национални, татковински меѓи, тогаш песната „Две раце“ се стреми кон универзалното во пејзажот и чувството. Двете раце всушност го симболизираат заедништвото на луѓето, тие се врска помеѓу Македонија и далечната земја на Африка, песна во која е повлечен лак како од виножито од Штип до Жоал во Сенегал. Овде во она пејзажното се присутни силни елементи на татковинското, а во него идејата за братство меѓу луѓето, за раката црна и раката бела сплотени во нераскинлива врска на љубовта. И во оваа песна има стихови што одѕвонуваат како ехо од претходната: „Рика небото и плаче потресено, /плаче од темни ветришта и молњи − огништа /искинато и разнесено…“, меѓутоа и стиховите што значат надградба на пејзажот, стихови што го осмислуваат она описното. „Рика небото и не може да ги раздели /рацете крстосани, /раката црна, /раката бела“. И на крајот она длабоко интимното: „Едната рака ме потсеќа на сињарката од Жоал /а втората на убавица под Исарот од Штип. /И со тие крила-раце и јас низ сиот свет се вивнувам и полетувам“.

На тој начин пејзажот преминува во чувство, регионалното станува универзално, убавицата од Штип е доведена во врска со онаа од далечната Африка, воспоставена е емоционална врска помеѓу родниот крај и оној далечниот што останал во сеќавање, и песната ги пречекорила меѓитe што можеле да ја ограничат а истото тоа го направила и емоцијата на поетот. И воспоставена е уште една врска, помеѓу книгата стихови Дрво на ридот и збирката поезија Песна на црната жена, жена која станала опсесија на поетот и на која тој неколку пати ќе ѝ се враќа во оваа книга. И не само на Црната жена, како симбол, туку кога станува збор за песните од овој циклус, се враќа кон природата на Црната жена, кон крилестиот коњ и поларните ноќи, кон „…четири црнобели девојки /чии боски светеа како ѕвезди на небото“.

Последниот циклус, „Езеро на животот“, е враќање на поетот во далечното минато, во детството, во родниот град, во „Езеро на животот“ на поетот и оттаму патување низ животот и светот, некој вид поетска рекапитулација на она од каде се тргнало и до каде се стасало. На чувствата и мислите. Тоа е поезија за она што се сакало и поезија за пределите низ кои се поминало. За она што како незаборав останало. И има многу слементи на татковинското, а и на декларативното. Примеси на паролата. И многу од она историографското; оживување на легендите и на великаните од националната историја што влегле во легенда и станале легенди. Тоа се стихови за Егеј и Пирин, стихови за Јане, и оние од народната песна: „Другари верни другари, /Ако низ село минете, со коњи да не тропате… со пушки да не фрлате…“ и во финалето, она што би требало да ја означува судбината македонска во минатото: „Син ти се мајко, ожени /за една црна робинка, робинка − Македонија“ („Патување во родниот крај – средба со светот“). Јасни и впечатливи стихови за љубовта кон слободата и татковината, вградени во една поезија која не и исклучиво е татковинска. И една постапка, често применувана во современата поезија: постапката на вградување, интегрирање стихови од народната песна во уметничката, чин на бришење на границите помеѓу она што колективот го создавал во минатото и она што поединецот го создава како поезија денес. Не само инспирација, туку вградување, а тоа не секогаш може и успешно да се изврши. Покрај тоа и пренесување, вградување на стиховите за љубовта кон црниот континент, кон втората, по Македонија, љубов на поетот: „Мислата ми одлетува во мојата Црна Африка /сред моите Сињарки со очи синолички на црната /арматура /пред чија убавина се топам во црна јагленосана /згура“.  („Во еден од центрите на Париз“). Тоа се едни од најлирските стихови на оваа поезија во кои присвојувањето на Африка, на убавиците нејзини, нималку одбивно не делува.

Тука се и стиховите за Париз и Париската комуна, за црвената поплава што од под мостовите на Сена се разлеала низ светот.

Така завршува оваа збирка поезија. Тоа се и нејзините тематски рамки. Поезија која зборува за сегашниот миг на поетот, за времето што тече, но и за времето што се враќа, која зборува за поетот што сака, чувствува, што го доживува светот, иако самиот тој често е меѓу четирите ѕида, осамен, со копнеж кон пријателите, родната грутка, кон широчините на природата, кон татковината. Можеби тоа е и причината чувствата да бидат така кристализирани, непоматени, неоптоварени со непотребни поетски примеси, искажани со одбрани зборови, без излишната метафора и без лавиринти, поетски и чувстени, низ кои тешко се пробива.

Тоа е нов придонес во опусот на Ацо Шопов а и на oпусот на современата македонска поезија. Стихови успешни и помалку успешни, меѓутоа во секој случај поезија за која со почит мора да се зборува.
__________________________
* Текстот е објавен во Развиток, 1980, год. XVIII, бр. 10, стр. 824-830