This post is also available in: French Spanish

Домот нa сонот

Ме осудивте да седам дома, добри мои пријатели,
затворен во својата темна несреќа
да не излегувам во рани зори кога мугрите пукаат како црвени трендафили
и сето небо го облева огромна пламната жар.
Нека, ме осудивте да седам дома и јас ќе седам додека можам
и ќе ги довикувам тие црвени трендафили, таа жар
да ги ожари сите утроби ладни, сите за црвени соништа гладни.

Ме осудивте да седам дома и јас смирено ќе седам.
Но каде е домот на сонот? Кој ли ќе му забрани на coнoт
да не се извишува повисоко од зорите,
поитро од развигорите,
и кога ќе се измори кој ли ќе му забрани да не се успие
со најцрвените, со најмилите
од трендафилите?

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во Современост, XXVIII, бр. 6, јуни 1978, стр 4