This post is also available in: French

Од најстара и најчиста сончевина

Од тешка болест телото ми е закоравено
и на врв планина само да чамее оставено.
Ту тешки магли и непроѕирни го натрупуваат
и видот со сиот свет му го засолнуваат.
Ту дождови го бијат ко ситни острици новородени
и пљуштат по телото ко удари неоплодени.

Но наеднаш маглите се губат и разредуваат
и дождовните ситни капки исчезнуваат.
Сонцето се раѓа во земјата на својот Изгрев
и пристига до земјите на својот Залез.
Лицето му е чисто и измиено
од најситна прашинка во вселената сокриено.*

А телото мое закоравено
се раздвижува заздравено
и пие од сонцето вина
од најстара и најчиста сончевина.

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во списанието Развиток, XVII, бр, 2, март-април, 1979

* Во изборот Лузна (1981), авторот го поправил овој стих кој во дефинитивата верзија гласи: „од најситната прашинка во свемирот сокриено”.