This post is also available in: French

Во еден од центрите на Париз

Сам во еден од центрите на Париз
седам во едно мирно бистро спроти Операта.
Седам прикован за масата со филџан пред мене
и не забележувам колку долго седам неподвижен
и како полека се спушта срамежливата париска вечер.
Околу мене џагорат млади Негарки и Виетнамки,
млади Кинескињи и Јапонки и уште кој знае кој млад свет од Црна Африка и Далечниот Исток.
Странец, а не сум странец, меѓу тие млади луѓе од светот,
иако не разбирам ништо, јасен е и разбирлив нивниот џагор.
Мислата ми одлетува во мојата Црна Африка
сред моите Сињарки со очи синолички на црна арматура
пред чија убавина се топам во црна јагленосана згура.
Од мислите ме сепнува благата октомвриска вечер
и ме понесува вителот на Париз што пред мене кркори
и со илјади светлини и бои ме заглискува и тече.

Париз тече под сите мостови на Сена,
тече под сите мостови на светот.
И во тој тек го слушам како црвена поплава и буна
нестивнатиот глас на Париската комуна.
Тој глас го заплисна Сибир од Бајкалското Езеро
се прошири преку дунавската низија,
тој глас се проширува преку земјите на изгревот на Сонцето
до Николо-Коба* и реката Гамбија
и уште подалеку на југ и уште подалеку на запад,
тој глас се проширува како своевидна светлосна визија.

Тој глас на црвената Париска комуна
допре и до мојот град, допре до мојата татковина
и се разискри со народниот гнев како негова верна лика
во првата балканска Крушовска република.

2.

Седам во еден од центрите на Париз,
во едно мирно бистро спроти Операта.
Околу мене џагорат млади Негарки и Виетнамки,
млади Кинескињи и Јапонки и кој знае сè уште кој млад свет
од целиот свет натрупан како еден разнобоен цвет.
A Париз пред мене тече ли тече. Тече под сите мостови на Сена
и тече под сите мостови на светот.
А Тој тек го слушам ко ѕвонлив глас на поплава и буна
на штотуку неостварената Светска комуна.

Додека илјади светлини и бои ме заплискуваат и ѕунат.

Скопје, октомври, 1977 год.

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во списанието Развиток, XVII, бр, 2, март-април, 1979
Оригиналниот машинопис до автографски дополнувања се наоѓа во архивската граѓа на Фондацијата Ацо Шопов – Поезија. Прочистен машинопис се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К1 АЕ34

———————–

* Николо-Коба е национален парк во југоисточен Сенегал што Шопов го има посетено во 1973 год.