Поезијата е предизвик за патување кон непознатото*

Тодор Чаловски (1945-2015), македонски писател, новинар и литературен критичар

Тодор Чаловски

Магијата на секој вид творештво, што значи и на поезијата, е онаа целосно идентификација на авторот со чинот на создавањето, она целосна предавање без остаток на тој внатрешен глас што го продолжува поетовиот немир и поетовото време, населуваќи го во пределите на многузначната и бесконечна артикулација на песната. Низ оганот на таквата своја творечка устременост се раѓаше и созреваше импресивната поетска личност и бележитото поетско дело на лиричарот Ацо Шопов. Во првата песна од својата знаменита поетска книга Небиднина тој ќе го постулира ваквото свое поетско начело низ стиховите „ да изгорам во јагленот на зборовите/ да се стопам“. И, тој навистина, како еден од ретките, не само во современата македонска поезија, туку и на поетското суштествување пошироко, кому поезијата му беше единствено поле на духовен дијалог со животот и светот, најголема метафора што ја премостува тишината на осамата до вруточниот вриеж на интимни неспокои, низ која ќе блесне чистата свеченост и светлина на звукот, низ таквиот поетски оган, се поистовети со своите песни. Сега оттаму ќе ни ги разгатнува вистините за својот животен помин, зашто во нив е надмината неговата кусовечност, надживеан е молкот на заминувањето по тешката болест и се отворени вратите за патувања кон срцето на нивната сознаена и испеана тајна. Затоа за Шопов, како впрочем и за секој вистински поет, небаре е присутна и познатата вистина „мене ќе ме најдете во моите песни“.

Но, за поцелосно спознавање на поетовата личност се чинат драгоцени и различни видови автентично сведоштво, низ кои тој, при различни поводи, изнесувал ставови и размисли за своето творештво и поезијата. Во ова смисла разговорите водени по повод одделни негови поетски книги или пак добивање на значајно литературно признание, секогаш претставувало убава можност да се збогати професионалното и творечко љубопитсво со вредни сознанија за драмата и суштината на создавањето, за творечкиот однос спрема поезијата.

Авторот на овие редови, како и повеќемина негови колеги, ја имал пријатната можност неколкупати да води разговор со Ацо Шопов, за литературните емисии на Радио Скопје, од кои при неодамнешното преслушување на сочуваниот тонски материјал за него во нашата фонодокументација, го симнавме од лента снимениот разговор со Ацо Шопов во пролетта 1970 година, по повод излегувањето на неговата стихозбирка Гледач во пепелта. Исто така, авторот на редовите има причина да жали за некои од нив што останаа непреснимени или пак беа водени попатно при новинарското известување од престојот на македонската културна делегација во Италија (Рим, Неапол, Капри), во мај 1976 година, или пак при неколкудневни средби кога го подготвував изборот од поезијата на Шопов што под наслов Dugo dolaženje ognja, го објави белградски Рад следната година.

По кратката уводна информација за конкретниот повод на разговорот, емитуван во емисијата „Литературен мозаик“, разговорот го имаше следниов тек.

Најнапред, другар Шопов, речете ни што претставува за Вас поезијата.
Моето досегашно поетско искуство ме учи дека вистинската поезија е свест за онаа скриена тајна, многу значајна и до крај неодгатлива смисла на животот, понирање во оној ред на нештата што се наоѓа некаде длабоко закопан под хаотичноста на појавните облици.Таа е предизвик за патување во неизвесноста, кон непознатото, таа е клуч што ги отвора вратите на оној чудесен свет кој ако веќе еднаш во него се навлезе може да нè доближи, да ни ги објасни и да ни ги направи прифатливи суштинските прашања на времето во кое конкретно живееме, и на времето во кое животот како таков се одвива и тече. Од ова пак произлегува дека поезијата не е, ниту може да биде чисто, или само естетско доживување, дека е таа истовремено и конкретен активен однос и етички став кон битните проблеми на живот, па според тоа таа е и свест и совест во една интегрална естетска целост.

Кои беа основните инспиративни извори при пишувањето на вашата најнова книга поезија Гледач во пепелта?
Последниве години, поточно од Небиднина па наваму, сè повеќе ме привлекува проблемот на зборот, сфатен како универзален поим кој ги содржи во себе и сите други поими: земјата, љубовта, татковината. Во врска со ова еднаш веќе реков дека поетот е тој кој ја оживува онаа шума од зборови, прави дрвјето да чекорат и како глужд врз глужд ги става зборовите замелушени од своите многубројни смрти на нивното вистинско место. Да се најде вистински збор, тоа значи да се најде вистински поетски пристап кон оние теми што ги мачат сите поети и современици.

Можете ли да ни доближите дел од тие теми што го ангажира вашето внимание во песните на оваа збирка?
Дел од тие теми што и мене ме ангажираат се: егзистенцијата општа и национална, минатото како можност да се објасни сегашнината, сегашнината како можност да се наѕре во утрешнината. Поконкретно, мојата збирка Гледач во пепелта содржи неколку инспиративни извори, меѓу кои доминираат огнот и водата, како симболи на општото, па и на нашето живеење.

Во циклусот, и посебно во песната „Долго доаѓање на огнот“, навлегувам во неколку суштински проблеми сврзани со нашата и општата егзистенција, и со еден симболичко-метафорички јазик укажувам на некои сегашни и досегашни заблуди и предубедувања. Не можам да не се согласам со критичарот Ѓорги Старделов, кој по повод на мојата последна збирка песни вели: „Песните во неговата најнова книга како да немаат конкретна житејска супстанција. Тие како да доаѓаат од вечноста и како да немаат конкретно потекло. Неговите песни не ги доживуваме од средиштето на некое конкретно детерминирано време, иако со секој и низ секој стих, со секоја и низ секоја метафора, ја чувствуваме апокалиптичната димензија и токму на светот што е и наша егзистенција“.

Вашата најнова книга песни, Гледач во пепелта, се чини, во македонскиот поетски простор обновува еден, по малку, нов симболички поетски говор. Какво е вашето мислење за најновите развојни текови во македонската поезија за тоа колку е примарна доследноста на авторот во градењето на една своја поетика, што е, мислам, карактеристична компонента и вашиот поетски профил?

Тешко може со неколку збора, во еден ваков разговор, да се начнат сите позначајни проблеми што ги носат со себе најновите развојни текови во нашата поезија. Но ми се чини дека никој не може да го избегне општиот впечаток дека се отвораат нови поетски простори, и дека се соочуваме со еден нов поетски сензибилитет. Врз досегашното поетско искуство и врз народната поетска реч, се надоградуваат нови поетски светови. Тие колку што се длабоко сврзани за почвата кај што никнале, исто толку се понесени и од општите поетски немири и барања.

А што се однесува до доследноста во градењето на сопствената поетика, неа единствено ја сфаќам како можност секогаш да се биде нов и свој, како една развојна врвица на која поетот своите нови сознанија и искуства секогаш ги соопштува на нов начин, но нов единствено за него без да им робува на туѓите поети. Впрочем, секоја песна на поетот треба да носи нешто ново, зашто секоја песна колку и да го остварува континуитетот со претходните, таа е еден посебен поетски проблем, и би рекол, еден поетски посебен свет за себе.

***

Ова беше разговорот што во едно пролетно претпладне пред 12 години го водевме во редакцијата на книгоиздателството Македонска книга чиј директор тогаш беше Ацо Шопов. Грст размисли, би рекол, изречени со нему својствена љубезност на човек и со смирената одмереност и понесеност на поет, кој во основната линија ја надминуваат актуелноста на поводот, доволни индикативни за да ги насетиме или да ги допреме длабоките корени на неговото богато поетско искуство. Врз нив и сега како да го слушам прелетот на оној громок рефрен од „Долго доаѓање на огнот“ за страствената авантура по исконот на зборот „Копај,/ Ископај го“, или довикот кон оној галеб за проклетството на поетскиот жар „Јас сум лотка, осудена / на судир со непознатото“.

Опсенети од оваа убавина трајно заробена во поетовите стихови, која како утеха „го пробива коренот и горе во ветките ко сон зазеленува“, ние на крајот и од овој обновен восхит кон нежната и мудра лира на Ацо Шопов, ќе ги призовеме неговите стихови откинати „од сонот на тие повисоки што се од сонот што ги мами/ и што се раѓаат пак откако еднаш ќе згаснат“, зашто во златниот круг на времето: „распрсни се во стихот, потони во најдлабок збор додека трае во крвта оваа светлина луда, овој подземен оган, овој непрегор“.

Во недоглед се простира тој непрегор што нѐ грее толку искрено и слободарски чисто како поетовиот збор и неговата песна.

In memoriam: Ацо Шопов (1923-1982)

Кога со физичката смрт на писателот неговото дело станува конечно, тоа продолжува да живее во свеста на поколенијата, со оној оган и творечко достоинство, со кој тој ја исполнувал својата творечка и животна врвица во летописот на литературното траење. Токму сооченоста со таквиот факт, со смртта на Ацо Шопов, поет и акдемик, ностиел на Партизанската споменица 1941 и член на Советот на Републиката, кој на 20 април годинава почина во својата 59 година од животот, ние го согледуваме неговиот голем културно-историски и книжевно-естетски придонес во корпусот на повоената македонска и југословенска литература, како и во тековите на нашето културно и општествено живеење.

Роден на 20 декмеври 1923 година во Штип, Ацо Шопов ќе го пригрли чудесниот свет на поезијата оној миг, кога од самите почетоци на Народноослободителната борба и ревелуцијата, ќе стапи во нејзините предни редови, определувајќи се за слободарското човекување во просторот и времето, што ќе втисне длабок печат во неговата поетска опсесија. Припаѓајќи и на првата генерација повоени македонски писатели, тој, во речиси четирите децении плодна творечна работа оствари поетско дело кое се вреди меѓи најзначајните  и најизвишени дострели во современата македонска литература. Од објавувањето на неговата прва книга Песни во 1944 година, што беше и прва поетска збирка објавена во слободна Македонија, Шопов во сето свое творештво ги преточуваше поривите на своето време и својот народ, со силата на себеоткривањето неговиот индивидуален талент и растежот на новата македонска поезија.

Неколкуте етапи на неговиот поетски развој, што беа и етапи на македонската поезија, евидентно ги обележаа и неговите книги стихови: Пруга на младоста (објавена со Славко Јаневски), Со наши раце, На Грамос, Стихови за маката и радоста, Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време, Небиднина, Јус-универзум, Гледач во пепелта, Песна на црната жена и Дрво на ридот.

Во нив поетот широко ги разгрна просторите на нашата поезија кон нови јазични и тематски заграби и височини, што ги легитимираат како наш најосведочен лиричар. Секогаш длабоко нурнат во потрагата по исконот на зборот, овој „поет по призвание“, како што го нарече еден од неговите големи современици (Конески), со вонреден усет за творечката релевантност на своите пораки ја изразуваше вербата на човекот, во неговиот устрем над сите небиднини.

Целото исткаено од слоевити чувствено-медитативни тонови, со национални и универзални достоинства во одгатнувањето на животот и постоењето, творештвото на Ацо Шопов ги досегнува оние трајни значања на стихот што го откриваат во сета своја суптилност човековиот емотивен интегритет. Во неговиот творечки опус ние согледуваме еден поетски континуитет, перманентно доградуван и надградуван со нови поетски сознанија и креативни доживувања на убавината, егзистенцијалните противречности, тагите и радостите на она што неповторливо се извишува над минливоста во животот, што проблеснува како незаменливост и поистоветување на татковината и светот, жената и љубовта, сонот и природата, хуманоста на отстојувањето пред судбинските неспокои на времето. Тоа се, секако, најсуштествените константи што го исполнуваат неговиот автохотон и прегнантен поетски говор.

Значаен дел во творечкиот профил на Шопов зазема и неговиот вреден удел во приопштувањето на македонски јазик на повеќе светски и југословенски поетски вредности, со што, како и неговата поезија, бележито се потврдуваа можностите на нашиот јазичен израз и вистинското умеење на Шопов, како еден од најеминентните протагонисти на македонската поетска реч.

Досега јасно изразената свест на нашата литературна критика за неодминливите значања на поезијата на Ацо Шопов во современите модерни текови на македонската поезија, секако, ќе ги поттикнува и натамошните нејзини согледувања и истражувања. Низ повеќето избори и преводи, таа веќе се има видно афирмирано и надвор од нашиот јазичен медиум, а одгласите за неа укажуваат на магистралните линии што таа ги содржи во своето, со изворна смисла и богати созвучија, исполнето поетско битие.

Кон ова, како израз и потврда на дострелите што овој поет иманентно ги интегрираше во македонската и југословенската поетска современост, треба да се споменат и значајните литературни награди и признанија чиј носител беше: наградата „Авној“, „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“ и наградата на Змаевите детски игри. Со сето она што творечки го вгради во живиот тек на нашата литература и култура, во нејзиното слободарско креативно извишување, делото на Ацо Шопов останува да трае како една од врвните присутности на нашето сегашно и утрешно поетско препознавање.
_______________________

*  Културен живот, бр.4-5, април-мај 1982, стр.41-43.
_______________________

Прочитајте го исто така огледот на Чаловски за песната „Раѓање на зборот” од Ацо Шопов: Зборот што се раѓа од лирскиот оган,  во  Животот и делото на Ацо Шопов, Скопје, МАНУ, 2005