Зборот што се раѓа од лирскиот оган*

(Кон песната „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов)

Тодор Чаловски (1945-2015), македонски писател, новинар и литературен критичар

Тодор Чаловски

Помислата на Ацо Шопов и по еден ваков повод, кога се чествува неговото име и дело под знакот на одбележувањето на осумте децении од неговото раѓање и безмалу двете децении од неговото физичко заминување, пред сѐ, не е помисла само на авторот на првата книга Песни (објавена во 1944 година), со која беше означено и започнувањето на дотогаш единствената слободна и регуларна пројава и развој на македонската литература и култура, туку првенствено е помисла на еден од најчистите и најпрепознатливи лирски гласови во современата македонска поезија, еден од нејзините суверени поетски врвови.

Одгласот и вниманието што му е укажувано и му се укажува, а верувам и во иднина досежно ќе му се укажува низ критичките, критичко-есеистичките, книжевно-историските и книжевно-теоретските согледби, сочелувања и толкувања кај нас и надвор од нашава јазична средина, наспроти континуираните нови поетски објави и стратегии во македонскиот книжевен простор, само го потврдувале и ќе го потврдуваат неодминливиот творечки влог на поетот Ацо Шопов, откривајќи ги и растајнувајќи ги неговите автохтони поетски и поетички вредности и достоинства.

Од широкиот регистар на вакви повеќестрано задлабочени обраќања кон поетското творештво на Шопов, овојпат изземајќи го неговото вредно преведувачко и препејувачко искуство, би ги спомнал, меѓу другите, текстовите, студиите и трудовите на: Димитар Митрев, Георги Старделов, Гане Тодоровски, Милан Ѓурчинов, Душко Наневски, Радомир Ивановиќ, Матеја Матевски, Ефтим Клетников, Миодраг Друговац, Атанас Вангелов, Катица Ќулавкова, Милош Линдро, Веле Смилевски, Раде Силјан и други. Но, меѓу причините за поетовата популарност и сестраниот заглед во тематско-стилските особености и поетични начела на Шопов, во неговиот поетски опус што го сочинуваат дванаесет првообјавени, бездруго е и фактот што животворноста на неговото поетско искуство позитивно влијаеше врз творечките процеси и поттици на повеќе поколенија творци во нашата литература од втората половина на минатиот век, меѓу кои и на претставниците од мојата поетска генерација.

Во настојувањето да го искажам личниот восхит кон поезијата на Шопов, особено од почетокот и текот на педесеттите или етапата на неговата интимна лирика [со Стихови за маката и радоста (1952), Слеј се со тишината (1955), и Ветрот носи убаво време (1957)], па од шеесеттите [со Небиднина (1963), и Гледач во пепелта (1970)], сѐ до последната етапа од седумдесеттите [со Песна на црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980)], надополнет со среќата и лично да го познавам и да разговарам во повеќе наврати со авторот, јас за овој собир се определив за темата што ја насловив „Зборот што се раѓа од лирскиот оган“, со поднаслов „Кон песната ‘Раѓање на зборот’ од Ацо Шопов“.

Меѓу повеќето средишни симболи и семиотички јадра во лирски-сензибилното доживување и обликување на авторовиот свет, какви што се љубовта, убавината, песната, осамата, тишината, ветрот, водата, телото, пепелта, небиднината, сонцето, жената, дрвото и слично, сметам дека зборот и огнот имаат стожерно место и значење. Низ нив најосведочено проговара изворната и егзалтирана лирска возбуда на Шопов, тие се знакот на преданоста и проклетството што ја прават своја и неповторлива магијата на поетовото пеење и мислење.

Потрагата по зборот како творечки порив за себесознајба и откровение, како именување на оној исконски предизвик што го овозможува патувањето кон тajното и непознатото, е начинот да се еманира духовната слобода, искреноста и интегралното сфаќање на поезијата. Со тоа на поетот му е овозможено автентично да ги соедини бујноста и едноставноста во исказот, да им ја најде мерата на високите чувства и јазичните нијансирања на пораките во песната. Зашто зборовите се раѓаат од нестивнатиот лирски оган што создава и опожарува, што оживува и скаменува, населувајќи и свое време на љубовта и биднина на небиднината. Без тој оган, без тој копнеж и мечтаење што клокотат во крвта, се чини нема вистински поет, па и творец, ако сакате, и само тој и таков оган му овозможува нему, што би рекол Бодлер, чистота на создавањето без опасност да се претвори во нешто спротивно на поетскиот чин.

Како најпоказна за ваквото уверување бездруго се укажува песната „Раѓањето на зборот“, која според мене има антологиски стојности и според симболичко-асоцијативните значења и според ритамот и звучењето што ги содржи. Со неа се отвора првиот циклус („Молитви на моето тело“) и целата книга со необичниот и веќе прочуен наслов Небиднина. Песната е сочинета од 25 стихови, и таа гласи:

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.

Глужд на глужд
Камен врз камен
од камен и ние обата.
Чади ноќта
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш
небото го лулаш
Земјата ја вртиш.

О ти што постоиш зашто не постоиш
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
зборот што ги крши сите слепоочници.

Глужд на глужд
Камен врз камен.
Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот
да се стопам.

Со оглед на фактот што песната „Рагање на зборот“ ѝ припаѓа на збирката Небиднина која, заедно со Гледач во пепелта, ја сочинува третата, според повеќемина проследувачи и толкувач на творештвото на Шопов со кои сме согласни, најзрела и творечки најдоблесна фаза, таа и природно ќе се најде на почетокот од книгата, зашто со неа, како што ќе укаже и Георги Старделов, Шопов достигнува една жива „нова синтеза на традицијата и модерноста“, моделирајќи „чиста поетска форма“. Ќулавкова, пак, ќе потенцира дека во тој поетски круг (мислејќи на третата фаза), „Ацо Шопов созрева во парадигматично добар поет како во македонски јазични и културни рамки, така и во светски“ [Зреење на песната].

Значи, очигледниот радикален и продуктивен пресврт во спомнатава развојна фаза, со која ќе се случи преобразување, на „поетските елементи и нивните својства и улоги, и тоа во сообразност со својот примарен интерес на песната“, како што сугерира Ќулавкова, логично му ја откриваат на поетот опсесијата со раѓањето на зборот. Небаре негово прочистување и преоблекување во ново руво. Зашто во почетокот беше зборот, како што се вели во старозаветната книга за настанокот, а од него и Бог е создаден, со што се укажува на божественото битие на јазикот, кој пак, како што вели Хајдегер, е „куќа на битието“.

А песната почнува со метафизичката слика за излузнетиот предел и камената шума, во која и поетот и зборот ѕемнат скaменети. И одеднаш над таа недогледна едноличност и тежина, секнува искра, чади ноќта и:

Зборот се двои од темнината
Модар јаглен му гори во утробата.

Оваа дејствена и мудра (модрата боја симболизира мудрост) преобразба на зборот во светлина, според истиот принцип на божјото oдделување на светлината од темнината при неговото создавање на светот, се доживува како инкантација на зборот, негово излегување од зоната на инферналност и втиснување во зона на пеење и паметење, при што се чини смислата на животот и сушноста на траењето добиле смисла преку слоевитото осознавање на зборот, на неговите насетени моќи и загатнати волшепства. Оттаму и неговата ту податност ту бестелесност, но и сила – магиска и божја – со која нему, на зборот поетот му дал една нова космичка димензија, та вели:

О ти што постоиш зашто не постоиш
небото го лулаш
земјата ја вртиш..

Таа и таква моќ или семоќ на зборот родена е и суштествува во огнот на чувствувањето, во откривањето на онаа конвулзивна драма што се збиднува во процесот на создавањето кога сме исправени пред феноменот на таа рожба, на таа, како што вообичаено би рекле, најголема и највозбудлива тема на поезијата. И пак потсилениот и молитвено придушен тон кон божеството, зборот што предолго во поетовата глава пробивајќи го сопствениот пекол и сопственото непостоење, се подава на светлоста на денот како проговор и артикулација на таа драма:

О ти што постоиш зашто не постоиш
земјата јачи под камени плочници
Иде замелушен од своите смрти
зборот што ги крши сите слепоочници.

Но, начинот на тоа пробивање, на тоа разоткривање на неговата јатка и срцевина не е завршен. Се вала и корне таа движба што ослободува ненасетена енергија, проникана од прокуди и сомнежи дури не се отвори сосема неговата јатка, неговата високо крената „ко проклетија“, „камена тврдина“, сѐ дури низ тоа велико творечко горење не се совладаат сите видливи и невидливи пречки, и конечно, како што вели, не се постигне онаа нужна ревелација на духот со завршниот чин:

да изгорам во јагленот на зборот
да се стопам.

Импресивна, и за мене неповторлива е оваа песна, во која поетот, низ навидум едноставни изразни средства, но со многу цврст строеж, значенска слоевитост и прегнатност, звуковни прелевања и потсилувања со божем неколку попатни рими и асонантни допири, со неколку рефренски пасажи, остварил творба која докоснува до најдлабокото и највисокото во човека уште при првиот прочит.

Во неа до целосен израз доаѓа незгасливиот скриен оган на внатрешната вжестена имагинација, низ кој неговото величество зборот добива митски облик и значење, некоја трансцеденталност укажувајќи ни се во клуч што ги отвора сите катинари на човековото битие и на устроеноста на светот, поради што и неговата толку висока етичка и естетстска функција. Тоа, би рекле, ја наметнува и онаа нужна претпазливост со ракувањето со него, зашто геслото на големиот српски поет Бранко Миљковиќ, „Ме уби пресилниот збор“, може да соодветствува и за нашиот голем поет Ацо Шопов, со таа разлика што свеста за разорната моќ на зборот, кај него е катализирана низ внатрешниот судир и драма со силите на кобата и мракот, и неговиот пулсирачки агенс во песната се престорил во убавина и траење.

Во оваа песна со одеци на галоп и водопади, со мудри свиоци и постигната цврста меѓусебна поврзаност на елементите или деловите во песната, поради што и не е изделена во куплети или други целости, Шопов остварил висок степен на поетско мајсторство, како што го еманираат само поети од формат, или „поет по призвание“, како што рече неговиот голем современик и близок врсник Блаже Конески за Шопов.

Во еден од зачуваните разговори што ги водев за Радио Скопје, по повод излегувањето на поетската книга Гледач во пепелта во пролетта 1970 година, а го открив подоцна во нашата фонодокументација и го објавив заедно со еден мој текст за Шопов во списанието Културен живот број 4-5 од 1982 година, поетот во врска со поезијата и нејзините инспиративни извори за него, меѓу другото, ќе рече: „Моето досегашно поетско искуство ме учи дека вистинската поезија е свето за онаа скриена тајна, многу значна и докрај неодгатлива смисла на животот, понирање во оној ред на нештата што се наоѓа некаде длабоко закопан под хаотичноста на појавните облици“.

Потоа Шопов додава: „Последниве години, поточно од Небиднина па наваму, сѐ повеќе ме привлекува проблемот на зборот сфатен како универзален поим кој ги содржи во себе и сите други поими: земјата, љубовта, татковината. Во врска со ова, еднаш веќе реков дека поетот е тој кој ја оживува оваа шума од зборови, прави дрвјата да чекорат и како глужд врз глужд ги става зборовите замелушени од своите многубројни смрти на нивното вистинско место. Да се најде вистинскиот збор, тоа значи да се најде вистински поетски пристап кон оние теми што ги мачат сите поети и современици“.

И уште последниот пасус од разговорот кој ми се чини важен и за нашава тема: „…што се однесува до доследноста во градењето на сопствената поетика, неа единствено ја сфаќам како можност секогаш да се биде нов и свој, како една развојна врвица на која поетот своите нови сознанија и искуства секогаш ги соопштува на нов начин, но нов единствено за него без да им робува на туѓите поетики“.

Потврда на овој своевиден естетски и поетички идеал на Шопов да се биде нов и свој, како што императивно потенцира, е неговата песна „Раѓање на зборот“, во која за него дотогаш на нов и на свој начин откри нови мисловни и емотивни хоризонти на својата поетска реч, неповторливо се извиши над минливоста и кусовечноста на животот легитимирајќи се како наш најосведочен лиричар.

Зашто низ долгото доаѓање и горење на лирскиот оган во него, да парафразирам една од исто така неговите клучни подолги песни според која онасловив еден избор од неговата поезија за белградски Рад, што го препеа Сретен Перовиќ, тој го пронајде зборот како стварност за себе, но и реалност за сопствена идентификација и препознавање на човековиот универзум.

Оттаму предметнава песна се чини толку силна, катарзична и вдахновена, како да ѝ минал божјиот лак на откровението, озарувајќи ја со светост и просторно-временска беспределност. Таа сега ни припаѓа на сите, зашто со самиот чин на создавањето поетот му ја дарувал на својот јазик и светот, во духот на она сознание на мудриот Дерида дека „Само со тоа што сум ги изговорил, зборовите што сум ги наумил, веќе не ми припаѓаат“. Таква е оваа песна.
__________________________

* во  Животот и делото на Ацо Шопов, Скопје, МАНУ, 2005
__________________________

Прочитајте го и написот на Чаловски, објавен во Културен живот бр.4-5, април-мај 1982, стр.41-43, под наслов „Поезијата е предизвик за патување кон непознатото”. Во него е содржан разговорот што Чаловски го водел со Шопов во 1970 година, по повод објавувањето на Гледач во пепелта, за емисијата „Културен мозаик” на Радио Скопје.