This post is also available in: Italian

Матеја Матевски

Матеја Матевски (1929-2018), македонски писател

Во тихата приквечерина на дваесетти април*

Матеја Матевски

Ликот и делото на Ацо Шопов повторно нѐ собраа околу себе. Но овојпат не се среќаваме со неговиот ведор поглед и со неговиот пријателски и топол збор. Тие изгаснаа во тихата приквечерина на дваесетти април и денес ќе ѝ се предадат на длабочината на земјата, оставајќи го зад себе својот жив спомен и своето трајно присуство во нас, неговите современици, и во дните на генерациите што ќе дојдат.

Тешко е во овој миг, под притисокот на тагата, да се говори за Ацо Шопов, за неговиот ôд низ животот и низ поезијата, зашто тоа чекорење е толку страдалничко и едновремено толку богато и плодовито, што не може да се даде во еден единствен заграб. Идните читатели и идните истражувачи на неговиот живот и дело ќе продолжат да му ја подаруваат, како и ние, својата љубов и својата несоница.

Ацо Шопов спаѓа во оние храбри мажи на оваа македонска земја што постигнаа целосна идентификација на својот живот и дело со животот и судбината на својот народ и на своето време. Од младешките свои години, сочувствувајќи со судбината на својот народ тој ја чувствува и неговата иднина, определувајќи се со своето сѐ уште неуко перо и со своите млади рани за неа. Така, тој им останува верен на своите големи претходници — Константин и Рацин, што со својата крв и со своите песни ги испишаа најубавите и најпотресни страници на маките и на мечтите на еден мал страдалнички народ. Стапувајќи во првите редови на Борбата и Револуцијата, во нивните први денови, Ацо Шопов ја пее нивната песна на која ќе ѝ остане верен до крајот на својот живот.

Во нас е живо сеќавањето на оној студен јануарски ден од 1945-та година, кога на учесниците на Вториот конгрес на НОМС им беше поделена малата розова книшка стихови од Ацо Шопов, првото наше поетско издание во слободата [Песни]. Уште татнеше војната по рамнините на Панонија кога во преполната сала на Офицерскиот дом одекнуваа пламените стихови од „Љубов“ и овациите на воодушевената младина. Со таа тенка книшка се огласуваше првата пострациновска генерација македонски писатели, што стиховите и записите бележени во текот на војната ги разгрнуваа во слободната татковина. Со неа македонската литература и македонската култура влегуваа во новата епоха, слободна, титовска, југословенска, како што стапуваа во неа и народот и јазикот од чии пазуви тие изникнаа.

Оттогаш започнува плодниот 40-годишен творечки период на Ацо Шопов, во кој тој ќе ги испее своите десетина** книги поезија — од Песни и Небиднина до Дрво на ридот, и исто толку книги препеви, од Шекспир и Ростан до Жупанчич и Крлежа. Тој период го означува искревањето на Ацо Шопов во врвовите на македонската литература и на повоената југословенска лирика, што ќе биде овенчано со бројни признанија и награди — од наградите „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ па сѐ до наградата АВНОЈ и до стапувањето во МАНУ со нејзините први членови.

Убавината на неговата поетска реч ќe придонесе, преку бројните преводи на јазиците на сите југословенски народи и народности и преку преводите во многу странски земји, богатството на македонската поезија да одекне во широкиот југословенски и странски простор.

Еден краток животен пат од штипските маала и од провинциската анонимност на неговата поробена и потиснувана земја до нејзиниот расцут и афирмација, од првите егзалтирани младешки стихови до зрелоста на еден модерен поет и мислител, еден краток животен пат, а толку многу исполнет со богатство и содржина.

Ако кон неговиот занес за поезијата се придружи дејноста на Ацо Шопов како издавач и публицист, неговата широка културна, општествена и дипломатска дејност, може да се заокружи сликата на неговото пеење и живеење, но не и да се осветли таа во сета своја убавина и богатство. Меѓутоа, идентификацијата на своите песни со судбината на својата земја, на своето човечко и револуционерно дејствување со судбината на својот народ Ацо Шопов ја продолжува до денес, потврдувајќи ја постојано со еден бележит пример на живеење на поет и хуманист.

Поетот Ацо Шопов, како што велеше самиот, сакаше да биде „отклик див на бурите и нежен здив на зората“ и сето свое творечко живеење тој му го посвети на тој младешки порив, постојано поврзувајќи ги, спојувајќи ги, слевајќи ги овие навидум противречни и неспоиви стремежи. Меѓу нив тој бара смислата на своето живеење и на поширок план ги разгрнува егзистенцијалните прашања на пеењето и живеењето. И тогаш, кога неговата песна ќе ја напушти естрадната и патетична егзалтација, свртувајќи кон пристаните на тихата, смирена реч, бурите што ја брануваа и тревожеа неговата младост не стивнуваат во него.

Следејќи го одот на своето време и на современата поезија кај нас и во светот, тој постојано се свртува назад, во својата младост, во своите корени. Дури и тогаш кога се инспирира со далечните светови, тој смислата на своето пеење ја открива само во откривањето на врските, на мостовите со својот народ, само како врвица што постојано ќе води кон него, кон изворите. Неговата книга Песна на црната жена е најубаво и најсигурно сведоштво за тоа, како што последната негова книга Дрво на ридот го продолжува неговиот заграб во својте интимни и во универзалните трауми.

Сето ова всушност укажува на доследноста на сензибилитетот на Ацо Шопов, што низ сите мотивски, јазички и изразни трансформации ги задржа своите основни својства, градејќи ги, збогатувајќи ги, усовршувајќи ги со секој изминат ден, со секоја напишана песна.

Ацо Шопов како поет на Борбата и Револуцијата им се придружи на оние македонски и југословенски поети што ги испеаја најубавите и најсугестивните песни за страданијата, за жртвите, за херојството, за вербата на човекот. Неговите стихови од песните „Очи“ и „Љубов“, врз кои се восхитуваа и возбудуваа генерации, спаѓаат во ретките примери на изразување на револуционерното и татковинското чувство во нашата поезија и продолжуваат да зрачат со својата пламена убавина. Тие ја овозможија и збогатија антологијата на македонската и југословенската лирика и станаа големо и трајно сведоштво за своето време и за можностите на својот јазик, кој во нив ги разгрнуваше својте потиснувани и запретани вредности.

Следниот период на творештвото на Ацо Шопов се движи од лирско-медитативни до рефлексивно-филозофски преокупации и тоа тече од неговите книги стихови Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време кон Небиднина и Гледач во пепелта сѐ до неговите последни книги.

Во нив се менуваат изворите на инспирацијата, се менува јазикот на поетот, се менува структурата на песната од него вите први книги, но останува непроменет неговиот хуманизам, неговиот лиризам и страственото негово кажување, толку присутно во неговите рани песни со непосреден и дневен ангажман. Тој во нив длаби, постојано барајќи и откривајќи во нив нови значења и нови вредности. Неговото животно, интелектуално и поетско созревање ја свртуваат неговата оптика кон нови извори што се движат од разгрнувањето на интимата, од нејзиното себеиспитување кон егзистенцијалните прашања на творењето и живеењето.

Така се шири и се универзализира поезијата на Ацо Шопов, зрачејќи со нови значења и со нови пораки. Загрижен за себеси, тој е загрижен за човекот и светот, надвеснувајќи се над себе, тој се надвеснува над нив; чувствувајќи ги своите тревоги и несоници, тој ги открива нивните. Тој ја испитува смислата на пишувањето, ја преиспитува вредноста и целта на пеењето, постојано е присутно едно нагласено трагично чувство во него, но тоа не води кон откажување од пеењето, туку напротив, тоа ја открива тежината и вистинското значење на зборот кој е иднина и на поетот и на човекот. Така, низ траумите на себеиспитувањето, Ацо Шопов продолжува за сето време да ја носи светлината од своите први песни, зашто тој им верува, ѝ верува на поезијата и само за неа живее. Тој е еден од ретките повоени југословенски лиричари што без остаток, до дното на своето битие живее за песната, за поезијата.

Една од големите инспирации на Ацо Шопов е љубовта, љубовта кон жената, кон саканата, и таа го исполнува просторот од првите до последните негови песни. Движејќи се од млдешката и романтичарска егзалтација кон интелектуалното и филозофското откривање на овој мотив, но секогаш со блескав и страствен лиризам, тој напиша раскошни стихови за љубовта, враќајќи се, доследен на својот сензибилитет, кон една синтеза на љубовта кон жената, кон земјата и кон човекот воопшто. Така, во својата песна „Треба да бидеме подобри“, во таа химна на човечноста, тој повторно го прави оној префинет, дискретен премин, поточно спој на овие свои љубови. Тој негов поетски ток се движи кон неговите африкански песни, постигајќи ја во нивните стихови синтезата на вредностите на љубовта на еден широк, универзален план. Во неа, во страствените сврзувања на Штип и Жоал, на Африка и Македонија, Ацо Шопов, пак доследен на својот сензибилитет, на своите идеали од младоста, високо го афирмира своето пеење на вистински хуманист.

Поезијата на Ацо Шопов високо ги афирмира и вредностите на нашиот јазик. Од првите стихови, таа го навести и откри неговото особено и силно чувствување на убавината на македонскиот јазик, на неговите суптилни треперења, неговата музикалност, неговите богати можности. Тој нив ги откриваше во секоја своја песна, наоѓајќи се во нив самиот себеси.

Превасходен лиричар, тој ги бараше непосредните заграби во користењето на јазикот, црпејќи од неговиот речник, од неговите значења, од неговите звуци. Така се создаваше едно пеење што непосредно допира до нас, со една течна, кристална звучност, афирмирајќи ги убавините на јазикот што подеднакво убаво звучи во разните структури на стихот и песната. Поезијата на Ацо Шопов го чувствува неговото богатство и неговата гипкост и штедро ги демонстрира. Со тоа таа даде свој темелен придонес во развивањето на нашиот поетски говор и на нашиот современ јазик воопшто.

Доскора Ацо Шопов својата поезија ни ја соопштуваше со својот глас, со оној топол, звучен, резонантен, напевен глас на егзалтиран и занесен лиричар. Отсега таа ќе ни доага само преку неговите книги. Тие остануваат како големо, длабоко и трајно сведоштво за една блескава и ретка дарба што умееше на неповторлив начин да ги испее страдањето и радостите на нашиот народ и на нашето време, доживувајќи ја и градеjќи ја слободата нивна и своја: како борец, како културен и општествен деец и како поет. Со нив тој стана еден од најбележитите творци на нашата нова литература и култура.

Кога се јави Ацо Шопов со своите први песни, новата македонска литература и култура ги правеа своите први чекори. Денес, при неговото заминување, тие го доживуваат својот расцут. За тој расцут неговиот придонес е скапоцен, основоположнички и траен. Со неговото заминување престанува да пее еден од најубавите гласови на нашиот јазик.

Но тој го оствари својот идеал: тој ги обедини во себе во потполн склад откликот на бурата и тишината на муграта.

Со нив Ацо Шопов засекогаш ја совлада небиднината.
_____________________________
* Беседа на Комеморативна седница на Македонската академија на науките и уметностите, одржана на 22 април 1982 година. Објавена во Разгледи, 1982, бр. 4, стр. 215-220, во Споменицата Ацо Шопов (1923-1982), Скопје, МАНУ, 1983, и, под наслов „Во сеќавање на Ацо Шопов”, во книгата Од традицијата кон иднината (огледи, критики и прикази за литературата), Скопје,  Мисла, 1987, стр. 51-57 (повторно издание: Матица македонска, 2005)
** Поточно, тринаесет.

Прочитајте ја исто така беседата на Матеја Матевски Поезијата на Ацо Шопов изречена во МАНУ, на свечениот собир, во 1983 год., по повод одбележувањето на 60-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Текстот е објавен во Стремеж, год. XXVIII, бр. 1, Прилеп, 1984, стр. 27-30, и во книгата Од традицијата кон иднината, 1987, стр. 58-63.