Восхитувачка еволуција на творечкото созревање*

Матеја Матевски

Матеја Матевски (1929-2018), македонски писател

Матеја Матевски

Овој собир, посветен на шеесеттиот роденден на Ацо Шопов, повторно му се враќа на она што трајно ги означува неговиот живот и дело, сето негово битие: поезијата. На својот роденден, што ни подари еден од најубавите гласови на нашата лирика, тој не е меѓу нас. Но еве, како што бидува секогаш со вистинските личности на своето време и на времето што доаѓа, со нас е неговиот говор, неговиот глас, тука се неговите песни. Тие нѐ сврзуваат со поетот Ацо Шопов, со онаа трајна врска што ја одржува само убавината и сугестивноста на неговиот збор, што останува да сведочи за една голема дарба чии творечки и хумани пораки се меѓу нас, живи и животворни, говорејки за убавината што не може да ја нагризе забот на безмилосното време. Тие се толку живи што ги доживуваме исклучително како нивни современици. Убеден сум дека истото чувство ќе ги исполнува и идните читатели на неговата поезија.

Ацо Шопов спаѓа во оние личности на македонската култура, што постигнаа потполна идентификација на судбината на својот живот и творештво со судбината на својот народ и на своето време. Тој свој идеал тој ќе го постави пред себе од млади дни, кога ќе се определи за Борбата и Револуцијата, за да стапи во нејзините вооружени редови, станувајќи нејзин активен учесник, сведок и хроничар. Тоа определување нему му го овозможува нерадосното штипско и македонско детство (Ацо Шопов е роден во Штип, на денешен ден во 1923-та година) и тој ќе му остане верен до крајот на својот живот. Во партизанските редови тој ќе ги испее и своите први песни, подарувајќи ни ја така и првата книга стихови на македонски јазик објавена во слободата. Со тоа тој на симболичен начин го заокружи и исполни визионерството на Рациновите Бели мугри, објавени во годините спроти војната и кои длабоко ќе го возбудат и инспирираат младиот поет, градејќи го неговиот сензибилитет и неговиот поетски јазик.

Сиот живот на Ацо Шопов е една угорнина: по патиштата на борбата и револуцијата, по патиштата на културниот и општествениот ангажман, по патиштата на своето пеење. Тој спаѓа меѓу првите уредници и основачи на нашите литературни списанија и издавачки куќи и, е еден од нашите најистакнати преведувачи. Да се потсетиме само на неговите успешни препеви на Шекспировите сонети и на неговиот Хамлет, на Корнејовиот Сид и на Ростановиот Сирано де Бержерак, како и на стиховите на Змај, Крлежа или Жупанчич. За своето исклучително и плодно поетско и преведувачко творештво Ацо Шопов стана добитник на речиси сите наши општествени признанија, меѓу кои на наградите „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“ и „АВНОЈ“. Поради него тој и ќе стане еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Неговата поезија има свои постојани и бројни љубители во Македонија и вон неа, поради што доживеа повеќе изданија на сите југословенски, како и на повеќе странски јазици. Освен во одделни книги, неговите стихови се застапени во бројни антологии на македонската, југословенската и светската поезија во нашата земја и во странство.

Неговата биографија и неговиот творечки опус го афирмира Ацо Шопов како еден од вредните градители на нашиот јазик, литература и култура. Со својата поезија тој го градеше нивниот растеж, откривајќи им ги убавините на времето што доаѓа, на модерното време.

Читајќи ги сега стиховите на Ацо Шопов, забележуваме една нивна восхитувачка еволуција: не на планот на сензибилитетот и на идејното определување, зашто Шопов ним им останува верен до последните свои песни, туку на планот на творечкото и интелектуалното созревање. Тој развиток што ни за миг не го прекинува континуитетот, критиката веќе го подели на неколку периоди. Тие периоди, иако можат да се посочат и ним да им се додадат и последните песни, не можат ни стриктно да се одделат, ни суштински да се разликуваат, зашто Ацо Шопов од своите први песни доследно ја следи линијата на своето пеење: низ сите трансформации, тематски и јазични, тој се открива и постојано се потврдува како поет на длабоко интимното, во кое се одразуваат сензациите и настаните на надворешниот свет.

Тоа обично се поврзува со појавувањето на неговата книга Стихови за маката и радоста, во сега веќе далечната 1952 година, со која се означува еден од почетоците на нашата интимна поезија. Меѓутоа, за Ацо Шпов тоа е карактеристично од самите негови почетоци. Имено, приврзаник и пламенен заробеник на ангажираната поезија кај нас – на поезијата на трагиката, на патосот и на подвигот на борбата и револуцијата, на занесот на обновата и изградбата на земјата, на трагичната егејска разврска соопштени во неговите први книги – Песни, 1944, Пруга на младоста, 1946, Со наши раце, 1950 и На Грамос, 1950, Ацо Шопов, иако под влијание на поетите на политичката и социјалната инспирација, се открива пред сѐ како лиричар, како поет на човековата и поетовата интима, во која треперат суптилните струни на една нагласена чувственост. Така, тој всушност ја презема Paциновската традиција во нашата поезија, нејзината ангажирана баладичност и елегичност што, заедно со влијанието на народната песна ќе ги сретнеме во некои пасажи па и цели песни од првиот негов циклус, или пак во еден романтичарски призвук што ќе одѕвонува низ сиот негов прв творечки период.

Во книгата Стихови за маката и радоста Ацо Шопов всушност само ги напушта дотогашните теми и мотиви, за да зачекори од социјалните мотиви во личните, задржувајќи го и развивајќи го својот лирски порив. Во напуштањето на тие теми, во таа, условно речено, десоцијализација, овие стихови понекогаш ќе го направат патот од личното до приватното, сал на моменти достигајќи до поуниверзални пораки. Инспирирана од општите состојби во југословенската поезија од тоа време, таа книга претставува големо отворање и премин на неговата поезија во вториот период од неговото творештво, што фактички започнува во 1955-та година со збирката стихови Слеј се со тишината. Тој период всушност тече преку Ветрот носи убаво време (1957) сѐ до Небиднина во 1963-та и Гледач во пепелта во 1970 година. Ако се следи развојната линија на овие книги, поделбата нивна на два одделни периода би можела да биде само условна.

Во овој творечки период, што трае цели петнаесетина години, Ацо Шопов ги испева своите најубави стихови, наредувајќи се меѓу стожерните автори на македонскиот литературен развиток и меѓу истакнатите современи југословенски лиричари. Тоа е за него најплодниот период во кој тој ќе го доживее вистинското интелектуално и творечко созревање. Гледана во тој контекст книгата Стихови за маката и радоста го овозможува пукањето на тематските обрачи на неговата лирика, што целосно ќе ја заплисне интимистичката инспирација и која понатаму ќе го овозможува и поттикнува неговото поетско љубопитство. Лириката ги надминува строго личните наслојки, навлегувајќи во универзалните хуманистички и метафизички предели. Наративната постапка и описите се заменуваат со длабење во суштината на нештата. На таканаречените општи поетски теми, како што се феноменот на убавината, на љубовта и пријателството, на добрината, покрај егзалираниот химничен пристап се надоврзуваат медитативното и контемплацијата. Искуството на францускиот и рускиот романтизам ги шират творечките видици на Ацо Шопов за метафизичките и филозофски теми, го облагородуваат и збогатуваат неговиот јазик и неговиот исказ, го цизелираат неговиот усет за најсуптилните треперења во него и во светот околу него. Искуствата на модерната поезија му ги навеваат егзистенцијалните прашања за смислата на пеењето и живеењето, исполнувајќи ја неговата поезија со длабоко хуманистички пораки. Пеењето за љубовта и добрината, за тишината и светлоста, за огнот и водата се движи кон своето филозофско јадро, универзализирајќи ја уметничката авантура на поетот. Во некои песни од Небиднина и Гледач во пепелта Ацо Шопов го достигна врвот на својата творечка зрелост во која се соочи со најсуштинските егзистенцијални, универзални и космички прашања, од кои се излеаја стихови што претставуваат зреење на сета наша поезија.

Последните творечки години Ацо Шопов ги исполни со две нови книги поезија: Песна на црната жена, 1976 и Дрво на ридот, 1980 година.

Првата е резултат на неговиот неколкугодишен африкански престој. За неговата чувствителна природа не можеа да останат туѓи трепетите и мирисите на африканското поднебје, на неговата флора, на неговите луѓе, убавината на неговите жени. За неговото хуманистичко чувство и искуство не можеше да остане далечна и туѓа судбината на Африка, нејзините несреќи, нејзината големина, нејзините митови и легенди. Инспириран од поетите на негритудата тој ќе ги просее низ својата личност тие теми, егзалтирано пеејќи за убавината и болно сочувствувајќи со несреќата на континентот како со несреќата на својата земја, на својот Штип, испевајќи стихови на возвишен занес и длабока болка.

Дрво на ридот би можело да се нарече еден вид поетски тестамент на Ацо Шопов. Тој како да го прави билансот на својот живот, враќајќи се на некои прашања што ќе си ги постави уште во првата своја книга, во неа тој е гладен, прогонуван, рануван. Сега е тој болен, прикован за постелата на еден скоро Хајнеовски начин:

Како ќе заврши, господи, оваа невидена битка,
целото тело на светот што го прекршува и витка,
оваа битка меѓу крв и камен, меѓу камен и крв?
(„Телото е неподвижно а крвта не мирува“)

Тоа е основното прашање што си го поставува Ацо Шопов и за себе и за светот, и на кое, доследен на своето пеење и мислење ќе одговори дека „Телото е неподвижно а крвта не мирува“. Борецот Ацо Шопов смислата на живеењето ја гледа во отпорот на злото, во борбата со болка против болеста, за да ја афирмира, уште еднаш, на крајот од своето пеење и својот живот идентификацијата на сето свое битие со битието на својата земја, на својот народ и на човекот.

Овој хуманистички ангажман Ацо Шопов го остварува во мигови на силна инспирација со суптилноста на лирското пеење што стана толку својствено за неговата поезија. Со него тој стана гласник на нашата нова поезија, со него тој стана еден од врвните изрази на големите можности на нашиот јазик и на неговото пеење.

Тоа прави неговото човечко и поетско битие да ни биде постојано блиско и живо, а неговите егзалтирани стихови постојано да нѐ возбудуваат и исполнуваат со својата трајна убавина.
_________________
* Беседа на Матеја Матевски во МАНУ, на свечениот собир, во 1983 год., по повод одбележувањето на 60-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Текстот е објавен под наслов „Поезијата на Ацо Шопов” под наслов „Сиот живот – една угорнина” во Нова Македонија, 24.12.1983, стр 7, во Стремеж, год. XXVIII, бр. 1, Прилеп, 1984, стр. 27-30, и во книгата Од традицијата кон иднината (огледи, критики и прикази за литературата), Скопје,  Мисла, 1987, стр. 58-63 (повторно издание: Матица македонска, 2005)

Прочитајте ја исто така беседата на Матевски на Комеморативна седница на Македонската академија на науките и уметностите, одржана на 22 април 1982 година. Објавена во Разгледи, 1982, бр. 4, стр. 215-220, во Споменицата Ацо Шопов (1923-1982), Скопје, МАНУ, 1983, и, под наслов „Во сеќавање на Ацо Шопов”, во книгата Од традицијата кон иднината (огледи, критики и прикази за литературата), Скопје,  Мисла, 1987, стр. 51-57 (повторно издание: Матица македонска, 2005)