Ние пред светот*
За Ветер приносить погожие дни, Стихи, збирка на Ацо Шопов на руски
Милан Ѓурчинов
Еден детаљ од југословенската книжевна експанзија е пред нас: изборот од поетското творештво на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов во превод на руски јазик, прва книга од македонски автор на еден голем светски јазик.
Без патосот на наметливо наздравичарство, посакуваме да забележиме: прва наша книга, по дваесет години творештво, патува низ светот. Лишена од светлините и боите на својот изворен јазик, преточена во еден друг непомалузвучен стих, испратена во илјадници раце, упатена да одекне пред поинаков аудиториум, поинаков сензибилитет.
Што е поводот на оваа прва средба токму поетското творештво на Ацо Шопов не е нешто што би можело да изненадува. Зарем Шопов не е еден од првите, најистрајните и најубедливите наши поети? И по структурата на својот стих и по карактерот на својот творечки став кој низ перипетиите на нашиот книжевен развиток останал битно непроменет, се чини, тој најмногу одговарал на намерите и желбите на издавачот. Само на неупатените во сложената атмосфера на современите советски книжевни прилики еден ваков потфат може да се стори, во обличен, стандарден, конвенционален. Напротив, ние во ваквиот издавачки миг гледаме нова потреба на позитивното и охрабрувачкото во непрестано модифицираната карта на советските книжевни состојби.
[Оштетен дел од страницата на весникот] Нашава книга, во тој преглед, бездруго претставува пример на едно послободно и потолерантно презентирање на југословенската поезија особено споредена со досегашниот начин на претставувањето на нашата книжевност пред советските читатели.
Ослободен од резервите на излишна опрезност составувачот се погрижил да го претстави поетското творештво на Ацо Шопов во неговата хронолошка последователност и целовитост. Очигледно, тој ја компонира книгата, имајќи ја пред себе сета активност на поетот, низ шесте објавени стихозбирки до последната Небиднина, од 1963 г. Ние сме далеку од мислата дека таквиот избор овде се доближил или изедначил со антологискиот или оптималниот по однос на драгоцениот лирски фундус на Шопов. Глобалноста и обемноста на изборот му допуштиле на составувачот да не ги пренабрегне најдобрите поетски остварувања но и да го обремени истиот со текстови што ја доведуваат под сомневање сигурноста на неговиот вкус.
Очевидно, компонирајќи ја книгата составувачот многу повеќе мислел на одржувањето на хронолошката врвица отколку на доследната примена на одреден естетски критериум. Инаку како да се објасни, во изборот од педесет и шест песни, да биде пренабрегната песната „Очи“, една од најкарактеристичните и најубави песни од раното творештво на Шопов, за сметка на малокрвната и безизразна „Пред тргнување“ и грубо осакатената „Една вечер во гранично село“ од истиот период! Таквите примедби би можеле да продолжат и понатаму. Запираме, укажувајќи дека непостоењето на една постабилна естетска позиција секогаш му се заканува на изборот со шаренило што може да се почувствува како проблематично и недоволно убедливо.
Посебно е занимливо што е во оваа книга постигнато во дочарувањето на емотивно-мисловната и еуфоничната резонанса на Шоповиот стих. Мелодиозната пластика, потцртаниот лиризам и ускладениот емотивен призвук доживуваат на низа места мошне успешна транспозиција на јазикот што со низа својства ни е сроден. Тоа особено ќе го забележиме во раните песни на Шопов, каде што проѕирниот лиризам избива од јасно оцртаната нарација. За жал, лирската поезија на поетот бива, воглавно, изневерена во сложените негови лирски комплекси, во неговата последна книга Небиднина. Очевидно: густиот метафорички контекст, елиптиката на рефлексно-синтетичките стихови создаваат непремостиви тешкотии на преведувачите.
Измените, скратуваньата, заменувањето на една поетска мисла со друга, испуштањето на поедини фрагменти, па и цели строфи (во песните „Бегалци“, „Една вечер во гранично село“ и др.) бездруго го намалуваат впечатокот од преводите. (Патем, забележивме: во песната „Последна молитва на моето тело“ зборот „ветер“ произволно е заменет со „вечер“: во „Раѓање на зборот“, зборот „глужд“ е преведен со „ветка“ − „гранка“ наместо со „сук“ или „сучок“ насловот на збирката Небиднина е заменет со Вымысель, што значи измислица, наместо адекватниот руски збор Небиытие итн.).
Но и во ваков вид советското издание ја заслужува нашата доверба. Потребата да излеземе пред светот, неснисходливо и објективно да застанеме пред неговиот суд и оценка имаат за нас сè повеќе непригодно и неконвенционално значење.
Контактите со светот ветуваат нови, ослободувачки патокази.
_______________
* Текстот е објавен во Вечер, на 13.02.1965, стр. 7.