Една лирска нишка кај Шопов*

Слободан Мицковиќ (1935-2002), македонски литературен критичар, во 1976 год.

Слободан Мицковиќ

Поезијата на Ацо Шопов, уште од неговата прва поетска објава (Песни, 1944), беше прифаќана — и високо вреднувана — како интимна, исповедна, лична. Димитар Митрев за песните од таа книга ќе забележи: „Негови (авторски) се случките што ги опишува, негови се и кога дејствуваат егзалтирано или живеат во песната како изразување на самиот себе, како исповедност на борецот во себе.“1 Во таа збирка Д. Митрев изделува две песни: „Со најизразито поетско воздејство Ацо Шопов ја има разработено темата за делот со кој се открива во борбата другарката — боркиња. Тоа се песните Љубов и Очи2.

Поезијата на Шопов, низ растежот и откривањето на неговата дарба, добива разновидни насочувања — но таа е со години согледувана како интимна, исповедна лирика. Во својата студија за Шопов Г. Старделов забележува: „нашата литературната свест, главно по повод Стихови за маката и радоста, ја означи како интимна лирика на Ацо Шопов.“3 Старделов посочува на тоа дека за поезијата на Шопов е пишувано многу: „Пишувано е од различни луѓе, но во однос на основната оценка на неговата поезија не е пишувано битно различно. Различни луѓе, а сепак исти судови.“4 Старделов покажува дека суштината на поезијата на Шопов, особено по Слеј се со тишината, и, особено во Небиднина, влегува во сложената размисла за човекот и, ако говори за својата интима, за љубовта тој „ја разгатнува филозофијата на љубовта“5.

Така, постепено, во песните на Шопов книжевната свест почна да наоѓа нови димензии, пробиви во темното во човекот, откривање на судбинското на својот народ, на небиднината. Длабочината на тој поетски зафат ја посочува, на пример, Д. Наневски: „По долго трагање и низ поетска “Молитва за еден уште непронајден збор“ тој творечки го најде големиот збор што го бараа многумина и го нарече: небиднина“6. И самиот Шопов, во едно од ретките лични просветлувања на своia поезија, ќе забележи: „Јас за својата вистинска творечка објава го сметам моето пишување за небиднината. Небиднината јас ја сфаќам како остварување низ неоствареност. До тоа сознание не дојдов наеднаш и свесно, туку тоа е резултат на моето поетско искуство, до кое јас со секоја песна се доближувам. Конечното доближување, конечното свесно откривање на небиднината, се наоѓа во истоимената збирка.”7

Шопов говори за својата поезија мошне ретко и малку, главно по конкретни поводи и како одговор на конкретни прашања. За двете песни што се предмет на нашево интересирање тој говори во еден поопшт и значаен контекст: „Многу нешто од мојата биографија се наоѓа во мојата поезија, се разбира на еден поетски начин доживеана и кажана. Песните “Очи” и “Љубов” се на некој начин мои доживувања. Тие и двете се посветени на Вера Јоциќ.“8

Едно од прашањата што се поставува во врска со песните „Љубов“ и „Очи“ може да се согледа на нивото на „доследноста на поетската личност“, односно на тоа дали тие две рани песни (1943) наоѓаат своја натамошна линија во поетското творештво на Шопов, или пак припаѓаат само кон една појава во нашата повоена литература, литературата за/од НОБ, која има свое челно место во книжевно-историската периодизација а свое одделно место во поетичката втемеленост на нашата современа поезија. Всушност, дали Ацо Шопов со својата подоцнежна поезија, за која навистина многу е пишувано, ја отклони од визурата на актуелниот книжевен и естетски интерес својата поезија од периодот за/од НОБ.

Кај Д. Митрев среќаваме едно занимливо, поттекстно искажано согледување, кое содржи и една иманентна оценка: „Лирски непосреден и лирски еруптивен во песни како „Љубов“, „Очи“, „Партизанска пролет“, поетот се покажува таков и во својата интимно лична лирика“. Во оваа опсервација на Митрев согледуваме две промисли: прво, тој овие песни ги изедначува со песните од Слеј се со тишината на едно стилско ниво, според лирската непосредност и еруптивност, но не ги вбројува во неговата интимна лирика, туку, низ одделувањето на „личната лирика“9 од нив веројатно ги вбројува во литературата за/од HOБ. Тоа согледување е наспроти исказот на самиот поет, но, во основа тоа го покажува континуитетот на поетското кај Шопов независно од тематските и поетичките определби.

Песните „Љубов” и „Очи“ во македонската современа поезија означуваат едни од врвните достигнувања на литературата за/од НОБ. Нивната суштинска вредност, меѓутоа, не е во тематската определба, во нивното посветување на НОБ, туку во нивната поетичка оствареност.

Песните се поврзани во една цврста синтагматска врска љубов/очи, зашто тие два елемента доминираат рамноправно во обете песни. Првиот е искажан како потенцијална емотивна тензија, никогаш директно кон објектот на кој таа, љубовта, се однесува туку во контекстот на целата песна, на нејзината чувствена подлога. Тие два елемента се поврзани уште во првиот полустих, „Очи ти сакам“, на песната „Љубов“  и во таа врска остваруваат една внатрешна устременост на целото поетово битие кон саканата. Овој заклучок е точен само ако го прифатиме исказот како метонимичен, односно синегдохски.

Меѓутоа, поетот во конструкцијата на исказот, во неговата граматичка структура (вообичаена за тоа време) во сферата на присвојноста на „ти“ одредува една друга содржина; стихот интегрално гласи: „Очи ти сакам молња да режат“, така што песната бидува веќе водена во рамките на едно борбено настроение. Меѓутоа, врската љубов/очи останува во обете песни актуелна и двовалентна — од една страна таа го определува борбениот патос на песните, од друга — таа говори за поетовото доживување на сето она што во обете песни го синтетизира во едно актуелно обраќање „другарко златна“ („Љубов“), „другарко“ („Очи“), „другарко мила“ („Љубов“).

На нивото на кое се градат обете песни како борбено дејствува едно стилистичко поле кое се потпира врз усвоени стереотипи за тој начин на пеење: „гради огaн да горат“, „пламен народен пламти“, „пушки грмат“, „за живот во смрт, дош куршуми“ (Љубов), „страшен бој, ко тигрица рипна“, „редовите наши“, „одмазда жолчна“, „бојот почна“ (Очи). Но, очигледно е дека во првата песна тоа ниво е попоткренато. Таа и по прозодијата е подинамична — што за борбените песни е битно — нејзината општа насоченост е поинаква. Во „Љубов“ е искажана една профетска ситуација — поетот ја замислува саканата во разговорот на бојот. Тој знае дека неговата желба таа „прва да иде, прва да биде“ ќе се оствари.

Визијата на другарката-борец која гине поетот ја пресретнува со еден стереотип преземен од народното пеење — „немој да тажиш, немој да жалиш“. Овој баладичен рефрен има функција на стилско вообличување кое на поетското кажување му дава простор на општост; личната нотка на кажувањето се намалува за сметка на херојскиот тон кој песната го добива во следните стихови: „огнени очи не ќе ти cвенат / и ледни срца со жар ќе палиш“. Тука пак се вградува поимот очи, кои сега, во профетската слика, иако таа се однесува на смртта, остануваат живи. Таа слика продолжува во песната „Очи“:„со своите очи шти ригаа пламен / ги растопи часку, челичните зрна“.

Песните се тука клучно поврзани – претходната, предвидена, профетска слика, се остварува во следната слика од другата песна. Споменатата стилка апликација од народното творештво, од друга страна, е предвестена со исказот од првата строфа на песната „Љубов“: „Не за љубовни песни ти пеам / не за вечери неспани тлеам“. Можноста што поетот тука ја отфрла очигледно латентно постои, постои дури и потребата таа да се искаже, да се пее за ноќи непроспани од љубовен копнеж. Но, поетот таа можност радикално ја отфрла; и кога говори за тоа дека во песната гори неговата крв и тоа се однесува на бунтот и на борбата во која учествуваат обајцата, другарката-борец, девојката на која можат да ѝ бидат упатени и поинакви стихови, стихови за љубовта, и поетот. Поетот, значи, свесно се определува за типот на пеењето со кое ѝ се обраќа на девојката — се определува за пеење во кое нема да се искаже неговата внатрешна и скриена желба да се обрати со љубовна песна кои саканата, туку ќе се искаже стих за Титовите борци меѓу кои се и тие двајцата, ќе се искаже восторг со една друга љубов „љубов која расне и крепне, бескрајна и вечита” во борбата.

Песните „Љубов“ и „Очи” можеме, значи, да ги согледаме како пеење кое поетот го создава за да го определи заедничкото во судбината меѓу себе и другите околу — соборците, другарите, меѓу кои е и саканата, но сега и таа борец и другар. Но, во обете песни е вткаено, суптилно, едно лично чувство. Тоа е содржано во говорот кој се однесува на релацијата субјектот кој говори (условно велиме поетот) и другите.

Уште во првата строфа на песната „Очи“ таа релација покажува, во клучниот миг, кога поетот е идентификуван со другите другари-борци, една забележлива дистанца остварена на граматичко ниво: „Три дена на раце те носевме збрана … / ко крвава жар ми капеше в срце“. Множинската форма од првиот стих, која го опфаќа и субјектот кој говори, во следниот наведен стих е конфронтирана со еднинска форма, Очигледно дека формата не е изнудена од прозодиски причини, зашто и метрички и тонално ни е адекват на ми. Намерата е да се издели субјектот кој говори и емотивната реакција, што ја предизвикува ситуацијата кога тешко ранетата другарка-борец соборците ја носат на раце, да се рефлектира токму низ субјектот. Таа постапка го опредметува трагичното чувство како дел на еден емотивен, специјален однос што субјектот го има кон својата другарка-борец, смртно ранета. Тоа е секако доминанта во интимната лирика.

Врската меѓу двете песни суштински е остварена низ стихот од песната „Љубов” „огнени очи не ќе ти свeнaт“, во кој се искажува вербата дека жртвата нема да биде залудна, туку ќе има натамошен резултат, воздејство врз иднината, со стиховите од „Очи” „А твоите очи се искреа гневно/на нивните потни, распалени лица“. Враќајќи се на тој стих од првата песна, низ една широка асоцијација во втората, поетот обете песни ги поврзува со една емотивна врска, зашто неговата внатрешна потреба да го доживее трагичниот чин на смртта на другарката-борец и како сопствена жрвта, жртва во која загубата е неизмерна, доживува цврста поетска реализација во втората песна.

Песните „Љубов” и „Очи” на Ацо Шопов се меѓу највредните во македонската поезија со тема за/од НОБ, но и во нив субјектот кој говори се покажува како субјект кој поаѓа од лирското стојалиште и светот од својот тематски круг, НОБ, го доживува и на рамништето на интимната реакција. Тие песни, според тоа, го предвестуваат лирскиот, интимистички тип на подоцнежното пеење на Шопов, се дел на она „остварување низ неоствареното”.
____________________
1. Димитар Митрев, Избрани дела, книга I, Наша книга, Скопје 1970, стр. 83.
2. Исто
3. Георги Старделов, Меѓу литературата и животот, Култура, Скопје 1981, стр. 311 [Поетското искуство на Ацо Шопов] 4. Исто, стр. 312
5. Исто, стр. 335
6. Душко Наневски, Македонска поетска школа, Мисла, Скопје 1977, стр. 215 [За поимот „небиднина”] 7. Писателот пред 12 прашалници – Ацо Шопов, Развиток, 1979-2, Битола, стр. 142
8. Исто, стр. 141
9. Димитар Митрев, Исто, кн. IV, стр. 149
____________________
* Текстот е објавен под наслов „Две песни на Ацо Шопов: Љубов, Очи” во Литературен збор, 1983-3, стр. 11-16