Бунт и патос*

Димитар Митрев

Како за голем број наши луѓе, така и за некои од нашите писатели Народноослободителната борба беше најголема школа во нивниот живот и во нивниот творешки развиток. Во таа школа млади луѓе најдоа богата ризница од мотиви и разнообразна тематика во настаните кои што оставаат длабоки впечатоци во нивните души. Се родија тие млади луѓе не само како борци, но и како борбени поети.

Meѓу нив е и Ацо Шопов. Неговите први поетски опити датираат со времето на учеството му во борбата. Треба да се рече дека тие опити ги носат во себе сите белези токму на први поетски опити. Но, во нив бие пулсот на поетско срце обгорено од пламенот на жив бунт и жив восторг од величенственоста на борбениот идеал.

Отпочнал со стихои за борбата во кои се открива извесна стихијност во желбата за оддавање сите сили во служба на борбеното народно дело:

Уши ми бучат, бучат и глунат
грло ме стега – суши го сушат,
како у котел крвта ми врие
и сет играам и сет треперам,
а срце лудо у гради бие
и пот ме лие
и бес ме фаќа –
На борба вие, поробени браќа!
(„Борба”)

Ацо Шопов успеа до голема степен елементите на стихијност да ги канализира во бунт и во патос, кои што откриваат веќе лик на човек, кој што има во себе не само пламен на јунаштво, но и длабока свест на учесник во една организирана борба. Преку таа неминовна преориентација убрзана од животот на поетот во партизанските одреди, се стигнуе до песни, кои што носејќи ги пак, некои од белезите на докрај несовладан стихиен бунт, разоткриваат поглед на поет што искрен и без лажлив патос уочуе значајни случки од Народноослободителното движење кај нас. И пред сé, од тие песни пишуени во борбата и за борбата проличуе директен авторски однос кон содржината од темата. Чувствуе човек дека мотиви, идеја, образи – изживеани се од поетот. Негови се случките што ги опишуе и живеат  тие во песната како директно наблудение или длабоко преживуење на поетот. Токму таа го тера читачот да го приеме пишаното, независно од примитивизмите, како поезија. Авторската по однос на изразни средства и знања за форма, ритам и рима, во првите песни, не е пречка за она полно восприемање од страна на читачот на некои вистински одрази од случки и настани од партизанските напади и офанзиви.  Во нашата денешна литература посветена на борбата, редок е постигнатиот сполучлив и во истото време краток, без ненужни украси образ на херој-партизан.

А секој пат
в ноќ бурна,
ледна
и пејсаж сив,
на хумка една
крај Пробиштип,
се дига Доне
ко таен див,
и рој од борци крај него лети,
и глас му грми ко борбен зов:
„Остајте, крвта нека ми тече,
на јуриш, напред, Карпош да се свети!“
(„Пробиштип”)

Разнообразниот живот во борбата е основа и за разнообразна тематика. Тоа разнообразие се огледуе и кај стихотворбите од ацошоповата збирка Песни.

Скоро кај сите наши поети е разработуен мотивот за братството и единството на нашите народи во борбата, но во повеќето случаи како нешто номинално Ацо Шопов не е сосем туѓ на тоа јавление, но сепак и во тој одност постигнуе приемлив образ:

Вчера една
бледна,
боса
Црнотравка
златокоса
на страшната висна греда.
Но не писна бујна мома,
не истина
жар во очи
пламен – думи срце слеа,
жал нѐ стопи нас по неа:
– Мајки!
– Сестри!
Родни мои!
Нека тага не ве пои!
Умирајќи за вас тука,
ко да мреам браќа дома…
Да живее нашта нова,
што во овој огин скова
и низ бури страшни мина –
заедничка татковина!“
(„Една ноќ во офанзива”)

Со најизразито поетско воздејство Ацо Шопов ја има разработено темата за уделот кој што го има во борбата другарката – боркиња. Тоа се песните; „Љубов” и „Очи”. Макар да се чувствуе во првата песна силен призивен патос, стихоите се примаат како целосн: убедлива поезија, бидејќи во нив патосот гори со искреноста на човек, кој што не само сака, но е докрај уверен дека:

Сред тие бури,
сред дош – куршуми,
другарко моа, другарко златна,
прва да идеш,
прва да бидеш,
а ако куршум
младост ти зграби,
немој да тажиш,
немој да жалиш –
огнени очи не ќе ти свенат –
и ледни срца со жар ќе палиш,
и ладни маси в борба ќе креваш.
(„Љубов”)

Во втората песна, „Очи”, ликот на другарката падната во бојот остануе да живее во споменот на живите борци и грее преку величенственоста на јуначката смрт и на јуначкиот завет за докраен победнички бој против непријателот. Поетот навистина достигнуе до поетски израз и образ, кој шго дејствуе како апотеоз на благopoдна омраза кон непријателот и на цврста решеност за одмазда во името на загинатата другарка:

А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе вo редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.
А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…
(„Очи”)

И покрај тоа што во песните на Ацо Шопов се постигнуе не ретко уметнички израз на значајни преживуења од борбата особено во некои стнхои од песната „Кратово”:

Еј море, радост голема,
партизан в пролет да бидеш,
кога се шума разлисти
и зажуборат извори,
еј море, среќа бескрајна
в пролет низ гора да одиш
[…] Не оди долга колона,
не гази снага моминска,
на своите крила пркнати,
вила ги носи планинска!

очебијните натуралистички елементи во други стихои намалуат многу од уметничкото возприемане и на оние места каде што изразот е токму поетски. И особеното во натурализмот на тие стихои што тој се јавуе не само тогаш, кога треба да се даде опис на извесна опстановка, како што е на пример во стихоите:

Пред мене труп…
зад мене труп,
крај мојте нози се грчи брат
и крв му плиска од пресечен врат,
а напред там –
смачкан куп –
сѐ труп врз труп!
(„Сон”)

но и тогаш, кога стихот се јавуе како израз на поетско лично чувство или лична мисла – без директно влијание од некаква конкретна опстановка или конкретен момент:

Ја сакам да видам,
јас сакам да видам,
крв, кокали, глави, раскинати црева…
(„Борба”)

Забележително е тоа што натуралистички елементи навоѓаме и во некои од поновите песни, како што е песната „Очи”:

Последната вечер в планинското село,
кај небото беше – не небо, а море,
трепереше грозно ко моминско тело
раздробено, модро и распнато горе,
борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена река
се точеше шепот од уво до уво:
„утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку – сал неколку души…“

Очигледна е тука противречноста на сполучливите поетски описи, од една страна, и на натуралистички вулгаризам, од друга страна. И сосем јасно е дека стихои во таа песна што сосем човешки и поетски одразуат мигои кои оставиле длабок траг во споменот на тие што биле учесници во борбата, губат многу од своето воздејство токму поради несовладаните натурализми.

Причината за таа несовладост се корени во придржуењето кон натуралистичката предметност и во недоволните усклби за нужното оддалечуење од таа предметност, за да се таа трансформира по линијата на реалистичко возсоздавање. Се разбира, дека во врска со тоа се откриваат и други авторски слабости: ограниченост во изразни средства и техничка несовладеност на формата. Но дека Ацо Шопов е навлегол веќе во процес на ликвидарење предусловите на неговите поетски слабости и недостатоци, се установуе од фактот што во најновите свои песни тој го најдуe веќе својот поетски збор и е целосно ослободен од преѓашното силно влијание од некои песни на Ботева и Венка Марковски.
__________________________
* Извадок посветен на творештвото на Шопов, објавен во ​​Нов ден, 1947, III, 8, 9, 10, стр. 33-37, под наслов „За темата на НОБ во македонската литература“. Текстот е преобјавен во Огледи и критики, книга 1, 1970. Насловот „Бунт и патос“ е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов.