Т’га од југ*

Олга Арбулјевска

Најновата поетска книга на Ацо Шопов, облечна во рувото на духот на Африка, „во исконската страст за трагање низ мрачните и неизбежни свиоци на историјата“ („тука ме доведе моето провидение“), ќе допре до новите релации на она што секаде е исто иако е сокриено во „различни шуми“ − до душата на народот, било да е од Жоал или од Штип. Оваа поезија, настаната под пламенорасцутените фламбоајани, под баобабите, или во куќата на робовите, во жешките скутови на црна Африка, всушност е лирско доживување на стварноста на Африка која поетот низ своето идентифицирање со неа, низ сопствениот поетски концепт за светот, низ мисловниот и емотивниот однос, митското историското доживување на африканската реалност, навистина ќе ни ја направи блиска човечка содржина.

Највисока смисла: откривајќи го светот да се открие родината или „откривајки ја родината да се открие светот“ („Настан на езерскиот брег“) е компонента што ги пронижува четиринасетте песни, поетско-филозофска мисла што ќе ги вообличи трите циклуси „Жена во ивeрнaжoт“, „Загледан во океанот“ и „Светлината на робовите“; комплексна поетска идеја што се разгранува во лајтмотивите на дадените пеења, и ќе допре до сферите на трансцендеталното во точката каде би се сечеле судбините на народите, некаде во рефлектирањето на самиот живот.

Креативната имагинација на Ацо Шопов прави да го слушнеме звукот на там-тамите, да го доживееме жешкото сонце на Африка низ извонредно чистите поетски слики, низ сугестивноста на мисловните прегнантните стихови. „Океанот е огромен а човекот мал, човекот се слева со огромната маса, огромната маса со човекот… Човекот е огромен, океанот мал“… („Загледан во океанот“), додека бескрајната африканска ноќ поминува! Од оваа дијалектична поетска структура можеме да ја видиме поетовата визија за светот (за чие што расчленување е потребен поголем простор.) Пеејќи за крвта што ќе нè спаси, онаа крв заради која жената се жртвува за мажот, мажот за жената и синот, а синот заедно со нив за татковината, поетот Ацо Шопов испејува една од најубавите песни за татковината − песната „Те спомнам ли“. „Татковино, песно недопејана, песно неспокојна, иста низ вековите, низ булуците како за дедовците така и за внуците“… татковината е недопејана како што животот е недовршлив. Пеејќи за сињарките**, за црната жена, што е идентификација со земјата, пеејќи за дрвото на животот, за моќта на там-тамот од крвта Ацо Шопов остварува едно ново поетско видување и на нашата реалност. За другите вредности на оваа поезија да не зборуваме − да напоменеме само дека наградата „Браќа Миладиновци“ на извесен начин е совпаѓање по симболиката од „Т’гата за југ“ што се препознава и во оваа поетска книга.
_____________
*Текстот е објавен во Вечер, 11 и 12.09.1976, под наслов „Т’га за југ“ — (Ацо Шопов: Песна на црната жена, Скопје, Мисла, 1976.)
**Сињарка: од португалскиот збор „senhora“, госпоѓа, метистка, обично ќерка или сопруга на Европејците.