За Поетиката на Ацо Шопов од Радомир Ивановиќ*

Томе Саздов

Еве нè пред нова студија за знаменитото литературно творештво на Ацо Шопов, еден од основоположниците и најрепрезентативните претставници на современата македонска литература. Би рекле веднаш дека пред нас е најзначајниот литературен теоретско-критичарски труд што му е посветен на поетското создавање на Ацо Шопов досега: Поетиката на Ацо Шопов.

Ова го велиме − и покрај постоењето на 190 најразновидни трудови за творештвото на овој крајно суптилен поет: осврти, рецензии, прикази, критики, есеи, пообемни или пократки студии од перото на најпознатите македонски и други југословенски литерарни зналци.

Ивановиќ, Радомир: Поетиката на Ацо Шопов; превод од српскохрватски ракопис Милан Трајков.- Скопје: Македонска ревија, 1986.- 188 стр.Зашто, врвното поетско умеење на Ацо Шопов беше постојан поттик и предизвик за книжевно-критички и теориско-научен третман, толкување и проучување и, секако, тоа ќе биде и во иднина. Појавата на овој најнов литературно-научен труд за поетиката на Ацо Шопов, фактички првата одделна книга за творештвото на Шопов од перото на истакнатиот македонист, професор по македонска литература на Универзитетот во Нови Сад,  Радомир Ивановиќ е, бездруго, посебно уверлива илустрација на тој перманентен литерарно-научен интерес кон поетскиот опус на Шопов, не само на македонскиот, туку и на поширокиот југословенски литературен простор.

По бројните прилози во изминатите четири децении за плодното, обемното и вонредно значајно поетско создавање на Шопов, за неговото поетско искуство, како рече Георги Старделов, за неговите стихови за маката и радоста, како ги нарече самиот поет, за поезијата со трајни вредности, како ја именуваше основоположникот на македонската литературна критика Димитар Митрев, еден од најупорните, најредовните толкувачи на поетското умеење на Ацо Шопов, сега се наоѓаме пред најстудиозниот осврт на од неодамна завршениот поетски опус на овој превосходен македонски лиричар, вистински уметник на песната, според Миодраг Друговац, исто така еден од најревносните трагачи по секој бисер во богатата ризница стихови на Шопов.

Се чини дека авторот на оваа впечатлива студија, Радомир Ивановиќ, по своите две претходни мошне сродни книги-студии за поетиката на Кочо Рацин и поетиката на Блаже Конески, два меѓника на современата историја на македонската литература, посебно на поезијата, не можеше да не се зафати и со проучувањето на творечкиот феномен на поетската постапка и уметност на Ацо Шопов. Како и во двата претходни случаја, така и овојпат литературниот критичар, историчар и теоретичар Радомир Ивановиќ успева да ни предочи низа суштествени елементи и компоненти на експлицитната и иманентната поетика на силниот поетски глас на Ацо Шопов. При тоа проследување на есенцијалното во творештвото на Шопов Ивановиќ, природно, се определува претежно кон естетичка и поетолошка анализа на стихотворното наследство на овој наш голем поет.

На околу двесте печатени страници, низ шест поглавја, во чии наслови е акцентирано постоењето на зборот како уметност (на пример: „Зборот и смислата“; „Зборот и значењето“; „Раѓање на зборот“; „Зборовите на распаќа“; „Убавината на зборот“), кои означуваат целесообразни гругирања на идејно-креативните, тематско-мисловните и стилско-изразните елементи на творечката постапка на овој автор, постигнато е модерно аналитичко елаборирање на поетиката на Шоповата поетска уметност. Од посебно значење е што притоа се предочени и низа нови структурни елементи и нови значења на поезијата на Шопов. Во тоа го гледаме новиот придонес на Ивановиќ кон расветлувањето на посуштествените параметри на поетското искуство на Ацо Шопов, наспроти повеќегодишните согледувања, откривања и констатации во врска со неговото поетско создавање. Затоа и го означуваме за успешен овој прв обид од тој вид во македонската и југословенската литературна наука, поврзан со поетиката на Ацо Шопов, од страна на Радомир Ивановиќ.

Се разбира, сега претстои подолгорочна стручна, критичка оценка на оваа значајна монографија, четиринаесетто дело на Радомир Ивановиќ посветено на македонската литература. Уверени сме дека, како и досегашните негови студии за нашата македонска литература, така и овој негов најнов научен труд е значаен придонес кон откривањето на поетскиот дух и профил на Ацо Шопов и на лирската суштина на неговата толку впечатлива поезија. Ја изразуваме едновремено и желбата професорот Ивановиќ да продолжи со своите научни преокупации од подрачјето на македонската литература и да следуваат и во иднина негови нови дела за неа.

На крајот, да дополниме дека книгата Поетиката на Ацо Шопов од Радомир Ивановиќ ја издаде книгоиздателството Македонска ревија од Скопје, дека текстот од српскохрватски успешно го преведе Милан Трајков и дека се работи за примерно оформена научна публикација со вообичаените придружни текстови, како целосна био-библиографија на делата на Ацо Шопов и прилозите за неговото творештво (што го составија Милева Милев и Лилјана Ристевска) и регистер на имињата од Јелица Јововиќ.

_______________
* Реч на промоцијата на книгата Поетиката на Ацо Шопов од д-р Радомир Ивановиќ, во издание на Македонска ревија, Скопје, одржана на 15 април 1987 година во Домот на културата во Куманово. Текстот е објавен во Културен живот, 1987, год. XXXII, бр. 3-4, стр. 22-23, под наслов: „Најзначајна студија за творештвото на Ацо Шопов”.