This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Ацо Шопов: Откривање на светот*

Сретен Перовић, црногорски поет и преведувач

Сретен Перовиќ

Лириката на Ацо Шопов, со своите битни струења, метафорички ја следи и релјефно ја симболизира историската судбина на македонскиот народ. Само ретки поети, особено лиричари, успеваат, и тоа во исклучителни социо-историски услови, да исполнат во рамките на една национална литература толку сложена и специфична, и пред сè драматична задача.

Повоениот растеж на Македонија и на најзиниот човек во макотрпно пречеканата, стрпливо со векови сонувана и најинтимно во себе бранета и одбранета слобода, посредно доби есенцијален израз и особено значење во поезијата на еден од нејзините најавтентични и истовремено најуниверзални творци.

Поникнат од оние најфини ткива на македонската народна поезија, а израснат во духот на медитеранската културна поливаленција, Шопов го градеше својот поетски свет врз страдалничката и слободарската традиција на својот народ, постепено изедначувајќи ги чинот на творење и чинот на живеење, горчината на сонот и питкоста на пеењето. „Загледан во океанот”, поетот „стои на брегот и во мислите ги довикува / сите галии на своите непознати претци / испловени пред многу векови / на пат кон неизвесното и непознато Утре”.

Тој огремен океан, во кој се огледа судбински контроверзниот мал човек, под утринското сонце ја губи својата мистична понорност и како на дланка допушта Човекот да порасне („Човекот е огромен, океанот мал“!) и да го победи она исконско Ништо за кое пее не само овој поет. Но, тој мал голем човек, неговиот двојник, самиот поет, лирскиот револуционер, мудриот селектор на животните радости, воздржаниот меланхолик со богат и разновиден внатрешен рељеф, поетот-опсенувач се истопи прерано во вжештениот океан. Моќниот господар на зборот, оној што сиот живот трагаше по една едноставна и сеопфатна метафора на суштествувањето, по небиднината, замолча во дозреаната конечност, на самиот раб на пладнето на човечкиот век.

Но тој, Ацо Шопов, остави зад себе поетско дело што го втемелува како трајна вредност не само на македонската литература и култура. Дело што со текот на времето добива нов сјај.
________________________
* Вовед во избор од поезијата на Ацо Шопов, објавен на српскохрватски во списанието Стварање, бр 7, год. XXXVII, јули 1982. Избраните песни се: „Бијела туга извора”, „Молитва за једну обичну али још непронађену ријеч”, „Шеста молитва мога тијела”, „Девета молитва мога тијела”, „Језеро”, „У сну црне жене”, „Жена у ивернажу” (превод и препев: Сретен Перовиќ).
Текстот е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6, во македонски превод на Александар К. Нејман, што значително се разликува од овој, објавен во Лирскиот дом на Ацо Шопов.