Лидија Капушевска-Дракулевска, 2014

Лидија Капушевска-Дракулевска, 2014

Егзотизмот во поезијата на Ацо Шопов*

Лидија Капушевска-Дракулевска

Во едно интервју за сараевското списание Одјек во 1976 година поетот Ацо Шопов, меѓу другото, ќе истакне: „Сакајќи да го запознам и откријам светот, јас поблиску ја открив и ја запознав татковината. И обратно, откривајќи ја својата татковина, во суштина го запознав и го открив светот”. Критиката веќе забележа дека изречените зборови претставуваат, всушност, парафраза на стиховите од песната „Настан на езерскиот брег” (од збирката Песна на црната жена): „крилестиот коњ” со „ѕвездена светлина во очите”, според поетската имагинација на Шопов (а по аналогија на митскиот Пегаз) по обиколувањето на светот, доаѓа на родното езеро, „пие вода бистра и лековита” и повторно го започнува летот, носејќи ја со себе највисоката смисла на животот: „да ја открие родината откривајќи го светот ” и „откривајќи ја родината да го открие светот ”.

И затоа, не случајно ce вели дека Шопов бил и останал поет на македонското поднебје, независно од тоа каде и за што пее. Дури и во веќе споменатата збирка Песна на црната жена (1976) која е плод на поетовиот престој во Сенегал, поетот останува доследен на таа своја определба, па иако на прв поглед ce чини дека тој излегува од националните рамки, всушност станува збор за согледување на родниот крај од една поинаква перспектива и атмосфера, од далечина, од светот, конкретно од Африка. Оттука и специфичниот облик на егзотизам кој провејува во оваа збирка, a кој е уште една потврда за самосвојноста на поезијата на Шопов.

Егзотизмот, сфатен како сон за далечни краишта, на книжевен план ce манифестира многу рано. Дури ce смета дека секој уметник е во извесна смисла егзотист, бидејќи со фантазијата ce пренесува надвор од непосредно дадената реалност[1] . Меѓутоа, овде мислиме на еден специфичен вид егзотизам кој ce храни од една посебна културна клима – оној кој цвета во епохата на романтизмот. Потхрануван од митот за „добриот” или „благодарниот дивјак” на Жан-Жак Русо, романтизмот донесува нов бран на егзотизам: потребата за патување (реално или имагинарно) во далечни непознати простори (или времиња), еден вид ескапизам кој би значел и протест против цивилизацијата.

Интересот за егзотични краишта од романтичарите ќе го наследат и поетите – симболисти, со таа разлика што додека романтичарите не само што мечтаеја за други земји, туку и преземаа конкретни патувања, симболистите мечтаеја за патувања и далечни земји, но не патуваа во вистинска смисла на зборот. Kaj нив предност има вештачкото во однос на прирoдното. Да ce сетиме само на главниот јунак од романот на Уисманс „Наспроти” – Дезесент – кому му беше доволно да отиде во еден англиски паб среде Париз и таму да ја „доживее” атмосферата на Лондон.

Единствено Бодлер, големиот претходник на симболизмот, има незавршено патување за Индија, така што егзотизмот во неговата поезија влече корени од романтизмот, a критичарите го врзуваат уште и за љубовтa на Бодлер кон Мулатката Жана Дивал[2] . Од друга страна, пак, од Бодлер започнува и еден од облиците на модерниот егзотизам, именуван како „бодлеријански” или „хашишен”[3] кој ce темели на употребата на дрога во потрагата по нови асоцијации и несекојдневни видици. Инаку, и овој облик на егзотизам потекнува од чобата на романтизмот, конкретно, неговите почетоци треба да ce бараат кај англискиот поет Колриџ во неговата песна „Кублај Кан” која, според самиот поет, претставува резултат на „опиумски сон”.

За Шопов ce вели „припаѓа на племето на ‘романтични’ поети”, бидејќи, „како и секоја вистински емотивна природа, ни тој не можел никогаш во потполност да го помири својот интимен свет со надворешниот, објективен свет и поредок”[4].

Меѓутоа, егзотизмот кај него не значи потрага по „локална боја”, ниту пак претставува некаков облик на ескапизам, во смисла на романтичарската девиза: „среќата е таму кај што не си” – кажано со речникот на еден Хајне. Егзотизмот во поезијата на Шопов, поточно во збирката Песна на црната жена, е плод на една реална духовна авантура, резултат на конкретната состојба во која ce нашол поетот во еден момент од животот; тој егзотизам ce храни во допир со древната Африка.

Она што е оригинално и што претставува новина во поетското обликување на егзотичното, тоа е настојувањето на Шопов да ги осмисли егзотичните предели одвнатре и притоа да пронајде некаква аналогија со родното поднебје. Така, под африканското небо и расцутените фланбоајани, во митичното одекнување на там-тамот, во танцот на црната жена која „змијулесто се извива на дождот / како во прегратки на маж”, во човековата збунетост пред бескрајот на океанот по кој некогаш пловеле галиите со робови, во древното африканско дрво баобаб во чие стебло „закопани исправено, лежат мртвите”…, Шопов го чувствува здивот на својата Македонија, ја наоѓа „црната мака” на својот народ низ вековите. На пример, во песната „Баобаб”, поетот ќе констатира: „Сето село го опколува не може да го опколи./ Дрво на животот. Храм на мртвите. Татковина”; или, во „сините очи на црноликите сињарки”, тој го „гледа” изгревањето на синилото на својата татковина („Во очите на сињарките”); или, во песната „Во Штип и во Жоал”, поетот ќе го увиди парадоксот: колку е голем, но и колку е мал светот, зашто и во двете далечни земји, во двата града, постојат „исти љубови / исти бранувања / и исти поетски маки и сонувања”

Токму тука доаѓаме до оној карактеристичен момент во поетското осмислување на егзотичното кај Шопов: имено, непознатото кај него е секогаш во некоја рака познато и блиско, бидејќи светот е еден, a и судбината на човекот е една. Поетот го слуша „шепотот” на „прародителскиот инстинкт” дека „cè е исто / иако е сокриено во различни шуми и растенија / без оглед како и да ce викаат баобаб, даб или бреза” („Тука ме доведе моето провидение”). На тој начин, егзотичните афрички предели кои пулсираат низ стиховите на Ацо Шопов добиваат некаква метафизичка смисла и значење, прераснуваат во симбол за она што поетот веќе одамна го именуваше како небиднина.

Инаку, кога говориме за збирката на Ацо Шопов Песна на црната жена, некако сама од себе ce наметнува уште една димензија на егзотизмот, навестена во насловот на оваа збирка. Станува збор за едно сетилно-еротско спознавање на Африка, олицетворено во женската убавина во „црната жена”. Марио Прац во својата книга „Агонија на романтизмот” говорејќи за овој аспект на егзотизмот, ќе рече дека „егзотичниот и еротскиот идеал одат заедно”[5].

Co други зборови, далечните, особено нецивилизираните средини во кои животот ce одвива во склад со природните импулси, претставуваат погодна клима за конкретизација и проекција дури и на најскриените еротски желби. Меѓутоа, едно вакво промислување на мотивот на „црната жена” е можно само на прв поглед кај Шопов. Kaj него, оваа димензија на егзотичното е само појавна, надворешна рамка зад која ce насетува едно подлабоко сфаќање. Имено, црната жена во поетската визија на Шопов ги губи реалните контури, добива некаква судбинска одредница и прераснува во метафора на животот:

Там-тамот ти е во крвта,
крвта е во тебе,
a ти – во целата земја,
сињарко со очи синолички на црна арматура…

вели поетот во песната „Там-тамот ти е во крвта”.

Од друга срана, интересно е што ова етичко определување на црната жена, во поезијата на Шопов датира уште од порано. Така, негово навестување наоѓаме веќе во збирката Небиднина (1963) во стиховите изречени како пандан на оној познат бодлеровски повик кон Непознатото:

Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам.
Од дивина со крвта ме викаш, од далечина […] a не знам дали си моја ноќ, дали си ден
(„Шеста молитва на моето тело”)

Кога пак, поетот ќе стаса во егзотичната Африка и ќе го пронајде клучот на тајната кај „црната жена во модро” која „ги знае сите магии на дождот ”, стиховите прозвучуваат метафизички:

Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна,
зошто самата си песна над песните.
(„Во сонот на црната жена”)

Магијата на пеотската реч останува на крајот, сепак во рацете на поетот, a чарот и мистеријата на егзотичните предели и понатаму ги мамат вечните љубоптиници и вљубеници во необичното и непознатото.

_________________________

* in Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993

_________________________

[1] Според: Марио Прац: Агонија романтизма, Београд 1974, стр. 168
[2] Да се види: Влада Урошевиќ: „Шарл Бодлер и неговите Цвеќиња на злото“, предговор кон кн: Ш. Бодлер: Цвеќињата на злото, Скопје 1982, стр. 14
[3] Речник књижевних термина, Белград 1986, стр. 159
[4] Сретен Перовиќ: „Интимни свијет Аца Шопова”, предговор кон кн. Ацо Шопов: Дуго долажење oгњa. Белград 1977, стр. 95
[5] М. Прац, оп. цит. стр.164