This post is also available in: French Serbian Croatian Bosnian

во очите на сињарките

Оставете ме тука добри мои пријатели,
и да го барав немаше да го пронајдам ова место
случајно што го открив.
Оставете ме тука меѓу овие бигори
со уште еден бигор да ја извишам Куќата на робовите.
Звукот на там-тамот да ме пренесува преку реките Гамбија и Конго,
а горе преку Нигер до земјата на Догоните;
младите сињарки со песни да ме успиваат
и успан да ја сонувам младоста непоминлива.
Во сините очи на црноликите сињарки
да изгрева синилото на мојата татковина. 

А кога там-тамот ќе го домами ивернажот
песната на дождовите да биде песна на сеопшто раѓање.
А јас — бигор искачен на Куќата на робовите
и замаен од вишините,
да се нурнам со таа песна и да исчезнам во убавините. 

Ацо Шопов, „Светлината на робовите”, Песна на црната жена, 1976
Поемата „Светлината на робовите”,за првпат е објавена во Разгледи, XVII, бр. 10, декември 1975, стр. 1219-1224

Вратете се во поетската одаја на Лирскиот дом на Ацо Шопов