This post is also available in: French Spanish German Russian

Зборот и небиднината*

Ante Popovski

Анте Поповски (1931-2003), македонски писател

Анте Поповски

Во овие грди времиња кои го приклештија нашиот дух и од кои, дај боже, што е можно поскоро и побезболно да излеземе, благороден е каков и да е повод кој нè здружува и кој ни овозможува, барем за миг, да се одделиме од сивилото кое нè опкружува и од фактите кои како тешки камења удираат врз нашата свест; дури и не сакам да приспомнам за околностите кои ја демнат историската егзистенција на нашата татковина.

А поводот поради кој сме собрани не е ниту мал, ниту секојдневен: станува збор за еден исклучителен настан − најголемиот дел од личната библиотека на поетот, благодарение на далековидноста и разумноста на една благородна идеја на сопругата и на ќерката на поетот, госпоѓите Светлана и Јасмина Шопова, од овој час стануваат сопственост на Спомен-собата, на Музејот на Ацо Шопов. Од денес, значи, над две илјади книги, автографи, одделни матерјали од архивско значење и многу предмети, украси со кои Ацо Шопов бил во непосреден допир низ целиот свој живот, сега се населуваат во неговата соба, се населуваат во неговиот град.

Тоа ќе биде едно ново духовно огниште не само на овој град, туку и на целата македонска култура. Само по себе се наметнува прашањето: кои се вистинските причини поради кои најзначајните автори на македонската модерна − и во литературата, и во сликарството, и во музиката, во сите сфери на творештвото − немаат свое катче, немаат нешто за да биде духовно продолжение на делото и на мислата на исклучително значајни творци, без чие дело Македонија и натаму ќе претставуваше предел на заробен ум и предел на скриени и тајни комбинации на антимакедонските идеи?

Сакам да предочам дека мора да нараснува грижата и дека е неопходно нашата национална култура постојано да се надградува со сите форми на спомен-обележја кои ќе претставуваат творечко продолжение на авторите што го завршиле својот творечки чин. Особено кога се има предвид дека не е секогаш проблемот во парите, туку во разбирањето на тоа значење, во сфаќањата за културната надградба на една нација.

Само по себе се разбира, точно поради карактерот на овој повод, дека не е неопходно да се навлегува во книжевно-естетски елаборации за значењето на поетското писмо на овој наш избраник од основоположниците на македонската модерна поезија. Ацо Шопов низ својот продолжен крик и лелек во поезијата навистина стигна до вистински естетски парадокс: трагајќи по љубовта тој се определи за страдањата! Назначено лирски сентиментален, нежен, распеан, тој не можеше убавината да ја осмисли без нејзините есенцијални и естетски и филозофски вредности. Имаше оксиморонско сфаќање на поезијата. Противставуваше семантички значења за да дојде низ оригинални постапки до ударните метафори кои означуваат еден од врвовите во нашата поезија. Со својата едноставност, спонтаност и искреност, убавината како поетска тема се наложи како девствено стојалиште на неговата поетика:

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.
(Во тишина)

Во овој јасен, темен и непроѕирен катрен издоминира пробив на една нова идеја, на едно ново чувство, на разиграни и слободни семантички асоцијации и демонстрација на таинствената моќ на обичниот збор. Во еден единствен катрен тој направи резиме на универзалната човекова драма на опстојување, на живот во кој ништо не е извесно. Единствена извесност е ако имаш нешто неизречено − закопај го длабоко во себеси, а тоа како божјо семе, бидејќи е дело на зборот, само ќе изнајде начин да ја облагороди тишината со една поетска и метафизичка асоцијација.

Есенцијалните прашања на животот и смртта, на доброто и злото, на биднината и небиднината, ја преокупираат поетиката на овој наш врвен поет и сите негови книги, една покрај друга и една во друга, се прелеваат во едно продолжено пеење и искажување на една иста идеја за неодминливоста на парадоксот и егзистенцијалните сомнежи.

Тоа е поезија која како и секоја вистинска естетика не нуди апсолутни одговори, туку ја довикува, копнее по убавината на животот која може да се насети само во одделни мигови.

Небиднината е негова средишна метафора и она кое посебно треба да се назначи е дека низ метафората ја дематеријализира човечката судбина и од неа создава сосема поинаква стварност. Тој нè води во еден непознат предел, во една ирационална зона на животот, непристапна на разумот и на свеста.

Несовладлива провалија се покажува пред човекот кој ќе ги допре овие стихови, една густа човечка крв уште од древности останата ги обликува изразите на еден проклетилак, на една несовладлива осаменост, на еден црн ветар, на едно темно чекање, на едно глуво лелекање − од почетокот и сè до крајот на неговото творештво.

Зборот и небиднината стопени се едно во друго, постоењето проникнува во непостоење, љубовта во небиднина. Тоа се тие корелати и антиподи, а „молитвите” кои природно потоа ќе уследат, се образец на една голема духовна дарба кога се наложуваат и симболите на Откровението, но и пророчките осмислувања на кошмарот и на виртуелноста на поезијата.

Поетските книги на Ацо Шопов се книги на големи, црни визии и антиципации, на прегнантни и совршени естетички симболи, на една арс-поетика кој како да му претставува продолжение на духот и на мислата на Апостол Јован во Откровението.

Унамуно поучуваше дека нему лично му е многу тешко како поет да го разбере оној творец којшто нема ниту еден стих за татковината и татковото огниште. На еден свој начин, тоа го повторуваше и Пикасо, на апсолутен начин на тоа инстистираше и Пастернак, неспоредливо, во оваа смисла, зад ваквите стојалишта застана целата современа естетика.

Имено: на Ацо Шопов му беше достатно само за миг да се одлепи од татковината, да ги насети волшебствата на Африка, за да ја осознае и во една нова смисла да ја воспее својата татковина како универзална замена на целиот свет и целиот свет, како надградба на неговата татковина.

Во поентата на неговата песна „Баобаб” од Песна на црната жена (1976), тој ќе рече: „Дрво на животот./ Храм на мртвите. /Татковина”.

Веднаш потоа ќе додаде во „Светлината на робовите” : „Јас − кој роб бев / и ти што беше роб, а сега си камен, / сега сме Куќа на робовите”.

Така израснуваше, низ големи страдања по убавината, личноста на поетот, за некаде во осумдесеттата година, во неговата тестаментална книга Дрво на ридот (1980) да соопшти: „Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема, / ме дави и гуши подземна стија. /  Млад сум, а душата ми е остарена / од љубовта моја неостварена, љубовта Македонија”.

Така телото се скаменува и универзалната идеја на големите надежи едноставно се пресоздава во една лична драма која се поистоветува со драмата на Македонија, во едни големи води кои не ќе може никој да ги смири и во една тестаментална идеја: личната судбина да се поистовети со судбината на Македонија, а сето тоа со судбината на светот.

***

Долго време настојувам во себеси да ги одгатнам психолошките мотиви во творештвото на голем број македонски автори, вклучувајќи го и Ацо Шопов. Ниедно творештво не може исцело да се појасни без архетипите кои ја формирале личноста и со кои таа низ цел живот нераскинливо е врзана. Себеси се сметам, и тоа ме прави и среќен и горд, за еден од интимните пријатели на Ацо Шопов и на неговото семејство и во голем дел и мојата лична судбина е проникната и со неговото дело, но и со блискоста на нашите семејства. Затоа ценам дека ова е место и благороден повод првпат да откријам една своја размисла сврзана со делото на Ацо Шопов.

Мислам дека беше 1948 година, јас сè уште бев ученик на Битолската гимназија, и за литературата го знаев само она што беше запишано во моите училишни тетратки. Ми се чини наизуст го знаев, и тоа на руски јазик, само Евгение Онегин и неколку раскази од Максим Горки. Точно во таа 1948 година, покојниот Ацо Станковиќ, Љупчо Стојменски и јас, не знам според кој критериум, бевме пратени во Белград на некакво советување со младите писатели на Југославија. Во една голема сала, на работната маса седеа Иво Андриќ, Десанка Максимовиќ, Чедомир Миндеровиќ, Оскар Давичо и Ацо Шопов. За мене тоа беше исклучителен настан: првпат се соочив со имиња кои претставуваа икони за мене. По завршувањето на средбата, нас тројцата од Македонија нè прифати Ацо Шопов и нè одведе во некој ресторан на ручек. Тоа беше мојата прва средба со Ацо Шопов.

Зошто се потсетувам на овој настан? По целиот пат додека се враќавме со воз од Белград до Скопје, Ацо Шопов ни раскажуваше и за своето детство, но и за Македонија. Во еден посебен запис, јас оваа средба поцелосно ја фиксирав, а тој детаљ многу ми послужи подоцна за да го одгатнам следниов феномен: Ацо Шопов е роден во Штип, формиран во едно специфично семејство: мајка му Костадинка Рушева е таа која му ги вглобила сите наклоности кон поезијата! И самата пишувала поезија и формирана како вистински духовен аскет вградила и во него чувство на голема чест, направила од своето дете свој животен препис на стоик, достоинственик, на храбар и одмерен човек. Ацо Шопов е една етичка верзија на својата мајка која како да го појаснува и феноменот зошто тој долго низ својата младост практично не се допрел до жена!

Страдањата на живиот костур на неговата мајка легната во постела и строгиот и ригиден татко, од друга страна, се достатни показатели за најдиректните психолошки посебности на личноста на Ацо Шопов. Мајката израснала во највисока сублимација низ неговото творештво во еден заветен ковчег на љубов и страдања, во вредност на апсолутен архетип, зашто првичните облици кои детето ги доживува како искуство се животот на неговата најнепосредна околина и несвесното кое се вглобува како принудна и вечна асоцијација. За да се реализира еден човек, тој мора да има свест дека постои само во сооднос со својата мајка. Значи, тоа исушено тело на мајката е одразот, живата рефлексија на поетот во пепелта, во небиднината, во јагленосаното дрво. Тие што умираат не умираат за смртта − туку за животот. 

Поетското писмо на Ацо Шопов непобитно потврдува дека стеблото и плодовите на зборот се запишуваат како голема опомена врз кожата на времето. Едно бесконечно време ќе ја придружува оваа поезија. Сега, во оваа спомен-соба еве ги и зборовите и книгите и предметите и духот на Ацо Шопов, зашто човекот, и жив и мртов, е неспособен да живее без себеси.
____________________
* Беседа изговорена по повод отварањето на Спомен-собата на Ацо Шопов, во Штип, 20.04. 2001.

Други толкувања на поимот небиднина.