Веле Смилевски, македонски писател и литературен критичар

Ацо Шопов кaкo полемичар*

Веле Смилевски

За Ацо Шопов како полемичар досега воопшто не е пишувано. Неговите пројави во овој домен ce малубројни и тие, главно, претставуваат испровоцирани согледби најнепосредно врзани со поетската природа и творечката определба на овој автор. Овдека вниманието ce свртува токму на таквите полемички искричења, меѓутоа, не смее да ce занемари фактот дека дејствувањето на Ацо Шопов во литературниот живот и како поет, и како уредник на списанија, и како издавач, и како припадник од формат во експонираните редови на една од судрените страни со, понекогаш, нагласени таборашки страсти, е важна и неодминлива димензија во македонската книжевна конфронтација од нејзините почетоци, во првите педесетти па cè до средината на шеесеттите години, кога полемиките, по својот нов налет, веќе губат од интензитетот, широчината и острината на поставуваните прашања за дискусија.

Значи, овдека ce задржуваме на оние прилози на Шопов кои можат да имаат карактер на дообјаснување и образложување на поетското вјерују во контекстот на актуелизираните проблеми во македонската литература.

Првиот пример е непосредно врзан со прашањето на интимната лирика која, за повеќемина истражувачи на повоените текови на македонската литература, е еден од првичните поводи за излегување на полемичкиот мегдан. Конкретно, станува збор за стихозбирката Стихови за маката и радоста од Ацо Шопов, објавена во 1952 година. Познато е дека таа поезија имаше свои опоненти, критичари на таквиот вид творештво, чии сфаќања во овој прилог не ce предмет на разработка. Во скратенава верзија накратко потсетуваме само на гледиштата на Ацо Шопов кои, меѓутоа, сами по себе ќе потсетат и на спротивните ставови.

Ретко ce случува во литературната практика авторот јавно да му ce спротивстави на критичарот, бранејќи го своето дело од некакви толкувања и оценки. Ацо Шопов ce решава на таков чекок со убедување дека расправата за неговата стихозбирка Стихови за маката и радоста од борба на мненија ce модифицира и добива призвук на политикански алузии. Оттука, неговиот текст, озаглавен со „Место одговор”, објавен на страниците на списанието Современост, број 4 од 1953, нема за цел да ги брани достоинствата на поезијата што ја пишува, туку да посочи неколку програмски пунктови што ce во непосредна врска со расправата околу таа поезија.

Според него, „во последно време, cè повеќе доаѓа до израз едно изопачено сфаќање за слободата на мислата, за борбата на мислењата, за критиката, нејзината функција и значење. Под етикетата на овие принципи”, вели Шопов, „без мака може да ce согледа една отворена тенденција за грубо наложување на одредени ставови, кои, всушност, значат негирање на борбата на мислења, и на критиката, и на литературата воопшто”. Натаму тој додава дека во името на борбата на мислења некои јуришаат и го дигаат Дамокловиот меч на својата критика над сите оние кои имаат други разбирања за литературата. Настапот на своите опоненти Шопов го третира како етички проблем, како непромислена постапка со која „критиката ce изродува во клеветење, борбата на мислења – во празно штракање”. Особено емотивна е реакцијата на Шопов во врска со обвинувањето на творците за шпекулантство со Револуцијата: „3а мене”, вели тој, „искреноста е еден од основните принципи на вистинското уметничко творештво; никогаш не сум го изневерил ниту пак ќе го изневерам овој принцип, зашто со тоа би ја изневерил уметноста, својата поезија, себеси”.

Во текстот „Место одговор” Ацо Шопов зафаќа и други појави кои, според него, имаат негативно влијание на развојот на литературата и слободата на литературната мисла. Притоа, тој посочува искажани барања за стихувани политички пароли, кои во конкретното критичко дејствување, всушност, ce, како што вели, „повик за крајно вулгаризирање и обезвреднување на литературата и нејзино потчинување на потребите на денот, повик за уметничко оформување на политичкиот живот во земјата.”

Во духот на оваа теза е и неговото истапување на Седмото годишно собрание на Друштвото на писателите на Македонија, одржано во 1953 година (линк: work in progress). Шопов, имено, таму потсетува, во врска со расправата околу интимната лирика, на оние критичари кои место естетска анализа на делото даваат политичка карактеристика на авторот, та оттука, таквата критика, во наводници, според него, ја компромитира и критиката и борбата на мислења.

Вториот пример за полемичкото дејствување на Ацо Шопов датира од времето на шеесеттите години, од неговото учество во разговорот на тема „Литературната ситуација денес”, од 1963 година, потоа во дискусијата „Дилемите на писателот пред социјалистичката стварност” од 1965, како и текстот, од истата година, со наслов „За пресвртница”. Во последниов прилог Шопов прашува: „3ар не сум најмногу свој кога живеам со „Молитвите” и проблемите на Небиднина…”

Во овој контекст треба да се потсети дека нешто порано Шопов јасно дава на знаење дека за него слободата на уметничкото творештво претставува повеќе од одговорноста пред своето време и дека „уметничката слобода е всушност синоним на креацијата, на творечкиот чин”. Оттука, сосема е природно што неговите размислувања ce поинакви во однос на гледиштата на експонираните критичари од тој период во врска со општествената детерминираност на литературата, ангажираноста и одговорноста пред своето време. За него одредницата општествено битие е една од најголемите апстракции, еден од најтешките проблеми пред есеистичката мисла. Одредницата „наше општествено битие”, според него, има универзални димензии зашто тоа не може да ce замисли поинаку одошто како еден „органски неразделив дел од општествената судба”, па оттука Шопов е на мислење дека на овој проблем му ce приоѓа прилично ограничено, зашто: „што е тоа општествено битие, што е тоа наша стварност, што е тоа наш живот, наша современост? Дали е доволно ако речеме социјалистички општествен поредок, социјалистичко општество, изградба на социјализам, социјалистички односи, итн?”

Шопов, ce разбира, не ги исклучува времето и општеството и неговите специфики, но за него слободата ce реализира како творечки однос на уметникот кон времето во кое живее, кое тој го прецизира како „умеење со јазикот на уметноста да ce изразат неговите најзначајни димензии”, што значи „одговорноста на уметникот пред општеството не е ништо друго, туку одговорност пред себеси, одговорност, строгост и бескомпромисност во и над својот творечки чин” [„Дилемите на писателот…]. Ваквите становишта на Ацо Шопов заслужуваат особено внимание, дотолку повеќе, како што ce наведува во фуснотата на овој прилог, дека тој, всушност, е дел од дискусијата одржана на Четвртиот конгрес на Сојузот на комунистите на Македонија.

Искажувањата во разговорот за литературната ситуација, како и во дискусијата за дилемите на писателот пред социјалистичката стварност и текстот „За пресвртница”, што, инаку претставува пристапно искажување како уредник на списанието Современост, од првата половина на шеесеттите години на дваесеттиот век, ce прилози со кои Ацо Шопов веќе ce повлекува од овој вид дејствување на литературната сцена кое особено беше забележливо во претходната деценија.
_________________________
* Текстот е објавен во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993