Поет на немирот*

Јованка Стојановска-Друговац

Почитувано семејство Шопов,
Почитуван акад. Матеја Матевски, претседател на МАНУ,
Почитуван г-дин Благој Стефановски, министер за култура,
Почитуван акад. Гане Тодоровски, претседател на Организациониот одбор,
Почитувани академици,
Почитувани гости и учесници,

Пред секое уметничко дело секогаш стои една единствена дилема: дали тоа станало само историско-музејски реликт или пак останало такво вечно живо дело кое на најразличните и на меѓусебно противречните времиња ќе биде способно и ќе биде моќно да им зборува на луѓето за нивните секогаш загадочни спознанија, мечти и стремежи. Да се надмине таа неумолива минливост на времето што се влече кон еден историски неврат, да се остане во него, да се биде како незгаслив зрак без кое би било незамисливо нашето денешно патување низ времето и на времето низ нас – тоа им е дадено само на оние ретки, само на оние исклучителни стручњаци за човекот, за неговите страсти и за неговите секогаш нови чувствувања, меѓу кои, секако спаѓа и Ацо Шопов.

Неговите емоции, страсти, импулси, ритамот, живот во животот се оние содржини кои овој поет ги имал и одживеал на свој начин: преку поетската мисла даде одек, звук, сигнал на себе, сигнал кон себе, сигнал во себе, своите искуства и своето постоење. Постоење и во националните рамки во кои континуитетот на создавањето на македонскиот јазик е суштинска потврда на националниот ентитет. Овие два става ги претставуваат и средишните линии во филозофијата на создавањето и филозофијата на егзистенцијата.

И кога се мисли дека за Ацо Шопов е кажано сѐ, тој одново се открива и се потврдува како суптилна природа, интелектуална, силна, моќна, која и мораше да создаде токму дело со кое почна чинот на мисловното самооткривање.

Шопов е поет на немирот, осаменоста, растргнат со прашањата за смелоста на животот и живеењето, растргнат и од возбудливоста пред времето кое во неповрат заминува, човечката тага поради изневерени пријателства, откровенијата колку лични толку општочовечки, со лична нагласка, универзални филозофски и морални значења.

Сиот е во филозофијата на болката, сиот во немирите и дилемите на човекот и сиот во егзотичните мигови, а со тоа и со една јасна, рафинирана структура на мисловната опсервација за себе, времето, заминувањето, доаѓањето, туѓината, слободата, ропството, заедништвото на човечката тага и опомена под небеската капа. Патриот е во своите песни, поет на драмата на човекот и поет на сопствената драма на живеењето и траењето. Неговите песни се пресвртница во понатамошниот развиток на македонската поезија, песни на метафората, симболот, интимистички исповедна програма. Шопов вели: „Секој обид да се отпатува од тој брег ќе ни се чини залуден, бидејќи е илузија да се заминува и лага дека може од себе да се избега во нашиот интимен свет.“

Шопов е градител чие дело е фактор во една историја – историја на национална книжевност. Преку песната Шопов ја обнови онаа најтрајна и најмоќна и голема вистина за траењето и вистинскиот лирски феномен: Доколку не ја кажеш вистината за себе, нема да ја кажеш ни за другите.

И по повод овој значаен Меѓународен симпозиум посветен на животот и делото на Ацо Шопов, овој поет и филозоф, кон вистината дека поет може да биде само оној кој ги прима и ги прифаќа импулсите на времето, но и само оној кој останува вон секое време, се приклучуваат, приклонуваат, одново и одново со сета научна компетенција и моите колеги од Институтот за македонска литература во чие име ги поздравувам сите учесници на Симпозиумот и им посакувам плодна работа.
______________________

* Поздравно обраќање на Јованка Стојановска-Друговац, директор на Институтот за македонска литература, на Меѓународниот научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, организиран во МАНУ на 5 и 6 ноември 2003 година. Актите се објавени во Животот и делото на Ацо Шопов.– Скопје: МАНУ, 2005.
Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов