На чешмата

(1940)

Немирно ноќта одамна спие,
До чешмата жубор лесен.
Крај неа немо стоиме ние
А околу мракот пресен.

Паѓа снег, пласти, густи,
Чипчи врабец под стреата пуста.

Нè зграпчил снегот ледно
Небаре детски лет,
Ко од пеперуги јато едно
Врз убав нежен цвет.

Жмирка од ламбата светлост смаена
Љубовта ни ја слуша во нас притаена.
Чинијата празна зјае
Ех, како ли да е наполнета.

Синооко моме осамено трае
Крај мене, тажна, разболена.

В длабокиот мрамор бистри шурки вода
Ох, како тие на душава ѝ годат.

Тивко ѝ приоѓам, нежно
Ко ветре на гранки млади
И првиот бакнеж на снежното
Ѝ падна лице. Ко сладост

На деца безгрижни и волни
Сами се предадовме. Пазвите ѝ полни
ружи пролетни и кревки,
А ноќта мрачна и пуста.
Таа раце ми пружи
И занесено ме бакна в уста.

Чкрипи под нозе снегот, мене топло ми е
Зашто Таа врелина во градите свои крие.

Немирно ноќта одамна спие
До чешмата жубор лесен,
Крај неа сами стоиме ние
А околу мракот пресен.

Под белиот покривач снежен природата мрее,
Во заносен опој души две љубов ги грее.

Ацо Шопов
Препев од српохрватски Михаил Ренџов. Заедно со „Сеќавање” и „Ноќ”,  оваа песна е објавена во Нова Македонија, „Културен живот”, 20.04.1985, стр 8.
Прочитајте други Необјавени песни од Ацо Шопов

Вратете се во поетскaтa одаја на Читалницата во Лирскиот дом  на Ацо Шопов