Mаршот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада*

Симо Младеновски

Меѓу македонските масовни борбени песни посебно место заземаат маршевите на народноослободителните бригади од времето на НОБ. Тоа се војнички борбени песни со маршова ритмика и со особено звучна мелодика. Нивното колективно маршово пеење го потхранувало борбениот морал на борците, внесувало нов полет и имало значајна мобилизаторска улога. Кратко речено, тоа се ангажирани песни, создадени како нужна практична потреба на воените единици на НОВ и ПОМ.

*

Со формирањето на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, се појавил и маршот на оваа воена единица на НОВ и ПОМ, на текст од поетот и борец Ацо Шопов и музика од композиторот и борец Панче Пешев. Двајцата веќе имале извесно творечко искуство. Ацо Шопов како особено надарен поет¹, а Панче Пешев како композитор и диригент во активностите на работничкото движење во Куманово².

Според сеќавањата на дел од борците на Бригадата, маршот првпат бил испеан на самиот ден на формирањето на оваа воена единица во дворот на училиштето во с. Жегљане, Кумановско, на 26 февруари 1944 год. Бригадата била формирана од трите постојни баталјони што дејствувале на тој терен: Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов-Орце“, Вториот кумановски народноослободителен баталјон „Христијан Тодоров ски-Карпош“³ и Битолско-преспанскиот народноослободителен баталјон „Стефан Наумов-Стив“, сите заедно со околу 320 борци.

Во времето на свеченоста на формирањето на Бригадата, од околните терени на дејствување на Козјак, во горниот тек на реката Пчиња и источно од Врање, тука пристигнале и Вториот Јужноморавски народноослободителен партизански одред, Косовскиот народноослободителен партизански одред и околу десетина Албанци од Прешево на чело со Абдула Крашница.

Во својата монографија за Бригадата, учесникот и народен херој Златко Биљановски, меѓу другото, пишува:
„По свечениот дел се одржа приредба. Хорот го испеа маршот на Бригадата, според стиховите од Ацо Шопов, компонирани од Панче Пешев. Маршот ги содржеше сите елементи, напорите и борбите на борците… Од екот на песната, морници ги обземаа борците. Тоа беа зборовите за нив, за нивните напори, за нивниот хероизам, за другарите што паднаа…

Ко челик сме ние
Со Титови сили,
Стив Наумов стои
пред нас како штит…⁴

Меѓутоа, сеќавањата на самиот автор Ацо Шопов во однос на првата изведба на маршот ги коригираат пишувањата на поголем број негови соборци, дека тоа не се случило во с. Жегљане, туку во манастирот „Свети Отец Прохор Пчински“. Тој се сеќаваше:

Песната ѝ ја прочитав на Веселинка Малинска⁵, којашто беше одушевена, и предложи:
– Знаеш што, Ацо? Стиховите ми звучат како марш. Ете ти, марш на Третата бригада.“

Задачата за компонирањето на маршот B. Малинска му ја препуштила на композиторот Панче Пешев⁶.

Тоа го потврдува и тогашниот командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, народниот херој Михаило Апостолски, кој пишува:

По завршувањето на Февруарскиот поход се формира Третата македонска ударна бригада и ден-два по неа Ацо Шопов инспириран од чинот на формирањето на Бригадата и инспириран од разговорот со борците што дојдоа со Стив Наумов⁷, ја напиша песната „Марш на Третата македонска бригада“. Тој ја напиша и веднаш ја однесе во Агитпроп⁸, в кај Лина⁹  Малинска и заедно со неа дојдоа кај мене да ми ја прочитаат. Јас им реков дека околу поезијата не се разбирам, но ми се допаѓа, а Лина рече дека тука е Панче Пешев кој би можел да напише мелодија. По неколку дена песната веќе беше направена, а Панче неколку музикални борци ги учеше и да ја пеат. И веќе кон средината на март 1944 година, по 15-20 дена по формирањето на бригадата, се пееше маршот за неа¹⁰.

Според пишувањето на Боро Чушкар, еден од политичките комесари на Бригадата, композиторот Панче Пешев ја прифатил доверената творечка задача со одушевеност, велејќи:

Ми се врти во главата дека за оваа наша бригада треба да составам мелодија, нејзин марш… Кога мислам на тоа, одам како да имам крилја. Ништо не ми е тешко… ¹¹

Веројатно веќе ги имал во главата полетните музички мотиви на маршот кои понесуваат, раздвижуваат. Мелодијата ја пишувал во часовите на одмор на борците, на парче хартија. А можеби оригиналниот тогашен текст на Ацо Штипјанец, како што се потпишал, е зачуван во воената Архива на ЦК КПМ, со латинично писмо¹².

На 27 февруари, со претпладневна и попладневна работа, во манастирот „Свети отец Прохор Пчински“ се одржало воено-партиско советување, со учество на над 50 воени и партиски раководители од Македонија, Јужна Србија и Косово (од командантите до политичките комесари на четите), со кое раководел членот и делегат на ЦК КПЈ и Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ Светозар Вукмановиќ-Темпо. На претпладневниот дел од Советувањето се разговарало за воената состојба во светот, посебно за состојбата на Источниот фронт, во северна Италија и Југославија и историските одлуки на Второто заседание на АВНОЈ (29.XI 1943) во однос на Македонија и македонскиот народ. Во попладневната работа на Советувањето, по воведните излагања на С. Вукмановиќ-Темпо и командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ Михаило Апостолски за претстојните задачи во натамошниот тек на оружената борба, посебно биле акцентирани борбените задачи на Третата македонска народноослободителна ударна бригада и неопходноста од пресметка и уништување на четничките воени формации на околните подрачја.

Според сеќавањето на Ацо Шопов:

Сите старешини и борци, освен стражарите, се повлекоа на одмор. Само еден не отиде – Композиторот Панче Пешев. Во потполна тишина и мир, во една соба на манастирските конаци, удирајќи со машата во празно котле, што висеше над изгаснатото огниште, ја твореше мелодијата и ги бележеше нотите на идниот марш на Бригадата¹³.

Според авторот на текстот А. Шопов, веќе неоспорно, првата изведба на маршот била во дворот на манастирот „Свети Отец Прохор Пчински“. Тој посведочува:

Утредента¹⁴ борците одморни и освежени, изведоа забава во манастирското двориште. Посебно ми се допадна добро изведеното „Врапче“ од битолчаните. По бурното ракоплескање запеа бригадниот хор. Кога толку бргу беше формиран? Кога и песни одбраа набрзина? Се смири масата и одеднаш слушам борбена мелодија и стиховите на мојата песна. Значи, Веселинка го исполни ветувањето, му го предала на Панче да го компонира. Морници ме обзедоа додека по долината на Пчиња одекнуваше:

Низ иланини стpмни,
низ бурите снежни,
Апостолски беше
првиот на пат…¹⁶

Сведоштвото на А. Шопов се чини наполно уверливо. А тоа го потврдува и борецот и народен херој Кирил Михајловски – Груица¹⁷, како и други учесници во борбениот пат на оваа Бригада.

Не само за авторот на текстот, тоа бил посебен настан за сите борци. Затоа, Б. Чушкар пишува:

Беше празник. Празник на раѓањето на Третата ударна бригада… Единицата собрана во круг. За првпат се пее таа нова песна. За нив. Од тој ден тоа ќе стане документ на едно поколение. Историја… Или легенда? Или и едно и друго?

Во средината на кругот, дирижира тој, творецот на мелодија што се раѓаше во срцето на борците и илегалците, во душата на стариот револуционер, гледајќи како младите со својата крв пишуваат историја на еден народ, легенда, бесмртна песна за себе…¹⁸

Според сведоштвото на борецот и писател Тоде Саздовски-Мали, на истиот текст од А. Шопов, мелодија компонирал и артистот Илија Џувалековски. Извесно време текстот се пеел на двете мелодии, но потоа маршот останал да се пее само на мелодијата на Панче Пешев¹⁹.

*

За најрана зачувана верзија на маршот ние го сметаме споменатиот ракопис во Архивата на ЦК КПМ, арх. бр. 832, пишуван со мастило, латинично писмо, на кој му недостигаат двата недопишани стиха од претпоследната строфа, најверојатно се уште од творечката фаза на авторот. Тој текст гласи:

Marš na III M.U.B.20²⁰

Ko čelik sme nije – so Titovski sili,
Stif Naumov²¹ stoji pred nas kako štit
Karpušova zloba²² teče v našte žili
Brigadata naša ko čekan je svit.

Niz planini strmni, niz burite snežni²³
Apostolski²⁴ beše prvi na pat²⁵
So Stalinska lubov²⁶ na očite mrežni
Ne bodreše Tempo²⁷ najmilijot brat.

Bregalnica stara večno ke si spomni
Za našata tvrdost vsered odlučen čas,
Plačkovica snežna i burite lomni
Za našata hrabrost ke zbori na glas.

Nad Kočansko pole so fašiski ordi
Se urna fine smelo vo neramen boj²⁸,
za herojski za podvizi gordi
Bregalnica svedok pesni ke ni poj.

A krvavi drenak²⁹ i Pelince slavno³⁰
ke treperat vragoji ko isušen list
So z…

Ko čelik sme nije – so Titovski sili
Stif Naumov stoji pred nas kako štit
Karpušova zloba teče v našte žili
Brigadata naša ko čelik je svit.

Aco Stipjanec

Во истото архивско досие, под ист архивски број 832, се наоѓаат и уште неколку примероци на препишаниот текст на машина за пишување, заедно со двата недопишани стихови од петтата строфа, целосното име и презиме на авторот и незначителни разлики во стиховите:

Marš na III M. U. B. – MAРШOT HA TPETATA MAKEДОНСКА БРИГАДА; Стиф – Стив; Карпушова – Карпошова; в наште – в нашите; чекан – челик; први – првио; Сталинска – Ленинска (отпосле рачно поправено)³²; најмилијот – најмилио; Брегалница – Беласица; всеред – сред; Плачковица снежна и бурите ломни – Плачковица снежна, вихројте ломни; збори – зборат; за херојски за подвизи горди – за страхотни борби, за подвизи горди; Брегалница сведок – Брегалница – сведок; пој – поји!; А крвави Дренак и Пелинце славно – А Пелинце славно и крвави Дренак; врагоји – врагој; Со з… – Со здружени снаги окој ке пукнат/ Ке изгреји брго ден светел и чист; Стиф – Стив; Карпушова – Карпошова; в наште – в нашите; Ацо Штипјанец – Ацо Шопов.

Marš na III М. О. В. – МАРШОТ НА III-ТА МАКЕДОНСКА БРИГАДА; није – ние; стоји – стои; Карпушова – Карпошова; в наште – во нашите (дополнително рачно поправено во „наште“ со прецртување на одвишните букви); je – е; први – првио; Темпо нај милијот брат – Темпо – најмилиот брат; Брегалница – Беласица; всеред – сред; Плачковица снежна и бурите ломни – Плачковица снежна, вихроите ломни; храброст – храброс (со дополнително прецртаната буква „т“); ке збори – ке зборат; над Кочанско поле – на Кочанско поле; За херојски за подвизи горди – За страхотни борби, за подвизи горди; Брегалница сведок – Брегалница – сведок; А крвави Дренак и Пелинце славно – А Пелинце славно и крвави Дренак; Ке треперат врагоји – Ке трепери врагој; Соз… – Со здружени снаги окои ке пукнат/ Ке изгрее бргу ден светел и чис; није – ние; стоји – стои; Карпушова – Карпошова; в наште – в нашите; Ко челик је – ко чекан е.

Во наредниот машински препис, со истиот архивски број 832, веројатно направен по исправките на претходниот, се среќава само една испуштена буква: тврдост – тврдос. Таа верзија е зачувана во уште два машински идентични преписи со претходниот, едниот копија на индиго. Веројатно тие се дел од подготвуваната збирка народноослободителни песни, со арх. бр. 2016 од Архивот на Македонија, стр. 19, Збирка на песни од НОБ во Македонија во Архивата на ЦК КПМ, арх. бр. 868, стр. 19, и подготовките за шапирографираното објавување на збирката Народно ослободителни песни, с. л., август 1944, 1-14, каде што на стр. 5 е објавен идентичниот текст на маршот.

Во сите архивски примероци, освен во првиот машински препис со арх. бр. 832, каде што дополнително е поправено „со Лениска лубов“, секаде стои „со сталинска лубов“. Така е и во песнарката, без корица и наслов, умножена на машина за пишување од Архивата на ЦК КПМ, арх. бр. 4820, стр. 6, со следните разлики во однос на арх. бр. 2016: првио – првиот; лубов – лјубов; тврдос – тврдост; Плачковица снежна, вихроите ломни – Плачковица снежна, бурите и ломни; храброс – храброст; за страхотни борби – за херојски борби; А Пелинце славно и крвави Дренак – А крвави Дренак и Пелинце славно!; ко чекан – ко челик.

Таа практика на јазични и други авторски, уреднички или редакциски интервенции во стиховите на маршот ќе продолжи и по ослободувањето, па во преобјавувањата и понатаму ќе се среќаваат разни верзии со помали или поголеми разлики.
*

Според сите досега наведени фактографски податоци во текстот и во белешките под текстот, за да ги напише стиховите на маршот, авторот Ацо Шопов неоспорно бил инспириран од доаѓањето на борците на Битолско-преспанскиот народноослободите лен баталјон „Стефан Наумов – Стив“ на подрачјето на планината Козјак, нивната средба со Карпошовци – борците на Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов-Орце“ (трогнати од тагата по неодамна загинатиот командант на баталјонот Христијан Тодоровски – Карпош, во кој поетот бил скоевски раководител), како и од новоформираниот Втор кумановски народноослободителен баталјон „Христијан Тодоровски-Карпош“, од кои била формирана Третата македонска народноослободителна ударна бригада. Народноослободителната атмосфера секако била потсилена и од присуството на народноослободителните партизански и воени единици од јужна Србија и Косово.

Таа инспиративна фактографија сублимирано влијаела на поетот Ацо Шопов и неговата цврста верба во успешното водство на НОБ од страна на врховниот командант на НОВ и ПОЈ Јосип Броз Тито, желбата за продолжување на херојското револуционерно и борбено дело на поранешните соборци – загинатите легендарни народни херои Стефан Наумов – Стив и Христијан Тодоровски – Карпош, како и примерот на непосредните воени и партиски раководители на НОБ во Македонија, командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ Михаило Апостолски и членот и делетат на ЦК КПЈ и Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ Светозар Вукмановиќ-Темпо низ дотогаш најпознатите борби со непријателските сили на Беласица, Плачковица, над Кочанско Поле, кај селата Дренак и Пелинце. Тоа биле инспиративните мотиви за создавање еден така успешен мобилизаторски текст во поетски збиени стихови со непресушна енергија на маршова ритмика.

Во маршот е присутна комунистичката партиска идеологија преку името на врховниот командант на НОВ и ПОЈ Јоси Броз Тито и неговиот делегат при ЦК КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ Светозар Вукмановиќ – Темпо. Но, сепак, борците се устремени кон слободата со борбена готовност потсилена со македонските револуционерни традиции од нивните веќе загинати соборци и команданти Стефан Наумов – Стив и Христијан Тодоровски-Карпош – со „Карпошова злоба“ во своите жили, а Стефан Наумов – Стив е пред нив „како штит“. Притоа поетот посебно ја нагласува челната присустност на командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ Михаило Апостолски:

Низ планини стpмни,
низ бурите снежни,
Апостолски беше
првиот на пат!

Поетската инспирација и содржинската фактографија рефлектирана во стиховите на маршот, најдобро можат да се разберат и доживеат во рамките на тоа борбено време од Втората светска војна и македонското народноослободително и антифашистичко движење. Затоа маршот има извонредна документарно-историска вредност и значење.

*

Со самата појава на Маршот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, тој бил постојано присутен во борбеното секојдневие на борците.

Борецот Васил Златев – Шиљо, во разговорот со Блаже Китанов на 29.I 1988 год. се сеќаваше:

Ја пеевме на секое место, во секаква прилика и во најтешките моменти. Таа песна ја опишуваше борбеноста на нашите борби и успесите над бугарската фашистичка војска. Всушност во тоа време, Ацо со песна се пренесе низ цела Македонија³³.

Но, тогашниот командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ Михаило Апостолски, освен што го потврдува тоа, истакнува и еден политички проблем за содржинските промени во стиховите на маршот низ времето:

Во секое село каде што пристигнувавме борците ја пееја песната за Третата македонска бригада во која се споменуваат моето и името на Tемпо. Но, тоа предизвика и извесен негативен ефект. Се роди завист. Ќе кажам кај кого: прв кој погледна на тоа беше Бане Андреев³⁴. Тој како човек, како граѓанин беше добродушен, но во борбите не се снајде, иако требаше да ја врши функцијата политички секретар³⁵. Не се снајде од проста причина што тој немаше изградено метод за комуницирање со луѓето, кога говореше едвај се разбираше, и второ покажа слабост. Постојано сакаше да се извлече. Тој ја издржа офанзивата³⁶, но не најде ниту еден момент да влезе во првите борбени редови, да го видат борците. Под негово влијание или самостојно, не е битно, слично почна да се однесува и Страхил Гигов³⁷. Тие дури поведоа и истрага против мене со разни мотивации. Одредија и Комисија во која се вклучи и Цветко Узуноски³⁸. Но, тој и Добривое Радосавлевиќ³⁹ сфатија во што е работата и ја прекинаа истрагата. Во меѓувреме до Централниот комитет стигнала телеграма од Тито, за која јас разбрав по војната, тогаш не ми ја покажаа. Тито пишуваше да се прекине секаква истрага против мене. Тито во мене веруваше како во револуционер и комунист. Бев вклучен во неговите најблиски соработници. Но, за жал, и такви работи се случуваа⁴⁰.

Маршот го пееле на сите приредби и дефилеа од славниoт борбен пат на оваа воена единица на НОВ и ПОМ преку планината Козјак, Црна Трава, Плачковица, Огражден, Беласица, Круша Планина, во пробивот на Сремскиот фронт, во ослободувањето на многу места во Славонија, сѐ до Загреб и пак назад во Македонија. Со звуците на овој марш борците влегле во слободниот Пробиштип и Кратово, во Велес и Куманово, во Скопје и Тетово и во многу други населени места во Македонија, Србија, Војводина, Хрватска и Босна.

На попатното враќање од Егејскиот дел на Македонија кон планината Козјак, кај струмичкото село Кушкулија, ноќта помеѓу 5-6 јуни, во борбите што ги воделе единиците на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, Јужноморавската народноослободителна бригада и Косовскиот народноослободителен партизански одред против бугарската окупаторска армија, загинал композиторот Панче Пешев⁴¹. Бил погребан со звуците на Маршот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, неговиот марш, кој тогаш прв и последен пат на борците им прозвучел тажно и болно⁴².

Маршот бил исполнуван и речиси на сите свечености во слободна Македонија. Тој бил на репертоарот на речиси сите македонски хорови. За тоа има мноштво архивски сведоштва и написи во весниците. Тој бил исполнуван четворогласно и на репертоарот на хорот на Учителската школа „Никола Карев“ во Скопје, (создаден во октомври 1945 год.), под диригентството на проф. Илија Николовски – Луј⁴³.

Посебно беа импресивни изведбите на маршот при прославувањето на годишнините и другите свечености посветени на Третата македонска народноослободителна ударна бригада. Така, при отворањето на подвижната изложба во Белград во 1984 год., по повод 40-годишнината од нејзиното формирање, во присуство на највисоките претставници на СРМ, борците од бригадата, јужноморавските и косовските единици на НОВ и ПОЈ со кои воделе заеднички воени операции во текот на НОБ, одекна и музичката изведба на маршот. Македонскиот дописник известува: „Слушајќи го Маршот на Третата МУБ, компониран од нејзиниот борец Панче Пешев, врз текстот на песната на Ацо Шопов, борците тивко и возбудливо, заедно со хорот повторно запеаја, сеќавајќи се на времето кога со маршот на усните се бореа против бугарскиот фашистички окупатор и домашните предавници од Козјак до Егејска Македонија и пак назад, во секојдневни борби над 900 километри⁴⁴.

*

Во продолжената практика на јазични и други авторски, уреднички или редакциски интервенции во стиховите на маршот во слободна Македонија, со помали или поголеми разлики, создадени се повеќе нови верзии. Тие главно се разликуваат според испуштањето на одделни строфи⁴⁵, некогаш според удвојувањето на бројот на стиховите⁴⁶, но и понатаму се присутни и содржински измени на одделните стихови преку замена на споменатите личности или нов опис на некои моменти од борбата.

Типичен пример на наизглед малите содржински интервенции е промената во стихот каде што се пееше „со сталинска љубов“, осовременето во „со ленинска љубов“, па потоа во „со Титовска љубов“⁴⁷ или „со другарска љубов“⁴⁸, за во собраните дела на авторот да биде неутрализирано во „со пламена љубов“⁴⁹.

Од карактеристичните примери, би ги споменале и промените при хармонизацијата на композиторот Стефан Гајдов, кој втората строфа вака ја преобликувал:

Низ планини стрмни,
низ бурите снежни,
другарска љубов
на очите мрежни,
Апостолски беше
првиот на пат,
не бодреше Темпо
најмилиот брат⁵⁰

Тој ја исфрлил третата строфа, а третиот стих од четвртата строфа го преобликувал во:

За херојски дела, со подвизи горди
Брегалница, сведок, песни ќе ни пеј!

*

Како конечна авторизирана верзија во која треба да опстојува овој марш, би требало да се смета објавениот текст во одбраните дела на поетот од 1976 год.:

Марш на третата македонска ударна бригада

Ко челик сме ние – со Титовски сили,
Стив Наумов стои пред нас како штит,
Карпошова љубов тече в наш’те жили –
бригадата наша ко чекан е свит.

Низ планини стpмни, низ бурите снежни
ко рисои горски си пробивме пат,
со пламена љубов во очите мрежни
нѐ бодреше Темпо – најмилиот брат!

Беласица стара вечно ќе ги помни
јуришите наши сред одлучен час,
Плачковица снежна и бурите ломни
за нашата храброст ќе зборат на глас.

Над Кочанско поле со фашиски орди
се урнавме смело во нерамен бој,
низ херојски борби и подвизи горди
не жалевме живот за новиот строј!

В крвавиот Дренак и Пелинце славно
ќе треперат врагои ко исушен лист,
со здружени сили окови ќе пукнат,
ќе изгрее бргу ден светол и чист!

Ко челик сме ние – со Титовски сили,
Стив Наумов стои пред нас како штит,
Карпошова љубов тече в наш’те жили,
бригадата наша ко чекан е свит!

При споредбата на најраната ракописна верзија со оваа, се забележуваат следните разлики:
Није – ние; Стиф – Стив; стоји – стои; Карпушова злоба – Капрошова љубов; Апостолски беше први на пат – ко рисои горски си пробивме пат; со сталинска љубов – со пламена љубов, Брегалница – Беласица; спомни – помни; За нашата тврдост всред одлучен час – јуришите наши сред одлучен час; ке збори –- ќе зборат; урнафме – урнавме; за херојски за подвизи горди/ Брегалница сведок песни ќе ни пој – низ херојски борби и подвизи горди/ не жалевме живот за новиот стpoj!; A крвави дренак и Пелинце славно – В крвавиот Дренак и Пелинце славно; Ќе треперат врагоји – ќе треперат врагои; Со з.. – со здружени сили окови ќе пукнат,/ ќе изгрее бргу ден светол и чист!; није – ние; Стиф – Стив; стоји – стои; Карпушова злоба – Карпошова љубов; ко челик је свит – ко чекан е свит!

Во овие споредби секако најочита е интервенцијата со замената на стихот „Апостолски беше први на пат“ со стихот „ко рисои горски си пробивме пат“, како и неутрализацијата на стихот „со пламена љубов во очите мрежни“, во споредба со првобитната „со сталинска љубов“ и подоцнежните „со ленинска љубов“, односно „со титовска љубов“ или „со другарска љубов“. Тоа е време кога и кај нас се расчистуваше со остатоците од сталинизмот, но и понатаму се вршеа груби политички анатемисувања, па така овојпат и политички подзасолнетиот генерал-полковник Михаило Апостолски, единствениот командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во текот на НОБ на македонскиот народ, беше исфрлен од маршот на оваа бригада.

Меѓутоа, политичкото во уметноста секогаш му штетело на естетското. Некогаш пак и самото отсликување како израз или одраз на одредена општествено-политичка состојба ги осудило одредени дела на отфрлање или заборав. Таков е случајот и со музички антологискиот Марш на Третата македонска народноослободителна ударна бригада „Ко челик сме ние“ на поетот Ацо Шопов и композиторот Панче Пешев.

По осамостојувањето на Република Македонија маршот веќе го нема на нашите радио и ТВ станици, ниту во празничните документарни емисии, ниту на репертоарот на актуелните диригенти. Го симнаа од репертоарот на одбележувањата на годишнините и самите сега камелеонски преориентирани борци – комунисти, со што како да плукнаа на своето борбено минато. Можеби оние што себе сѐ сметаа за „челични“, како во маршот, загинаа во самата борба или пензионерски се повлекоа од јавниот живот!?

Во еден напис за маршот во весникот Вечер од 12.III 1991 год. Се соопштува: „Неофицијално дознаваме дека некои диригенти веќе одбиваат да го стават ‘Маршот…’ на репертоар, а официјално (акад. Властимир) Николовски тоа ќе го побара преку Здружението на композиторите на Македонија.⁵²“

Без официјална забрана маршот отиде во заборав поради стиховите во кои се споменуваат „Титовски сили“ и особено „не бодреше Темпо – најмилиот брат“.

За разрешување на проблемот со овие стихови и маршот да се врати во живот преку јавни изведби, композиторот акад. Властимир Николовски во март 1991 год. побара од наследниците на авторските права на двајцата автори⁵², тие стихови да се променат, или, како што беше пренесено во тогашниот печат „Темпо да биде исфрлен од стројот“. Тој сметаше дека измени во вакви наменски песни за разни поводи не се непознати во музичката историја, па потсетуваше и на поранешните измени во овој марш, кога зборот „сталинска љубов“ е заменет со „ленинска“, па „титовска љубов“.

Но, наследниците неговиот предлог најенергично го отфрлија. Еден од нив, поетот Владимир Шопов „веднаш го одби ова барање“, не согласувајќи се „со ваква измена на текстот на неговиот татко“, образложувајќи дека:

Како син на Ацо Шопов, не можам сам да вршам измени во неговите стихови, бидејќи не сум единствен наследник на она што се нарекува материјален и морален аспект на авторските права. За тоа е потребна согласност и на мојата полусестра. Тоа е она што би се рекло формалната страна, а суштинската е во тоа што како писател не можам на себе да земам одговорност да правам измени во било чии стихови, а најмалку во стиховите на татко ми, зашто тоа ме потсетува на сечење на одредени личности од одредени фотографии и палење книги во одредени ситуации⁵⁵.

Наш став е – ако е важно одбележувањето на годишнината на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, а значајно е, тогаш тоа не смее да биде без маршот во неговата оригинална верзија, зашто тој најдобро и документарно го отсликува духот на времето и самите борци во тоа време. Тоа е нашето минато и секое премолчување и видеоизменување ја искривува сликата и нѐ претставува во лоша фалсификувана светлина.

*

За маршот имаат пишувано многумина живи борци на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, композитори, публицисти и научни работници, меѓу кои: Златко Билјановски, Кирил Михајловски – Груица, Боро Чушкар, акад. Тодор Скаловски, акад. Властимир Николовски, Бранко Каракаш, Томе Момировски, Методија Петровски, Драгољуб Димовски, Петар Трајковски и Живко Лазаревски, Спасе Шуплиновски, Борис Бурназовски, Бранислав Трајковски, авторот на овие редови и др.

Композиторот Бранко Каракаш во уметничката структура на мелодијата на маршот воочува троделна форма (А. Б. А.) и забележува дека: „Начинот на кој е водена мелодиската линија во песната „Класје зелено“, во многу потсетува на вториот дел од неговиот необично популарен Марш на Третата македонска ударна бригада.

Според акад. Тодор Скаловски, композиторот на овој марш навреме ја согледал „вредноста на масовната борбена песна во револуцијата и во борбата за слобода“. Композиторот Петре Богпацов-Кочко ќе напише дека таа мелодија е „вердиевски широка и течна“, а писателот Томе Момировски дека „ова е најцелосна масовна песна во естетски, стилски и музички поглед“.

Притоа Т. Момировски ќе потенцира дека:

Соработката на лиричарот Ацо Шопов, чиј текст во соржинска и стилска насока е целосен и целосообразен, и оформениот композитор и соборец Панче Пешев, низ инспиративна и интимна симбиоза, можеа да го создадат најубавиот и најраспеан марш, чекорница, односно масовна песна родена меѓу борбените премрежиња во НОВ во Македонија⁵⁷.

Да се надеваме дека овие искажувања можат да бидат добра препорака за неговото враќање на музичките подиуми, во разните печатни изданија и електронските медиуми, бар во празничните денови кога се одбележуваат значајните настани од НОБ во Македонија.

Хронолошки избор од библиографијата на маршот и за маршот

А. Библиографија на маршот

Марш на ІIІ македонска бригада. Народна борба, Весник на Втората македонска народноослободителна ударна бригада, Положај, април-мај 1944, II/ 5–6, 19.

Марш на Трета макед. ударна бригада. Збирка на песни од НОБ во Македонија, с.л., (1944), 19.

Маршот на III-та македонска бригада. Народно ослободителни песни, с. л., август 1944, 5 (умножено на шапирограф).

Марш на Третата македонска ударна бригада. Ацо Шопов, Со наши раце. Издавач: Државно книгоиздателство на Македонија, Скопје, 1950, 25.

Маршот на Третата македонска ударна бригада. „НОБ на Македонија“. Публикација на фотографии, документи и карти – скици со пригоден текст за народноослободителната борба на македонскиот народ. Текстот го напишале Михаило Апостолски и Јован Поповски. Редакција на материјалот за печат Михаило Апостолски и Панде Ташковски. Издавач: Новинско-издавачко претпријатие „Народна задруга“, Скопје, 1962, меѓу стр. 140–141.

Марш на ІII македонска бригада. (Меш. xop.). Музика: Панче Пешев. Хармонизирал: Ст. Гајдов. „Иселенички календар 1963“. Издавач: Матица на иселениците од Македонија, Скопје, 1963, 146-147. (Со мелограма).

Marš III makedonske brigade. Tekst: Aco Šopov. Muzika: Panco Pešev. Naše pesme. Izbor pesama iz narodnooslobodilačkog rata, izgrad nje zemlje i armije. Izdavač: Državni sekretarijat za narodnu odbranu, Muzičko oddeljenje, Beograd, 1965, 23.

Марш на ІІІ македонска бригада. (Меш. хор). „Иселенички календар 1967“. Издавач: Матица на иселениците од Македонија, Скопје, 1968, 164-165 (со мелограма).

Марш на III македонска бригада. (За мешан хор – 1946). Текст: Ацо Шопов. Музика: Панче Пешев. Хармонизација: Стефан Гајдов. Зборник борбени pесни, Издавач: Друштво на композиторите на Македонија, Скопје, 1970, 37-39 и 46.

Марш на Третата македонска ударна бригада. Текст: Ацо Шопов. Композиција: Панче Пешев. „1943-1973“, прилог на в. Нова Македонија, Скопје, 18. VIII 1973, 8.

Marš III makedonske brigade. S pesmom do slobode, s pesmom u slobodi. Sabrao i uredio Branko Karakas. Beograd, 1974, 92.

Маршот на Третата македонска бригада. Наш свет, Скопје, 7.IV 1976, XV/519, 14.

Марш на Третата македонска ударна бригада. Ацо Шопов, Одбрани дела, книга прва, Поезија. Издавач:Мисла, Скопје, 1976, 48.

Марш на Третата македонска ударна бригада. Наш весник, Куманово, 23.II 1979, XVIII/654, 4 (посебен прилог).

(„Ко челик сме ние…“). Македонски песни за народноослободитeлнaтa борба. Зборникот го подготвиле: д-р Лазо Каровски (избор, редакција, забелешки) и Ѓорѓи М. Ѓорѓиев (етномузиколошка редакција и обработка). Издавач: Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, 1980, 312.

Marš na III makedonska brigada. Branko Karakaš, Muzika na partizanskim stazama. Izdavač: Narodna armiја, Beograd, 1982, 43.

Маршот на Третата ударна бригада. Нова Македонија. Скопје, 2. VIII 1984, XL/13481, 10.

Б. Библиографија за маршот
Milorad Madić – Joca Jović, Ko čelik sme nije… Narodna armija Beograd, 10.X 1958, XIII/1002.

Боро Чушкар, Марш на Третата ударна бригада. Фрагмент. Сведоштва за Панче Пешев. Нова Македонија, Скопје, 4.VII 1965, XXI/6722, 7.

Златко Билјановски, „Ко челик сме ние…“ (2). 25-годишен јубилеј на Третата македонска бригада. Нова Македонија, Скопје, 4.III 1969, XXV/8017, 12.

Златко Билјановски, Формирање на Третата македонска ударна бригада. „Морници ги обземаа борците“. Прилог на Наш весник, Куманово, 26.II 1971, 2.

Петар Трајковски, „Ко челик сме ние, со Титови сили…“ Нова Македонија, Скопје, 28-30.XI 1971, XXVII/8928, 5.

Златко Билјановски, „Од Козјак до Загреб“. Трета македонска народноослободителна ударна бригада. Народна армија, Белград, 1971, 45-46.

П(етар) Трајковски, „Козјак замолкна“. Годишнина од смртта на Христијан Тодоровски-Карпош. Нова Македонија, Скопје, 7. II 1973, XXVIII/9355, 2.

Кирил Михајловски-Груица, Трећа македонска НОУ бригада. Војноиздавачки завод, Београд, 1976, 28.

Ж(ивко) Лазаревски, Жарач уместо клавира. Како је настао Марш Треће македонске бригаде. Вечерње новости, Београд, 25.II 1978, 13.

Branko Karakaš, Muzika na partizanskim stazama. Izdavač: Narodna armiја, Beograd, 1982, 41-45.

Д-р Симо Младеновски, Македонските народни песни за НОБ и Револуцијата. ООЗТ Книгоиздателство Наша книга, Скопје, 1983, 87-88.

С(пace) Шуплиновски, Моќна сила на АСНОМ. Четириесет години од формирањето на Третата македонска ударна бригада. Нова Македонија, Скопје, 26.II 1984, XL/3325, 6.

Дејан Алексиќ, Изложба за борбениот пат на бригадата. По повод 40 години на III МУБ. Нова Македонија, Скопје, 29.VI 1984, XXIII/921-922, 3.

Живко Лазаревски, „Ко челик сме ние… Како Панче Пешев во манастирот ‘Прохор Пчински’ го компонира Маршот на Третата македонска бригада“. Нова Македонија, Скопје, 2.VIII 1984, XL/13481, 10.

Така пееше револуцијата! Единаесетти октомври – Ден на востанието на македонскиот народ. Или, што сѐ се пееше во Македонија за време на народноослободителната борба и кој и како ги создаде маршовите на Првата, Третата, Охридската и Скопската народноослободителна бригада? Подготвила В(иолета) Х(аци) С(керлева). Екран, Скопје, 11.X 1985, XV/778, 10–11.

Томе Момировски, „Вердиевски широка и течна“. Трајноста на партизанската лирика. Поетиката и акционото кај Владо Малески и Ацо Шопов во маршевите на Првата и Третата македонски ударни бригади. Нова Македонија, Скопје, 11.X 1985, XLI/13909, 3.

Несуден подарок. Луѓе и настани од НОБ. Наш свет, Скопје, 5.II 1986, XXVI/860, 7.

Р. Р. Т., „Не можам да ги менувам стиховите на татко ми.“ Владимир Шопов за барањето името на Tемпо да се исфрли од стројот. Вечер, Скопје, 12. III 1991, XXIX/8582, 11.

Михаило Апостолски, „Сеќавања. Парада во Москва“. Нова Македонија, Скопје, 12.V 1991, XLVII/15910, 9.

Ѓоре Петрушевски, Првиот хор во Македонија, Нова Македонија, Скопје, 20.V 1995, LI/17356, 14.

Јасмина Шопова, По-трагите на Ацо Шопов. Издавач: Сигмапрес – Скопје, 2004, 34.

____________________
¹ Ацо Шопов (Штип, 20.XII 1923 – Скопје, 20.IV 1982), член на СКОЈ (од 1940) и КПМ (од декември 1943), борец на Шарскиот народноослободителен партизански одред (од 23.IX 1943), на Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов-Орце“ (од декември 1943, како секретар на СКОЈ), учесник во битката на Дренак, а по формирањето на Третата македонска народноослободителна ударна бригада (26.II 1944) раководител на Агитпроп и уредник на бригадниот весник Огин.

² Панче Пешев (Велес, 1915 – Кушкули, 5.VI 1944), член на СКОЈ (од 1930) и КПЈ (од 1935), член на УРС-овите синдикати и особено активен како музичар и композитор во дејноста на работничкото КУД „Абрашевиќ“ во Куманово, член на МК (од 1936) и Воениот штаб (1941) на КПЈ за Куманово, член на ПК КПЈ за Македонија, борец на Велешкиот народноослободителен партизански одред (1942), на Кумановскиот народноослободителен партизански одред (од 26. VI 1943), на Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов-Орце“ и на Третата македонска народноослободителна ударна бригада (26.XII 1944).

³ Формиран од делови на Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов-Орце“ и од новопридојдени борци од Кумановско само неколку дена пред тоа, на 22.II 1944 во с. Бајловце, Кумановско.

⁴ Златко Билјановски, Од Козјак до Загреб. Трета македонска народноослободителна ударна бригада. „Народна армија“, Белград, 1971, 45.

⁵ Веселинка Малинска (Куманово, IV 1917 – Скопје, 12.XI 1987), член, а од мај и секретар на АГИТПРОП при Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

⁶ Живко Лазаревски, „’Ко челик сме ние…’ Како Панче Пешев во манастирот „Прохор Пчински“ го компонира Маршот на Третата македонска бригада“. Нова Македонија, Скопје, 2.VIII 1984, XL/13481, 10. (Ж(ивко) Лазаревски, Жарач уместо клавира. Како је настао Марш Треће македонске бригаде. „Вечерње новости“, Београд, 25.II 1978, 13).

⁷ Се однесува на Битолско-преспанскиот народноослободителен баталјон „Стефан Наумов-Стив“.

⁸ Агитационо-пропагандно одделение на КПМ.

⁹ Лина – Веселинка.

¹⁰ Михаило Апостолски, Сеќавања. Парада во Москва. Нова Македонија, Скопје, 12.V 1991, XLVII/15910, 9.

¹¹ Боро Чушкар, Марш на Третата македонска ударна бригада. Фрагмент. Сведоштва за Панче Пешев. Нова Македонија, Скопје, 4. VII 1965 XXI/6722, 7.

¹² Архив на Институтот за национална историја – Скопје, к. 116, арх. бр. 832.

¹³ Ж. Лазаревски, цит. прилог „Ко челик сме ние…”, 10. (Ж. Лазаревски, цит. прилог „Жарач уместо клавира“, 13).

¹⁴ 28 февруари 1944 година.

¹⁵ Карактеристична хумористично-сатирична естрадна песна, во која љубопитното врапче лета насекаде во светот и присобраните актуелни новости за најновите настани од развојот на борбата против фашизмот во светот и во Македонија ги соопштува на партизанските приредби пред борците и народот. (Д-р Симо Младеновски, „Врапчето“ во Македонија – специфичен хумористично-сатиричен музичко-поетски жанр, Издавач: Институт за фолклор, Скопје, 1985, 1-75).

¹⁶ Ж. Лазаревски, цит. прилог „Ко челик сме ние…”, 10. (Ж. Лазаревски, цит. прилог Жарач уместо клавира“, 13).

¹⁷ Кирил Михајловски-Груица, Трећа македонска НОУ бригада. Bojноиздавачки завод, Београд, 1976, 28.

¹⁸ Б. Чушкар, цит. прилог „Третата македонска ударна бригада“, 7.

¹⁹ Усно соопштение на авторот во 1980 година.

²⁰ III M.U.В. – Трета македонска ударна бригада.

²¹ Стефан Наумов – Стив (Битола, 27.X 1920 – с. Болно, Ресенско, 12.IX 1942), народен херој, чие име го доби Првиот кумановски народноослободителен баталјон на денот на неговото формирање во с. Пелинце, на 1 декември 1943 год., кој потоа влезе во составот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада.

²²Се однесува на нивниот поранешен командант во Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов-Орце“, народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош (Куманово, 1921 – Билјача, 7.II 1944), кој загина во борба со бугарската војска и полиција. Неговиот погреб со проштални говори и воени почести оставил длабоки траги кај сите негови соборци и посебно кај поетот Ацо Шопов, кој во разговорот со писателот Цане Здравковски во 1979 година се сеќаваше: „И песните за Карпош се создадени од непосредна инспирација. Бев очевидец на загинувањето на Карпош и учествував во истата борба. Тоа беше лудо храбар борец: излезе напред и налета на нападот на бугарските фашисти, кои со митролеви го покосија.“ Јасмина Шопова, По-трагите на Ацо Шопов, Сигмапрес, Скопје, 2004, (34).

Борците на Првиот кумановски народноослободителен баталјон ,Јордан Николов-Орце“ во составот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, пак, беа познати како „Карпошевци“, како што ги нарече делегатот на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ Светозар Вукмановиќ-Темпо на денот на формирањето на бригадата, на 26.II 1944 год. во с. Жегљане, Кумановско.

²³ Се однесува на познатиот Февруарски поход, познат и како Богомилски поход, од февруари 1944 год., што го изведоа Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада, Втората македонска народноослободителна бригада и Групата баталјони на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од Меглен и планината Кожув до планината Козјак во должина од околу 440 km во најтешки услови на студена зима, снег, меќави и снежни наноси.

Групата баталјони на ГШ НОВ и ПОМ како воена формација беше фомирана на 23 декември 1943 год. во с. Фуштани, Мегленско, а ја сочинуваа Битолскиот народноослободителен баталјон „Јордан Николов – Орце“ и Бугарскиот партизански баталјон „Христо Ботев“.

²⁴ Михаило Апостолски (Ново Село, Штипско, 8.XI 1906 – Стар Дојран, 7.VIII 1987), командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, пред Втората светска војна генералштабен мајор, а подоцна генерал-полковник, народен херој и академик.

²⁵ Во февруарскиот поход, заедно со воените единици, учествуваа и други членови на ГШ НОВ и ПОМ, членови на ЦК КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ.

²⁶ Јосиф Висарионович Сталин (1879-1953), претседател на советската влада и генерален секретар на СКП(б), врховен командант на оружените сили.

²⁷ Светозар Вукмановиќ-Темио (с. Подгора, кај Бар, Црна Гора, 1912). комунистички деец и народен херој, делегат на ЦК КПЈ и на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во Македонија.

²⁸ Се однесува на борбите на Битолско-преспанскиот народноослободителен баталјон во времето на Февруарскиот (Богомилски) поход во состав на Групата баталјони на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

²⁹ Се однесува на с. Дренак, Кумановско и успешната борба што таму ја водел Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов-Орце“ на 10 декември 1943 год. против бројно надмоќниот Вардарски четнички корпус. Во таа борба 141 борец на Баталјонот успешно се противставил на нападот од околу 800 четници. Притоа загинале следните борци на Баталјонот: Миливој Бошковски-Кипра, Доско Величковски, Тоде Миндол, Владо Тасевски, Павле Пелински, Перо Сушевски, Дојчин Станков, и курирот Бошко на Вториот јужноморавски одред. Исто така, баталјонот имал и шест ранети борци.

³⁰ Во с. Пелинце, Кумановско, на 1 декември 1943 год. бил формиран Првиот кумановски народноослободителен баталјон „Јордан Николов Орце“, со командант Христијан Тодоровски – Карпош. А во атарот на ова село се водела и жестоката борба на борците од овој баталјон на 13 јануари 1944 год. против Бугарскиот полициски одред „Бенковски“, кој бил наполно разбиен, со 14 убиени, 18 заробени, а останатите полицајци разбегани.

³¹ Штипјанец – според градот на раѓањето на авторот Ацо Шопов.

³² Кој и кога ја направил оваа поправка не можевме да утврдиме, но таа „сталинска љубов“ останала и во зачуваните преобјавувања од август 1944 год.

³³ J. Шопова, цит. дело По-трагите на Ацо Шопов, 24.

³⁴ Бане Андреев-Ронкаша (Велес, 12.VIII 1905 – Скопје, 3.XI 1980), деец на комунистичкото движење, член на КПЈ (од 1923), политички секретар на ПК КПЈ за Македонија (IX. 1941 – V. 1942), член на ЦК КПМ (од формирањето), член (до V 1944), а потоа и политички комесар на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

³⁵ Треба да стои политички комесар на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

³⁶ Се однесува на Пролетната офанзива на германските и бугарските воени и полициски единици против македонските, српските и косовски воени единици во Македонија и југоисточна Србија пролетта од 25.IV – 20. VI 1944 год., еден од најславните периоди од борбениот пат на Бригадата.

³⁷ Страхил Гигов (Велес, 16.09 1909 – Скопје, 19.05.1999), член на КПЈ (од 1929), член на ПК и ЦК КПМ (од неговото формирање) и член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, прогласен за народен херој.

³⁸ Цветко Узуновски (с. Царев Двор, Ресенско. 1916 – Скопје, 24.V 1994) комунистички деец, член на КПЈ (од 1934), член на ПК и ЦК КПМ формирањето), политички комесар на Главниот штаб на НОВ и ПОМ (од пролетта 1943), прогласен за народен херој.

³⁹ Добривое Радосавлевиќ-Боби (Књажевац, 1915 – Белград, 1984) инструктор на ЦК КПЈ во Македонија (јули 1942 – јануари 1945).

⁴⁰ М. Апостолски, цит. „Сеќавања“, 9.

⁴¹ Притоа, покрај Панче Пешев, во тие борби загинаа и борците Славко Баев од Кратово, Круме Гарев од Куманово и далматинецот Јозо Пенезиќ (И. С., Триесет години од смртта на Панче Пешев, Нова Македонијаг, Скопје, 17.VI 1974, XXX/9842, 3.)

⁴² Ж. Лазаревски, цит. прилог „Ко челик сме ние…“, 10. (Ж. Лазаревски, цит. прилог ,,Жарач уместо клавира“, 13).

⁴³ Ѓоре Петрушевски, Првиот хор во Македонија, Нова Македонија, Скопје, 20. V 1995, LI/17356, 14.

⁴⁴ Дејан Алексиќ, Изложба за борбениот пат на бригадата. По повод 40 години на III МУБ. Нова Македонија, Скопје, 29. VI 1984, XXIII/921-922, 3.

⁴⁵ Маршот на Третата македонска ударна бригада. „НОБ на Македонија”. Публикација на фотографии, документи и карти –- скици со пригоден текст за народноослободителната борба на македонскиот народ. Текстот го напишале Михаило Апостолски и Јован Поповски. Редакција на материјалот за печат Михаило Апостолски и Панде Ташковски. Издавач: Новинско-издавачко претпријатие „Народна задруга”, Скопје, 1962, меѓу стр. 140–141; Марш на Третата македонска ударна бригада. Текст: Ацо Шопов. Композиција: Панче Пешев. „1943-1973“, прилог на в. Нова Македонија, Скопје, 18. VIII 1973, 8; Marš III makedonske brigade. Tekst: Aco Sopov. Muzika: Panco Pešev. ,,Naše pesme”. Izbor pesama iz narodnooslobodilačkog rata, izgradnje zemlje i armije. Državni sekretarijat za narodnu odbranu, Muzičko oddeljenje, Beograd, 1965, 23; Маршот на Третата ударна бригада. Нова Македонија, Скопје, 2.VIII 1984, XL/13481, 10; Златко Билјановски, Формирање на Третата македонска ударна бригада. Морници ги обземаа борците. Прилог на Наш весник, Куманово, 26.II 1971, 2.

⁴⁶ Во истите цитирани примери.

⁴⁷ Цит. публикација „НОБ на Македонија“, меѓу стр. 140-141: Маршот на Третата македонска бригада. Наш свет, Скопје, 7. IV 1976. ХV/519, 14; Цит прилог. „1943-1973“ на в. Нова Македонија, 8.

⁴⁸ („Ко челик сме ние…“). Македонски песни за народноослободитeлнaтa борба. Зборникот го подготвиле: д-р Лазо Каровски (избор, редакција, забелешки) и Ѓорѓи М. Ѓорѓиев (етномузиколошка редакција и обработка). Издавач: Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, 1980, 312. Branko Karakaš, Muzika na partizanskim stazama. Izdavač: Narodna armiја, Beograd, 1982, 43.

⁴⁹ Ацо Шопов, Одбрани дела, книга прва, Поезија. Издавач: Мисла, Скопје, 1976, 48.

⁵⁰ Марш на III македонска бригада. (За мешан хор – 1946). Текст: Ацо Шопов, Музика: Панче Пешев. Хармонизација: Стефан Гајдов. „Зборник борбени песни“, издавач: Друштво на композиторите на Македонија, Скопје, 1970, 37-39 и 46.

⁵¹ А. Шопов, цит. Одбрани дела, книга прва, „Поезија“, 48. Истата верзија: Марш на Третата македонска ударна бригада. Наш весник Куманово, 23.II 1979, XVIII/654, 4 (посебен прилог).

⁵² Р. Р. Т., Не можам да ги менувам стиховите на татко ми. Владимир Шопов за барањето името на „Tемпо“ да се исфрли од стројот. Вечер, Скопје, 12. III 1991, XXIX/8582, 11.

⁵³ Сопругата на Ацо Шопов, Светлана Шопова и неговите деца – синот Владимир Шопов и ќерката Јасмина Шопова, како и ќерката и сестрата на Панче Пешев.

⁵⁴ Јасмина Шопова.

⁵⁵ Р. Р .Т. цит. прилог „Не можам да ги менувам стиховите на татко ми“ 11.

⁵⁶ Бранко Каракаш, Музичките творци во Македонија. Издавач, 55.

⁵⁷ Томе Момировски, „Вердиевски широка и течна“. Трајноста на партизанската лирика. Поетиката и акционото кај Владо Малески и Ацо Шопов во маршевите на Првата и Третата македонски ударни бригади. Нова Македонија, Скопје, 11.X 1985, XLI/13909, 3.

______________________________
* Текстот е објавен во Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005