This post is also available in: French

Елегија за обрежаните

Ноќ на детството, Ноќ сина Ноќ русокоса, о Месечино!
Колкупати те довикував Месечино! липтајќи долж патиштата
Долж страдањата на мојот човечки век? Самотијо! а наоколу песочни дуни.
Беше тоа последната ноќ на моето детство, густа како смола. Страв ни ги свиваше плеќите додека рикаа лавовите
Ги свиваше високите треви подмолниот молк на таа страшна ноќ.
Огну во пенушките ти огну на надежта! бледа слико на Сонцето што ме бодреше во младоста —
Дојде часот на смртта. Грлото ми се суши, пред неа треперам вџашен ко девица.
Дојде часот на смртта во убавината на песната — сè нешто заталкува по нејзините патишта.
При ова зајдисонце со грло на гугутка, гукаат сини гривиците
И кричат жално галебите на сонот.

Умираме играјќи рамо до рамо преплетени во венец
Нозете ни се боси, бутините голи, и веќе руди дарот на свршеницата, проблеснува ко молња.
Там-тамот ора, уој!* по пресветата тишина. Играј! музиката удира со камшик по крвта
Ритмот го гони стравот што те гуши. Животот ја држи на нишан смртта.
Играј по тактот на стравот! над твојата неукост, над твојата невиност се дига ноќ на страста.
Умира детството, нека умре песната и распрсне стихот, нека потонат сите небитни зборови.
Доволен е ритмот што ќе ни се зборови-врзници во градбата на градот на утрешнината.
Сонцето извира од морето на мракот
Крв! Брановите се бојат во мугри.
Господи, толкупати копнеев колкупати точно? по проѕирните ноќи на детството.
Мажественото пладне е час на Духовите сѐ се обесплотува
Ко дрвјата во Европа под зимно сонце.
Коските се апстрактни, се мерат со ленир, шестар, агломер.
Животот на човека ко песок му лизга низ прстите, снежни кристали ѝ го заробуваат животот на водата
Водената змија се извива долж јаловите раце на трските.
Драги Ноќи блиски Ноќи, Ноќи на детството, низ шуми низ тани**
Ноќи растреперени од премногу кревки души, и клепки, густо населени со крилја и воздишки
Преполни животна тишина, кажете колкупати копнеев по вас до пладнето на мојот век?

Песната венее под пладневното сонце, неа ја храни вечерната роса
Животните сокови бликаат по ритмот на там-тамот среде миризливите зрели плодови.
Главару на ритуалот, ми треба твојата мудрост, знам, за да ја одгатнам шифрата на нештата
Да разберам што значи да се биде татко и ламарх***
Да го измерам точно полето за посев и расподелам жетвата без да заборавам ниеден аргат ни сирак.
Песната не е само восхит, таа ги храни рунтавите глави на моето стадо.
Песната змијолика птица е венчавка на мракот со светлината в зори
Се вивнува Феникс! со раширени крилја пее над бојното поле на зборот.

Леополд Седар Сенгор, Ноктурна, 1961
Препев од француски: Јасмина Шопова, Сенгор – Шопов: Паралели, 2006
_________________________
* Восклик што изразува восхит.
** Пространство што останува суво при големите осеки. Отсјајот што водата го остава врз него Серерите го толкуваат како пројава на мртвите.
*** Неологизам што Сенгор го извел врз база на коренот “лам”, што во јазикот на Серерите и Пелите изразува идеја на водач, глава на семејството.