Зборот и небиднината*

Анте Поповски (1931-2003)

Ante Popovski

Во овие грди времиња кои го приклештија нашиот дух и од кои, дај боже, што е можно поскоро и побезболно да излеземе, благороден е каков и да е повод кој нè здружува и кој ни овозможува, барем за миг, да се одделиме од сивилото кое нè опкружува и од фактите кои како тешки камења удираат врз нашата свест; дури и не сакам да приспомнам за околностите кои ја демнат историската егзистенција на нашата татковина.

А поводот поради кој сме собрани не е ниту мал, ниту секојдневен: станува збор за еден исклучителен настан − најголемиот дел од личната библиотека на поетот, благодарение на далековидноста и разумноста на една благородна идеја на сопругата и на ќерката на поетот, госпоѓите Светлана и Јасмина Шопова, од овој час стануваат сопственост на Спомен-собата, на Музејот на Ацо Шопов. Од денес, значи, над две илјади книги, автографи, одделни матерјали од архивско значење и многу предмети, украси со кои Ацо Шопов бил во непосреден допир низ целиот свој живот, сега се населуваат во неговата соба, се населуваат во неговиот град.

Тоа ќе биде едно ново духовно огниште не само на овој град, туку и на целата македонска култура. Само по себе се наметнува прашањето: кои се вистинските причини поради кои најзначајните автори на македонската модерна − и во литературата, и во сликарството, и во музиката, во сите сфери на творештвото − немаат свое катче, немаат нешто за да биде нивно духовно продолжение?

[…]

Сакам да предочам дека мора да нараснува грижата и дека е неопходно нашата национална култура постојано да се надградува со сите форми на спомен-обележја кои ќе претставуваат творечко продолжение на авторите што го завршиле својот творечки чин. Особено кога се има предвид дека не е секогаш проблемот во парите, туку во разбирањето на тоа значење, во сфаќањата за културната надградба на една нација.

[…]

Есенцијалните прашања на животот и смртта, на доброто и злото, на биднината и небиднината, ја преокупираат поетиката на овој наш врвен поет и сите негови книги, една покрај друга и една во друга, се прелеваат во едно продолжено пеење и искажување на една иста идеја за неодминливоста на парадоксот и егзистенцијалните сомнежи.

Тоа е поезија која како и секоја вистинска естетика не нуди апсолутни одговори, туку ја довикува, копнее по убавината на животот која може да се насети само во одделни мигови.

Небиднината е негова средишна метафора и она кое посебно треба да се назначи е дека низ метафората ја дематеријализира човечката судбина и од неа создава сосема поинаква стварност. Тој нè води во еден непознат предел, во една ирационална зона на животот, непристапна на разумот и на свеста.

Несовладлива провалија се покажува пред човекот кој ќе ги допре овие стихови, една густа човечка крв уште од древности останата ги обликува изразите на еден проклетилак, на една несовладлива осаменост, на еден црн ветар, на едно темно чекање, на едно глуво лелекање − од почетокот и сè до крајот на неговото творештво.

Зборот и небиднината стопени се едно во друго, постоењето проникнува во непостоење, љубовта во небиднина. Тоа се тие корелати и антиподи, а „молитвите” кои природно потоа ќе уследат, се образец на една голема духовна дарба кога се наложуваат и симболите на Откровението, но и пророчките осмислувања на кошмарот и на виртуелноста на поезијата.

Поетските книги на Ацо Шопов се книги на големи, црни визии и антиципации, на прегнантни и совршени естетички симболи, на една арс-поетика кој како да му претставува продолжение на духот и на мислата на Апостол Јован во Откровението.

[…]

Унамуно поучуваше дека нему лично му е многу тешко како поет да го разбере оној творец којшто нема ниту еден стих за татковината и татковото огниште. На еден свој начин, тоа го повторуваше и Пикасо, на апсолутен начин на тоа инстистираше и Пастернак, неспоредливо, во оваа смисла, зад ваквите стојалишта застана целата современа естетика.

Имено: на Ацо Шопов му беше достатно само за миг да се одлепи од татковината, да ги насети волшебствата на Африка, за да ја осознае и во една нова смисла да ја воспее својата татковина како универзална замена на целиот свет и целиот свет, како надградба на неговата татковина.

Во поентата на неговата песна „Баобаб” од Песна на црната жена (1976), тој ќе рече: „Дрво на животот./ Храм на мртвите. /Татковина”.

Веднаш потоа ќе додаде во „Светлината на робовите” : „Јас − кој роб бев / и ти што беше роб, а сега си камен, / сега сме Куќа на робовите”.

Така израснуваше, низ големи страдања по убавината, личноста на поетот, за некаде во осумдесеттата година, во неговата тестаментална книга Дрво на ридот (1980) да соопшти: „Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема, / ме дави и гуши подземна стија. /  Млад сум, а душата ми е остарена / од љубовта моја неостварена, љубовта Македонија”.

Така телото се скаменува и универзалната идеја на големите надежи едноставно се пресоздава во една лична драма која се поистоветува со драмата на Македонија, во едни големи води кои не ќе може никој да ги смири и во една тестаментална идеја: личната судбина да се поистовети со судбината на Македонија, а сето тоа со судбината на − светот.

* Извадоци од беседата изговорена по повод отварањето на Спомен-собата на Ацо Шопов во Штип, 20.4. 2001.
Прочитајте ја песната “Небиднина“. Поевеќе за збирката Небиднина можете да прочитате тука.