Шопов на унгарски јазик*

Паскал Гилевски

Поезијата на Ацо Шопов е многу преведувана на други јазици, а во некои земји се појавени и посебни избори од убавото творештво на тој бард на современата македонска лирика. Но, иако на прв поглед се чини дека едноставната лирска исповед на Шопов е лесна за транслатација на друго јазично и национално подрачје, сепак, ако повнимателно се анализираат некои такви обиди, ќе се види дека работата на преведувачите не одела секогаш по мазнолинејна врвица, често пред нив се истопорувале и потешки лирски замки и версификаторски загатки, понекогаш дури и сложени и нерешливи проблеми, кои им задавале маки и на најспособните, најталентираните и најверзираните автори на препевите. Всушност, тоа и не треба многу да нѐ чуди, бидејќи едноставниот израз најчесто е и најтежок, според тоа и одговорноста спрема него е поголема.

На унгарски Ацо Шопов, би рекле, поминал среќно. Негови песни имаат преведено повеќе поети, меѓу кои и најзначајните: Шандор Вереш, Габор Гараи, Ласло Наѓ, Золтан Чука, Калман, Дудаш, Ференц Пакозди и други. Но најголем број негови песни на унгарски јазик препеал Ференц Фехер, еден од најпознатите војводински поети, кој во 1964 година објави и посебен избор од поезијата на Шопов под наслов Оној вечно што чека (Книгоиздателство „Форум“, Нови Сад).

Да се препее поезија каква што е на Шопов на унгарски, односно на еден јазик кој морфолошки и фонетски сосем се разликува од македонскиот, секако претставува своевиден настан. Особено затоа што преведувачот го знае нашиот јазик повеќе пасивно.

Изборот на песните за таа типографски и ликовно-естетски мошне вкусно реализирана книга е извршен од неговите три стихозбирки: Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време и Небиднина. Книгата е озаглавена според стих од една песна, чиј наслов во оригиналот гласи: „Во секој град“. Збирката е поделена на четири циклуси: „Минијатури“, „Молитви на моето тело“, „Купувачи на старо“ и „Песната и годините“.

Преведувањето на поезија не е едноставна работа. Не само поетот-творец, туку и поетот-препевач е по малку Орфеј — има речено еден голем унгарски поет. Зашто, ако на добриот прозен преведувач му ја придружиме покрај другото, како значаен предуслов, јазичната култура, тогаш на добриот препевач му е иманентна поетската култура.

Ференц Фехер авторитетно располага со вторава, па затоа доминантните резултати во овој препев треба да ги бараме во нивниот поетски карактер. Поради недоволното познавање на јазичките специфики на македонскиот јазик, преведувачот морал да се концентрира претежно врз содржинското толкување на песните (во што секако му помогнале и српскохрватските преводи). Некои елементи од интегралниот облик на оригиналот (импресивно варираниот ритам, услужниот редослед на лексичките квалитети во стихот, суптилно обоената мисла и виртуозно моделираната рима) сфатени како интегрално поетско созвучје, природно, во препевот добиваат малку изменета проекција, се разбира, што е условено од метричките и другите поетски карактеристики на јазикот на кој се преведува.

Имено, треба да се наспомене дека унгарската поезија никогаш немала стриктно одреден ритам и рима, па затоа и Фехер, во случајот на Шопов, не може доследно да ги следи стапките на амфибрахот и на јамбот, но основната унгарска стапка, трохејот, штедро то употребува во повеќе песни (,,Љубов“, „Песната“, „Во тишина“ итн.).

Судејќи според општото ниво на дадениот резултат, овој превод не би можело да се нарече „формалистички“, но тој не е ни наполно „реалистички“. Еве неколку примери, како потврда за оваа оценка:

Во оригиналот стои: „Он [ветрот] не ги ни познава сите свои корени“.

Во препевот: „Не ни знае што го ниша, какви цвеќиња.“ (Природно и логично е дека само ветрот може да ги ниша цвеќињата, а не тие него). Понатаму, насловот „Како говорот глувонемите“, е преведен: „Како говорот на глувонемите“, така што непотребно додадениот сврзник ја прави неразборна поентата на песната. (Во оригиналот тоа гласи: „Само ние ја сфаќаме смислата / на таа бесмисленост. / Како говорот глувонемите“). Или пак, насловот на песната „Има долу една крв“ е преведен во стилот на големиот унгарски поет Ендре Ади „Непознатата крв“, што не е баш прецизно, бидејќи во оваа песна крвта е позната и просторно (долу) и временски (од древноста) и содржински (проколната, густа, црна како смола, исконски жедна итн.). Но преведувачот тука свесно веројатно прибегнал кон такво решение, зашто оригиналниот наслов е непреводлив на унгарски.

Потоа, стиховите „Ти што си недостапна за туѓото мнение / гол пред тебе стојам како вдахновение“ се преведени вака: „Заради тебе друг напразно чека низ бдеани ноќи, / а јас стојам пред тебе опчинет, гол“. Тука е очигледна разликата меѓу лирски возвишениот чин на оригиналот и прозаичноста, гротескноста на преводот, што завршува доста несмасно и поразно.

Се разбира, постојат и други такви несоодветства меѓу оригиналот и препевот, но од друга страна пак има многу песни („Лов на езеро“, „Здравица“, „Јас и мојот пријател“, како и пет-шест песни од циклусот „Молитви на моето тело“), кои се преведени со еден висок поетски восхит и талент, и со најсигурно професионално искуство, така што можат да се рамнат во секој поглед со оригиналите, а на места, каде што доаѓа до полн израз со векови потврдуваниот јазик на преведувачот, особено кога се користи (во песните на Небиднина) со изразните средства на Едре Ади и на унгарските парнасовци, Ференц Фехер успева да постигне резултати од завиден формат.

Што се однесува до другите споменати преведувачи на поезијата на Ацо Шолов на унгарски јазик, можеме да истакнеме една општа карактеристика: дека тие главно успешно си ја извршиле задачата, иако препевите не ги направиле директно од оригиналот (со исклучок на Золтан Чука), туку со посредство на добри и верни лингвистички преводи и со понудени точни версификаторско-метрички упатства за песните. Посебно треба да се истакнат препевите што ги направил Шандор Вереш и Ласло Наѓ, двајца великани на унгарската поетска реч.
___________________
* Текстот е објавен во Литературен збор, XXX, 1983, кн. 3, стр. 29-32