Раѓањето и творечката трансформација во градењето на вишниот поетски збор*

Нада Момировска

– Еманципаторските чинови кај лиричарот Ацо Шоpов – 

Од појавата на Кочо Рацин (со неговата естетска, лингвистичка и стилска вредносна аргументација со збирката песни Бели мугри (1939) до денес, современата македонска литература врви низ повеќе слоевити еманципаторски фази коишто не пресушуваат, туку ce движат по нагорна линија. Припадници на сите генерации, низ колективни зафати и афинитети и низ изразито индивидуални книжевни определувања и дела, дадоа и даваат значаен придонес. Појавата и творечкиот опус на првата воена и повоена генерација (на челно и издиферецирано место Блаже Конески, Ацо Шопов и Славко Јаневски) имаат високовредносен прилог и насочувачка улога во книжевно-историската и стилско реставраторско еманципаторска насока.

Уште на почетокот на проследувањето на поетското дело на Ацо Шопов ред е да истакнеме дека со неговите први целосно оформени песни (ги исклучуваме песните и продуховените изливи исполнети со надворешен занес, младинска возбуда и доживувања од краток здив, како и пригодните песни за борбата и вид прагматични стихови каде доминира култот на полет и култот на верба на неговата генерација кон обновата и изградбата на разурнатата татковина – меѓу кои има и песни што можат да го издржат вредносниот естетски критериум), со мнозинството лирски песни направи зафат на интегрален модерен поет.

He е ништо лошо што одделни поети буквално изронија од ризницата на народната песна со богато и неисцрпно дно. Извлекоа тенки струни на нова, на трансформирана тематика од директни угледувања до емпириска фолклорна примена и проверка. Поединци, некои подолго, некои пократко време, ce движеа по тоа милје, но подоцна запловија во поуниверзални слоеви, сторија пооригинални зафати, користејќи ја народната поетска традиција како повод, како инспирација, за да изградат свој автохтон поетски опус.

Ацо Шопов беше во дослух со колоритното, прочувственото, интимното, раскошно милје на македонската народна поетика, но тој не остана заробен во нејзините привлечени мелозвучни волшебства ниту пак во нејзините ограничени патријархални стапици. Од народната поезија не ја зеде готовата структура и израз, туку мелосот. Фолклорниот колорит и стилските фигури, не ги презеде и буквално не ги пресади во новата тематика, ниту артифициелно ги нанижа во преѓата на својата песна како орнамент, најмалку во барокен манир. Наместо буквална наслага, од плодниот корен и чистиот автентичен вруток на народната поезија го извлече и надгради најсушественото, најбитното во зборот. Поимот збор го преточи во вечна љубов за истражување, за еволуција, надградба, варирање на мислата и на визуелното.

Пушташе сонди, жилаво ce зафати со маката на творечката борба, напати слезе и до романтичарски штимунзи, што бргу ги напушти и не дозволи да потпадне по плитката сентименталност и сива периферија. За негово добро и добрина на поезијата во целина тоа ce кратки изливи и не ce битни за неговиот вкупен и најкарактеристичен вредносен поетски опус.

Kaj Ацо Шопов е најбитен целесообразниот пристап и дострел во непресушните реставраторско – еманципаторски чинови во најрафиниран поетски континуитет.

Еманципаторскиот чин кај него ce движи по две генерални насоки: длабинска и индивидуална. Во палетата на длабинските понирања тој бара и открива изразито суптилен афинитет и раздиплена имагинација да трага и да надградува поими за сложените состојби и спротивности на човека како поединец и за светот на луѓето и на природата со кои гради повеќекатни односи. Toj низ емпиријата на својата извонредна рафинирана, трепетлива и неспокојна поетска вокација, брзо ги надмина возгордеаните јуначки борбени пеења, освен со лирски тонови и со патос, и помамата по епското, колективистичката инерција на постреволуционерната фаза. Бргу ce определи и вљуби до себежртвување и творечко самоуништување во лична лирика – мелосот (според елинистичкото значење на поединечното пеење во придружба со лира), всушност радикално изделување од колективните теми општествените, политичките, односно создавање на чист поим на лирика, во александриското време кратка лична песна придружувана со инструмент.

Ацо Шопов со истенчено чувство за лирски израз, во различни нагорни варијанти и облици на изразување ce движеше по трагите на болката, спомените, копнежот, соништата, занесот, возбудата и најмногу по кревките свиоци на тагата, која не ја сфаќаше како случајност. Kaj него има рафиниран спој на чувство и ѓердан од асоцијации, прелевање на емоции и на рационалното. Неговата поезија само е зачната во традицијата на народната поезија, а всушност живее и вишнее со превосходна модерна изразност на симболики, рефлексивност, сликовитост и градација:

Твоите години и моите години –
два брега,
два камена,
две небиднини
(„Песната и годините“)

Ацо Шопов длаби во зборот. Нурнува длабоко под непознатите и иссонувани, во тајновити можности на зборот што ce со вечни изненади во благородното откривање кога ќе ce најде суптилен трагач по неговиот неисцрпен вруток. Toj го насетува непознатото во зборот. Toj го бара новото. Одбира збор. Ги спојува зборовите по мерка. Допира тивок и крилест збор, воедно. Наоѓа збор што отвора срце, што создава неспокој, што предизвикува болка, што ткае тажни струни во човековото векување и неговите небидници. Во лингвистичкиот лелек ce пласти кобниот лелек по загубата и невраќањето. Сака зборот да е вистински збор, збор меѓу чувства, мисла и израз. Достасува до збор изградена песна како единичен поим, јазична распеана единица до збор мелос низ виножитни акорди. Во тоа длабење, варирање, еволутивно еманципаторско наткрилување низ мелосот (индивидуата-субјективната лирика) на македонскиот збор, Шопов на зборот му впива надделнично значење на човекот и на светот, на противречијата во човекот и во светот:

Зборот се двои од темнината

да изгорам во јагленот на зборот.
(„Рaѓaњe на зборот“)

Пасторалата и илузијата кои кај мнозина поети ce сфаќа згорнинско восприемање на нештата на човека и на природата, на човековиот амбиент, Шопов ги материјализира во нова превосходна уметничка слоевитост:

Пронајди збор што личи на обично дрво.
што личи на дланка јагленосани и прародителски голи,
што како чедност во секое молење прво.
За таков збор моето тело те моли!
(„Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“)

Наедно со своевидниот излив на интимната, на исповедната лирика на Блаже Конески кон жената, Ацо Шопов бездруго најсуптилно поседува специфичен мелос во однос на феноменот жена воопшто:

Што си: девојка, жена, мајка, што си?
Што си ти што бдееш пред овој храм во кој со
тишина ce лечи
телото мое, молитвено што клечи.
Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи?
(„Трета молитва на моето тело“)

И уште низа елементи во поетското творештво на Ацо Шопов влегуваат во депото на еманципаторските чинови, негови и на неговата генерација, пред cè со постојано надградуваното, низ вишнеење, градење на современата македонска поетика. Најспецифичното, пак е во тоа што континуитетната линија на неговите почетоци е краткотрајна во рудиментарноста, a слоевита е во долгиот угорен наниз на длабоката и автентична поетска симболика, длабинско модерно откривање на множеството убавина во пелинот на болката и тагата, низ изразито индивидуален мелодиски порив на зборот.
__________________________
* во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993