Митот за Прометеј и љубовта на огнот*

Билјана Ангеловска, македонски литературен теоретичар, во работната соба на Ацо Шопов, Скопје, Водно, во 1992 год.

Билјана Ангеловска

Доколку ce постави потребата да ce размислува за присуството на антички теми во поезијата на Ацо Шопов ce доаѓа до двојна можност за нејзино реализирање. Компаратистиката во основата поставува два вида истражувања на одредени присуства – типолошки аналогии и генетско-контактни врски на одреден, во случајов, автор, со одреден фундус на теми, во случајов, антички.

Поетот Ацо Шопов, само во една своја песна конкретно назначува користење на античка тема. Тоа е песната „Љубовта на огнот”. Но, проучувањето на неговиот поетски опус доведува до можност за поставување на низа типолошки аналогии со теми од антиката. Доволно е за пример да ја наведеме неговата песна „Има долу една крв” која неминовно, но и ненаметливо ce спојува со античкиот циклус на Тебански митови, поточно со циклусот митови за Лабдакидите, или уште поконкретно со митот за Едип.

Иако поетот никаде не наведува можност за конкретно враќање во антиката, поезијата со себе си носи низа правила на асоцијативност, кои типолошките аналогии ги откриваат и поставуваат, особено ако зад песната стои автор со извонредна книжевна ерудиција која поетски избива низ пластовите на значења начнати во песната оставени да ce отвораат самите во својот простор на поетското.

Низ стиховите на песната спомнатата древност, тешката крв, риењето низ свеста, покорното следење, ce само дел од можните поврзувања на песната со античкиот мит за Едип кој избива од древноста, носи една тешка крв на проклетства, врие низ свеста и потсвеста и покорно е Едиповото следење на таа тешка крв. Митската шема ce поклопува во целост со поетовата основа на песната. Ова е сепак само еден пример од можните поставувања на типолошки аналогии на антиката со поезијата на Ацо Шопов. Во овој случај мораме да ја оставиме можноста самата песна да нуди и сосема други поетски асоцијации и индивидуални размисли. Секогаш големите поети говорат низ вриежи од значења и напластени можности за доискажувања на започнатото говорење низ стихот. Сепак, истражувањето на типолошките аналогии на поезијата на Ацо Шопов со антички теми бара во основата поинаков пристап и може да биде цел на посебно, специфично истражување.

Откраднување на огнот

Целта на ова истражување е согледувањето на генетско-контактната врска на песната „Љубовта на огнот” со античкиот мит за Прометеј. Од големиот циклус на митови за Прометеј поетот го зема само оној сегмент на митот кој говори за крадењето на огнот од страна на Прометеј од божескиот Олимп. Заради тоа свое дело и заради другите надмудрувања со боговите во полза на човечкиот род, Прометеј беше прикован за карпата Кафказ и почнаа неговите страдања. Самиот чин на земањето на огнот ќе биде основа на целата песна.

Интересно е што поетот сосема ненаметливо го внесува митскиот јунак Прометеј, како да не е тој центарот на поетската опсервација, a всушност целата песна е точно насочена кон градење на тој толку провокативен митски јунак. Оваа поетова постапка остава можност песната да живее и свој друг живот, тематски неоптоварен со конкретност, во кој дури може и да ce заборави митскиот образец Прометеј. Поетот на специфичен начин успева да ги вплоти спротивните философски толкувања на прометеизмот од ничеовската апологија до хегеловска миноризација.

Најнапред и самиот наслов на песната остава можност за низа прашања. Зошто „Љубовта на огнот” – дали огнот е тој што го сакаше Прометеја или Прометеј го сакаше огнот? Дали семоќната енергија вплотена во огнот избира или е избрана? Митската симболика на огнот е објаснувана во широк дијапазон на значења, огнот е истовремено и конструктивна и деструктивна енергија која истовремено гради и разградува во космичкиот поредок. Затоа поетот ѝ ја дава слободата љубовта да биде и на огнот и кон огнот како енергија на движење и менување која може да доведе и до конечен пад на јунакот пред силината или пак смислата на стореното дело. Уште на почетокот назнака за можната апсолутна негација на така често и упорно глорифицираниот митски образец Прометеј, претставуван како дрзок индивидуалист.

Tокму трансформацијата на идеалот на индивидуалноста е најчеста философска тема за расправа во митот за Прометеј, a поетот Шопов таа трансформација ја претставува како неможна. Во случајот на Прометеј најчесто е толкувањето дека чинителот на делото е тој кој го носи сиот космос, новиот поредок кој треба да ce воспостави, Прометеј е револуционерот кој го носи новото во своето делување во полза на луѓето. И ceгa одеднаш огнот е тој што љуби и што носи менувања и нови значења, Прометеј е само наивен надмудрувач со боговите кој дури ќе си дозволи и да ce приклони кон волјата на Зевса. Од тој аспект може и да ce согледаат стиховите „го подзеде огнот и изгорен падна”.

Песната целосно е испеана низ напнатост која е одраз на драматичноста на модерната поезија, сета песна е загадочна и темна наспроти препознавањето на силината и моќта на огнот. „Се прпелка огнот во кафез од време”, поетот не ја поставува единствено вечноста на огнот како идеја, туку и времето ce согледува заробено во вечноста. Cè е поставено во еден космички круг на каузалности и поетот не сака дрско да го раскрши тој ред зошто ја чувствува неговата доминантност. „Сам од себе огнот оган краде” и веќе јасно, отворено внесување на Прометеј во строежот на песната. Прометеј е огнот кој краде оган, димензија која може да ce препознае во ничеовското толкување на митскиот Прометеј, кога согледува склоп од аполониски и дионизиски елементи во самиот Прометеј, кој од своја страна ce поистоветува со симболот на уметник.

Поместувањето што го прави поетот Шопов е во однос на потенцирањето на димензијата на огнот како доминанта наспроти митскиот јунак Прометеј. Новото, поинакво согледување на самиот митски јунак ce огледа во подоцнежните стихови: „Еве сам и ранет иде Прометеј. /Како стрвник стемнет, како земја гладна/ го подзеде огнот и изгорен падна”. По поетовото поистоветување на митскиот јунак со самото дело, наведена е осамата на јунакот, изразитиот индивидуализам, но и ранетоста во самиот чин на делување. Митската позадина кажува за универзализацијата на индивидуалниот чин на јунакот, низ пропаѓањето на сиот космос во чинот на пропаѓањето на јунакот a овде индивидуалноста останува во замката на осаменоста.

Xегеловско поимање на митот за Прометеј

Она што е особено интересно во третирањето на митот за Прометеј од страна на поетот Ацо Шопов е посебноста на неговото поимање на падот на самиот Прометеј. He е само карпата вистинскиот пад на Прометеј, туку и конечниот договор, измирувањето со Зевс е конечниот мисловен и дејствовен пад на Прометеј. Заради тој чин на измирување на двете антагонистички страни Хегел го миноризира значењето на бунтовноста и револуционерноста на веќе симболот Прометеј.

Вообичаено митскиот јунак Прометеј е согледуван како парадигма на бунт и ова хегеловско размислување на митот за Прометеј низ поезија е нов и единствен случај во нашата литература. Но магичноста на поезијата е таква што секогаш може да понуди и друга страна на толкување. Шопов не инсистира на дословно следење на хегеловскита насока во толкувањето на Прометеј, затоа што е дозволена слободата во чинот на трагичниот пад на Прометеј токму да ce засили триумфот на стореното дело, што е основа на поимањето на трагичното како естетска категорија.

Оваа повеќенасочност во самото толкување на митот за Прометеј, не само кај поетот Ацо Шопов, туку и во литературата и философијата воопшто, е резултат на случајност која со себе секогаш ја носи древноста. Случајот сакаше од големата Ајсхилова трилогија да биде сочуван само еден нејзин дел, токму тој во кој Прометеј е претставен како трагичен јунак заради неговото страдање по волјата Зевсова. Загубен е делот во кој Прометеј сепак ce приклонува кон Зевс и ce повинува на неговите барања – затоа конечно е ослободен од неговата казна Кафказ. Познавачите на античката книжевност не би можеле a да не ја наведат Ајсхиловата исклучива религиозност, особено изразена во почитување на Зевс па дури некои си дозволуваат да го наречат Ајсхила и како зачетник на специфичен монотеизам во античката литература. Исто така не може да ce занемари значењето на самото име Прометеј прометеос значи оној што знае однапред. Токму тоа негово знаење на случувањата однапред прво ќе го осуди на казната со приковување, a потоа и ќе го ослободи од страдањето. Изборот е сепак Прометеев, да ce приклони и да ce исполни желбата на власта и да ce побегне од трагичноста, што е апсолутно нереволуционерно решение. Глорификацијата на Прометеевиот творечки занес веќе е поставена под знакот на прашање.

Големината на поезијата ce огледа во нејзината моќна повеќезначност, a умешноста на поетот ce огледа токму во можноста да понуди повеќе начини на доживување и согледување на одредена тема. Песната „Љубовта на огнот” токму ја потврдува тезата за повеќезначноста на поезијата во третирањето на некогаш сосема конкретна тема. Можат да следат низа толкувања на поставените отворени можности, што во основата и е смислата на самата модерна поезија. На крајот поетот ги остава во загадочен спој огнот и горовината по сите обиди да триумфира и авторот на делото и самото дело. Како стих-констатација може да послужи токму поетовото говорење: „Песната ce стопи ко лажно злато./ Подолг е од животот до човека патот”. Делото на Прометеј ce слави како симбол на човекољубие, но истовремено размислите за причините на стореното дело и помирувањето со власта водат до моментот на хегеловско сомнение. Таа двојност во опсервациите на прометејството е цел и на конкретната песна на Ацо Шопов, и е единствен случај во современата македонска поезија каде Прометеј секогаш е третиран како симбол на бунтовност и револуционерност.

Каменот на прстенот на сечија рака е делче од карпата на која беше прикован Прометеј. Античкиот човек тоа делче од карпата го отелотворува во вечност на сечија рака можеби токму како знак на почест и закана истовремено пред неприкосновените закони на постоењето уште од митско време до денешното, закони кои неминовно влегуваат во поетските размисли на големите поети.
_________________________
* во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993
_________________________