Поезија со повеќесмислени значења*

Георги Сталев, македонски писател

Георги Сталев

Славко Јаневски, Блаже Конески и Ацо Шопов не само што се претставници на една поетска генерација туку со нив се поврзува и почетокот на повоената македонска поезија. Меѓу другото, би можело посебно да се потцрта дека и тројцата остануваат до денов денешен активни како творци, бележејќи сѐ повидни и, секако, трајни резултати. И, додека во самиот почеток на нивната творечка активност постоеја многу заеднички елементи кои – треба да се признае – ја шаблонизираа поезијата воопшто, подоцна секој од нив пронајде свој пат, покажа свои белези што станаа толку специфични за да може според нив и да бидат препознавани нивните поетски индивидуи.

Славко Јаневски и Ацо Шопов беа и директни учесници во НОБ и Револуцијата од каде што донесоа и директни впечатоци коишто се покажаа како изворна инспирација во нивната поезија. Уште во 1944 година, додека борбите се водеа на ова наше земјиште, излегоа од печат две скромни книшки поезија на македонски јазик: едната под исто така скромниот наслов Песни, другата – Крвава низа чии автори беа Ацо Шопов и Славко Јаневски. Заедничките настојувања на целата таа генерација беа презентирани пред македонскиот читател неполни две години по ослободувањето, во заедничкиот зборник, во кој покрај Јаневски, Шопов и Конески беа застапени уште неколкумина, тогаш млади поети, Лазо Каровски, Гого Ивановски и др. Тој зборник имено беше едно малечко огледало на тие споменати впечатоци кои го открија восхитот од Револуцијата, од таа борба воопшто, но и болката, сочувството на поетот поради трагедиите што војната ги донесе.

Кратко време потоа, во екот на социјализацијата на нашето село, поезијата настојуваше да фати чекор со времето, изнесувајќи ја вербата во новиот живот, надежта на нашите луѓе дека во колективизацијата е иднината на социјализмот. Станува јасно дека во тие години македонската поезија само се надоврзуваше на она што беше специфичност во литературите на другите југословенски народи. Во таа поезија доминираше таканаречениот класичен стих, а прозвучуваше напати и карактеристичниот верс на Владимир Мајаковски. Македонскиот национален елемент се чувствуваше само во поезијата што се допираше до некои историски пунктови, додека сето друго имаше очигледен југословенски белег. Денеска некои критичари се обидуваат целата таа поезија да ја оквалификуваат, во најмала мерка, како позерска, не водејќи сметка дека тогашната југословенска младина навистина доброволно и масовно атакуваше врз ледините преку кои требаше да поминат – и поминаа – автопатишта и железнички пруги. Се согласуваме со црно-белата шематизираност на добар дел од таа поезија и со оцената за недораснатоста на тогашната критика да ги оддели лажните вредности од вистинските. Но, напорите на творците останаа да сведочат за едно навистина посебно време кое носеше со себе некакви императиви. Останаа и од тоа време, од таа поезија антологиски вредности: песната „Очи“ од Ацо Шопов, лектирно познатите „Цветои“ од Славко Јаневски, посебно „Тешкото“ од Блаже Конески…

[…]

За првпат подепресивни акценти донесе во македонската поезија Ацо Шопов со стихозбирката Стихови за маката и радоста која веднаш предизвика поостра полемика и поделеност на книжевната критика од почетокот на петтава деценија.

Забележано е и потцртано дека во поетскиот развоен пат на Ацо Шопов постојат неколку (интересни) фази. Во почетокот и овој поет беше изразито ангажиран, пеејќи за борбата, за Револуцијата, за болката поради загубата на блискиот другар. Тој и Славко Јаневски ја објавија стихозбирката Пруга на младоста, а поетиве проговорија и за трагедијата на дел од македонскиот народ што остана и по Втората светска војна под туѓински гнет, но и за неговата борба, за неговото учество во грчката граѓанска војна во која доживеаја пораз токму револуционерните сили, наспроти очекувањата на напредниот свет.

Потоа Ацо Шопов „се сврти исклучиво кон себе“. Тргнувајќи од себе, ја бараше убавината, тишината, ги бараше неспокојните ветришта, утехата, бреговите, пристаните, го бараше зборот за да ги искаже „молитвите на своето тело“, барајќи судири со непознатото. Се обиде дури и да „гледа“ (гата) во пепелта, да толкува „од онаа страна на животот“, но не беше никогаш ослободен од „тешката крв“ понесена од сликите на војната. Таа тешка, црна крв останува како на фреска, да потсетува, да рие во душата, да не дозволува заборав и отпуштање на сетилата. Во сево ова би го побарале значењето на зборот небиднина (со кој е наречена и една цела стихозбирка на Ацо Шопов). Некои критичари се обидоа преку тој збор да ја протолкуваат целата поезија на овој поет, барајќи го во неа дури и она што, изгледа, не постои!..

Поезијата на Ацо Шопов навистина дозволува повеќестрани па дури и противречни толкувања, особено откако поетот се определи за модерната метафора. Таа ни понуди можности за такво толкување па дури и за погрешно читање. Само еден пример што ќе му го посочиме на читателовото внимание, веројатно ќе покаже какви сѐ можности нуди таа метафора:

Во песната „Раѓање на зборот“ метафората фрапира со својата брза промена и со мењавањето на мислите. Таа е толку брза што, за чудо, овојпат како да е нужно нејзино забавување преку повторувањето на некои стихови, со кое не се постигнува само забавување туку и потенцирање на мислата:

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Oд камен и ние обата…

А точно така и се раѓа зборот, поетскиот збор, творечкиот збор: тешко и цврсто, врзан како глужд во глужд, како камен врз студен камен. И какво студенило (или – каков пламен?) чувствува творецот над својот збор додека да го пронајде!..

Секако, двосмислено (ако не и повеќесмислено) значење имаат стиховите:

О ти што постоиш зашто не постоиш
небото го лулаш
земјата ја вртиш.
О ти што постоиш зашто не постоиш
Земјата јачи под камени плочници…

Тоа директно обрнување кон божеството секако не е обрнување кон религискиот бог, туку кон уште неизречениот збор, толку моќен, толку голем, толку раздвижувачки, а сепак нејасен како и самиот бог! (Ова обрнување како да асоцира на песните-магии од дивите бразилско-африкански племиња, а можеби и се лажеме!…).

И понатаму:

Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме, проклетијо,
ти тврдино қамена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам…

И тоа е крајот на песната. Очигледно е дека мислата прави еден круг: од почетокот кон крајот, а мислата, сепак, останува отворена и како да бара повторување. Па ако поетот тоа не го прави, тој не присилува тоа да го сториме ние.

Се разбира и во овој случај се можни и пожелни и поинакви пристапи кон поезијата на Ацо Шопов, но сите критичари се еднодушни во откривањето на лирското кај овој поет, сите ја потенцираат борбеноста и патриотизмот на дел од таа поезија, „автобиографското“ во најинтимните стихови, емоционалноста, симболиката, посебно рефлексијата која им даде можност на некои критичари за конфронтација, а особено високо се оценуваат неговите љубовни стихови. Критичарот Георги Старделов на љубовните песни на Ацо Шопов им дава посебно место во својата студија-есеј „Поетско искуство Аце Шопова“ (во книгата: Ацо Шопов, Песме, издание на „Народна књига“ од Белград, без година на изданието) каде што – меѓу другото – забележува:

„Без сомневање, некои од најубавите песни испеани на македонски јазик се токму оние песни на Ацо Шопов што ѝ се посветени на љубовта. Каков е и колкав нивниот уметнички дострел станува видливо веднаш кога ги споредуваме со „Песната над песните“ поради поетското богатство, исклучителноста и необичноста на нивните слики и метафори, поради грациозноста и суптилноста на стихот, поради нивната библиска елиптичност и сеопфатност“.

Интересно е дека кон поезијата на А. Шопов може да се пристапи колку од чисто книжевен толку и од филозофски аспект. Дури и случајно отворените страници каде што се поместени песните, да речеме, „Грозомор“, „Златен круг на времето“ или ,,Тажачка од онаа страна на животот“ ни го потврдуваат тоа. На пример, во последнава спомената песна од аспектот на болката Ацо Шопов поставува едно од вечните прашања за суштината на човекот:

Човек сум. А што е човек?
Пред мене празнина, зад мене празнина.
Празнина што сама се пали.

Така „искачен на врвот од болот“ поетот ја наоѓа единствената смисла на постоењето само преку врската со земјата, па макар таа земја да е „земјата олелија“ или „земјата пустелија“. Уште повеќе песната добива во тежина низ поентата во која ѝ се определуваат димензиите на таа смисла:

О земјо, на земја врати ме,
Човек сум, човек да страдам,
да најдам қамен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.

Навистина, во филозофска смисла и кај Ацо Шопов постојат извесни противречности за сфаќањата на суштината, да речеме, пак на човекот. Ако се спореди песната „Тажачка од онаа страна на животот“ со песната „Загледан во океанот“ (од најновата стихозбирка Песна на црната жена) одеднаш остануваме соочени со нова содржина на тоа сфаќање. Оној што беше „Од онаа страна на животот жив распнат со слепи јазли“, добива во својата гигантска големина, низ една своевидна метаморфоза и катарза, размери на универзум. И тоа, секако, има своја логика, кога се знае дека човекот воопшто на едни исти проблеми им приоѓа од разни аспекти, од разни временски, па и просторни агли и со противречни расположби.

Што се однесува до најновата книга поезија од Ацо Шопов, веќе е јасно дека таа донесе неколку извонредни вредности и, секако, ја збогатува со уште неколку песни евентуалната утрешна нова антологија на македонската поезија.

Најновите ракописи на Ацо Шопов ги потврдуваат валерите на овој поет, кој особено во песната „Патување во родниот град – средба со светот“, искажувајќи ја својата болка поради распарченоста на мајката-земја, ги определува димензиите на една судбина, на судбината на македонскиот народ:

И тогаш силно почувствував дека во Македонија
се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот
а светот е бремен од проблемите на Македонија.

[…]

_______
*Инсерти од написот „Уште еден обид за интерпретација на поезијата на Блаже Kонески, Aцо Шопов и Славко Јаневски”, објавен во Литературен збор, 1977, XXIV, 2, стр. 23-35.