Миодраг Друговац (1928 – 1995), македонски литературен критичар

Осма молитва на моето тело (толкување)*

Миодраг Друговац

Во песната „Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов”, Ацо Шопов има еден стих којшто е, според моето мислење, еден од најголемите во севкупната наша поезија. Тоа е стихот за земјата што, како што вели поетот, веќе не е земја туку „грутка надеж, црна од мака, од соништа зелена” да го доврши овој дел од песната мудро, длабоко, поетски рафинирано и самобитно со величествено крешендо: „ти си око фрлено во вселена“. Ако е поезијата во исто време „уметност на стихот и уметност на сликата“, а може да биде „едно или друго, или обете истовремено“, според Роже Кајоа, во случајот на поезијата на Ацо Шопов таа е „обете истовремено“ – уметност на стихот и уметност на сликата! Оваа поезија има свое име и презиме, своја легитимација на естетската припадност, свое веќе зацврстено јас на страниците на нашата книжевна историја. Песните од стихозбирката Раѓање на зборот, всушност, се избор од творештвото на овој поет, но еден таков избор што бездруго се наоѓа на многу високо, антологиско, рамниште, па како таков имплицира еден дијалог со неа од повеќе аспекти и од повеќе причини за искрено и отворено воодушевување.

Сепак, иако малку невообичаено, јас сакав овој пат дијалогот да го воспоставам единствено со оној еден стих, макаршто сум сигурен дека со тоа им се нанесува неправда на многуте други, исто така големи стихови или цели песни од стихозбирката, од поезијата на Ацо Шопов. Во споменатава песна поетот вели:

Издолжено в неврат лежи ова тело,
со око стрела в око на вишините,
земјата ја корне со чело.
Земјо, ти веќе не си земја,
ти си грутка надеж,
црна од мака, од соништа зелена,
ти си око фрлено во вселена. 

Како што се гледа, стихот „ти си око фрлено во вселена“, според својата идејна и внатрешна тензија воопшто, доминира во склопот на уметничката и секаква друга претстава за оваа песна, доколку не и за сите десет односно единаесет песни – „молитви на моето тело“, еден таков циклус песни од кој всушност ни се откриваат извонредни можности за постудиозно аналитичко – аксиолошко расудување за неговите комплексни (естетски, етички, филозофски итн.) квалификативи. Бездруго, стихот „ти си оқо фрлено во вселена“, во топографијата на оваа песна, заслужува најголемо респектирање, со својата превосходна естетска насоченост и вредност, како и со својата идејна (патриотска) насоченост, многузборливост и вредност. 

Овој визионерски стих на Ацо Шопов, како естетска вредност аспектуално е занимлив со оглед на своите инвентивно синтетизираните својства – својствата на своите музички елементи, својствата на своите визуелни елементи, својствата на своите поетско-чувствителни елементи, итн. Тоа е еден навистина интегрално способен стих, во којшто се инкарнирани најдобрите особини на овој поет:

  1. Концизно, во еден здив, рафинирано емоционално да ни го пренесе или долови некој миг на својот емоционален свет;
  2. Преку сликата, то ест фигуративно, да ни ја пренесе односно долови визуелната претстава за тој свој емоционален трепнеж; 
  3. Преку синтезата на емоционалното и интелектуалното чувство, стихот да го оспособи за несопирлива рефлексија на асоцијациите – како едно од најголемите својства на секоја модерна поезија.

Оттука, покрај другото, едно мислење дека Шопов е сликар-поет: сликата е едно од неговите најсилни оружја во постапката на поетската транспонација (дури и) на сетивните доживувања на стварноста, – онаа реалност и онаа стварност во себеси. Но, иако носат белези на фигуративност, неговите слики не се доживуваат со тоа што, да речеме, би го привлекле вниманието со знаците „од површината“на паното; сликите на Шопов се ненаметливи, флуидни, тие пловат по длабинските наслаги на неговата симболика и бликнуваат од неа како светлосни шарки на темно-модрата позадина на небо во изгрев. Понекогаш ќе забележиме во таа негова слика нешто темно, загадочно, таинствено, па и урнувачко, галактично, бројгеловско…

Стихот „ти си око фрлено во вселена“, меѓутоа има и пошироко, универзално значење. Дури би се рекло дека тој е конципиран за да има едно такво значење. Навистина, зарем не е токму таа земја, воопшто земено, оваа планета на која ние живееме, единствено жива, човечки жива, емоционално-интелектуално жива планета односно земја, односно таа „грутка надеж“, односно тоа „око фрлено во вселена“ – некогаш радосно, некогаш темно, солзиво, ранливо, тажно…? Од друга страна, стихот ни ја открива вистината за природата на Шоповата поезија, која што се храни од двојното искуство на поетот: од емоционалното и интелектуалното искуство. Критичко е прашањето каков е сооднос меѓу овие искуства, чија улога е подоминантна, кон кое искуство поетот е повеќе а кон кое помалку свртен во обликовниот процес на нивните суштински детерминанти – и тоа, би рекол, е збир на општи прашања што би можеле да му се постават на секој поет и на секоја поезија. Споменатиов стих ги иритира тие прашања. Ако со нив излеземе пред лицето на оваа, Шоповата поезија, во нас мошне недвосмислено  би се формирал еден неопходен заклучок: дека таа по своето превосходство е поезија која енергијата на настанувањето ја црпе од емотивното искуство, но ни за еден миг не ја пренебрегнува и енергијата на оној вториот свој природен вруток. Со други зборови, меѓу емотивноста и интелектуалноста постои пропорционален склад на односите во структурата на песната и сосема е ирелевантно дали во остварувањето на таа пропорција беше поголем учинокот на првото а помал учинокот на второто искуство. 

Фигуративните елементи се многу чести во поезијата на Ацо Шопов и ми се чини дека токму со нив ги искажува сите немири и вредности на својот дух, на своите искуствени соѕвездија, на своите „неспокојства“, „неизодливи нерамнини“, „мудрости на годините“, „секојдневните средби“, “очајот на оставените“, “мирот на погубените“, “гласот на љубените“, на оние “светкавици во темнина што спијат“, на онаа “земја неподатлива и тврда“, на оној толку реален и во песната „Раѓање на зборот” имагинарен маченик и патник на зборот, на кој „модар јаглен му гори во утробата“, па таков постои „зашто не постои, додека небото го лула, земјата ја врти“ и слично. Со сликата и во сликата, поетот мошне убедливо ги интензивира односите што се јавуваат како резултати на судирите внатре, на екранот на душата, а исто така и на релациите на неговите мисловни расчленувања, неговите опсесивни размислувања за апокалипсата на човековиот oд низ времето. Оттука, меѓу другото, сметаме дека и во поезијата на овој поет константно егзистираат апокалиптички немири и стравови на современиот, урбанизираниот, техницизираниот свет и дека во оваа поезија сакросанктно се војува за човековото достоинство, иако се 

Твоите години и моите години –
два брега,
два камена,
две небиднини

во песната „Песната и годините“, зашто „нема крај и нема изодување“ – во истата песна. Овој тематски круг им е најблизок до сите модерни поети, до сета модерна поезија кај нас и во светот. А, впрочем, со што се докажува тоа новото и тоа модерното во поезијата на нашите современици?… Зарем тоа не е онаа, како кај Шопов и некои други наши поети, структурална заситеност со рефлексите на модерниот човеков сензибилитет, сите оние состојби на неговата свест и душа, неговите сознанија за дијалектичкото потекло на неуротско-трауматските духовни изглуждувања? Зашто, поетовата вистина резултира од единствената природа на двојниот товар: од товарот на себеси и од товарот на светот. Подобро речено, таа резултира од таа двојност и е израз на таа двојност што непрекинато (во поетот) се борат „за превласт“. Ако се борат, постои и оправдан страв дека еден од нив ќе победи, а тоа е обично Пирова победа и тоа е обично миг кога структуралните значајки на делото, потпи ајќи се врз упростениот збир на искуствата, валидно се поедноставуваат и осиромашуваат, иако искуствата на современата (модерна) поезија, всушност, нѐ упатуваат кон сосема поинакви заклучоци. Поето кога и да е ќе мора во самиот себеси да воспостави мост помеѓу тие свои товари како мост помеѓу два брега, кои подеднакво доминираат врз гледниците на неговите емоционално-рефлексивни озарувања. Во случајот на поетот Ацо Шопов тој мост не само што е воспоставен, туку врз примерите на неговата поетска интроспекција се укажува како извонредно забележлива самонегација sui generis со оглед и на воспоставениот континуитет на дијалектичките поврзаности и изнакрстености на односите на егзистенцијата од овие два товара, па често не се знае дали поетовото јас во потката на овие стихови е израз на една биолошки одредлива личност, или, напротив, е израз на поширок аудиториум, оној товар на светот, во чие име поетот ја остварува својата уметничка кореспонденција со времето. 

А она „око фрлено во вселената“, на кое постојано мислев додека ги пишував овие редови, повторно кој знае по кој пат – го замислувам како една усвитена, треперлива, немирна точка врз сето ова што нè окружува, врз сето живо и неживо, врз сето добро и лошо што се збиднува во светот во овој миг,– како една точка, онаа „грутқа надеж“ за сите на земјата и во чија светлина бездруго секогаш ќе треба да се верува. 

________________
*
 Насловот на овој напис е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов.

Статијата е објавена во Biographia lіttеrаria, Мисла, 1968 год., под наслов „Љубовта на огнот” (Ацо Шопов: „Раѓање на зборот”)”, стр. 21-25.  Подоцна, Друговац објавува верзија на овој текст под наслов „Песната и годините” во книгата Современици, Скопје, Мисла, 1969, стр. 9-16. Текстот е повторно објавен во Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979.

Прочитајте го предговорот на Миодраг Друговац на Златен круг на времето, 1969