Песната и годините*

Миодраг Друговац (1928 – 1995) македонски литературен критичар

Миодраг Друговац

Уметност, о човеку, имаш само ти.
Шилер

Како лајтмотив на ова наше размислување, па и на овој приказ, може да биде следново: годните поминуваат, песната останува! Песните се вткаени во годините, годините се вктаени во песните, па од тие ткаења и меѓусебни проткајувања се кристализираат искуствата на еден поет, на поетите и на поезијата. За искуствата на поетот Ацо Шопов нашата литературна критика пишуваше и допрва ќе пишува. Тоа е длабоко море, тоа се широки пространства, тоа се високи предели на духот и емотивните доживувања.

И без оглед за која негова книга станува збор, за Небиднина или Paѓање на зборот, или некоја друга. Тука се истовремено: и минатото и иднината во сегашноста; и јавето и сонот; и љубовта и смртта; и животот што никогаш не престанува, впрочем како оној збор во песната „Раѓање на зборот“, кој „иде замелушен од своите смрти“ и „ги крши сите слепоочници“, небаре сака излез од таа животна игра, од тој заробенички круг, во кој

цел живот патуваме од еден до друг,
и секој го крие она што го има

(во песната „Петта молитва на моето тело“). И тука се: едноставен, но прегнантен стих, блага и никогаш наметлива метафорика, спонтана и често сосем нова рима, еден псалмичен ацо шоповски ритам, длабока доживеаност на мотивот, рафиниран израз…

***

Во песната „Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов“, Ацо Шопов има еден стих којшто е, според моето мислење, еден од најголемите во севкупната наша поезија. Тоа е стихот за земјата што, како што вели поетот, веќе не е земја туку „грутка надеж, црна од мака, од соништа зелена“, за да го заврши овој дел од песната колку мудро, толку и поетски рафинирано и самобитно:

Ти си око фрлено во вселена.

Ако е поезијата во исто време уметност на стилот и уметност на сликата, а може да биде „едно или друго, или обете истовремено“, според Роже Кајоа, во случајот на поезијата на Ацо Шопов таа е „обете истовремено“ − уметност на стилот и уметност на сликата! Оваа поезија има свое име и презиме, своја легитимација на естетската припадност, свое веќе зацврстено јас на страниците на нашата книжевна историја.

Иако малку невообичаено, јас сакав овој пат дијалогот да го воспоставам единствено со оној еден стих, макар што сум сигурен дека со тоа им се нанесува неправда на многуте други, исто така големи, мудри и сугестивни, стихови или цели песни во поезијата на А. Шопов. Во споменатава песна поетот вели:

Издолжено в неврат лежи ова тело,
со око стрела в око на вишините,
земјата ја корне со чело.
Земјо, ти веќе не си земја,
ти си грутка надеж,
црна од мака, од соништа зелена,
ти си око фрлено во вселена.
(„Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов“)

Како што се гледа, стихот „ти си око фрлено во вселена“, според својата идејна, уметничка и внатрешна тензија воопшто, доминира во склопот на естетската и секаква друга претстава за оваа песна, доколку не и за сите десет односно единаесет песни − молитви на моето тело, еден таков циклус песни од кој всушност ни се откриваат извонредни можности за постудиозно, аналитичко-аксиолошко расудување за неговите комплексни (естетски, етички, филозофски итн.) квалификативи. Бездруго, во топографијата на оваа песна стихот „ти си око фрлено во вселена“ заслужува најголемо респектирање и внимание:

  1. Со својата превосходно естетска насоченост и вредност.
  2. Со својата идејна (патриотска) насоченост, многузборливост, многузначност и вредност.

Овој визионерски стих на Ацо Шопов, како естетска вредност, аспектуално е занимлив со оглед на своите инвентивно синтетизираните својства − својствата на своите поетско-чувствителни елементи, својствата на своите фигуративни елементи, својствата на своите музички елементи, итн. Тоа е еден навистина интегрално способен стих, во којшто се инкарнирани најдобрите особини на овој поет:

  1. Концизно, во еден здив, преку еден искристализиран емоционален трепнеж, да ни ја долови драмата на својот внатрешен свет.
  2. Преку сликата, то ест фигуративно, да ни ја пренесе односно долови визуелната претстава за тој свој емоционален трепнеж.
  3. Преку синтезата на емоционалното и интелектуалното чувство, стихот да го оспособи за несопирлива рефракција на асоцијациите − едно од најголемите својства на секоја модерна поезија.

Оттука, покрај другото, едно мислење дека Шопов е сликар-поет: сликата е едно од неговите најсилни оружја во постапката на поетска транспонација (дури и) на сетивните доживувања на стварноста, − онаа реалност и онаа стварност во себе си. Но, иако носат белези на фигуративност, неговите слики не се доживуваат со тоа што, да речеме, би го привлекле вниманието со знаците „од површината“ на паното; сликите на Шопов се ненаметливи, флуидни, тие пловат по длабинските слоеви на неговата симболика и бликнуваат од неа како светлосни шарки на темно-модрата позадина на небо во изгрев. Понекогаш ќе забележиме во таа негова слика нешто темно, загадочно, таинствено, па и урнувачко, галактичко, броjгeловско…

Воопшто, фигуративните елементи се многу чести во поезијата на Ацо Шопов и ми се чини дека токму со нив поетот најрелјефно ги искажува сите немири и неспокојства на својот дух, на своите искуствени соѕвездија, на своите неизодливи нерамнини, мудрости на годините, секојдневните средби, очајот на оставените, мирот на погубените, гласот на вљубените, на оние светкавици во темнина што спијат, на онаа земја неподатлива и тврда, на оној толку реален а во песната „Раѓање на зборот“ имагинарен маченик и патник на зборот, на кој „модар јаглен му гори во утробата“, па таков постои зашто не постои, додека небото го лула земјата ја врти и сл. Со сликата и во сликата, поетот мошне убедливо ги интензивира односите што се јавуваат како резултати на судирите внатре, на екранот на душата, а исто така и на релациите на неговите мисловни расчленувања, неговите опсесивни размислувања за апокалипсата на човековиот ôд низ времето. Оттука, меѓу другото, сметаме дека и во поезијата на овој поет константно егзистираат апокалиптички немири и стравови на современиот, урбанизираниот, техницизираниот свет и дека во оваа поезија сакросанктно се војува за човековото достоинство, иако се

Твоите години имоите години −
два брега,
два камена,
две небиднини,

во песната „Песната и годините“, зашто „нема крај и нема изодување“ − во истата песна. Овој тематски круг им е најблизок до сите модерни поети, до сета модерна поезија кај нас и во светот. А, впрочем, со што се докажува тоа новото и тоа модерното во поезијата на нашите современици?

Зарем тоа не е онаа, како кај Шопов и некои други наши поети, структурална заситеност со рефлексите на модерниот човеков сензибилитет, сите оние состојби на неговата свест и душа, неговите сознанија за дијалектичкото потекло на неуротско-трауматските духовни изглуждувања? Зашто, поетовата вистина резултира од единствената природа на двојниот товар: од товарот на себе си и од товарот на светот. Подобро речено, таа резултира од таа двојност и е израз на таа двојност што непрекинато (во поетот) се борат „за превласт“. Ако се борат, постои и оправдан страв дека еден од нив ќе победи, а тоа е обично Пирова победа и тоа е обично миг кога структуралните значајки на делото, потпирајќи се врз упростениот збир на искуствата, валидно се поедноставуваат и осиромашуваат, иако некои искуства на современата (модерна) поезија можеби нè упатуваат кон сосема поинакви заклучоци. Поетот кога и да е ќе мора во самиот себе си да воспостави мост помеѓу тие свои товари како мост помеѓу два брега, кои подеднакво доминираат врз гледниците на неговите емоционално-рефлексивни озарувања. Во случајот на поетот Ацо Шопов тој мост не само што е воспоставен, туку врз примерите на неговата поетска интроспекција се укажува како извонредно забележлива самонегација sui generis, со оглед и на воспоставениот континуитет на дијалектичките поврзаности и изнакрстености на односите на овие два товара, па често не се знае дали поетовото јас во потката на овие стихови е израз на една биолошки одредлива личност или, напротив, е израз на поширок аудиториум, оној товар на светот, во чие име поетот ја остварува својата уметничка кореспонденција со времето.

Стихот „ти си око фрлено во вселена“ исто така има пошироко, универзално значење. Дури би се рекло дека тој е и конципиран за да има едно такво значење. Навистина, зарем не е токму таа земја, воопшто земено, оваа планета на која ние живееме, единствено жива, човечки жива, оваа планета емоционално-интелектуално жива, оваа земја, односно таа грутка надеж, односно тоа око фрлено во вселена − некогаш радосно, некогаш темно, солзиво, ранливо, изгубенички тажно…? Од друга страна, стихот ни ја открива вистината за природата на Шоповата поезија: таа се храни од двојното искуство на поетот − од емоционалното и интелектуалното искуство. Критичко е прашањето каков е сооднос меѓу овие искуства, чија улога е подоминантна, кон кое искуство поетот е повеќе а кон кое помалку свртен во обликовниот процес на нивните суштински одредници − и тоа, би рекол, е збир на општи прашања што би можеле да му се постават на секој поет и на секоја поезија. Споменатиов стих ги иритира тие прашања. Ако со нив излеземе пред лицето на оваа, Шоповата поезија, во нас мошне недвосмислено би се формирал еден неопходен заклучок: дека, имено, таа по своето превосходство е поезија која енергијата на настанувањето ја црпе од емотивното искуство, но ни за еден миг не ја пренебрегнува и енергијата на оној вториот свој природен вруток. Со други зборови, меѓу емотивноста и интелектуатноста постои пропорционална хармонија на односите во структурата на песната и сосема е ирелевантно дали во остварувањето на таа пропорција, на таа хармонија, беше поголем учинокот на првото а помал учинокот на второто искуство.

Фигуративните искуства на ова поезија, пак, како превосходно естетски искуства, се оние искуства што во структурата на песната, на стихот, се однесуваат како двигателни и примарни, мошне усовршени, облагородени, рафинирани искуства. Во седумнаесеттата глава на Лаокоон Лесинг вели дека „поетот треба секогаш да слика“. На истото место тој забележува дека поетот „нема желба да биде само разбирлив, неговите претстави не треба да бидат само јасни и читливи − со тоа се задоволуваат прозни писатели“, туку тој сака идеите што ги буди во нас да ги „создаде толку живи за да миговно ќе ни се чини да ги чувствуваме вистинските сетилни впечатоци на предметите, па во тој миг на обманата да престанеме да бидеме свесни за средствата кој тој ги применува − неговите зборови“¹  Сликата, значи, не смее да биде остра, експлицитна, односно јасна и сосем читлива − како што наведува Лесинг. Оттука произлегува дека сликата мора да го сочува флуидот на дискрецијата, т.е. таа мора да има сила на евоцирање, асоцирање, да биде евокативна, асоцијативна. Според тоа, каква е сликата во поезијата на Ацо Шопов?

Ми се чини дека е клучен оној дел на Лесинговото соопштување, што се однесува на применетите средства (т.е. зборови!), од чија директност односно дискретност ќе зависи нашето естетско доживување, нашиот суд за естетските вредности на сликата, нашата оценка за делото. Ако генетички се проследи поезијата на Ацо Шопов од нејзините почетоци (1944 година) па се до книга Раѓање на зборот (1966)², ќе се утврдат три фази на облагородувањето на поетскиот збор, на рафинирањето на сликата, на култивирањето на изразот. Во првата фаза сликата кај А. Шопов се карактеризира со една мошне остра, ударна експлицитност, впрочем како и неговата поетска фраза воопшто, спуштајќи се сè таму до митингашката лексика. Во втората фаза поетот се наоѓа во творечката пресвртница, сликата сè повеќе се авторизира, станува сè поавтентична и сè повеќе ослободена од влијанијата на фигуративните елементи на народната песна, станувајќи сè посупериорно одглас или отпечаток на субјективното чувство, на субјективното доживување на светот, особено на поетовиот внатрешен свет, на неговата интимна расположба. Веќе во оваа фаза се чувствува настојувањето да се изгради еден поособен, еден сосема негов, ацо шоповски, систем на знаци, на симболи, кои натаму, во третата фаза, во прв ред во песните на стихозбирката Небиднина, ќe се осамостојува и авторитетно докажува. И токму на примерите на оваа поезија најилустративно се демонстрира ова, според својата суштина, модерно сфаќање за поетската слика (и на поетскиот исказ воопшто!), дека имено од применетите средства најповеќе ќе зависи каква ќе биде населеност на сликата, нејзината густина, нејзиниот подтекст, нејзината сугестивност.

И токму она „око фрлено во вселена“, на кое постојано мислев додека ги пишував овие редови, повторно − којзнае по кој пат − го замислувам како една усвитена, треперлива, немирна точка врз сето ова што нè окружува, врз сето живо и неживо, врз сето добро и лошо што се збиднува во светот во овој миг, − како една точка, онаа „грутка надеж“ за сите на земјата и во чија светлина бездруго секогаш ќе треба да се верува.
__________________
1) Лесинг: Лаокоон, Рад, Београд, 1964 стр. 66
2) Во месец октомври 1968 година се појави и книгата Избор на А. Шопов,  Македонска книга, Скопје, со предговор од Георги Старделов.
__________________
* Текстот е објавен во книгата Современици, Скопје, Мисла, 1969, стр. 9-16 по повод збирките Небиднина, Кочо Рацин, Скопје, 1963 и Раѓање на зборот, Мисла, Скопје, 1966 год.

Поранешна верзија на овој текст е објавена во книгата на Друговац Biographia lіttеrаria, Мисла, 1968 год., под наслов „Љубовта на огнот”. Потоа истиот е објавен во Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979.

Прочитајте го предговорот на Миодраг Друговац на Златен круг на времето, 1969