Искажувања на Едуар Моник за Ацо Шопов

Голем настан за нас, луѓето надвор од Македонија*

Едуар Моник, 1992 год.

Едуар Моник, 1992 год.

Една вечер, во Париз, на мојот пријател Федерико Мајор, Генерален директор на УНЕСКО, којшто е и самиот поет, наговестувајќи му дека наскоро ќе ја објавиме збирката Anthologie personnelle (Во личен избор) од Ацо Шопов, му читав песни во препев на француски јазик. Останавме долго во ноќта… И си рековме: кога ќе излезе книгата, луѓето ќе речат „тоа е голем настан за Ацо Шопов и за македонската поезија”, но во суштина, тоа ќе биде голем настан е за нас, луѓето надвор од Македонија, да откриеме еден толку голем поет.
*Едуар Моник: Реч за Ацо Шопов, МАНУ, Скопје, 20 април 1992.

Молк што свети*
Препеана од македонски на јазиците со пораспространета употреба, неговата поезија, според правилата на неизбежното tradutore – traditore, секако губи дел од својата вродена убавина. Но сепак, препевот им овозможува како на другите поети, така и на читателите, да допловат до островот Шопов и да откријат една осаменост населена со безброј присутности кои говорат и пророчуваат. Да ја откријат и онаа отвореност без која секој човек, заедница, јазик, култура или народ што се затвора во себе, што се изолира, би згаснал, би се јалосал, би исчезнал…
*Едуар Моник: извадок од „Ацо Шопов − молк што свети”, 1992.

Песни откинати од клунот на птицата во лет*
Долги месеци ги слушав песните на Ацо Шопов на македонски јазик, што ми ги читаше неговата ќерка, за да го доближам колку што е можно повеќе до оригиналот препевот што таа го очекуваше од мене. И ги чув. И денес ми се случува да ги читам на глас. Се обидувам мојот глас да го преточам во мастилото на поетот.
Едуар Моник: извадок од „Песни откинати од клунот на птицата во лет”, архивски матерјал, 16 мај 1994.

Поет низ кој дише светот*
Уште во 1994 година, во поговорот на книгата Во личен избор на Ацо Шопов објавена во Колекцијата Репрезентативни дела на УНЕСКО, го кажав основното од она што го мислам за делото на овој огромен поет кој прерано нè напушти. Денес кога Македонија ја одбележува осумдесетгодишнината од неговото раѓање, неговите зборови продолжуваат да зрачат како светилник, да горат како оган-чувар што не дозволува ништо да исчезне од ова импозантно дело без кое би осиромашил културниот капитал на човештвото, како што би осиромашил кога би исчезнало делото на некој од прометејските поети од ковот на Артур Рембо, Владимир Мајаковски или Катеб Јасин.
Слобода, љубов, збор. Тоа се трите сезами што треба да се изговорат за да се отвори храмот на делото на Ацо Шопов. Тоа е тројството од чијшто интимен сплет се раѓа слободата да се љуби. Еден друг голем македонски поет, негов современик и, како него, споделувач на татковинското и универзалното, драгиот Анте Поповски кому по овој повод му оддавам почит, рече за Шопов: „Неговата поезија е мисла што се раѓа од еден далечен глас, негација на осаменоста и тишината”. Во оваа реченица се препознаваат сите поети – овде или било каде во светот – за кои зборот е здив-хранител, запишан говор, гласен – односно жив – доказ за нивното бивствување во светот. Оној јазик за кој поетот Марк Бланше ќе рече дека е „боиште на кое водиме битки со аждери и лаги, пат по кој, како Фауст, можеме да дојдеме до Мајките што ги чуваат неосквернати прасликите на светот (cf. La langue volée au serpent).
*Едуар Моник: извадоци од „Поет низ кој дише светот”, реч изговорена во МАНУ, на 5 ноември 2003, на свечениот собир по повод одбележувањето на 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.

Едуар Моник, препејувач на Шопов, говори за значењето на збирката на Ацо Шопов објавена на француски јазик, Во личен избор, 1994. Видео.