Доживување на песната*

Матеја Матевски

Тритомното издание што го подготвува „Македонска книга“ ги содржи следниве наслови: Поезија, приредена и проследена со обемен есеј од Катица Ќулавкова; Шопов во светот и Шопов од светот, со предговор на Милош Линдро избор во кој е објавена поезијата на Шопов на други јазици како еден од најпреведуваните и најпознати наши писатели вон нашето јазично подрачје, а едновремено и поезијата на светот преведена од него (Шекспир, Корнеј, Ростан, Крлежа, Жупанчич, Тадијановиќ, Сарајлиќ), со што се потврдуваше широчината на неговиот опус и неговиот универзален карактер и значење; третиот том, што го подготви Иван Чаповски, претставува зборник на списи, документи и материјали за неговите творечки контакти и преписка со светот.

Со оглед на тоа што поради нашите издавачки, материјални и печатарски прилики двата втори тома не стасаа на јубилејот на нашиот поет, ние ќе го поздравиме со неколку збора изборот на поезијата на Ацо Шопов, прочитана, видена, доживеана и промислена од нашата истакната поетеса, книжевен критичар и есеист Катица Ќулавкова.

Есејот-предговор на Катица Ќулавкова − „Зреење на песната“, како што истакнува самата таа, претставува „обид да се реконструираат развојните творечки начела во лирската поезија на Ацо Шопов“. Со тој оглед таа им се придружува на бројните толкувачи на делото на Шопов, давајќи оригинален и исклучителен придонес во осветлувањето на неговата поезија и поетика.

Откако со право ќе констатира дека белегот што го втиснува лириката на Ацо Шопов во македонската поезија е длабок, неизбришив, а неговата продорност голема и продолжителна“, Ќулавкова смета дека поезијата на Шопов треба да се посматра од една страна како „целина составена од неколку изделливи типолошко-стилски сегменти“ и од друга „во контекст на македонската па и на европската традиција и пракса.“ Поаѓајќи од тоа, периодизацијата, типологизацијата и интерпретацијата на поезијата на Ацо Шопов таа ја согледува низ четири специфични поетски круга, четири фази на зреење, на четири видови поетска семиотичност: од првата книга Песни до 1950-та; од 1952, со појавата на Стихови за маката и радоста, Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време, до 1957 година; потоа од објавувањето на песните од Небиднина до Гледач во пепелта (1963 и 1970), и како четврти круг од збирката стихови Песна на црната жена (1976) до неговата последна книга песни Дрво на ридот (1980 година). Истакнувајќи ги доминантните семиотички и стилски елементи на пеењето на Ацо Шопов како: „референцијално-прикажувачка семиотичка функција… во најголема мера прагматски ориентирана“, „емотивно-изразна“, „поетска (естетска или стилска)“ и „референцијална и емотивна… во допир со метајазичната и апелативната… функција на песнага сфатена како јазичко-уметничка порака…“. Катица Ќулавкова врз таквата хронолопко-стилска определба и ќе го направи изборот и претставувањето на лириката на нашиот поет.

Како што е нејзиниот оглед задлабочен, студиозен и прифатлив, исполнет со грижлива анализа и опис на поетските кругови на Шопов и на поетските постапки и симболи (Гласовниот симболизам, Огнот, Небиднината, Црното сонце), проследени со модерна научна иaнтерпретација, тој укажува и на извонредно читање, чувствување и доживување на песната и пеењето на Ацо Шопов, нивниот јазик, израз и структура. Оваа исклучителна интерпретација на лириката на Шопов ќе заземе едно од видните места во нашата есеистика и идните проучувачи на делото на Ацо Шопов повеќекратно ќе ги обврзува и ќе ги упатува во него.

Читајќи ја сега, и пак, поезијата на Ацо Шопов и обидувајќи се повторно да ја искажам својата духовна блискост со неа, запрев на неколку основни и суштествени инспирациски нишки, магистрални, што ни ги потврдува и овој избор.

Шопов го започнува своето поетско живеење со една изразито хуманистичка, татковинска, социјално-револуционерна и активистичка инспирација, во многу Рациновски интонирана, на места озвучена со ритмите, мелодијата и сликите на народната песна и со нагласено присуство на една експресионистичко-футуристичка поетика. Таа линија, и покрај неговото созревање кон една медитативно-рефлексивна и метафизичка поезија од универзален и космички карактер и со менувањето на стилско-изразните постапки, всушност тече низ сета негова лирика, за да дојде до посебен израз во xyманистичките пораки од стиховите „Треба да бидеме подобри“, во Песната на црната жена и во последната негова книга Дрво на ридот, со што се заокружува неговата определба за поезија во која судбината на личноста се вградува во судбината на неговата земја и во судбината на човекот и човештвото воопшто. Сочувство и солидарност, протест и повик, болка и егзалтација, страдање и надеж ја следат оваа линија на неговото пеење како пеење на срцето и крвта, на умот и разумот, од кое допреа до нас стихови со трајна и неодминлива вредност.

Втората инспирациска нишка од развитокот на оваа поезија, што ќе започне со Стихови за маката и радоста и во која доминира личноста, поетот, човекот пред колективните чувства и занеси, особено со некои стихови од книгата Ветрот носи убаво време, го става под прашање дотогашниот поетов систем на мислење. Тој во нив ќе го постави фундаменталното филозофско прашање: „Зар вреди она што мислам дека вреди?“ Тој го подведува под ревизија тој систем на вредности, барајќи нови патишта на своето пеење и мислење.

Тоа сознание нуди нови можности да се открива, долови и сфати неговото чувствување на светот во кое ќе ни подари неколку блескави слики и сонорни медаљони на егзалтирана лиричност и на лирска медитација и рефлексија, било на личната интима или на општите поими и феномени, на што ни укажува споменатата книга како и таа што и претходеше − Слеј се со тишината.

Токму тоа сомневање во постојниот систем на вредности на животот и на сопствената поетика, преку овие стихови ѝ го пробиваат патот на третата инспирациска нишка со која во неговото пеење стапуваат длабоки егзистенцијални прашања, дилеми и кошмари, метафизички јанѕи неговите небиднини, огнови, крвои, црни сонца и грозомори, на што ни укажуваат неговите книги Небиднина и Гледач во пепелта. „Се искачив над врвот од болот. /Човек сум. А што е човек?“, се прашува Ацо Шопов („Тажачка од онаа страна на животот“). Тоа прашање го мачи, не му дава ни мир ни сон, ја држи будна неговата мисла, го ранува неговиот дух, и феноменот на животот и смртта не ќе ги одгатне тој ни во преегзистентните нуркања и „праслики“, како што вели самиот, ниту во понорното длабење во создавањето, во смислата на зборот, на песната, на творењето. И како во секоја вистинска поезија тоа останува без одговор, болно, горко, отворено, но животворно како и самиот свет и живот, како самиот космос.

Читајќи ги песните од африканскиот циклус на Ацо Шопов (1976) и од Дрво на ридот (1980), всушност ние ги наоѓаме во едно друго миље, во друг топос и пеење некои од неговите преокупации од претходните две книги: барање на „прасликата изгубена во мрачните свијоци на времето“, „жедта за изворите на сеопштото потекло… и гладта… за невеселата младост на човештвото“. Eгзалтацијата негова со африканскиот пејсаж, жена, луѓе, судбини и митови го доближува Ацо Шопов уште повеќе до неговиот Исар, Штип, Македонија, создавајќи еден висок и возвишен мост. на човештина и поезија.

Последната книга на Ацо Шопов − Дрво на ридот ја доживуваме како голема болка на поетот, длабока, крвава, неутешна поради немоќта на телото пред неизбежноста на неговото земно гаснење. Таа едновремено е израз на силна и на храбра свест за својата болест и болка и силна свест за себе во својата песна во својот Исар како врвен идеал, како врвна метафора на љубовта, носталгијата, земјата, надежта. Ацо Шопов со тие болни, горки и грчовити стихови го вгради дефинитивно своето заминување длабоко и трајно во корењето на својата родна почва и со визиите, пророчки, својствени на вистинските поети, за својата Македонија во себе и во светот, тоа што денес го живее и доживува таа, тој ја универзализира својата болка, својата надеж и својата песна и ги отвори уште еднаш патиштата на нејзиниот живот во иднината.

И ова издание на поезијата на големиот поет што денес најтопло го поздравуваме, крв и душа, сон и мисла на Ацо Шопов, токму со тоа нѐ исполнува и на тоа нѐ учи.
____________________________
*Текстот е објавен во Нова Македонија, Лик, 22.12.1993, стр.10
** Белешка од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов: Третиот том никогаш не излезе од печат. По неколку години, Светлана Шопова, сопруга на Шопов, го зеде назад материјалот што му го беше доверила на Иван Чаповски за тој трет том. Од тој материјал, кој беше вратен со мошне значајни оштетувања на фотографии, ракописи и машинописи, Јасмина Шопова, ќерка на поетот, ја подготви монографијата По-трагите на Ацо Шопов, во чиј водев е објаснет историјатот на книгата.