Ацо Шопов*

Радивоје Пешиќ

Мојата прва средба со поезијата на Ацо Шопов беше всушност мојата прва средба со новата македонска литература што слободно никнуваше од вителот на Револуцијата.

Се сеќавам, беше студен јануарски ден 1945 година кога на железничката станица во Ниш ги пречекувавме нашите делегати кои присуствуваа на Вториот конгрес на македонската младина одржан тие денови во Скопје. Долго чекавме на „возот без возен ред“ со кој требаше да допатуваат нашите другари. Борбите сѐ уште се водеа во северните краишта на земјата и, разбирливо, точноста на железницата во такви услови и не можеше да биде задолжителна. Затоа, и покрај нетрпението со кое бевме обземени од пречекот, спокојно го чекавме и пречекавме нашиот воз. Нашите другари пристигнаа веднаш да ги почнат прикажувањата за средбите што ги имале со македонската младина. Тие приказни содржеа во себе едно искрено доживување на вистинска братска љубов и подготвеност за нови животни обврски и должности, го содржеа оној ентузијазам и онаа романтика со која влегувавме во животот и во борбата од името на неговата слобода, го содржеа сето она што, всушност, нѐ чинеше сите нас, од тринаесет години понатаму, она што значеше остварување на нашите идеали за постоењето на светот и негувањето на животот. Тоа не беше моментен излив на моментна младешка возбуда, тоа не беше парола бучна и освојувачка, тоа беше длабоко и искрено чувство за градење на еден сосема нов живот. Во таа градба влегуваме како целосни личности ангажирајќи ги сестрано силите што постоеа во нас. Зборувавме на она, што во нормални животни услови, го бара нашата возраст. Чинам, бевме некако повозрасни за своите години. И тоа не исполнуваше со гордост.

Долго, се сеќавам, многу долго прикажувавме за животот на македонската младина и се наоѓавме себеси во него на ист начин како што и таа се наоѓаше себеси во нас, во нашиот живот и во нашата борба. А кога пристигнавме во домот на нашиот УСАОС каде требаше да го испиеме вообичаениот чај и да го чуеме официелниот реферат за учеството на конгресот на нашите другари, еден од нив ни приреди необично доживување. Тој од својата комесарска чанта извади малечка црвена книшка во која беа собирани песните на македонскиот поет Ацо Шопов и ни ја подаде да ја разгледаме. На неа беа испишани следните зборови: Ацо Шопов, Песни, издавач „Млад борец“, Белград, 1944 година. – На братската македонска младина за нејзиниот Втор конгрес, Антифашистичката младина на Србија.

Така беше издадена првата стихозбирка на поетот Ацо Шопов. И не беше моментна возбуда, и не беше парола, бучна и освојувачка. кога тогаш, во тој зимски ден 1945 година, собрани околу неа, ја поздравувавме таа средба со поетот кој своите песни ги пишувал среде самите борби, со поетот кој беше вистински непосредсн одраз на тие борби и страдања на многувековно поробениот народ, со поетот кој значеше раѓањето на зборот.

Вкупно девет песни ја чинат првата стихозбирка на Ацо Шопов. Пишувани доживеано и во борбена екстаза, покрај нужните норми што треба да ги задоволи една естетска творба поткрепена од идејниот став на создавачот, тие имаат и други, своевидни белези кои ги збогатуваат за непосредните прифаќања на читателот, потврдувајќи го поеговиот долг кон својот народ.

Во нив диво врие борбата против сите злосторства и непријателства. Силно одекнуваат планините од борбените извици на младите јунаци, на целиот народ кој станал да се спротивставува. Горат селата и градовите, горат очите на храбрите јунаци што загинуваат прострелени од непријателскиот куршум со насмевка и со верување во победоносниот ден. Сѐ блеска како молња и „пишти како ветер леден“. Сѐ е во еден незапирлив пламен.

Композицијата е монументална, зафатена со сите детаљи, гледана од, таканаречениот, гро план. Но, не е предимензионирана, не е исфорсирана и конструирана. Таа е верен отпечаток на една жестока животна слика, без ретуши, без дополнителни откажувања или присвојувања. Таа е како документ, а не е само документ. Блеска со своите бои без оглед на светлината што ја открива. И секогаш е во својата големина. Во својот гро план. Широка, со бројни детаљи. Секогаш е одблиску видена.

Ако постои, пренагласеност во истакнувањето на боите, во нивната строга подвоеност; ако постои своевидно испакнување на нивниот блесок, без оглед на тоа какви симболи толкуваат, значи, ако поетот бегал од нијанси, неискрено, и ако сето тоа го изложувал низ две линии, двoтoнски, тоа не значи дека само соопштувал, се искажувал, суво и праволиниски, декламаторски, реторски, политкомесарски, звучно и бучно. Сите тие барања тој ги задоволувал. Длабоко доживеано. И само на тој начин успеал да ја создаде својата песна. Едноставна, јасна, блиска до стварноста на моментот од кој никнала, само во таа и само во таа интонација таа и можела да се пробива до сите далечини и да биде прифатена како израз наедно заеднички и сеопфатно чувство токму тој момент што ја претставува стварноста. И тие  две линии, тие два тона, строго подвоени, во времето на бурата, поинаку и не можеле да бидат здогледани, поинаку и не можеле да се одвиваат. Постоела светлина и постоела темнина. Постоело доброто и постоело злото. Во жестокото судрување меѓу нив нема нијанси. Постои само крајната цел. Конечна победа на доброто и пораз на злото, или спротивно. Свесен за тоа, поетот се искажувал само со соодветниот и единствено можниот збор. Наедно, тоа било и неговото прво изнаоѓање кога, најприродно, можел да биде детински искрен за сето она што го претставувало неговото чувство за светот. А тоа е најубедлива потврда за задоволување на сите оние барања што на поетот му ги постави времето во кое живее и средината во која живее. Прифатен од нив еднодушно, тој се здобил и од прво највисоко признание на поет со чии песни се одело низ животот кој, всушност, ја претставувал борбата, највистинската борба за своето право на постоење.

На иста патека ќе го најдеме и неколку години понатаму. Во 1946 година во заедница со Славко Јаневски, Шопов ги печати своите стихови во збирката Пруга на младоста. Во 1950 година самостојно се јавува со збирката На Грамос, а во истата година и со збирката Со наши раце. Па така, од 1944 до 1950 година, тој ќе ја заокружи првата етапа на своето поетско изнаоѓање и потврдување, доследен постојано на идејата да биде во непосреден допир со сето она што се одвива среде животот и човекот кој овој пат е самостоен и независен негов градител.

Од 1944 до 1950 година, значи, за неполни шест години, поетот Шопов директно се сврзува со тековите на она бурно и динамично време, полно со одушевувања, возбуди и занеси, време што ја означуваше младоста на новиот живот. Тоа време беше исполнето со една темпераментна љубов кон сѐ што се раѓаше како ново, беше исполнето со една волја и една свест, висока и во полн напон. Беше тоа тогаш кога се подигаа изгорените села, разурнатите градови, кога се градеа нови патишта и пруги, кога почна со првите аналфабетски курсеви, кога културата ги започна своите големи излети од центрите на културните и уметничките метрополи до најодалечените планински населби. Големо беше тоа време, богато, сето во движење напред, сето во едно големо верување во иднината. Тогаш партиските и скоевските состаноци се закажуваа и во пет изутрина, искрено се изложуваа малите и големи маки и радости без страв да бидат лошо сфатени, без страв да бидат исползувани за лични цели. Немаше двоумења. Немаше подвоености. Сѐ беше едногласно. Сѐ беше заедничка мисла.

Впрочем, тоа време не останало далеку зад нас. И не е мртво. Денешниот ден, разбирливо, не е ништо друго туку неговото продолжување, природно, прогресивно во својот развиток. Но, неговата психологија беше своевидна. Можеби токму од оној занес со кој се изживуваше. Или од природната возбуда што произлегуваше од неговата големина.

А поезијата што тоа време ја раѓаше не можеше да биде поинаква од онаа со која се одеше во сите акции и потфати со кои се искажуваше љубовта кон земјата. Значи, подготвеноста да се биде дел од движечките сили на тоа време.

Таа поезија беше романтичарски чувствителна, објективна и реална до фактографност, со висока интонација, празнична. Кон искажувањето и толкувањето на стварноста таа имаше оптмистички однос. Прогресивната содржина на животната идеја, искрениот патриотизам и љубовта кон човекот исто така претставуваа главни белези со кои таа поезија се карактеризираше. Разбирливо, постоеа и повеќе надворешни влијаниа. Особено влијаниата што врз неа ја извршија советските поети. Најсаканите поети што нашите поети ги имаа и за свои учители беа Есенин и Мајаковски. Влијанието на Мајаковски одеше и до формата на стихот, до оние негови скршени и во вид на скали поставени стихови. Но, тоа не беа целосни копирања и покрај тоа што нивното директно учество се чувствуваше.

Поезијата на тоа време беше одраз на тоа време. Ова тврдење може да се искаже смирено и со чиста совест. Гледана од денешниот аспект, таа не можела да најде други патишта што би ѝ биле соодветни, низ кои пристигнувала до соодветните цели. А можела да се одвива и во спротивни правци, можела да се откаже од вообичаените калапи, ако нејзиното основно настојување било оддалечување од времето од кое никнувала и на кое му служела. Значи, единствено на тој начин таа и можела да биде вистински производ на своето време, вистинскиот нејзин одзив. Прифатена масовно, значи дека ги носела со себе сите оние квалитети кои во дадениот момент биле барани од неа. И тоа е највисокото признание што го добива. А тоа е доволно да го спечали и особеното историско значење во развитокот на нашата нова литература.

Поетот Ацо Шопов е на сите овие позиции во својата прва етапа. Чувствителен, благороден, длабоко хуман. Возбуден и одушевен. Занесен и среќен. Во постојана грижа за сите народи кои сѐ уште се наоѓале под игото, во страдања и во спротивставувања против убијците на човекот. Тој сочувствува со тој свет, ја доживува неговата голема болка и го храбри во истрајноста на неговата борба.

Тој пее за големите, силни раце што ја градат ослободената земја, пее за разбудувањето на еден светол ден, за неговото постоење, слободно, широко, животно, човечно. Неговата песна е исполнета со сите потенциални содржини на тој ден. Таа е негово огледало. И се чини, гледан среде него, поетот не е одделен од него. Тој е стопен со сите негови блесоци. Се чини, поетот егзистира само во неговите текови надраснувајќи се заедно и само со неговото надраснување. Индивидуалното, личното е сосема слеано со општото како што и тоа општо присуствува и се одвива по линијата на тие стремежи. Овозможувајќи ѝ на личноста целосно да биде доживеана во него.

Според тоа, четирите поетски збирки што ја одбележуваат првата етапа во поетовиот развиток, посветени на една заедничка мисла, заеднички потфат, желба и стремеж, затоа што никнале директно од нивните извори, најдоследно го претставуваат доследниот поет кој, изнајдувајќи ја смислата на своето кажување токму среде заедничките координати на своето време, можел да го изнајде и единствениот поетски јазик кој му дал широки можности за едно интензивно и полнокрвно зафаќање на стварноста.

Во 1955 година Ацо Шопов ја издаде своја поетска збирка Слеј се со тишината. Во 1957 излезе од печат и збирката Ветрот носи убаво време. Тие означуваа еден нов потфат што тој го направи во областа на современата македонска поезија. Пресвртницата беше стихозбирката Стихови за маката и радоста издадена 1952 година. Таа предизвика големо внимание и среде читачката публика и среде литературната критика. Беше еден ол првите чекори кон таканаречената интимна лирика. Невообичаена за дотогашните вкусови, разбирања или навики. А нова со навлегувањето во новите простори на животот, смела и сугестивна. Во неа Шопов не беше оддалечен од својот свет. Тој и тука е присутен со сета своја големина само гледан од еден сосема друг агол. Затоа неговите Стихови за маката и радоста беа примени со толку големо љубопитство. Таа поетска книга оставаше впечаток дека со поетот нешто се случило, дека прави обиди да тргне низ нови патишта низ кои понатаму би одел во откривањето на нови тајни, или, да се врати на старите, навистина доодени, но сигурни и познати. Ми се чини дека не се случи ни едното ни другото. Поетската книга Стихови за маката и радоста  претставува заклучување на една етапа и отворање на друга во развитокот на поетот. Таа етапа е одбележана со книгите: Стихови за маката и радоста , Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време и Небиднина која, всушност, претставува доминантен столб во неа. Со Небиднина, таа своја втора етапа од поетскиот развиток тој ја развива до едно совршенство кое е чесно, ретко, но и неопходно за поетите од нашето време. Со Небиднина неговите поетски сили се искачуваат до сите оние платформи од кои нивниот блесок допира со еднаква светлина секаде наоколу.

Поетот Шопов е од оние поети кои со сите свои настојувања одат кон интегрални доживувања на малите и големи среќи и несреќи во кои човекот ќе се најде сам или во заедница со луѓето и времето со кои живее. Често судбински ги сврзува или ги отфрлува. Но, најповеќе оди кон изнаоѓањето на нивната смисла. Па, иследувајќи го и нивното потекло, далечно, скоро заборавено, ја изнаоѓа и логичната формула на нивното зачнување и развивање низ повеќе етапи и низ повеќе варијанти.

И тука, врз патеката на тие иследувања, извира и потечува неговиот збор кој, дури и неповрзан да се најде, би блескал со своето широко значење.

Трагањето и активирањето на зборот има превасходна улога во поезијата на Ацо Шопов, тоа не е плод на безусловно навлегување во просторите каде, одделно и покриено со далечната минатост, стои напластено цело едно богатство на зборот. Тоа е најсоодветно, полнокрвно искажување на мислата со која поетот го толкува светот со сите негови нескриени и скриени тајни, и претставува вистински процес во дозревањето на неговата поетска природа почнувајќи од оние денови кога пеел за револуцијата, па сѐ до денес кога, еве, среде неговите стихови се среќаваме и со нашето време со нашето секојдневие и проблемите во него. Имајки го ова во предвид, доаѓаме до еден вонреден впечаток кој зборува дека за поетот Ацо Шопов зборот не претставува само средство, или не средство во прв ред, туку чувство за одгатнување на цел еден филозофски систем суобимиран во него со сите животни сили. Од тоа чувство поетот постојано се вознемирува, но, едновремено, од тоа чувство е и поткрепен со оние сили што му овозможуваат да владее со него и да го активира. Таков еден пристап кон творештвото, или подобро, така, такво едно чувство на творечката активност, му овозможуваат на поетот многу пошироки хоризонти за опфаќање на животните слики и многу подлабоки навлегувања во внатрешните содржини на психологијата на тој живот.

Станува збор за поет кој е во текот на своето време. Значи, за поет кој има чувство за сестрани разбирања и изложувања и на сите оние внатрешни судрувања кои често навестуваат несреќи. Од каде доаѓаат тие, до каде посегнуваат и што е тоа што ќe ги попречи. Тоа не е тајна. Но, останува скриено, недопирно за реагирање во кој и да е правец кога веќе се попаднува во него. Затоа поетот и навлегува да го открие и во најубава светлина да го изложи за соочувања.

Ацо Шопов е поет кој му импонира на читателот. Му импонира со својата непосредност, со својата доследност, со својот генерален став постојано да биде со него. Тој го мобилизира вниманието на читателот во потполност. И го обврзува на меѓусебно доверие што заедничките контакти ги чини да останат постојани. Според тоа, овдека не станува збор за читател во буквална смисла, станува збор за доживувачот на поезијата кој само во таква психолошка ситуација може да му пристапи на поетот од сите страни и да има крајно доверие во него. А со тоа доверие поетот се здобива, имено, од оние соочувања помеѓу него и светот за да бидат соочени пак со светот, овој пат со читателот кој преку нив ќе се соочи со својата личност, со своите длабоки внатрешни проблеми.

Сите тие моменти потекнуваат од богатството на зборот кој ја ткае поезијата на Шопов со низа најразновидни нишки и ја озвучува низ еден богат регистер на тонови кои се собрани како боите во фокусот. Од најнежните, од најмеките штимунзи, преку драматичните, дивите, Ацо Шопов доаѓа до оние трагични, црни одзиви што не претставуваат животна фаталност, што не претставуваат крај на нештата, неповратност, смрт, и понатаму од неа никаде, туку осмислување на сите барања свртени кон животот и неговата среќа, всушност, и неговата содржина.

Во таа насока е управено неговото барање на зборот. И низ тоа барање тој се раѓа во него. На тој начин станува и сосема адекватен инструмент на животниют организам. Без него, тој сосема поинаку би функционирал во неговата поезија. А пронајден и вклучен во него, со мошне високи квалитети ја карактеризира нејзината вредност.

Мојата втора средба со поезијата на Ацо Шопов беше наедно мојата втора средба со македонската литература. Во тој момент јас се сеќавав на оној студен јануарски ден 1945 година и на првите младешки занеси во освојувањето на животот и светот. Беше тоа еден од убавите спомени. Едно убаво доживување. Имаше во него и младешки занес. Но беше чесно и човечно, и јас постојано го носев со себе. Така беше и 1953 година. Јас ги печатев своите први стихови пишувани на македонски јазик па имав впечаток дека средбата со таа литература, беше, всушност, обид да се пристапи во неа, да се учествува во нејзиното градење. Поетот Ацо Шопов беше еден од првите кои ме пресретнаа ми ја подадоа раката, не како на гостин, туку како на човек кој се родил и израснувал со една генерација која многу му веруваше на животот и која би требало да биде многу среќна што му верувала, затоа што тоа верување не беше агитка и парола, беше гордост на една младост која храбро влегуваше во сите борби за освојување на светлите страни на животот и братството меѓу луѓето.
_________
*Текстот е објавен во Културен живот, 1966, XI, 7, стр. 18-20.