Два актуелни проблеми во издавачката дејност: Интеграција и меѓурепубличка соработка*

Интеграцијата и меѓурепубличката соработка во областа на издавачката дејност се несомнено два мошне актуелни проблеми за кои во последно време доста се дискутира. По тој повод го објавуваме разговорот што во нашата Редакција го водевме со поетот Ацо Шопов, директор на скопското издавачко претпријатие „Кочо Рацин“.

Во последно време доста се зборува за интеграцијата и во областа на издавачката дејност. Што мислите вие по тој проблем? 

Тоа е многу интересен проблем, а со оглед на карактерот на издавачката дејност во нашата Република и бројот на издавачките претпријатија − специфичен и своевиден. Сметам дека издавачката дејност треба да интегрира, но не во смисла на создавање помал број претпријатија, туку на усмерување и ускладување на целокупната издавачка дејност во Републиката за таа да биде посистематска и попланска. На таа линија веќе има некои чекори. Така „Просветно дело“ направи обид да се интегрира со Графичкиот завод „Гоце Делчев“ а што се однесува до „Кочо Рацин“ и „Култура“, тие сега многу посистематски ги ускладуваат своите планови за да може во нив до максимум да биде содржано и опфатено сѐ она што се чувствува како недостиг на тоа поле кај нас. Понатаму ми се чини дека може да станува збор и за интегрирање на друг план. На пример, во областа на дистрибуцијата и пласманот на книгата каде што нашите издавачки претпријатија се прилично разбиени и честопати помеѓу нив доаѓа до непотребни конфликти и недоразбирање. Тука веројатно можат да се наведат и некои други моменти како одговор на прашањето.

Можеби и издавањето на заеднички едиции? 

Тој проблем исто така стои и мислам дека може да се однесува во прв ред до издавачките претпријатија со сличен карактер, како што се „Култура“ и „Кочо Рацин“. Во тој случај би имале поевтини и ликовно многу подобро подготвени изданија. А истовремено со тоа би можеле да бидат издадени и дела што се од поголемо значење за нашата литература кои во сегашните услови сѐ уште не доаѓаат во предвид за издавање.

А како стои проблемот на интеграцијата во југословенски размери? 

Во општојугословенски размери тој проблем исто така стои и за него во последно време јавно се дискутира преку печатот и радиото, како и во усмените допири меѓу издавачките претпријатија. Во врска со тоа би можел да кажам дека моментот е таков што треба да се изнајдат многу подобри форми од оние што досега биле сторени во таа смисла. Кога зборуваме за интеграцијата на општојугословенски план мислам дека се допуштени маса пропусти во смисла на не постоење на заедничко делување на она што во моментот најмногу може да се реализира. Овде во прв ред мислам на она што во моментот е најблиску до една заедничка акција, како на пример, издавањето на детската литература, и сликовниците. Тука владее приличен хаос така што секое претпријатие делува на своја рака што доведува до несистемност и до знатно поскапување на тие публикации.

Токму од таков аспект не можеше ли вашето претпријатие да се вклучи во заедничката акција за издавање на целокупните дела на Иво Андриќ и на македонски јазик? 

Секако можеше. За тоа стануваше збор, но се зачудив кога во печатот во врска со издавањето на Андриќевите дела ги сретнав само имињата белградска „Просвета“, загрепски „Наприед“ и љубљанската „Цанкарјева заложба“. Инаку, ако би се обиделе само ние да ја извршиме оваа задача, тогаш би требало во неа да ги затвориме сите средства на нашето претпријатие.

Сметате ли дека е доволно направено за издавањето општојугословенска литература на македонски јазик? 

Само „Кочо Рацин“ од своето постоење има преку 200 наслови од автори од другите југословенски јазични подрачја. Во еден добар дел тоа се автори што влегле во југословенската класика и автори чии што дела се предвидени во наставната програма во нашите училишта, додека современите автори се помалку застапени. Секако тоа е недоволен број за да им биде познато на нашите македонски читатели она што навистина е значајно во општојугословенската литература. На тој план и во врска со тоа пред нас стојат сѐ уште многу важни и значајни задачи. Меѓутоа, кога се зборува за овој проблем, ми се чини, дека би требало да се потсетиме за едно сфаќање кое постоеше кај нас и на еден одреден начин пречеше да бидат реализирани пообемни замисли. Имено, со мислење, со оглед на тоа што македонските читатели можат да дојдат изворно до делата од автори што пишуваат на српскохрватски јазик, дека нема потреба од нивното преведување на македонски јазик. Имав можност да присуствувам на една неодамнешна седница каде што се застана на становиштето дека без оглед на овој или сличен момент треба во нашата издавачка дејност да преовладуваат сите врвни постигања од другите јазични подрачја во нашата земја.

Дали кај нас веќе постои некаков план во врска со тоа?

Од причини што ги наведов во нашето претпријатие лежат во превод повеќе дела од некои југословенски автори. Таков е случајот со романот Распуст на Александар Вучо, Курлани на Мирко Божиќ и некои други. И тие во најскоро време ќе бидат издадени. Во нашите издавачки планови се влезени поголем број автори од српскохрватското и словенечкото јазичко подрачје и нивното издавање ќе биде поинтензивно подготвено во идната година.

А што мислите за издавањето на македонски автори во другите наши јазични подрачја?

Тој проблем исто така е важен. Иако не располагам со некоја статистика што ќе ми овозможи да кажам колкав е бројот на македонски дела преведени српскохрватски или словенечки јазик од она што го имам видено во врска со тоа во печатот во состојба сум да заклучам дека издавачките претпријатија во другите републики му обрнуваат сѐ поголемо внимание на овој проблем. Не би сакал да навлегувам во тоа како и на кој начин тие дела доаѓаат до издавачките куќи ниту дали е точно сето она што во врска со тоа може да се случи како негативна појава, но она што со сигурност можам да го тврдам тоа е дека тука не може да се забележи поголем систем и дека во помала или поголема мера презентирањето на македонските автори му е оставено на случајот.

Дали може нешто да се стори во подобрувањето на таа состојба? 

Секако може и треба. За пофалба е на пример иницијативата на некои издавачки куќи, како онаа на „Напријед“ од Загреб кој се обрна со писмо до Друштвото на писателите на Македонија, барајќи помош од него. Можеби не би било лошо да се формира некоја стручна комисија при нашето Друштво која повремено ќе ги информира издавачките куќи во другите јазични подрачја за најинтересните и најзначајните литерарни остварувања во нашата Република.
____________________
* Интервјуто е објавено во Нова Македонија, 10.3.1963, стр. 8. Разговорот го водел Иван Мазов.

Други разговори и статии на Ацо Шопов