Како јалов клун на бескрилна птица
(за кавал и балафон)
Како јалов клун на бескрилна птица се извивам долж твоето проѕирно лице.
Ти се извиваш долж рацете на моите бакнежи во тоа неизвесно метежно попладне
Змио од масло и отровен подбив, нездржлива реко во немоќниот преграб на трските.
Главата ми паѓа, мој заливу мртов, ти си само трепетлива слика,
Водникава глетка од Ил-де-Франс со модрикав усмев на човек што мрее.
И така, кумири на Смртта, ќе умрам далеку од сите мигрени.
И нема од миртот на твоите раце, ни од маслото на твоето лице да дочекам миропомазание.
Ќе умрам без никого да видам, без да го пијам млекото на денот!
Бев само светлина што спие на твоите флуидни облини на статуа
Зелена светлина што те позлатува и те прави Сонце на мојата величествена ноќ…
Леополд Седар Сенгор, Етиопски песни, 1956
Песната е објавена во препев на Ацо Шопов во Поезија, 1975